Friday, November 26, 2010

Роки



Фото: Васко Марковски
Ретко кој го знае како Драган Ѓуровски. Прекарот му е на место: Роки. Рокер во крвта, човек од кого речиси дваесет години младите генерации слушаат рок-лектира, а повозрасните имаат добар фон за пиво каде што настапува. Музичар со препознатлива насмевка, срдечност и искреност, без разлика дали настапува пред 50, 500 или 500 милиони луѓе


Се појави во “Ван Гог”, во доцните 80-ти. Набргу забележавме дека е секојдневен гостин, исто како нас - редовни гости кои најубаво се чувствуваа кај “ложата”, на ѕидчето отспротива, кај бараките на Општина Центар. Со секое следно доаѓање во “Ван Гог”, веќе знаевме - кај да е ќе се појави, на поплочениот тротоар, откај плоштатчето, неколку чекори по Тони Мичевиќ и дружината, доцнејќи зад нив колку да го заклучи темносиното “рено 9”. Секогаш беше тука некаде. Речиси немаше вечер да не дојде. Сфативме дека тоа е другар на Мичевиќ, блескавиот гитарист кој штотуку го бевме откриле по скопските клубови. А, кај беше Мичевиќ, таму беше и тој, Драган, другарот што им помагаше за инструментите, да се донесат до “Ван Гог” - да се приберат од “Ван Гог” по свирките. 


Набргу станавме свесни дека Скопје доби еден нов, поинаков ноќен живот, со бендови што ги свират во живо музиките што нè возеле низ годините, што допрва ги откривавме. Веќе имаше и да се бира. “Вуду” на Мичевиќ и Лопе, “Банкрот блуз бенд” на Гиш, Харе и Ренџов, или - џезерските бендови на Ачек и Сале Икономов. 


Веќе се навикнавме. Како урбани номади, ги следевме во новите локали каде што настапуваа - толку често, толку интензивно, што веќе “нè фаќа  склерозата” кога ќе се обидеме да ги наброиме: “Три секунди” во салата на “Работнички”, кај Гранит од “Патика” во “Капан ан”, во “Арт”, “Сабвеј”… “Која ли беше таа формација кога ги гледавме таму-и-таму”, залудно се обидуваме. 


Еден ден нè изненади. Роки се појави зад микрофонот. Тој беше пејачот. Повеќе не беше пријателот на Мичевиќ и дружината кој уживаше отстрана во нивната музика. Се појави како темпераментен изведувач, жар кој тлеел. Но, не било за изненадување. Ни биле потребни дваесетина години да го дознаеме тоа, неодамна, кога се видовме со повод. Со идејата да има бенд, да свири на концерти, се занесувал уште од шесто-седмо одделение, кога му купиле хармоника. Но, жарот тлеел. Се будел секаде каде што ќе го однесел животот - во Алжир, каде што живеел две години како средношколец, син на секретар на воено аташе; во Белград - нова прекоманда на татко му; во населба Аеродром, каде што се преселил од старото маало во Скопје (кај Зоолошка), каде што ги запознал Мичевиќ, Лаки и луѓето со кои ќе почне да свири по бендови - од првите настапи, со “Woman Haters” во “Ван Гог”, до големата сцена, како член на придружниот бенд на Тоше Проески. 


Еден од луѓето со кои соработувал во разни периоди е Трајко Симоновски - Таци, некогаш басист во “Woman Haters”, подоцна еден од незаменливите членови на “Блу фанки индивидуалс”. За него Роки е “супер тип, извонредно интелигентен човек, музички наслушан, голем мераклија за музика, кој сака џез, но е рокер во крвта”. 


Трајко Симоновски - Таци
“Освен што има голема желба да свири, да настапува, ептен е голем мераклија за инструменти. Не е многу вешт гитарист, но е толкав мераклија, што има опрема каква што имаат, можеби, само најголемите гитаристи во Македонија. Комуникацијата со него е многу едноставна и на сцената и во секојдневието. Имаме супер, френдовски однос. Со Роки сме ‘ратни’ другари уште од времето кога свиревме заедно во ‘Woman Haters’. На турнеите со Тоше сме поминале многу време и многу километри заедно, по 24 на ден, во комбе, на сцена. Имало убави моменти, имало и препирки, но за него можам да кажам сè најубаво. Понекогаш го доживувам како дух од минатото - човек кој знае со луѓето да комуницира директно и искрено, без ‘господине’ и ‘госпоѓо’. Дефинитивно е легенда. Човек кој веќе 15-20 години ги забавува луѓето по Скопје и низ Македонија. Легенда го прави, веројатно, и начинот на кој настапува - и во клубовите и со Тоше - секогаш растоварен, непосреден и неформален. Тој Роки пред 15 години и овој Роки денес се малку различни, но и едниот и другиот секогаш зрачеле со забележлива љубов кон музиката. И, да не го заборавиме неговиот некогашен бенд ‘Sugar Free’, со кој свиреа своја, авторска музика. Снимија албум кој беше одличен, и ден-денес - не беше продукциски толку добар колку што имаше квалитетни песни и добра музика”, ни рече Таци. 


Валентина Ѓоргиевска, новинарка која одблиску ја следеше кариерата на Тоше Проески, имала прилика одблиску да го биде сведок на “другото лице” на Роки, како член на “Бендот на Тоше”, како човек кој настапувал на голема сцена - на балканските турнеи и на изборот на Песна за евровизија во Истанбул. 


Валентина Ѓорѓиевска Парго
“Роки, чинам, е најискулираниот рокер што постои, или барем што јас го знам. Работите секогаш ги изведува сосема сталожено и најпрофесионално. И бендовите со кои настапува клупски секогаш биле најдобрите. Мислам дека затоа и Тоше ги одбрал за соработници Роки и неговиот бенд уште првиот пат кога ги слушнал, на свирка во ‘Маракана’. А меѓу Тоше и Роки постоеше и се чувствуваше една голема синергија, не само соработничка, ами многу повеќе пријателска и духовна. Роки беше дел од евровизиската екипа во 2004 г. Смирен, пристапен, како и секогаш, не ја губеше главата во целиот тој евровизиски хаос во Истанбул. Од неколкуте разговори со него, ме импресионира неговиот пристап кон коментирање на сцената. Рок-каузата ја брани на свој начин, но за разлика од многумина други рокери, не ги напаѓа и омаловажува изведувачите и фановите на другите правци, ами коментира со целото свое видување на нештата и на музиката. Пријатен соговорник, најмногу пленува кога искрено пријателски ќе се поздрави и мошне срдечно ќе ти се насмее, со неговата ведра насмевка. Момче со урбан рок-стил и одличен музичар!” 


Игор Целески е еден од многуте луѓе чија младост и период на созревање често во фон ја имале музиката од настапите на Роки низ скопските клубови и кафулиња. Настапите на “Хејтерс” и “Индивидуалс” за него, на некој начин, биле компензација за светските бендови што не сме можеле да ги гледаме кај нас - бендови кои ни помогнале да ја доживееме отсвирена во живо музиката на хероите што не сме имале прилика да ги гледаме. 


Игор Целески
“Роки е една урбана фигура кој заедно со своите пријатели од бендот ‘Woman Haters’ и ‘Блу фанки индивидуалс’ му дадоа една нова димензија на ноќниот живот на Скопје. Донесоа еден нов начин на забава и во време кога не можевме да ги гледаме светските бендови кај нас или во блиската околина, тие беа замена за тоа. Со нивното музицирање поттикнаа и многу тинејџери да земат инструменти в раце и да ги почнат своите авантури во музичките води, како авторски бендови или како бендови за свирка. Флуидот меѓу нас и нив беше на високо ниво. Едноставно, тоа струеше низ воздухот, а најзаслужен за тоа беше Роки, како пејач, со неговиот карактерестичен хумор, секогаш насмеан. Во нивниот репертоар имаше неколку песни кои им беа како химни и без нив не можеше да помине ниту една вечерна свирка”, се сеќава Игор. 


Што прави Роки денес? Рокер засекогаш. Сакате повторно да чуете со каков жар ја пееше “Соулмен” од “Блуз брадрс” или “Хард ту хендл” од “Блек Кроус”? Лесно ќе го најдете. 

No comments: