![]() |
| Ван Гог, 2010 г. |
Еден ден низ маало се појави Сецко. Веќе многу луѓе го знаеја како еден од поинтересните гитаристи на скопскиот андерграунд, јадрото на “Ласт Експедишн“, бендот од наше маало. Рече: “Што правиш? Како си? Ај да те носам на едно место, во 'Ван Гог'“. Лесно беше да те кандиса некој што бил гласник на прогресивното, на андерграундот, маалски батко кој секогаш знаел да нафрли некоја интересна музика, некако природно прифатен како “повозрасен брат“ во миговите додека братот служеше војска во ЈНА. Есен, 1989. Отидовме на местото за кое веќе се зборуваше по градот, за кое зборуваа луѓето со кои се среќававме на повремените концерти во Дом на млади “25 Мај“, денешно МКЦ. Се случи љубов на прв поглед. Отидовме во место од кое ќе биде тешко да се разделите, со години, се' додека таму владееше филмот што тогаш го видовме. Го откривме местото каде што ќе го поминеме историски времиња - крајот на Југославија и почетоците на самостојна Македонија - временски ориентир за илјадници млади од тогашно Скопје. Местото каде што ги поминавме ноќите кога се броеја гласовите од референдумот; кога ЈНА собираше наши врсници за на фронт во Хрватска; вечерите кога вриеше од девојки зашто, машките се криеја од воената полиција на ЈНА. Немаше човек што свири, собира музика и открива нови музикки, слика, пишува, ваја, глуми.. што гравитира кон андерграунд уметност, а да не излегува пред “Ван Гог“, во “Ван Гог“, на ѕитчето спроти “Ван Гог“.
| Иво Блузмен |
![]() |
| Ван Гог, раните 1990-ти. Фото: Приватна архива на Билјана Стефановска. |
![]() |
| „Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“, Богомил Ѓузел - Сергеј Андреевски |
![]() |
| Тасе - Ван Гог |
Барајќи го начинот како да направи место што ќе биде различно од тогашните места за излегување, сепак, не можел да отиде далеку од неговата страст кон сликарството. Решил токму такво да биде и местото што ќе го отвори. Со првите пари што ќе ги заработи решава да купи слики - сликите што и ден денес се изложени во “Ван Гог“, дела на Глигор Чемерски, Петар Мазев, Никола Мартиноски и Сергеј Андреевски.
“'Ван Гог' беше некако најкул место од местата во кои излегувавме. Се собираа неконвенционални луѓе, меѓу нив едно чудо авангарни селебрити ликови. Имаше константна публика. Во тие години на поп музика 'Ван Гог' беше најалтернативното место во Скопје. Затоа беше поинакво. За нас беше точка на собирање. Порано оделе на корзо, ние одевме во 'Ван Гог'. Секој ден беше убав: друштво, муабети, пиво, цигари, заебанции. Локалот беше мал, па луѓе стоеа и надвор, околу кафичот. Мене, лично, посебно ми беше убаво ѕитчето преку улица, спроти влезот на 'Гог'. Е, таму, на ѕитчето, најмногу се смеевме и се глупиравме“, се сеќава Сани Шалом, девојка што ја запознавме во “Ван Гог“, денес државен службеник во Тел Авив.
Златните времиња на “Ван Гог“ уредно се архивирани во приватната архива Билјана Стефановска, уште една девојка што секојдневно ја гледавме таму, денес архитект во Франкфурт на Мајна, Германија.
![]() |
| Билјана Стефановска |
![]() |
| Коста - Ван Гог |
Но, било како било. “Ван Гог“ в година ќе слави 25 години од основањето. Кафулето денес го води Коста, човекот што долго време работеше во “Ван Гог“. Гледајќи го тоа што го работи, се чувствувате охрабрени. Неговиот филм е поинаков, но, знае да ја негува традицијата. Се гледаме в година? На роденден?
Текст: Васко Марковски
Фотографии: Ивана Кузмановска, Васко Марковски, приватна архива на Билјана Стефановска, Ноќен клуб „Ван Гог“







No comments:
Post a Comment