Monday, April 27, 2009

Забрането во ЕУ

Каков би бил животот да го немало дрвото? Какви садови и каков прибор се поставувале на софрата на нашите предци? Какви кујнски алатки морало да има во секој дом до првите децении од 20 век? Милион прашања се раѓаат додека ја разлгедувате изложбата на традиционални дрвени предмети, што неодамна ја постави Музејот на Македонија

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Оваа репортажа е пред голема опсасност да биде кавгаџиски настроена - тоа го сфативме уште додека ги средувавме впечатоците од тоа што го видовме во Музејот на Македонија и не можеме да му побегнеме на тоа чувство до овој момент, кога го пишуваме текстот за кој колегите од следните станици во процесот на создавањето на весникот ни висат над глава. Но, затоа постојат деновите за одмор, кој, кај да е, наскоро ќе си го дадеме.

Бевме да ја видиме изложбата со чуден наслов и концепт - Традиционални предмети од дрво, која најпрвин ни звучеше како некакво неприродно извлекување од контекст на предметите од домаќинството, небаре - изложба на предмети што можете да ги видите во автомобил, но, не сите - само оние што се направени од пластика. Но, колку повеќе се навраќаме на впечатоците, толку повеќе не’ обзема некаква меланхолија и нејасен гнев, кој веројатно денес би го почувствувале потомците на Ескимите од Арктикот, слушајќи еден од албумите на култниот бенд Д'Резидентс, сеќавајќи се како нивните предци биле прелажани од светските програми за унапредување на условите за живот, па дошле дотаму што неодминлив елемент на секое игло станал телевизорот, низ кој во просторот се ширеле звуците од рекламите за кока-кола .

Но, колку поблиску сме до обидот да ги систематизираме и да направиме сума на впечатоците, толку повеќе ни личи неоснована и неправедна нашата забелешка за концептот на поставката. Сфаќаме дека можеби избрзуваме со коментарите, сакајќи што поскоро да се ослободиме од немирот што ни го разбудија изложените предмети, на број - 167, разновидни садови за подготвување храна и садови што ги користеле земјоделците додека го ваделе лебот.

Гледаме попис на предмети кои било нужно да се имаат во секој дом, речиси секој, за да може секојдневниот живот да тече нормално, без резилење пред свекорот и свекрвата, соседите или роднините-деленици, без непријатно црвенеење кога по којзнае кој пат тропате на нечија врата да позајмите некаква алатка за приготвување храна или за работа в поле, за носење сирење, урда или черешни на пазар. Сакал-неќел домаќинот морал да научи самиот да ги направи, или да плати кај некој од селото што веќе знаел добро да ги изработува. Но, времињата биле тешки, пари - се немало, па, кај да е, ќе најдел начин да се распраша, кое дрво е добро за да направи тарун за сучење пити, или - откако веќе стекнал некакво искуство, да научи кое дрво е најдобро за да направи штички за бутин, за да можат со своја алатка да го бијат млекото, да си прават матеница и путер.

Пред очи ни доаѓа Митрејца, седната покрај огништето, уште од зори, покрај ноќвите, каде што ја донесоа кога првпат влезе во куќата, дента кога се мажеше. Како вчера да застанаа пред куќи сватовите со карта со ракија в раце, накитена со босилок и мартинки, за да ги подлажат злите духови, дојдени да ја побараат од татко и’. Бидна и тоа. Ете ја, седи покрај ноќвите, со магерката црпе од брашното, а со лејката додава вода. Здогледувајќи го колбето отспротива, се присети дека мора да побрза, да ја намолзи кравата. Воздивнувајќи по којзнае којпат се прашува дали некогаш ќе си најде оддишка, дали некогаш ќе може да здивне од се што треба да се сработи од петли до мрак. Лесно му е на Митрета, си вели, ќе ја крене матарката со ракија, ќе офне, ќе му олесни. Знае да претера, но, пак знае да се нажали кога ќе и’ текне дека и тој, пустиот, е намачен. Шиникот со брашно не се полни самиот - треба да се порасне пченицата, а дури да ја пораснеш, само Господ знае колку мака и пот ќе видиш, колку пати треба да ставиш леб во торбето и сирење во склопките, колку пати треба сонцето да го дочекаш в лозје додека да ги наполниш кошовите со грозје, бочвите со вино.

Би можеле вака да зајдеме до тука и назад. Колку повеќе ги замислуваме животните ситуации што во себе ги кријат изложените предмети, толку повеќе сфаќаме дека изложбата не’ натера да се сетиме на многу предмети што сме ги гледале во селата што сме ги посетиле, во националните ресторани или одвреме-навреме на пазарите каде што се’ уште се продаваат. Но, да е само смрзнатиот живот!? Разгледајте го каталогот и - ќе видите уште една работа што ќе ве одведе во кавгаџилак. Прочитајте со колку различни имиња може да се нарече секој поединечен предмет од групите што се претставени во витрините и - ќе ви стане јасно. Како да останете рамнодушни и да не се разлутите кога некој ќе се обиде да ве убеди дека: јазикот ни е сиромашен. Навистина, немаме збор за со кој соодветно ќе го преведеме англискиот збор serendipity, но, видете со колкаво богатство од зборови можете да ја наречете двената округла плоча за месење: тарун, таруњ, танур, крак, крг, бљуд, штица за месење.. или, со колку имиња можете да ги наречете големите лажици за црпење: магерки, мешалки, боровалки, црпалки или маџунки.


Не е случајно што се сетивме на потомците на Ескимите од Арктикот и гневот што неминовно ќе го почувствуваат кога ќе го преслушаат животот на нивните предци овековечен во албумот на Резидентс. Разговорот со авторката на изложбата, етнолог-кустос Милка Крстевска, го завршивме со поразителното сознание дека сево ова би можело да заврши како ескимските кавалчиња од заб од морж. Македонија оди кон Европа, го воведува системот ХАСАП, според кој дрвените предмети веќе се, или, кај да е, ќе бидат забранети за употреба.


Tuesday, April 14, 2009

Чинарот


Фото: Андон Давчев
За биолозите, тоа е стариот охридски platanus orientalis.. За охриѓани - Чинарон! - место каде што поминале и поминуваат голем дел од животот, дрво што има да ви раскаже 1.100 години историја

Охридскиот чинар. Дрво за кое нема конвенционален опис. Обидувајќи се да го најдеме, пред одчи ни доаѓа учителката од прво до четврто, велејќи дека тоа дрво е толку големо, што би требало сите деца од одделението да се фатиме за раце околу него за да го опколиме. И, навистина. Уште од деца сме го доживувале како нешто нереално. Како е можно да постои толку големо дрво!? И, како е можно нешто на светов толку долго да живее? Случајно или не, на него сетивме деновиве, токму кога кога илјадници луѓе се инфицирани од најновата апликација на социјалната мрежа Фејсбук, посветено трагајќи по предците, исцртувајќи ги семејните стебла. Трагајќи по своето, поразено сфативме, дека има некој, што би можел многу да ни помогне - само уште да може да зборува!

БИРОКРАТИЈАТА Е НАЈШТЕТНА

Владо Бојаџи
(Фото: Андон Давчев)
Стигнуваме во Охрид и го бараме Владо Бојаџи, шумарски инженер во пензија, основач на Националиот парк Галичица, кого ни го посочија како човек што би можел да ни раскаже интересни работи за чинарот.

"Не чудете се што вчера, во телефонскиот разговор, ви реков дека ми е смачено да зборувам за чинарот. Многу пати ме повикувале да учествувам во разни комисии за заштита на чинарот, сме предлагале конкретни мерки за заштита, но секогаш бирократијата беше посилна од идеите и желбата да се спаси дрвото. Станува збор за многу значаен споменик на природата, заштитен со закон во 1967 година, околу кој се случувале важни историски настани и кој има значајно место во животот на охриѓани. Има разни претпоставки за староста на дрвото, но таа не може да се измери според стандардните методи, зашто дрвото е распукано и не можат да се извадат чивии за да се избројат годовите. Според преданијата и според дебелината на стеблото, се претпоставува дека дрвото било засадено пред околу 1.100 години. Инаку, станува збор за дрво од родот platanus orientalis, кое бара влажна подлога, што го прави Охрид идеално место за развој на дрвјата од овој вид", ни раскажа Бојаџи.

СРЕДИШТЕ НА ГРАДОТ

Славко Упевче
(Фото: Андон Давчев)
На заминување го побаравме Славко Упевче, академски сликар, ликовен хроничар на градот, кој го овековечил чинарот во разни периоди од неговото постоење, на кои бил сведок, или ги реконструирал анализирајќи стари фотографии. Не може да се сети колку пати го насликал во 40-те години сликарска кариера. Го запрашавме што е тоа што толку често го привлекува да се навраќа на чинарот како инспирација?

"Чинарот е симбол на градот. Од таму се почнувало и таму се завршувало. Таму почнувал и таму завршувал животот. Ги испраќал умрените пред да ги однесат во црква и бил местото каде што се објавувало умирањето, каде што се закачуваа некролозите. Според легендите, Чинарот го засадил Свети Климент - Охридски. Чинарот бил стожер на градот Охрид. Се што се случувало, се случувало во тој дел, околу чинарот. Градот тогаш бил мал - оваа улица од чинарот до пристаништето. Тука се собирале луѓето што бараат работа и луѓето што барале работници - за што и да требало - за копање лозје, за орање нива, за малтерисување, за ѕидање - најчестата реченица била: Ќе се најме кај чинарот! Во времето на Отоманската империја, под неговите сенки се родила кафеаната Теферич, овековечена во една слика на Лазар Личеноски. Го сликале многумина - Вангел Коџоман, Јоне Симонче, Вангел Наумоски. Григор Прличев го споменува во автобиографијата како место каде што како дете продавал црници за да заработи пари. Чинарот бил стожер на градот, од кој се почнувало и се завршувало, место каде што се случувале сите големи историски настани во градот!", ни раскажа Упевче додека седевме во неговата галерија, на стотина-двесте метри од старото дрво.

ЛАД ЗА ДУШАТА

Чинарот. Фотографија од 1935 г.
Бевме љубопитни за чинарот во меморијата на пријателите охриѓани од помладата генерација. Се вклучуваме на скајп и го бараме Јане Секуловски, охриѓанец, кој десетина години работи како менаџер на финансиски ризици во Софија.

"Охрид има неколку чинари. Претпоставувам, во минатото сите биле места околу кои луѓето се собирале и разговарале. Денес, едниот од нив, најголемиот, е споменик, а, другите два се автобуски постојки. Што да кажам? За мене чинарот е симбол на историја, трајност, постојаност, вера и дух. Замислете колку луѓе и истории поминале! Иделе нови и нови, седеле и си зборувале, а тој си слушал и си стареел. Помисли само што се знае тој чинар! Колку ли филмови ќе ви се свртат во главата!?", ни рече Јане.

Го замоливме да ни раскаже некои од времето кога бил мал. Како изгледал тогаш чинарот, имал ли некаков специјален однос спрема големото дрво?

Чинарот. Славко Упевче.
"Местото си беше истото и кога бев мал. Тоа беше главното собиралиште. Беше сосем природно да се рече: Ало, кај ќе се видиме после? - Кај Чинарон!. А таму, денски си седеа пензионери, под сенка, си го минуваа времето во разговори, играа табла и шах. Секогаш ми бил како трн во око, - не можеш да не го забележиш. Како деца, секогаш кога ќе се изморевме од возење велосипеди, застанувавме покрај чинарите, посебно кај тој в центар, да се одмориме, да се напиеме вода. Гледано од дистанца, сфаќам дека чинарот секогаш имал дејство на магнет - те привлекува да застанеш малку до него, да седнеш, да се одмориш, демек - и тој да те види од близу што чоек си. Кога е млад, човек и не размислува многу за таквите ретки, убави работи околу него. Охрид има многу убавини - Чинарот е една од нив. Но, тоа го сфаќам дури сега, кога не сум близу", ни раскажа Јане, кого го најдовме сред работа, додека подготвуваше полиса за меѓународен трансфер на неколку десетици милиони евра.

РОБОКАП

„Чинарон ни е ко Робокап“,
Александар Колов
Меѓу присутните охриѓани на месинџерот го најдовме и Александар Колов, охриѓанец, кој работи како веб-дизајнер во Скопје.

Уште првите неколку реченици најавија динамичен разговор. Го запрашавме што му паѓа прво на памет кога ќе помисли на Чинарот и добивме одговор на кој не можевме а да не реплицираме веднаш со реченица што завршува со чуденка.

"Робокап!?"

"Да", ни одговори, "Знаеш зошто? Пред неколку години му ставија заштита да не трули од внатре. Како заштита му ставија пур-пена и некаков материјал што се користи за правење покриви и, сега личи на Робокап, па така го завикавме во Охрид: Чинарон ни е ко Робокап", ни објасни Александар, спонтано, во неколку реда, опишувајќи ни како реагираат помладите охриѓани на изгледот на чинарот по 2002 година.

"Не сум охриѓанец кој поминувал многу време кај чинарот, но, речиси е невозможно на лето, кога е топло, да се најдеш во чаршија, а да не појдеш да се напиеш вода од чешмичката кај чинарот. Таа фонтана е таму од кога паметам за себе. Имам впечаток дека местото сега е поживо споредено со порано. Минатото лето таму седев со ќерка ми и се зачудив колку многу луѓе се одмараа таму", ни рече Александар, присетувајќи се на незаборавниот помфрит што се продавал наспроти чинарот, кај влезот на пазарот, помфритот поради кој често ги терал родителите да одат кај чинарот.

„Повеќе не ми е предизвик како некоаш. По
последната конзервација, чинарот е како
господин облечен во костум“, Славко Упевче.
Повторно сме таму, кај дрвото. Со нас повторно е сликарот Упевче, од кого побаравме да ни да ни ги опише некогашните размери на дрвото, пред големите оштетувања од 1981 и 2002 година. Ни кажа дека многу малку останало од некогашниот чинар, чии гранки некогашните биле долги и по 20 метри.

"Чинарот повеќе не е за мене предизвик за сликање како што беше некогаш. По последната конзервација, чинарот е како господин облечен во костум. Ќе беше многу поубаво заштитните материјали да се покријат со вештачка кора и чинарот да добие изглед што ќе му прилега на неговото достоинство и ќе изгледа природно. Ова сега е мешање на илјада годишна старост и современи градежни материјали", ни рече Упевче коментирајќи го со огорченост денешниот изглед на дрвото.

Заминуваме накај Скопје со полн бележник податоци и полна глава впечатоци за средување. Во една од белешките, ги наоѓаме стиховите на македонскиот поет и литературен критичар Душко Наневски, од песната Легенда за чинарот, кои ни се видоа најзгодни да ја опишеме големината на чинарот во колективната меморија на Охрид и на Македонија. Гледајќи го чинарот, се гледаме себеси - неговите гранки, се гранки на нашето потекло.

"Ако му пресечеш жила - си убил татко. Ако му откинеш лист - си убил дете. Душите на мртвите го хранат тоа свето дрво и вразите на мојот народ од него се плашат".