Thursday, November 10, 2011

Ружниот

(Фото: приватна архива на Rocka Dark)
За Скопје беше тоа што за Лондон и за лондончаните беше Сид Више'с, панк иконата од „Секс Пистолс“. Икона на едно време и драг човек со насмевка која и денес бдее над градот, десет години по денот кога замина

Првпат од толку блиску видов панкер, и, за среќа, не беше некој насилен тип, како што обично ги биеше глас - дента, во ГТЦ, додека се соземав од шокантната неочекувана слика дека брат ми почнал да пуши (нишка „Дрина“ - „Оригинал“). Другар му Роберт, батко што родителите би го нарекле „пристојно дете“, тивко му рече: „Еве ти го Ружниот.“. Уште едно изненадување! - брат ми се дружи со панкери, тие, збеснатите типови, какви што гледавме во Струга, на кејот, за време на летото.. Но, било к'смет првиот панкер што лично ќе го запознаам да биде тој, Ружниот, најдобродушниот меѓу скопските панкери, како што сумираат разумот и сеќавањето денес, триесетина години подоцна.

Rocka Dark
Многумина ни беа рекле дека е ред да напишеме една епизода за Ружни во „Урбани легенди“, но, чекавме да ни се најде каква-таква илустрација. Деновиве се појави, на профилот на еден Фејсбук-пријател, Rocka Dark. Се согласи да ни ја отстапи и - клопчето почна да се одмотува.

„Бевме другари одамна. Прав другар! Никогаш не би те оставил на цедило! Доаѓаше кај мене често, на спиење. Кога и да ни стигнеше нова музика - ја преслушувавме заедно. Пиевме, праевме бељи, но памтам дека стално ми викаше да не си играм со ѓаволот - хероинот. Добро што го послушав да не пробам“, ни рече Рока, велејќи „Пиши ме така, Рока. Ако пишеш 'Златко', нема да знат за кој збориш“.

Горан Тешки, кого го запознавме подоцна, кога веќе го беше далеку од собирањето на Коцка со панкерите, бил еден од првите панкери во Скопје - од дружината на Картер, Шмутко, Петелот, Жила.. и Ружни. Се запознавле во 1980, во култната флиперница 'Скопје', (Порта Буњаковец).

Горан Тешки
(Фото: Ивана Кузмановска)
„Ружниот беше човек - чиста душа. Луѓето или го мразеа или го сакаа, средина не постоеше. Ако некој го мразел, го мразел зашто го мразел панкот. Како личност - кој го знаеше, не можеше да не го сака. Беше човек со чиста душа и - си остана таков. Времињата беа такви, бевме бележани. Ќе ставиш една обетка, безопасна - и, веќе си обележан: 'црна овца'. Ружниот не знаеше зло да ти направи. Неговиот револт не беше кон поедини луѓе, беше кон се': што се родил на ова место во тоа време - ние сакавме да сме некаде во Лондон, во Амстердам. Неговиот, нашиот начин на искажување на тој револт беше тотална асоцијалност кон масите. Не можам да издвојам убави моменти што сум ги поминал со него. Сите моменти поминати со Ружниот - беа убави. И, ич не си го сакаше името: Добривој. Сакаше да го викаме 'Ружни' и, понекогаш ни се случуваа и смешки, ќе дојде некој на Коцка и ќе ми рече: Кај си бе, Ружни?“, се сеќава Тешки.

Личната приказна на Ружни, речиси сите, ја знаевме без почетокот. Знаевме дека е дете од дом, без родители. Повеќе не прашувавме. Знаеја само тие што му беа поблиски. Еден од нив е Кире Бунгуров, неразделен пријател од времето на првата панк генерација.

Кире Бунгуров, a.k.a. Чира Језиви
(Фото: Ивана Кузмановска)
„Дел од луѓето што не го знаеја по панкерска линија, кога ќе го сретнеа, го викаа: Добри. Беше Добри, и навистина беше добар. Но, пред се' сакаше да го викаме 'Фил'. Се сеќавам дека долу, во вецето на МКЦ, на сто места беше потпишан како 'Phill', по името на 'бубњарот' на 'Моторхед'. Го запознав во 1982 и интензивно се дружевме докај 1986-та.  Кога мислам на него, ми текнува на неговите брчки. Секоја година што ја проживеал во животот беше една брчка на неговото лице. Воопшто немаше нормален живот, а сепак го живееше. Беше дете од дом, имаше мајка, очув, но ретко одеше кај нив. Откако излезе од дом, зема соба под кирија, блиску до мене. Ќе заѕвонеше на врата рано наутро, ќе јадевме и   излегувавме надвор. Ќе испревртевме се' што има по град - од Коцка, до МКЦ, до 'Лондон' кај Картер - се' што можеше да има од концерти, од изложби.. Беше многу инвентивен. Сите ние имавме дом - тој немаше. Сите имавме дом, фрижидер, татко и мајка, каде да преспиеш, да се опоравиш - Ружниот тоа го немаше. Имаше една изнајмена соба во еден подрум, кај Католичка црква - имаше само еден кревет, сијалица и едно моно касетофонче на кое пушташе музика. Живееше многу тежок живот, а го живееше. Сите ние се обидувавме некако да се снајдеме, за да го следиме тогашниот тренд на панк облекување - Фил беше многу инвентивен, затоа што немаше никакви приходи, немаше кој да го издржува, а секогаш имаше дел од таа гардероба. Му ја поклонуваа, ја бареше и му ја даваа и, знаеше да ја направи да изгледа токму како што требаше да изгледа. Ќе најдеше некои високи чевли - ќе им ги сменеше врвките, ќе ставеше некаков печат на оригиналност. Инвентивен беше и во наоѓање музика - секогаш беше пред другите. И на тоа ставаше свој печат - едно време по Скопје имаше многу касети со етикета 'Фрли-вади Ои рекордс', преснимувани од него“, се сеќава Кире, некогашниот панкер со прекар Чира Језиви.

За Дејан Штрк, еден од првенците на втората панк генерација, Ружниот бил еден и единствен, неповторлив.

Дејан Штрк
„На Коцка се појавува многу фаци и си одеа - он беше таму стандардно. Коцката и Ружни беа еден ист поим. Он беше 'Ружни' - значи, попанкерско име и попанкерска фаца не постоеше. Он не беше познат само во Македонија, туку беше познат и признат како панкер и општо, низ цела Југославија. Бев многу малечок кога видов првпат панкер - тоа беше Ружни! Во 'Скопје', флиперницата, се појави дечко, со 'четка' на главата и ми даде пари да му купиме паштета и леб од 'ЗЕМ-Промет'. Бев воодушевен од него - од изгледот, од 'понашањето'. Он немаше пари - утредента нема кај да спие и нема што да јаде - а беше подготвен се' што има, да го потроши со пријателите, но, имаше гордост, не примаше милостиња. Меѓу панкерите беше апсолутно авторитетен. Имаше големо срце, беше многу храбар, достоинствен и горд. Имаше најпанкерско име и голема душа. Ми недостасува мене, но, му недостасува и на градот“, ни рече Штркот.

Размислувајќи за харизмата на Ружни, низ мислите проблеснува едно старо интимно доживување, кое понекогаш го споделувавме со пријателите: тоа што за Лондон и за лондончаните беше Сид Виш'с, за Скопје беше Ружни. До него секогаш беше неговата 'Ненси' - Ани, девојката со која поминаа 15 години заедно, со која беа заедно до последниот ден, најтешкиот, 11 мај 2001.

„Имаше стабилно мислење, беше добар за да ти даде совет, беше секое време со некоја надприродна интелигенција - никогаш не беше празен, да кажеш - сега ќе замолчи. Ако сакаш со некого да направиш добар разговор, тоа беше Ружни. Беше прилично тивок. Многумина мислеа дека е глув, се' додека не отвори уста. Кога ќе го отвори срцето - тоа беше отварање космоси, секаде те води. Ми ја отвори Холандија - што никогаш не сум била таму, не бил ни он - ја видов пред себе. И ден денес ми фали неговиот разговор. Уште кога бил во дом, на четири годинки лазел - тоа било неговото прво бекство - се симнал од комбето што го носело во дом. На четири години почнал сам да чита - самоук. Во второ одделение знаел латиница, го носеле низ школото да чита кај големите - го викале министер, очекувале многу од него. Но, дом како дом - паѓаш и во лоши стапици - таму открил халуциногени таблети, што тогаш биле дозволени во Југославија..“, слушаме од Ани за патот кој станува се' потежок и потежок за да го искаже. Завршуваме нагло, со последната слика, кога веќе изнамачен од туберкулозата, животот, пороците.. го видела седат на столче и ја кажува последната молитва.

„Таа сцена нема никогаш да ја заборавам. Цело време е тука со мене. Викаше: 'Кога ќе умрам, само ти ќе се сеќаваш на мене'. Сега, со ова, сигурно се радува“.

Молчиме. Почивај во мир. „Wish you were here“, Добри.

No comments: