Штом веќе се бараат предлози, го предлагам ова име за раскрсницата кај МЦМ, зашто може да ви помине животот чекајќи да се вклучи зелено за пешаци.
Васко МАРКОВСКИ
Бидејќи многумина од вас го поддржаа предлогот за уривање на кинескиот ѕид од Бит-пазар, овојпат решив да ви предложам уште нешто. Сигурно сте забележале дека деновиве е повторно актуелна темата за преименување на улиците во Скопје и дека некои општини веќе ги доставија своите предлози до градската комисија, која решава за преименувањето.
Досега имав можност детално да ги разгледам само предлозите на општина Чаир и да ја чујам генералната насока на предлозите што ги подготвува општина Кисела Вода и, искрено да кажам, мислам дека градов заслужува поголема инвентивност.
Не сум историчар и не сум доволно упатен во историското значење на личностите и настаните што се предложени, а не сум ни премногу упатен во значење на личностите и настаните што треба да им ги отстапат сино-белите табли на новите.
Можеби проблемот е во мене, но не можам да избегам од впечатокот дека многу се занимаваме со битки, војни, војсководци и со ослободителни процеси. Кисела Вода ги предлага имињата на загинатите бранители од 2001, а Чаир предлага членови на ОНА и на ОВК на местото на борците од НОБ.
Немаме ли нешто да си кажеме за убавините на животот што го живееме, па по нив да ги наречеме и улиците, за првото што ќе го видиме наутро, да ни вбризга ведрина во денот. Не верувам дека децата што се родиле денес ќе имаат некакви чувства за настаните и за личностите што биле локални херои пред стотина години. Нека не ме разберат погрешно живите херои, без оглед за што војувале, но погледнете ја Земјата од сателитска снимка и кажете дали не сме заглавени во „тесен круг“, а поим немаме за „толкав универзум“.
Кога сме кај универзумот, најмногу ми се допадна предлогот за ново име на улицата Васил Аџеларски, иако не се согласувам токму скопскиот војвода од Илинденското востание да остане без улица. Новиот предлог е Вилијам Грегори, за кого во образложението пишува „американски астронаут од албанско потекло“.
Јас предлагам раскрсницата на улица Илинденска кај МЦМ да се нарече плоштад „Вечно црвено“, зашто може да ви помине животот чекајќи да се вклучи зелено за пешаци.
Се надевам ќе ме поддржите.
Кешке да е така!
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=207&ArticleID=9704
Ќе може ли денес некој да го фотографира, на пример, Бит-пазар со само еден автомобил и едно камионче во кадарот, без ретуширање и без фотошоп.
Васко МАРКОВСКИ
Размислувам да распишам конкурс за наградна игра, но уште на почетокот да ви кажам да не очекувате некоја голема награда. Максимум што можам да дадам е доручек во некоја бурекчилница на Бит-пазар или некаков сендвич, на пример, донер во Стара чаршија.
Разгледував стари фотографии од Скопје и видов фотографија што ме остави стаписан. Некој успеал да го улови Бит-пазар, според сенките околу 9 часот наутро, и во кадарот има неколку тезгиња, неколку луѓе и се’ на се’ еден автомобил и едно камионче „ТАМ“ на главната улица. Ништо повеќе. Можам да си замислам дека во моментот на фотографирањето можеле да се слушнат првите удари на чеканчињата на занаетчиите во чаршијата, следните возила што ќе дојдат од кај Јаја-паша или од кај Судска палата и гракањето на некоја птица, која тек-тук ќе прелета.
На ум ми падна еден текст што го прочитав деновиве, во кој демографите предвидуваат дека до 2020 година вкупниот број жители во Македонија ќе се намали за околу 300.000, колку една половина од вкупното население на Скопје денес, а истовремено, во друг текст, прочитав дека во неколку општини во Скопје ќе се градат нови населби, на места за кои никогаш не сме помислувале дека некогаш ќе бидат населени. Зајчев рид, „задните“ падини на Водно...
Некако не можам да замислам по кои улици ќе одат на работа сите тие „нови“ луѓе, гледајќи денес колку ни се пренатрупани улиците и тротоарите со возила. Би можеле ли да замислите како ќе изгледа по 13 години раскрсницата кај Бит-пазар и колку возила ќе има таму во 9 часот наутро.
Му фрлам ракавица на јунакот што ќе успее да ја фотографира, а во кадарот да „улови“ само еден автомобил и едно камионче на коловозот. Ми личи невозможно, како да барам некој да ми донесе фотографија снимена во Њујорк вчера со кулите-близначки здрави и прави, без ретуширање и без обработка на фотошоп.
Не верувам дека тоа ќе може да го направи ниту еден фоторепортер, околу кого се плетат митови дека успеал да го улови плоштадот Македонија точно на пладне, без ниту еден човек во кадарот. Понудата важи и за него, ако треба за таков мајстор и ќе го подобриме наградното мени.
Не знам, но се’ ми се чини дека никогаш повеќе нема да ја видиме таа слика што ја овековечил незнајниот фотограф. Не верувам дека некогаш повторно ќе можеме да ги чуеме чеканчињата на занаетчиите или птиците, кои тек-тук прелетуваат над улицата.
Кешке да не е така!
Верувам дека не сум единствениот возач кому нервите му попуштаат додека вози по скопските улици и кој секојдневно бидува изненаден од напливот на возачка некултура, кој е толку силен, што секојдневно сме изненадени колку се прифаќаме од дозата сообраќајно насилство која секојдневно ни се сервира.
Сте поминале ли некогаш кај „новиот семафор“, во Маџир Маало, што го поставија кога го пуштија „новиот мост“ кој води од Маџир Маало кон Скопското сајмиште. Секојдневно минувам оттаму уште откако го пуштија и навистина бев изненаден од сообраќајното решение, што било избрано против „возачката логика“ на луѓето што патот ги води од улица Владимир Комаров во Острово кон новиот мост и Скопското сајмиште. И, оттогаш наваму, секојдневно има што да се види. Делот од улицата под колосеците на Железничката станица е организиран во две ленти од кои едната е за скршнување кон лево, а во другата ви е дозволено да одите само кон Маџир Маало, иако веднаш десно е мостот. Но, уште од првиот ден реткост, како рак во Вардар, е да најдете некој што не скршнува десно иако е забрането.Секојдневно, уште додека сте дома и се подготвувате за на работа, а потпетиците на некоја сосетка веќе одѕвонуваат по скалилата во 7 часот, таму веќе се наредила колона од возила што наумиле да прават прекршок. Но, тоа е веќе нивни избор и на вас останува дали ќе се придружите или ќе ја одберете „легалната алтернатива“, да скршнете по подолгиот пат. Но, кој да ве заштити од насилството што секојдневно ви се приредува ако сте одбрале оттаму да тргнете кон „легалните“ насоки. Обидете се да застанете во лентата за право, а да не сте наумиле да правите прекршок и да одите десно. Лично ќе можете да почувствувате што е сообраќајната агресивност. Нема полесно да поминете и во лентата за лево, затоа што таму ќе ве нападнат свирките на возачите што планирале да одат право, но сакајќи да ја избегнат агресијата, веќе по правило се престројуваат лево.
Донекаде во сево ова ве охрабруваат и плакатите што ве пречекуваат на деветте столбови од десно, кои ви велат: „Верувај во себе - имаш алтернатива“, „Да се остане човек“ или „Иднина наместо судбина“.
За да не помислите дека со колумнава сум станал кодош - се пријавувам да бидам првиот што ќе биде казнет. Прекршок правам секој работен ден, меѓу 7 и 9 наутро.
Да се надеваме дека еден ден сообраќајците ќе испратат „терминатор“ кој ќе извика: „Јас сум вашиот најголем кошмар“ и „I'll be back“.
Кешке да е така!
Никогаш не сум го видел скопскиот аквадукт, за кого толку сме слушале, почнувајќи од часовите по историја во основно училиште, до неколкуте стотини радио или ТВ-прилози на таа тема што сме ги слушнале или гледале, но подолго време ми тлее некоја возбуда, откако чув дека општина Бутел наумила од него да направи атрактивна туристичка дестинација.
Веднаш на ум ми падна дека не е така далеку ни 2008 година, кога, според многуте најави, треба да биде изграден и заобиколниот пат околу Скопје, не случајно, затоа што делницата што ќе ги поврзе Бутел и Топанско Поле со Ѓорче Петров, ако добро сум разбрал, ќе минува во близина на аквадуктот.
Ме возбуди тоа што, како што тргнале работите, се поблиску му приоѓаме на објектот, затоа што е докажано дека кај што има пат, таму има и луѓе и развој.
Мостот е долг 400 метри, а од некогашните 200 сводови денес се останати 55. Бил изграден за да го снабдува некогашно Скупи со вода за пиење од изворите на Скопска Црна Гора. Изѕидан е до камен и од тули, потпрени врз масивни столбови во форма на коцка. Некои велат дека бил изграден во 6 век, некои полемизираат дека е римска, рановизантиска и византиска градба, а единственото што е извесно е дека кон крајот на 15 век, војсководецот Мустафа-паша извршил реконструкција, за да може преку него да спроведе вода до Мустафапашината џамија.
Еден од моите професори во средно градежно училиште, колку што паметам, на некој час рече дека аквадуктот е последица на непознавање на физиката. Претпоставката му беше дека градителите на аквадуктот не знаеле за законитоста на „споените садови“, штом решиле наместо подземни цевководи да подигнат мост во долот меѓу две брда. Можеби претпоставката му е на место, но, сепак, ме држи скепса дека некој сепак сакал да ја почувствува славата на градителите, зашто кој може да го види тоа што е градено под земја?
Но, тоа нема да ми ја намали радоста и желбата еден ден и ние да имаме маало покрај аквадуктот, како истанбулското маало Фатих, во кое сонцето доаѓа во собите минувајќи низ сводовите на двокатниот аквадукт, кој го изградиле римјаните во 375 година. Или да стане наше секојдневие, макар и за да го опцуеме што токму покрај него ни се расипала колата. А и добра е идејата на општина Бутел, освен атракција за туристи, местото да го претвори во ново шеталиште за бутелчани.
Кешке да е така!
Бидејќи станало многу модерно да се предлага нешто некаде да се урива, решив еден предлог дададам и јас. Можеби ќе речете како може да биде благородно нешто да се урива, но, верувајте, ова е повеќе нешто како симнување тетоважа, направена во лудоста на младите години.
Неколку години не бев отишол пеш на Бит-пазар, а кога сум минувал оттаму обично сум бил зад воланот, сконцентриран да не ми излета човек пред автомобилот, та затоа не сум можел да погледнам лево-десно.
Неодамна отидов, чекајќи еден пријател да заврши работа во банка и останав стаписан кога подзастанав пред некогашен „Нов дом“ со погледот кон Султанмуратовата џамија. Не можев да поверувам дека во меѓувреме пред џамијата никнала „зградурина“.
Не верувам дека има некој што не ја знае грандиозната џамија до Саат-кулата, која ја изградил султанот Мурат Втори, дваесетина години по катастрофалниот земјотрес што го срамнил Скопје во 1555 година. Не можев да поверувам дека некој се дрзнал да изгради толкав „ѕвер“ и да го скрие хоризонтот кој влегол и во холандската гравура што денеска секојдневно ја гледаме низ прозорецот на стоденарката. Како можел некој да ни стави црн превез пред погледот кон Саат-кулата, што исто така ја изградил Мурат Втори, како прва Саат-кула на Османлиската држава, за која механизмот го порачале од Унгарија, заедно со мајстор што ќе живее во Скопје да се грижи за него.
Којзнае, можеби и тој што го изградил „ѕидот“ паднал во искушението низ кое минуваа младите „војничиња“ на ЈНА, кои ги тетовираа имињата на минливите љубови, заслепени од љубовта и немајќи што попаметно да направат со парите што им ги испраќале родителите. Знае ли тој за честа што ја имало Скопје да добие џамија од Мурат Втори, какви што добиле во истата деценија Едрене и Бурса, престолнините на Османлиската империја пред неговиот син султан Мехмет Освојувачот да го освои Истанбул?
Но, некој ја направил бељата, дали тој што го направил тоа или тој што му дозволил да изгради Кинески ѕид на Бит-пазар. Останува да не тешат стиховите на поетот Орхан Вели во неговите „Песни на асфалтот“, кој ја опеал радоста на шетањето на Истанбул, онаква каква што ја гледале обичните луѓе: „Колку е убав хоризонтот / што ќе го видиш / кога ќе ја урнат зградата над патот“.
Можеби повторно некој ќе рече дека е среќа што е весникот бесплатен, па не мора да плаќа за оваа колумна. Но, да се сетиме на Џон Ленон и да потсетиме на неговите зборови: „Можеби ќе речеш дека сум сонувач, но не сум единствениот. Се надевам дека еден ќе ни се придружиш и светот ќе се сплоти во едно“.
Кешке да е така! И кешке некој да се сети да ја вброи и таа зграда во списокот за уривање.
За што да ви пишувам денеска? Верувајте дека ова прашање ми создаде големи маки, ми го протресе умот и буден и на сон, пред се зашто предизвикот ми дојде одеднаш, дури и ненадејно. Требаше во 24 часа да решам дали ќе пишувам, да одговорам дека прифаќам и навреме да ја напишам првата колумна за да се отпечати во весников што ви е в раце.
Нема да ви раскажувам за породилните маки што ги имав со неа, затоа што веќе пред очи ми е жена ми, со весникот в раце, подготвена да каже, „Туф, туф, и ти си знаел што се породилни маки?“. Капитулирам.
Сепак, морам да ви признам дека задачата ми ги одзеде мирот и сонот и буден и додека површно спиев. Ме прошета низ полиците со книги, низ рафтовите со дискови, низ маалските улички и патеки и низ подрумот на мојата зграда, се некаде тргнат да најдам тема за денешната колумна. Таму некаде и ја најдов.
Пред месец, месец и половина еден сосед ми тутна в раце ќеса со зелена тетратка, коверт со некакви хартии, ташниче со печат, купче пари и две блокчиња хартија.
Сфатив зошто доаѓа, зашто не така одамна ми најави дека мене ми идел редот да бидам благајник на куќниот совет, тешејќи ме дека тоа и не е така тешка обврска, лесно ќе влезам во штос, луѓето веќе почнале поредовно да си ги намируваат обврските. Сакал-не сакал, го земав ќесето, се напивме кафе, ги преброивме парите, ги чув првите совети и разменивме неколку идеи што да се прави со зградата.
Што сум прифатил почнав да станувам свесен кога ги видов двата листа соопштение на влезната врата во зградата, со кои станарите се известуваат дека било направено примопредавање на обврските, нов благајник е тој и тој, а за идеите што ги разменивме со комшијата додека пиевме кафе веќе беа закажани термини за реализација.
Оттогаш загубив дел од мирот. Ја презедов обврската, но никако не можам да најдам мотивација да почнам да го извршувам тоа што се очекува од мене. Едноставно не сум скроен за тоа. Не сум јас за „каса-прими“ и „каса-исплати“. Никогаш не сум сакал да се занимавам со пари, да прифатам благајнички обврски, да учам сметководствено-банкарски процедури и воопшто, да имам одговорност кон туѓи пари. Се обидов тоа да му го укажам на комшијата првиот пат кога предложи да ги преземам обврските - но, веројатно тој беше помотивиран да се ослободи од обврската отколку што јас бев енергичен да одбијам да ја прифатам.
Едноставно, не можам да најдам сила во себе, да одам од врата на врата со реченицата „Добро вечер, комшија.. пари за куќен совет...“, со блокчето „каса-прими“, да ги решавам проблемите на зградата. „Едноставно, нели“, немам сила да водам уште едно домаќинство, волонтерски.
Во зградата сум три и пол години. Оттогаш се променија четири-пет благајници, но најспособен се покажа мојот претходник. Но, со ова не барам разбирање за мојот неуспех туку сакам да му оддадам почит за неговиот успех. Бидејќи уште непочнат станав свесен за тежината на обврските што ги извршувал, ќе предложам благајник повторно да е тој, а трудот да му го хонорираме, макар само јас и жена ми, унилатерално. За да не помислите дека сум дембелија или опструктор, планот ми е истовремено да предложам волонтерски да помагам во разубавување и на заедничкиот простор во зградата, и во иднина, како и досега, да се грижам за хигиената во влезот, за ненарушување на мирот на моите соседи и под итно да ги фрлам гајбите со стаклени садови што пред месец-два ги изнесов пред мојот подрум.
И јас би сакал влез што се заклучува, во кој се влегува само откако ќе се најавите кај домаќините, во кој нема да ми го украдат велосипедот, во кој децата на соседите нема да ми ги вадат пратките и флаерите од поштенското сандаче, во кој нема да ставам слушалки со гласна музика за да можам на раат да читам пред да заспијам, а вниманието да не ми го одземаат „Пинк“ и „БК“ од комшискиот телевизор. Мојот придонес ќе го дадам со тоа што ќе го воспитам моето дете да не им го прави тоа на соседите.
Се надевам дека предлогот е коректен.
Кешке да е така!