Tuesday, November 01, 2011

Владимир Муратовски - Диво


Владимир Муратовски - Диво, жива енциклопедија
на скопската супкултура (Фото: Андреј Гиновски)
Може ли да се замисли концерт или место на кое што се собира македонскиот андерграунд без Влатче Диво, без тој препознатлив детаљ на македонската супкулутра? Веќе 25 години, тоа е незамисливо


Еден ден се појави пред „Пастри“, бутката за пирошки спроти гимназија „Георги Димитров“, ликот со очила со дебели стакла, што веќе ни беше познат од неколкуте концерти што како млади средношколци веќе ги бевме гледале во Дом на млади „25 Мај“, првите наши концерти. Додека му одбројуваа минутите од големиот одмор, меѓу луѓето што чекаа ред за пирошка препозна познаник од по концерти. Ни почна муабет како веќе да се познаваме - спонтано и срдечно, какви што ќе бидат, во децениите што ќе се редат, сите средби со луѓето што ги среќавал по концерти, по местата каде што се собирале скопските љубители на супкултурата. Веќе неколку недели подоцна, по средбата пред „Пастри“, разбравме: се вика Владимир Муратовски, знае многу за музика, собира плочи-касети, го викаат Диво, според бендот, „Диво“ (Ди-еволушн).

Набргу беше наше секојдневие, каде и да не' однесе денот. Од местата каде што излегувавме, до редовните средби во ноќна „двојка“. Ќе те види уште од влегување во автобус, ќе ти подвикне да ти каже дека те забележал или да го забележиш, радувајќи се на приликата да помуабети за плочите од кесата, кои предмалку си ги прибрал од некаде, дадени некому да ги пресними или разменети за нешто што дотогаш го немал - да си ги пресними.

Музиката ја засакал уште од дете, како син на диригент и балерина, Фимчо и Олга Муратовски, а за да се сврти накај рокенролот, пресудни биле три настани: денот кога неговиот, постар брат му донел плоча од „Дорс“, роденденот на Игор Кочовски - Кочо од групата „Десет Божји заповеди“, каде што вниманието му го привлекла една необична песна - 'God save The Queen' од Sex Pistols; и култниот концерт на „Падот на Византија“, од кој е снимен тонскиот запис со кој израснаа генерации следбеници на македонскиот андерграунд.

Муабетот со него секогаш е интересен, за што може да посведочи секој што од срце го прифатил, премостувајќи го привидот на дека комуникацијата со него е компликувана - судејќи според интензитетот на желбата одеднаш да каже се' што го инспирирало од вашата последна средба; или, паѓајќи во стапицата да се почувствува надмоќен, користејќи ја неговата слабост да биде добар со секого, поради што многумина од нас се обидуваа да го заплашуваат со разноразни младешки глупости, хранејќи ја на тој начин сопствената суета. Но, зрелоста, како што вели, си го прави своето. Денес, откако потпораснавме и откако со зрелоста почнаа да ни се подотвораат 'чакрите', со сите кои на некој начин му погрешиле или му направиле , е добар пријател и секому, доследен на сопсвената христијанска етика, му простил и му простува.

Седиме на договореното место и ги разгледуваме нештата што ги подготвивл во неговата 'редовна придружничка', кесата со интересни работи.. плочи.. книги.. беџови.. Ги разгледуваме беџовите, ги набројуваме хероите.. кој е кој.. со што станал значаен за историјата на музиката.. го одвоил панкот од панк-рокот.. фанзините „Одисеја 1“ и „Одисеја 2“ што некогаш ги објавил, сакајќи да сподели дел од своите идеи и творби со луѓето со кои дели слични интереси.. збирката поезија „Животна монотонија“ (2001).. цедето со музиките од проектот „Електрокултура“ (1991) - негови композиции, текстови и аранжмани, снимени заедно со долгогодишниот пријател Зоран Трпков, фронтменот на групата „Рок Агресори“.

Правиме ретроспектива и сфаќаме дека денес, дваесетина години подоцна, не можеме да зборуваме за историјата на македонскиот рокенрол, за редот по кој сме ги откривале музиките што ни станале значајни, за местата на кои сме се дружеле со љубителите на панкот, даркот, уметноста, идеологиите на нашите генерации, а да не се сетиме на него, на Диво.

Зоран Трпков (Рок Агресори):
„Понекогаш му велам, 'ти треба да
работиш во културен информатор'.
Знае за сите концерти уште
пред да објават весниците“
За Зоран Трпков (Рок Агресори), Влатче е „културен информатор“, човек со големо знаење за музиката, чии композиции, во некоја друга средина, би можеле да бидат добро продавани хитови. Еден од неговите најголеми потенцијали, според Агресорот, е радиоводителството, како што покажал со неговите долгогодишни емисии на Студентско радио.

„Има неколку песни што се навистина добри. Да е во некоја друга средина, со добар менаџмент, би можеле да поминат како големи хитови од некои од тие песни. Лесно се забележува дека знае што е мелодија, дека има добар слух. И покрај тоа што не му се допаѓа како му звучи гласот на радио.. одличен радио водител - стара школа.. ќе каже тоа што е потребно да се каже за музиката што ја пушта и - не те оптоварува со приватните ставови за музиката, со работи од неговиот приватен живот. Понекогаш му велам, 'ти треба да работиш во културен информатор, на телефонска линија'. Знае за сите концерти што треба да се случат наскоро уште пред да објават весниците“, вели Агресорот.

Драго Бурсаќ - Пони/Браво
Излегувањето во кафулињата, клубовите, местата каде што се собира скопскиот андерграунд, за многу луѓе од различни генерации, би било нецелосно без редовниот детаљ Влатче Муратовски - Диво. За Драго Бурсаќ, кој заедно со брат му, Миле Бурсаќ, на Скопје му ги дадоа култните места „Пони“ и „Браво“, Диво е нитка што ги поврзува генерациите љубители на музиката во градот.

„Сега има интернет, сега е подруго. Но, пред тоа, Влатче беше медиум којшто помагаше информациите за музиката да допрат до секој што е љубопитен да дознае повеќе за бендовите што сака да ги следи. Се знаеме уште од основно училиште. На почетокот го интересираа панкот и пост панкот, но низ годините стана отворен за сите музички правци и многу добро ги познава. Интересно е што кај сите бендови, најмногу ги цени првите два-три албума. Сум читал негови кратки раскази, поезија - ми се допаѓа тоа што го прави. Тука е редовно, комуницира со сите и сите го почитуваат. Еден куп луѓе дигнаа раце од рокенролот - жена, деца.. Влатче остана доследен“, ни рече Драго.

Давид Ангелевски - Пиколомини: „Без Диво,
Скопје би бил уште едне град без ангели“
За Давид Ангелевски - Пиколомини, музичар и човек од тимот на радиото „Канал 103“, Диво е панк џентлмен кој е тука да не' потсети дека само светот на музиката е оној ‘вистинскиот'. Приказната ја завршуваме со него.

„Влатче Муратовски - Диво е еден од најавтентичните ликови на скопската супкултурна сцена и своевидна икона на рокенрол културата на овој град. Удобно сместен во личниот универзум изграден од стиховите на Боб Дилан, крикот на Џони Ротен и во боите на мејкапот на Сузи Сју, овој панк џентлмен е тука да не' потсети дека само светот на музиката е оној ‘вистинскиот’. Непоправлив романтик во душа, утопист, патник со кеса во рака полна со плочи, анархистичка литература и по некоја слика од своите големи љубови. Секогаш е спремен да ви каже дека 'The Sound' се ‘бољи’ од 'Joy Division',  дека 'Шарло Акробата' се врв на новиот бран и дека никој не е подобар од, се разбира 'Devo'. По пат ќе ве потсети дека борбата за социјална правда и еднаквост меѓу луѓето е најисправната од сите борби и дека моќта на крајот мора да му биде вратена на народот. И секогаш е во право. Исто како и неговиот албум 'Електрокултура', со години најдобро чуваната тајна на македонската музичка сцена, кој по инсистирање на некои мои колеги од 'Стотројка' успеавме да го извлечеме од интимниот простор на Диво и да го испратиме на права адреса, до срцето на градот кој без Влатче Муратовски – Диво би бил уште еден град без ангели“.


No comments: