Wednesday, May 18, 2011

Алфонсо



Би можеле без око да ни трепне да го прогласиме за 'најелегантниот човек во Скопје'. И, би можеле со леснотија да кажеме дека нема човек што бил во Скопје, а не го видел. Нема човек што не го познава шармантниот Алфонсо од Шутка


Мора да сте го виделе низ градот. Човек не може човек да не го забележи. Eлегантен, со очигледен шарм, љубезен со секој што ќе му пријде. Сме го гледале на телевизиите од Шуто Оризари, во филмовите на Емир Кустурица, во духовитиот документарец „Шампионите од Шутка“. Официјалното име му е Рефет Сулејман. Го викале и Тарзан, Роки и со многу други имиња под кои настапувал. Но, сите го знаат како „Алфонсо“, прекарот што го добил според славниот Алфонсо од мегапопуларната серија „Касандра“. Но, едно не' збуни. До „Шампионите од Шутка“, само него го знаевме како Алфонсо, но, таму беше претставен како „чичко Рефет“, шампион на чија трпеза за Ѓурѓовден принесуваат најквалитетните јагниња во Шутка и како голем љубител на дискотеките, еден од најелегантните луѓе во Шуто Оризари, кој претпочита да се дружи со младите. Каде има музика и журка - таму е тој.


Го сретнавме неодамна, на неговото место, на Плоштад Македонија.

Tuesday, May 03, 2011

Чинарот

Фото: Милан Стрезовски

За биолозите, тоа е стариот охридски platanus orientalis.. За охриѓани - Чинарон! - место каде што поминале и поминуваат голем дел од животот, дрво што има да ви раскаже 1.100 години историја

Охридскиот чинар. Дрво за кое нема конвенционален опис. Обидувајќи се да го најдеме, пред очи ни доаѓа учителката од прво до четврто, велејќи дека тоа дрво е толку големо, што би требало сите деца од одделението да се фатиме за раце околу него за да го опколиме. И, навистина. Уште од деца сме го доживувале како нешто нереално. Како е можно да постои толку големо дрво!? И, како е можно нешто на светов толку долго да живее? Колкав е неговиот габарит, ќе сфатите кога ќе почнете да чепкате по записите, по уметничките дела или да ги барате луѓето што некогаш го проучувале, секој од свој специфичен агол на интерес. Прашајте во Охрид кои се тие и - речиси сите ќе ве упатат кон неколкумина страстни вљубеници во чинарот: публицистот Никола Бошале, шумарскиот инженер Владо Бојаџи, сликарот Славко Упевче или новинарот Владо Жура.

Friday, April 22, 2011

Канго


Канго
(Фото: Васко Марковски)
Малкумина ќе спорат дека си имаме работа со вистинска легенда, нај-препознат-ливиот лик од Кочани, рокенрол фанатик со речиси 50 години непрекинат стаж на сцената во Македонија


Среда. Доцните осумдесетти, раните деведесетти. По секоја цена решени да излеземе во град, уверени дека ќе најдеме нешто интересно да се помине вечерта со пријателите. Кога веќе се бевме потсобрале некоја група, без идеја каде да одиме, од некаде се појави Диме, од „Ласт Експедишн“, вели, ај да одиме до „25 Мај“ (денешно МКЦ), ќе имало некаква свирка, некаква промоција. Го прашавме кој, како - ќе свирел некој Канго, од Кочани. „Ај да видиме“ - лесно се решивме немајќи некоја попаметна идеја како да ја поминеме ноќта, а да не биде секој ден истото. Влегуваме во „Дансинг“. Веќе ечеа тапани, во познатата стаклена акустика, дисторзирана гитара, и некакво пеење. Пред нас се појави трио, сосем неочекувана појава: тип со бел „стратокастер“, со имиџ и појава како Џими Хендрикс

Wednesday, April 06, 2011

Славе Келешовски

Фото: Андреј Гиновски
За тие што го знаат, доволно е само да се спомне неговото име, лично или сценско. Спомни го Славе и пред очи ви се појавува добриот дух од Струга кој не мирува, човекот чие име веднаш ви буди слика на журка -  „Касиус Клеј на диско-музиката“, како што се нарекува себеси во неговото препознатливо диџејско интро

Последно што имавме чуено за него е дека Славе се иселил во Америка, дека веќе 15-20 години е таму. Имавме на ум дека кога-тогаш ќе дојде редот да пишуваме и за него, но ни личеше тешко изводливо - кај ќе го најдеме? - но, се јави Жупан, Владислав, еден од повозрасните пријатели од Струга, во чие друштво учевме за андерграундот и дарк вејвот за време на летните одмори.

„Имам прелог за твоите урбани легенди, Славе Ќелешоски - Диџеј Славе. Посети му го профилот на Фејсбук - че видиш зошто“

Tuesday, March 22, 2011

Ангел Ситновски, Бојс

Фото: Ивана Кузмановска
Архитект, човек со огромна колекција плочи, дискови и музички видеа, иконописец, фотограф, радиолик, вљубеник во природата, човек со кого секогаш има убав муабет, за што можат да ви посведочат и многу славни имиња од светската музика

Во оваа епизода на „Урбани легенди“ зборот „урбано“ има специфична тежина. Си имаме работа со лик кај кого поимот урбано е професионална определба и човек кој со своите приватни преокупации на разни начини втиснал и втиснува печат на урбаното живеење во Скопје. Ангел Ситновски, Бојс.

Wednesday, March 09, 2011

Замокот во Црниче

Друга таква нема, со мистичен изглед, со чуден стил за нашето поднебје. Ќуќа за која се кажани толку муабети и приказни. За некои е "куќа на сеништа", "проколната куќа". За луѓето што некогаш живееле таму - сосем обичен дом, куќа со цвеќиња, топол дом на хармонично семејство

Можеби ништо нема да ви значи ако некој ви ја каже адресата "Востаничка 180". Ниту ќе знаете каде е таа улица, ниту, пак, зошто му е битна некому или би требало и вам да ви биде. Но, нека ви ја спомне некој "Зелената куќа во Црниче", "вампирската", "куќата на духови" или "замокот" од Црниче" - пред очите веднаш ќе ви се оживеат стотици слики што сте ги замислувале секогаш кога некој ќе ви раскажел една од многуте загадочни приказни што кружат за куќата низ Скопје.

Wednesday, February 23, 2011

Деко

Фото: Ивана Кузмановска
Kлавијатурист, гитарист и еден од штедрите креативни извори на 'Бадмингтонс', 'Александар Македонски' и 'Клержо'. Македонскиот Реј Манзарек, Џон Лорд и Дејв Гринфилд. Големиот вљубеник во „камчињата“, човекот кој го откри и прв изрежа македонски рубин


Тешко е да се напише приказна за човек кој толку силно знае да ја поттикне креативноста, а притоа да ви биде ограничен просторот да се искажете. Оние што го познаваат поодамна, знаат како е. Да се раскажува за Деко - Дејан Шкартов, ќе ви биде потребно многу време и многу простор. Од каде да почнете и за што повеќе, а за што помалку да кажете.

Tuesday, February 15, 2011

Соња Андерграунд

Соња. Андерграунд 1. 1994/95. (Кај Руска Амбасада).
Низ нејзините раце поминале многу славни и не-баш-славни коси, од времето на револуционерната фризерница „Кљок“ до двете инкарнации на „Андерграунд“ - до Руска амбасада и во Капиштец. Иако денес веќе не постои, „Андерграунд“ ќе остане мечта за илјадници скопјани - место каде што оделе по фризура и навраќале на муабет со интересни луѓе

Wednesday, February 02, 2011

Зоки Панкер

Зоки Панкер
(Фото: Андреј Гиновски)
Можеби никогаш нема да се сетите
на бојата на неговиот глас, но,
ликот никогаш нема да го заборавите
Тасе Ван Гог: „Панкер за Ван Гог беше дел
од амбиентот, како што беа сликите на
Чемерски, Мазев и Мартиноски. Човек кој
му даваше на просторот некаква енергија,
добар тон, како жива скулптура“
Жани Митрески / Pass-N-G-R:„Знае да
 направи спој на ситници - луѓе, ситуации и
музика -  некои комбинации што на некого
ќе му личат невозможни, нема  да му текнат,
 ама, ете, тоа е рецептот!“
Јане Стефанов: „Влегувањето во 'Балет' е
влегување во патешествие полно со
 изненадувања. Првиот дел од 'програма-
та' е, можеби, стандарден, но, токму кога најмалку очекуваш, ќе се појави
 Зоки со изненадувањето“.

Никогаш не бил зборлив. Можеби никогаш нема да се сетите на неговиот глас, но, доволно е да го сретнете за да ви се разбудат милион слики од убави времиња што сте ги поминале во неговите кафулиња. Човек кој и без многу зборови со леснотија ќе го доживеете како култен лик на градот

Friday, December 10, 2010

Ван Гог


Ван Гог, 2010 г.
„Ван Гог“ не е само име на кафуле во Скопје. Денес тоа е веќе топоним. Едно од култните места кои постојат непрекинато повеќе од две децении. Помина низ разни фази, го водеа луѓе со различни визии. Сепак, за оние што го познаваат од почетоците, ништо нема да ги замени доцните осумдесетти


Еден ден низ маало се појави Сецко. Веќе многу луѓе го знаеја како еден од поинтересните гитаристи на скопскиот андерграунд, јадрото на “Ласт Експедишн“, бендот од наше маало. Рече: “Што правиш? Како си? Ај да те носам на едно место, во 'Ван Гог'“. Лесно беше да те кандиса некој што бил гласник на прогресивното, на андерграундот, маалски батко кој секогаш знаел да нафрли некоја интересна музика, некако природно прифатен како “повозрасен брат“ во миговите додека братот служеше војска во ЈНА. Есен, 1989. Отидовме на местото за кое веќе се зборуваше по градот, за кое зборуваа луѓето со кои се среќававме на повремените концерти во Дом на млади “25 Мај“, денешно МКЦ. Се случи љубов на прв поглед. Отидовме во место од кое ќе биде тешко да се разделите, со години, се' додека таму владееше филмот што тогаш го видовме. Го откривме местото каде што ќе го поминеме историски времиња - крајот на Југославија и почетоците на самостојна Македонија - временски ориентир за илјадници млади од тогашно Скопје. Местото каде што ги  поминавме ноќите кога се броеја гласовите од референдумот; кога ЈНА собираше наши врсници за на фронт во Хрватска; вечерите кога вриеше од девојки зашто, машките се криеја од воената полиција на ЈНА. Немаше човек што свири, собира музика и открива нови музикки, слика, пишува, ваја, глуми.. што гравитира кон андерграунд уметност, а да не излегува пред “Ван Гог“, во “Ван Гог“, на ѕитчето спроти “Ван Гог“.


Иво Блузмен
Ноќта почнуваше кај 8 навечер. Ако малку пораните, ќе ги затекнете Тасе и Зоки Панкер штотуку пристигнати со темносиниот спачек од по набавки.. кај да е, пред “Кораб“ - семакарницата спроти 'Градежен',  ќе зачкрипат кочниците на “двојката“ во која пред десетина минути, во Влае, се качил Иво Блузмен, легендарниот. Рачниот или биолошкиот часовник на персоналот во “Ван Гог“ веќе знае дека е време да го стави на шанкот металното чинијче за грицките што веќе подготвени го чекаат Иво во “Кораб“ - мезе за џускање.


Ван Гог, раните 1990-ти.
Фото: Приватна архива на Билјана Стефановска.
Кај да е, за некоја минута ќе се појават предвесниците на разните дружини; поздравувајќи се со домаќините, веќе седнати на масите на пред кафулето; нафрлајќи поздрави кон веќе дојдените. Веќе сте отпиле една третина од пијачката. Чувствувате дека веќе ве фаќа јанѕа. Чекате да наиде некој, да решите каде ќе се сместите - внатре, надвор или од карши, на ѕитчето кај Општина Центар. Со последната третина од пивото, коњакот, вотката кворумот е веќе доволен. Ја препознавате музиката која веќе го најавува следниот стадиум од градирањето на вечерта. Веќе ви е јасно - со која касета завозиле, натаму ќе оди флуидот - ќе ги штедиме силите, или, ќе возиме кон еуфорија, сите заедно, како и секогаш.


„Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“,
Богомил Ѓузел - Сергеј Андреевски
Каде и да застанете.. на некоја или покрај некоја неколкуте маси од двете страни на непишаната влезна патека; потпрени на шанкот; накрепени на некој ѕид, покрај “типот што го боли заб“ од сликите на Глигор Чемерски; заѕверени накај дрвената решеткаста конструкција на таванот; “Девојката“ од Никола Мартиноски, “Типот“ во масло на платно од Сергеј (за кого претпоставувавме дека е Сергеј, авторот на омотот на Мизар) или покрај легендарната слика на Чемерски со стихови од Богомил Ѓузел (“Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“). Каде и да ве затекне најавата, веќе знаете дека ви претстои добро расположение, опкружени со пријатни луѓе, креативци со кои секогаш ќе си најдете убав муабет.


Тасе - Ван Гог
“Гледано од оваа дистанца, чувствувам голема возбуда. 'Ван Гог' беше навистина култно место. Се' почна со мојот голем мерак за сликање. Не успеав да се запишам на ликовна академија, студрирав сосема друго, но таа страст кон сликањето постојано ме прогонуваше. Во тоа време почнавме да одиме по музеи, отидов во Холандија, бев во Музејот на Ван Гог и многу го засакав. Кога се вратив во Скопје, сакав да правам нешто паралелно со студиите. Веќе познавав многу луѓе - решив да отворам 'кафич', во куќата на дедо ми, 1986 година. Сакав да направам нешто што ќе биде различно од тогашната скопска шема. И, го отворивме 'Ван Гог'“, се сеќава секогаш ведриот домаќин, Тасе - како што го познававме сите, или, официјално, Зоран Тасев, газдата на “Ван Гог“. 


Барајќи го начинот како да направи место што ќе биде различно од тогашните места за излегување, сепак, не можел да отиде далеку од неговата страст кон сликарството. Решил токму такво да биде и местото што ќе го отвори. Со првите пари што ќе ги заработи решава да купи слики - сликите што и ден денес се изложени во “Ван Гог“, дела на Глигор Чемерски, Петар Мазев, Никола Мартиноски и Сергеј Андреевски.


“'Ван Гог' беше некако најкул место од местата во кои излегувавме. Се собираа неконвенционални луѓе, меѓу нив едно чудо авангарни селебрити ликови. Имаше константна публика. Во тие години на поп музика 'Ван Гог' беше најалтернативното место во Скопје. Затоа беше поинакво. За нас беше точка на собирање. Порано оделе на корзо, ние одевме во 'Ван Гог'. Секој ден беше убав:  друштво, муабети, пиво, цигари, заебанции. Локалот беше мал, па луѓе стоеа и надвор, околу кафичот. Мене, лично, посебно ми беше убаво ѕитчето преку улица, спроти влезот на 'Гог'. Е, таму, на ѕитчето, најмногу се смеевме и се глупиравме“, се сеќава Сани Шалом, девојка што ја запознавме во  “Ван Гог“, денес државен службеник во Тел Авив.


Златните времиња на “Ван Гог“ уредно се архивирани во приватната архива Билјана Стефановска, уште една девојка што секојдневно ја гледавме таму, денес архитект во Франкфурт на Мајна, Германија. 


Билјана Стефановска
“Тоа беа некои времиња кои не беа лесни, време на барања, пронаоѓања и губитоци. Почнав да одам таму кон  крајот на средно и кога почнав да студирам. После се префрлив со студиите во Германија, и секогаш кога доаѓав во Скопје 'киснев' во или пред 'Ван Гог'. За некоја година се промени атмосферата таму, може да се каже и аурата. Таму се чувствував како да сум меѓу свои луѓе, а не како вонземјанка. Запознав интересни  индивидуи, битија, со необичен хумор, кои ми отворија нови светови за  цудење и воодушевување. Тоа беше место за размена на идеи, музика, поезија. Не чувствував притисок за конвенционално однесување, без разлика дали се работи за восклици, театрално-сатирични дискусии за некој писател или композитор, или за тагата заради неразбирањето на светот или некоја љубовна мака. Можев да отидам таму еуфорична или мивкеста, не ми беше непријатно. Благодарна сум што имав прилика да го доживеам тој период на 'Ван Гог' особено на таа возраст“, се сеќава Билјана.


Коста - Ван Гог
“Ван Гог“ оттогаш помина низ разни фази и филмови. За луѓето што го открија на крајот на осумдесттите, приказната за “Ван Гог“ заврши набргу, кога “Ван Гог“ се фузира со “Мондријан“ - “шминкерскиот“ кафич од Чаршија, кога стилот му омекна и кога многу од луѓето што таму доаѓаа дотогаш беа пречекувани од “странци“, луѓе кои не ги пуштаа зад вратата на местото што некогаш им било свето. Такво било искуството и на Сецко, кого не го пуштиле внатре, на договорена средба со новинар на БиБиСи, кому требало да му предаде снимка од најновите студиски материјали.


Но, било како било. “Ван Гог“ в година ќе слави 25 години од основањето. Кафулето денес го води Коста, човекот што долго време работеше во “Ван Гог“. Гледајќи го тоа што го работи, се чувствувате охрабрени. Неговиот филм е поинаков, но, знае да ја негува традицијата. Се гледаме в година? На роденден?






Текст: Васко Марковски
Фотографии: Ивана Кузмановска, Васко Марковски, приватна архива на Билјана Стефановска, Ноќен клуб „Ван Гог“

Friday, December 03, 2010

Сабвеј (Струга)


Никола и Томе Кукунеш,
пред некогашниот влез на „Сабвеј“

Кој одел во Струга, а барал нешто поразлично од кафулиња и диско-клубови со летни хитови, засекогаш ќе го памети. Сите патишта водеа кон 'Сабвеј' - 'институција', 'свое место' и клуб во кој се дружеа и се запознаваа рокенрол луѓе од сите краишта на Македонија

Кој одел во Струга за време на летата, а барал место поразлично од другите, во кое не се пуштаат летни хитови - добро го знае. Го открил и си нашол место за себе, каде да ги поминува ноќите, дури и да дошол без друштво во градот. Не требаше многу време за да се рашири гласот за 'Сабвеј' - кафулето во дневната соба на Кукунешовци. Родителите решиле да им ја исполнат желбата на синовите, Никола и Томе - да имаат свој 'кафич', во кој ќе слушаат музика каква што сакаат, каква што не можат да слушаат во ниту едно од бројните струшки кафулиња и клубови. И, толку требаше. Чувме дека таму некаде, во тесните сокачиња позади Хотел 'Београд', Томе и Никола отвориле 'кафич', таков каков што баравме со години, ние - дојдени од Скопје, од Битола, од Охрид, од каде не? - и нашите пријатели од Струга. Веќе знаевме каде ќе се најдеме - и без да се договараме. Големо семејство од 'наши луѓе', во место кое направи да се спријателиме уште повеќе, за век и веков. Пет години срдечно дружење - од 1995 до 2000.


Трагањето по споменот на 'Сабвеј' го почнуваме со Ангелко Јовчески - Гече, еден од струшките панкери што ги запознавме таму, тапанар на неколку струшки бендови, одличен!


Ангелко Јовчески - Гече
“Беше едно сопче од дваесетина квадрати, но, иако беше мало, правеше децата наречени рокери, панкери, металци таму да осетат една дотогаш невидена слобода. По некое време, се прошири уште за десетина квадрати и, на наша радост, имаше повеќе место за 'шутки'. Се собираа само „такви“ луѓе. Од музика, најмногу имаше југословенски панк-рок, но имаше и 'Дорс', 'Дед Кенедис', 'Сепултура', 'Металика', 'Ајрон Мејден' - се'!. По некоја година почна 'диско', модата, па се измешаа и рејвери, трансери, „гоатери“, и, нормално - пропадна“, се сеќава низ шега Гече.


Сеќавањето ни го свртува погледот кон местото каде што некогаш стоеше диџејскиот пулт. Таму редовно беше Чима - Климе Матоски, тогаш дете, денес искусен веб-дизајнер, стружанец на привремена работа во Скопје. Одењето во 'Сабвеј' си го направило своето: беше првиот веб-дизајнер кој направил веб-страници на македонските рокенрол бендови и артисти.


Чима - Климе Матоски
“Во тоа време Струга вриеше од туристи, немаше строги закони за пушење, за работно време. Имавме клуб во кој се пие евтино ѕидарско пиво! Се слушаше музика и се собираа касети и CD-a, се одеше по концерти и фестивали. Во 'Сабвеј' ќе најдевте луѓе од цела Македонија и многу од луѓето со кои и денес се дружам ги запознав таму. Од музички аспект, беше институција - место за промоција на македонска музика. Гледано од временска дистанца, мислам дека бендови од типот на 'Чиста Околина', 'САФ' и други бендови од тоа време никаде не биле подобро промовирани отколку таму. Клубот доживеа многу интересни музички трансформации. Секое лето беше во различен филм, според тоа што беше актуелно во моментот. Лично јас, таму ја доживеав мојата најголема музичка надградба. Секој ден некој носеше нова музика, преснимувавме, преслушувавме и се надградувавме. 'Сабвеј' беше дефиниција за андерграунд клуб.  Клуб каков што немало во Македонија до денес, иако скромно опремен, со опрема пред распаѓање и со крпени звучници. Имаше некоја неверојатна енергија со која ги привлекуваше луѓето. Пред секое реновирање се собираше екипа од луѓе кои доброволно доаѓаа таму да помогнат. Едноставно, живеевме за тој клуб. Секако, незаборавен дел од приказната се најдобрите сопственици на клуб на целиот свет - Томе и Никола. Без нив 'Сабвеј' никогаш немаше да биде тоа што ни остана во сеќавање“, се сеќава Климе.


Меѓу пријателите што ги стекнавме во 'Сабвеј' е и Мартин Мартиноски, стружанец, тогаш студент и екологист, денес портпарол на Владата на РМ. Ќе ви наброи голем список имиња, луѓе со кои сме се дружеле во 'Сабвеј'.


Мартин Мартиноски
“'Сабвеј' го заслужува епитетот Институција кога станува збор за урбаното живеење, не само во езерскиот регион туку и во цела Македонија, во периодот на деведесеттите години од минатиот век. Беше сврталиште на луѓе кои го носеа духот на супкултурните урбани вредности, на една нова држава која тогаш се раѓаше. Дух на вредности кој опстојува и денес и ни дава сила да се одбраниме од налетите на кичот. Беше место каде што ги храневме нашите души со 'Мизар', 'Тело-наука совршена', 'Анастасија', 'Архангел', 'Чиста околина', 'Сет', 'Ласт Експедишн'. Беше место каде што се мешаа панкот, новиот бран, етното, гранџот, металот, хип хопот, техното, каде што доаѓаше до израз се' што не беше мејнстрим. Томе и Никола, имаа храброст да се вложат себеси и својот дом во место кое обедини луѓе од неколку генерации. Таму стекнавме пријатели за навек од сите краишта на Македонија. Одиш и наоѓаш некој со кој можеш да најдеш заеднички муабет и да ја поминеш вечерта без претходно да се договараш, место каде што секогаш добиваш голема порција квалитетна музика, евтино, но квалитетно пиво (оладено!). Ако си преку ден - играш табла и пиеш кафе, гледаш сеир и слушаш безброј анегдоти, нешто што е практично невозможно во денешни услови. 'Сабвеј' форевер!“.


Еден од луѓето без кои не можеше да помине дружењето во 'Сабвеј' беше Томислав Прањиќ, стружанец кој веќе десетина години живее во Пула, во Хрватска. Кој одел во 'Сабвеј', добро се сеќава на неговите 'интервенции во просторот' - човек кој беше задолжен за 'артворкот' на култното струшко кафуле - од стрип цртежите од Алан Форд на ѕидовите во кафулето, до инвентивните пропагандно-промотивни летоци.


Томислав Прањиќ
“Паметам дека на еден од плакатите за 'Сабвеј', што во тоа време ги правевме рачно, со дебели букви беше напишан слоган 'Домот е таму кај што ти е срцето!'. Денес почнува да ми станува јасно што се' навистина претставуваше 'Сабвеј' - најдобрата 'ствар' што можеше да и' се случи на Струга во тие темни пост-ЈУ времиња'. Место кое нас, правеше ние, 'алтернативците', да забораваме дека живееме во малограѓанска и досадна Струга. Таму со гордост можевме да ги донесеме нашите гости и да не ни биде срам или шубе дека нема добро да се забавуваат. Не беше место со супер фотелји или 'sound system', но секој што ќе влезеше, оставаше таму дел од себе, дел од срцето“.


Крајот му го препуштаме на Шурбе (Костадин Шурбановски), скопскиот диџеј со струшки корени, редовен гостин во 'Сабвеј', секое лето.


Костадин Шурбановски
- Шурбе
“Струга, покрај 'поетските ручоци', е позната и по својот панк и алтернативен музички бекграунд. 'Сабвеј' беше логично надоврзување и продолжување на таа приказна. Се сеќавам, во времето кога го покренавме музичкиот магазин 'Тротоар', однесов во „Сабвеј“ десетина примероци од првиот број, чисто онака, од зезање. Се продадоа за една вечер! Во 'Сабвеј' се муваа кул фаци од македонскиот андерграунд и секогаш гласно свиреше супер музика: пост-панк, алтернативен рок, хип-хоп, даб. Ќе остане запаметен и по оригиналниот тоалет, шанкот со неколкуте инвентар-фаци, како и со и таблото со легендарните Стружани. 'Сабвеј' беше вистински пример, показател и доказ дека Струга отсекогаш била далеку покул од Охрид“.





Сабвеј, од фото-албумот „Subway University - Генерација 97/98“:
Никола Кукунеш, Климе Мато, Томе Кукунеш, Мартин Мартиноски

Friday, November 26, 2010

Роки



Фото: Васко Марковски
Ретко кој го знае како Драган Ѓуровски. Прекарот му е на место: Роки. Рокер во крвта, човек од кого речиси дваесет години младите генерации слушаат рок-лектира, а повозрасните имаат добар фон за пиво каде што настапува. Музичар со препознатлива насмевка, срдечност и искреност, без разлика дали настапува пред 50, 500 или 500 милиони луѓе


Се појави во “Ван Гог”, во доцните 80-ти. Набргу забележавме дека е секојдневен гостин, исто како нас - редовни гости кои најубаво се чувствуваа кај “ложата”, на ѕидчето отспротива, кај бараките на Општина Центар. Со секое следно доаѓање во “Ван Гог”, веќе знаевме - кај да е ќе се појави, на поплочениот тротоар, откај плоштатчето, неколку чекори по Тони Мичевиќ и дружината, доцнејќи зад нив колку да го заклучи темносиното “рено 9”. Секогаш беше тука некаде. Речиси немаше вечер да не дојде. Сфативме дека тоа е другар на Мичевиќ, блескавиот гитарист кој штотуку го бевме откриле по скопските клубови. А, кај беше Мичевиќ, таму беше и тој, Драган, другарот што им помагаше за инструментите, да се донесат до “Ван Гог” - да се приберат од “Ван Гог” по свирките. 


Набргу станавме свесни дека Скопје доби еден нов, поинаков ноќен живот, со бендови што ги свират во живо музиките што нè возеле низ годините, што допрва ги откривавме. Веќе имаше и да се бира. “Вуду” на Мичевиќ и Лопе, “Банкрот блуз бенд” на Гиш, Харе и Ренџов, или - џезерските бендови на Ачек и Сале Икономов. 


Веќе се навикнавме. Како урбани номади, ги следевме во новите локали каде што настапуваа - толку често, толку интензивно, што веќе “нè фаќа  склерозата” кога ќе се обидеме да ги наброиме: “Три секунди” во салата на “Работнички”, кај Гранит од “Патика” во “Капан ан”, во “Арт”, “Сабвеј”… “Која ли беше таа формација кога ги гледавме таму-и-таму”, залудно се обидуваме. 


Еден ден нè изненади. Роки се појави зад микрофонот. Тој беше пејачот. Повеќе не беше пријателот на Мичевиќ и дружината кој уживаше отстрана во нивната музика. Се појави како темпераментен изведувач, жар кој тлеел. Но, не било за изненадување. Ни биле потребни дваесетина години да го дознаеме тоа, неодамна, кога се видовме со повод. Со идејата да има бенд, да свири на концерти, се занесувал уште од шесто-седмо одделение, кога му купиле хармоника. Но, жарот тлеел. Се будел секаде каде што ќе го однесел животот - во Алжир, каде што живеел две години како средношколец, син на секретар на воено аташе; во Белград - нова прекоманда на татко му; во населба Аеродром, каде што се преселил од старото маало во Скопје (кај Зоолошка), каде што ги запознал Мичевиќ, Лаки и луѓето со кои ќе почне да свири по бендови - од првите настапи, со “Woman Haters” во “Ван Гог”, до големата сцена, како член на придружниот бенд на Тоше Проески. 


Еден од луѓето со кои соработувал во разни периоди е Трајко Симоновски - Таци, некогаш басист во “Woman Haters”, подоцна еден од незаменливите членови на “Блу фанки индивидуалс”. За него Роки е “супер тип, извонредно интелигентен човек, музички наслушан, голем мераклија за музика, кој сака џез, но е рокер во крвта”. 


Трајко Симоновски - Таци
“Освен што има голема желба да свири, да настапува, ептен е голем мераклија за инструменти. Не е многу вешт гитарист, но е толкав мераклија, што има опрема каква што имаат, можеби, само најголемите гитаристи во Македонија. Комуникацијата со него е многу едноставна и на сцената и во секојдневието. Имаме супер, френдовски однос. Со Роки сме ‘ратни’ другари уште од времето кога свиревме заедно во ‘Woman Haters’. На турнеите со Тоше сме поминале многу време и многу километри заедно, по 24 на ден, во комбе, на сцена. Имало убави моменти, имало и препирки, но за него можам да кажам сè најубаво. Понекогаш го доживувам како дух од минатото - човек кој знае со луѓето да комуницира директно и искрено, без ‘господине’ и ‘госпоѓо’. Дефинитивно е легенда. Човек кој веќе 15-20 години ги забавува луѓето по Скопје и низ Македонија. Легенда го прави, веројатно, и начинот на кој настапува - и во клубовите и со Тоше - секогаш растоварен, непосреден и неформален. Тој Роки пред 15 години и овој Роки денес се малку различни, но и едниот и другиот секогаш зрачеле со забележлива љубов кон музиката. И, да не го заборавиме неговиот некогашен бенд ‘Sugar Free’, со кој свиреа своја, авторска музика. Снимија албум кој беше одличен, и ден-денес - не беше продукциски толку добар колку што имаше квалитетни песни и добра музика”, ни рече Таци. 


Валентина Ѓоргиевска, новинарка која одблиску ја следеше кариерата на Тоше Проески, имала прилика одблиску да го биде сведок на “другото лице” на Роки, како член на “Бендот на Тоше”, како човек кој настапувал на голема сцена - на балканските турнеи и на изборот на Песна за евровизија во Истанбул. 


Валентина Ѓорѓиевска Парго
“Роки, чинам, е најискулираниот рокер што постои, или барем што јас го знам. Работите секогаш ги изведува сосема сталожено и најпрофесионално. И бендовите со кои настапува клупски секогаш биле најдобрите. Мислам дека затоа и Тоше ги одбрал за соработници Роки и неговиот бенд уште првиот пат кога ги слушнал, на свирка во ‘Маракана’. А меѓу Тоше и Роки постоеше и се чувствуваше една голема синергија, не само соработничка, ами многу повеќе пријателска и духовна. Роки беше дел од евровизиската екипа во 2004 г. Смирен, пристапен, како и секогаш, не ја губеше главата во целиот тој евровизиски хаос во Истанбул. Од неколкуте разговори со него, ме импресионира неговиот пристап кон коментирање на сцената. Рок-каузата ја брани на свој начин, но за разлика од многумина други рокери, не ги напаѓа и омаловажува изведувачите и фановите на другите правци, ами коментира со целото свое видување на нештата и на музиката. Пријатен соговорник, најмногу пленува кога искрено пријателски ќе се поздрави и мошне срдечно ќе ти се насмее, со неговата ведра насмевка. Момче со урбан рок-стил и одличен музичар!” 


Игор Целески е еден од многуте луѓе чија младост и период на созревање често во фон ја имале музиката од настапите на Роки низ скопските клубови и кафулиња. Настапите на “Хејтерс” и “Индивидуалс” за него, на некој начин, биле компензација за светските бендови што не сме можеле да ги гледаме кај нас - бендови кои ни помогнале да ја доживееме отсвирена во живо музиката на хероите што не сме имале прилика да ги гледаме. 


Игор Целески
“Роки е една урбана фигура кој заедно со своите пријатели од бендот ‘Woman Haters’ и ‘Блу фанки индивидуалс’ му дадоа една нова димензија на ноќниот живот на Скопје. Донесоа еден нов начин на забава и во време кога не можевме да ги гледаме светските бендови кај нас или во блиската околина, тие беа замена за тоа. Со нивното музицирање поттикнаа и многу тинејџери да земат инструменти в раце и да ги почнат своите авантури во музичките води, како авторски бендови или како бендови за свирка. Флуидот меѓу нас и нив беше на високо ниво. Едноставно, тоа струеше низ воздухот, а најзаслужен за тоа беше Роки, како пејач, со неговиот карактерестичен хумор, секогаш насмеан. Во нивниот репертоар имаше неколку песни кои им беа како химни и без нив не можеше да помине ниту една вечерна свирка”, се сеќава Игор. 


Што прави Роки денес? Рокер засекогаш. Сакате повторно да чуете со каков жар ја пееше “Соулмен” од “Блуз брадрс” или “Хард ту хендл” од “Блек Кроус”? Лесно ќе го најдете. 

Thursday, November 18, 2010

Бранко Фиат




Бранко Фиат
Фото: Андон Давчев
Како човек кој е на прагот на деветтата деценија од животот, малкумина денес го знаат како урабана легенда од Скопје. Но, оние што го знаат од порано ќе ви кажат дека тој е неоспорно тоа: некогашен скопски фраер и боксерски херој повоена Македонија и Југославија


Времето на неговата слава одамна поминало. Можеби сме го сретнале некогаш на улица но, ни на крај памет не ни дошло дека старчето со кое сме се разминале по тротоарот или по плочникот е некогашен страстен боксер, Бранко Фиат, човекот од Кисела Вода за кого некои пријатели веќе ни го беа кажувале како урбана легенда од Скопје. Имаме убав повод да се сетиме на него – 40. “Златен гонг“, меѓународниот боксерски турнир во спомен на ослободувањето на Скопје, кој се одржа деновиве.


Не' пречека, во неговиот стан во Кисела Вода, срдечно и, по малку, збунето, чудејќи се што некој се сетил да го побара.


“Какво е ова изненадување? Како решивте да дојдете кај мене?“, ни отвори повикувајќи не' да влеземе, надвикувајќи се со грмнатиот телевизор, пуштен на вести.


Ни требаше време да се адаптираме на просторот. Со очите шараме обидувајќи се да уловиме колку што е можно повеќе сознанија за да можеме да го направиме разговорот поподатлив. Но, детаљите што го исполнуваа просторот, колку што ни помогнаа толку и не' збунија.


Староста и живеењето сам, на таа возраст, за некој месец 80 години, направиле да се оддалечи од некогашната стокменост и педантност, која лесно можеше да се забележи на трите големи портрет-фотографии, над каучот лево од телевизорот. Лесно ќе забележите дека навистина било така: фраер, вистински господин, стокмен во модерна облека, со вратоврска и бакембарди, лик од кој зрачат самодоверба и манири. Но, како што ќе ви посведочат луѓето што го познаваат, и како што ќе се уверите самите дури и од кус разговор со него, манирите никогаш не го напуштиле. На ѕидот спроти телевизорот - голема црно-бела фотографија, својствена за времето кога служењето во ЈНА било голем настан за семејството, на сликата: Бранко Фиат војник - скината глава Прле од “Отпишаните“.


Со првите неколку прашања, ни стана јасно зошто телевизорот бил пуштен толку гласно.


“Велам, како почна вашиот пат до славата? Како почнавте да боскувате?“, го повторивме прашањето повишувајќи го гласот.


Ни раскажа дека потекнува од семејство на корушки Словенец, со необично и звучно презиме - Фиат, доселен во Скопје. Додека бил дете живееле во куќа кај паркчето меѓу денешна Градска болница и Сојуз на синдикати. Со бокс почнал уште во раната младост.


“Како дете бев плачко. Децата од маало ме тепаа. Татко ми често патуваше, па, кога виде каков плачно сум станал им даваше пари на децата од маало, да ме тепаат. И, така, стравот почна да бега од мене. Ќе ме удрат, ќе ме испотепаат, ама, барем еднаш и јас ќе удрам некого. Тоа ми остана за до крајот на животот. После го научија, па ќе му речеа: Очка, да го натепаме, а?“, ни раскажа темпераментниот домаќин.


Боксерската кариера ја почнал во тогашниот клуб “Милиционер“, еден од неколкуте тогашни клубови во градот. Таму почнал неговиот ѕвезден пат и ги запознал неговите големи боксерски херои, стара школа.


“Скопје беше град од 80.000 луѓе, а имаше боксерски екипи, две фудбалски екипи во прва лига. Сега Скопје има повеќе од еден милион, а речиси нема ниту една боксерска екипа. Срамота! Нема интерес. Младиве се педери! Овие ли се боксери? Имавме четири боксерски клубови и тоа без пари - немаше пари облека да си купиме, едни гаќи. Денес им нудат и пари и се', и - ништо. Си чул ли за Штуката? Е, тоа беше боксер. Бокс ли е ова сега? Гледам на телевизија - тој бил европски шампион! А, види му аперкат - како мало дете е, врска нема! Да е денес таа екипа што бевме ние, ќе бевме светски шампиони“, се сеќава домаќинот.


Боксувањето за “Милиционер“ било прилика набргу да го забележи пошироката јавност, по впечатливите мечови во кои ги совладал тогашните славни боксерски асови на Југославија. Неговите успеси набргу ги забележал амбициозниот белградски клуб “Црвена звезда“. Го повикале да боксува за нив. Заработувал многу, трошел многу, но не заборавал да и' праќа пари и на мајка му, која, мислејќи на иднината, без тој да знае, од тие пари го купила станот во кој денеска живее.


“Додека живеев во Белград, постигнував големи успеси и заработував огромни пари за тоа време. Сум боксувал 40 меча во странство - секогаш сум се враќал со победа. Јас сум првиот боксер што и' донел златен медал на Југославија, на Медитеранските игри во 1958, кога боскував против шампионот на Тунис. Живеев на висока нога, излегував со убави девојки, мисици – заработувал многу, но и трошев без мерка. Купував најскапа облека, но, не заборавав да и' праќам пари и на мајка ми, во Скопје. И' велев: 'Ти си госпоѓа Фиат, мора да имаш пари', и секој месец и' праќав пари колку две нејзини пензии. И, ете, во 1962 поплавата ни ја сруши куќата. После, имавме каде да живееме - колку била паметна! Сум бил со многу жени и многу жени ме разочарале. Кога имаш пари, и најубавите ќе сакаат да бидат со тебе. Но, не успеав да се оженам, да најдам жена што не пуши, што не пие, што е чесна“, се сеќава Фиат.


Противниците очекувале удар со десна.
Изненадувањето што ги чека, било во левата
На неговите успеси се сеќава Живко Дуковски, претседател на Боксерски клуб 'Скопје', поранешен боксер, органзатор на „Златен гонг“.


“Беше еден од најдобрите македонски боксери во 1950-тите години. Како добар боксер за него пројави интерес 'Црвена звезда', го зедоа во екипата и таму боксуваше околу три години. Најдобри и најинтересни во тоа време беа неговите борби со еден од најдобрите тогашни југословенски боксери, Раданов. Борбите на Бранко Фиат беа посебно атрактивни. Имаше специфичен силен удар со левата рака, што правеше повеќето борби да ги завршува пред истекот на третата рунда. Се воодушевувавме на неговите резултати, и во Скопје и како боксер на 'Црвена звезда'. Бевме инспирирани од него. Со неговото десетгодишно боксување, Бранко Фиат остави бележити траги во македонскиот бокс во 1950-тите и 1960-те години“.


Боксот, како што вели, од една страна е убава работа, но, од друга, не е добар. Многу влијаел на неговиот темперамент и направил од него импулсивен човек, кој лесно знаел да нокаутира некој што неправедно ќе го понижел или ќе се обидел да направи неправда некому во негово присуство. Меѓу нокаутираните била и неговата долгогодишна љубовница, која ја зел во Белград, ја школувал, ја хранел и на крајот го изневерила со најблискиот другар.


“Боскот не може да не остави трајни последици, да ти го поремети умот. Некој да те удира десет години по глава и ништо да не ти стане? Станав многу осетлив, раздразлив. Не знам колку казни имам платено во полиција за бељи што сум направил, што сум истепал некого. Малку нешто ќе ти пререче – ќе го нокаутирав“, ни кажа искрено.


Луѓето од неговото маало се сеќаваат на него како фраер со имиџ - редовно со трегери - кој секогаш имал интересни приказни и доживувања да им раскаже. Нема човек кој не се сеќава на неговите манири.
“Ќе те сретне на улица со убава девојка и ќе рече: 'Комшија - 5 плус! Алал да ми ти е!', нагласувајќи го комплиментот со поздравот од 'Вегета'“, ни рече еден од пријателите што го познаваат. 

Friday, November 12, 2010

Миле и Драги


Во нивните кафулиња ги откривавме тајните на животот. Ни беa како втор дом. Таму ги стекнувавме идните пријатели за век и веков; се формираа и се расформира бендови; ги запознававме идните сопруги или сопрузи. Миле и Драги, луѓето што ни ги дадоа "Пони" и "Браво"

Еден ден некој рече: „Си бил во 'Пони'? Го зеле некои дечки, пуштале добра музика, бајаги луѓе почнале да одат.. “. Имавме резерви спрема местото. Некогаш таму се пушташе мека музика, одеа дотерани дечки и девојки, па одевме само повремено, кога сакавме да бидеме поблиску до девојки од некои поугледни или поценети училишта. Но, гласот за новото 'Пони', се слушаше се' почесто. Решивме да појдеме и - откривме место што ќе го паметиме се' додека не' служи помнењето. На едно место: страстни фанови на 'Клеш', Боб Дилан, 'Металика', 'Џој Дивижн', 'Кјур', 'Пинк Флојд' или 'Напалм дет'. Откривме едно поинакво "Пони", кое многу повеќе ни фаќаше око, место што стана неизбежен дел од нашето секојдениве, место што ни ги промени траекториите низ градот, филм во кој се наоѓаа себеси стотици скопјани.

Така ги запознавме и 'дечките' што го направија, Миле и Драги, двајцата браќа од Тафталиџе, луѓе кои ни станаа пријатели за навек. Во нивните места - некогашно "Пони", епизодното "Моџо" и денешните мало и големо "Браво" - многумина ги откривале тајните на животот и законитостите на општеството; се формирале и се расформирале бендови, некој си нашол басист за во бендот; некој си го запознал идниот сопруг или сопруга; некој открил нова музика, нова книга; ги запознал идните блиски пријатели.

Миле - Големо Браво
Миле ни беше од некаде познат. Набргу ни текна. Тој беше првиот пејач на 'Санаториум', дечкото што сме го гледале низ град со Ружниот, чудејќи се на нивната дружба - металец и панкер. Движејќи се низ просторот, горно и долно 'Пони', почнавме да го забележуваме Драги - ист како Миле, само со кратка коса. Немаше потреба некој да ни објаснува дека се браќа.

Просторот го нашол Драги. Миле бил во Англија. Му се јавил Драги и си направиле братски муабет: "Ќе почнеме ли? - Ќе почнеме".

"Решивме да го земеме и - таму останавме три и пол години. На почетокот горе бев јас, долу го работеше Драги. Местото за тоа време беше малку необично - горе една музика, долу друга; горе беше повеќе седачко, за на муабет, долу беше повеќе за журка, за гласна музика. Така работевме околу една година, подоцна се менувавме - јас доле, Драго горе и обратно. На тоа убаво се надоврза терасата, па имаше многу дружење и надвор - на тротоарот", се сеќава Миле.

Миле
Излегувајќи таму, почнавме да стануваме свесни дека излегуваме во места (понекогаш Горното и Долното ги доживувавме како две различни места, но, сраснати, како сијамски близнаци!) што ги следат новите и музики, но истовремено и копаат по музичката историја и откриваат стари што не сме ги знаеле. Таму ги пречекавме "Нирвана", "Перл Џем", "Елис ин чејнс", но во "Пони" многумина ги открија и ги засакаа музиките по кои некогаш се палеле нивните родители.

Разговарајќи за историјата на 'Пони' со насмевка се сеќаваме на 'рабушот', на тефтерот со 'рабуш'. Речиси немаше човек што излегува 'Пони' кој немал своја страница во тефтерот. 'Пони' беше место во кое знаевме дека не' чекаат домаќини кои те знаат, ти веруваат и знаат да ти излезат во пресрет кога ќе затреба.

"Е, така беше! Човечки е да им излезеш во пресрет на луѓето на кои им веруваш. Ќе дојде период кога ќе имаат, ќе ти вратат. Ќе поминат недела-две, ќе помине еден месец - ќе ти вратат. Некој ќе каже за две недели, ќе му излезе нешто - ќе ти врати за еден месец, но, на крај секогаш излегувало во ред. Некогаш останувало и по нешто неплатено, но, има луѓе што ќе се сетат на тоа што и после неколку години, па ќе платат кога случајно ќе дојдат во 'Браво'", ни рече Миле, честејќи не' со драгата препознатлива насмевка!

Борче Грозданов - Пандур
(Фото: приватна архива на Б.Г.)
Обидувајќи се да се сетиме на луѓето што ги оставиле коските во 'Пони', еден од првите што ни идат пред очи е Борче Грозданов - Пандур, новинар, поет и театарски критичар - човек што го бие глас дека во 'Пони' завршил факултет, учејќи на масите со пијалаци. Пријателство со Миле и Драги и убавиот дух што провејува во нивните кафулињата се овековечени во неговите збирки поезија.

"Ако бараме потврда дека кафаната е институција, тогаш, бездруго, ќе ја најдеме во некогашно 'Пони' или во денешно 'Браво'. А зад секоја институција, нормално, стојат цврсти луѓе – столбови. Тоа, во случајов, се Драго и Миле Бурсаќ. Тие се некрунисани доктори по рокенрол, блуз, хеви метал и другите нус-појави што ги носи пред се' звукот на гитарата. За амбиентот и душата на тие места сведочиме ние (не сме мал број), кои сме неодминлив дел од инвентарот на нивните кафулиња, за нас: 'центар на светот'. Речиси нема човек од рок сцената кој барем еднаш не заседнал таму до рано натуро (па и на пладне!). Тоа се места во кои случувале роденденски журки, веридби, крштевки, куќни слави, па и свадби, што направи од сите нас една голема, срекна фамилија", се сеќава Борче.

Еди - Андреј Анастасов
(Фото: Васко Марковски)
Еден од редовните гости на 'Пони', и чест гостин во 'Браво' е и Андреј Анастасов - Еди, конзерватор-реставратор на икони, 'бубњар' на ТБ Трачери, Мугер Фугер и на уште дваесетина македонски бендови.

"Едно време 'Пони' ми беше како дома. Таму останував и по неколку дена. Одев дома само колку да се исперам. Кога ќе си отидеа сите муштерии, Миле или Драги ја заклучуваа вратата и пиевме до касно. Миле пушташе музика, а ние, гостите, млатевме празна слама. Кога ќе не' кутнеше уморот, знаевме да споиме по неколку столици и да си заспиеме на нив. Немаше дневна светлина и не знаевме колку е саат. Сабајлето пиевме кафе и продолжувавме со дружбата. Доаѓаа секакви фаци. Имаше и некои на кои им беше страв да влезат, па седеа од карши на ѕидче и опсервираа. А немаше никаква основа за страв. Попитомо место и газди и гости немаше на планетава. И ден-денес нема. Често одам и во 'Браво', но подрумчето во 'Пони' имаше некоја магија", се сеќава Еди.

Приказната на 'Пони' траеше три и пол години, од октомври 1992 до јануари 1996. Луѓето од 'Пони' набргу си го најдоа новиот дом, "Моџо", следното кафуле на Миле и Драги, во маалото кое можеби никој не го знае со официјалното име: "кај Млечен ресторан". Толку кратко траешее, што речиси го бевме заборавиле. Неколку месеци подоцна, браќата Бурсаќ го откриле просторот во кој ќе се закотват - денешно "Мало Браво", втори кат, ТЦ Буњаковец. Малку подоцна, ќе дојде и Големото, на дваесетина метри од помалото.

Иво Блузмен Николовски
Крајот му го препуштаме на легендарниот Иво Блузмен, човекот што редовно бил присутен во сите кафулиња на Миле и Драги. Денес си нашол прибежиште во малото 'Браво', каде што пушта блуз, секоја среда.

„Животот е крстопат. Миле и Драги направија младите во Скопје да имаат и друг избор, да не забегаат по патот на кичот и грдата музика што се обидува да завладее. Скопје треба да им биде благодарно“, резимира Иво.



Штета. Немавме прилика да си помуабетиме со Драги. Фамилијарен човек.. деца креваат температура.. не се стигнува секаде како што ќе испланираш.

Успомен од „Мало Браво“, ;-)


Текст: Васко Марковски
Фотографии: Андон Давчев, Васко Марковски