Tuesday, February 15, 2011

Соња Андерграунд

Соња. Андерграунд 1. 1994/95. (Кај Руска Амбасада).
Низ нејзините раце поминале многу славни и не-баш-славни коси, од времето на револуционерната фризерница „Кљок“ до двете инкарнации на „Андерграунд“ - до Руска амбасада и во Капиштец. Иако денес веќе не постои, „Андерграунд“ ќе остане мечта за илјадници скопјани - место каде што оделе по фризура и навраќале на муабет со интересни луѓе



Нејзиниот лик ни беше однекаде познат, уште пред да го отвори „Андерграунд“, фризерскиот салон прв-сосед на Руската амбасада, кој денес, речиси дваесет година подоцна, многумина го нарекуваат „култен“. Се обидовме да се сетиме и - ни текна: работеше во некои кафулиња, во некој клуб.. да, во „Скорпион“, уште едно култно место од раните деведесетти, тотално црниот простор што тогаш го држеа Картер и неколкуте негови ортаци, во блокот од Градски ѕид, кај паркчето меѓу Соборна црква, „Палета“ и Дом на градежници. Девојката со имиџ како Џими Хендрикс, со афро-фризура и со ѕвонарки, со која секогаш имавме убав муабет и супер пречекло. Подоцна разбравме дека е фризерка, со своја клиентела, работела кај Кљок, фамозниот светло-мајстор на „Леб и сол“, кој го наследил фризерскиот занает од покојниот татко. Направил салон, со интересен концепт - се пуштале плочи, видеокасети со снимена програма од тогаш тешко достапното ЕМ-ТИ-ВИ - но му фалело најважното, некој што ќе биде фризерскиот авторитет. Некој од заедничките пријатели се сетил - нему му фали некој како Соња, а Соња ќе си најде место да го покаже реткиот талент, што дотогаш го знаеле само пријателите и муштериите од локалните фризерници во кои дотогаш работело. Дури неодамна, кога ја сретнавме по многу години невидување, дојде ред да ја прашаме како почнал нејзиниот пат до тоа што е денес - фризер кој зад себе има култна фризерница - веќе архивирана во непишаната историја - која е визитинг-фризер во други фризерници, каде што оди на повик на муштерии на кои веќе им потстрижила метри и метри коса.

Фризерскиот занает го учела во школо, во гимназија „Димитар Влахов“, но, вештината излегла на виделина низ работата. Најпрвин поминала неколку фризерници на разни краишта низ градот, па во неизбежната институција за пракса - државните фризерници „Хигиена“, на плоштад Македонија, кај денешен „ЕУ-инфоцентар“. Патот кон оригиналноста почнува во дуќанот на Љупчо Богдановски - Кљок, некогашниот светло-мајстор на „Леб и сол“ - фризерскиот салон „Кљок“, во скопски Мичурин. Работењето во „Кљок“ за Соња е спомен на едно убаво време. Место каде што имала прилика да запознае многу од тогашните фаци, главно авторитети од скопската рок сцена и место кое било различно од другите - првата фризерница која повеќе наликувала на некаков клуб.

Деан Шкартов - Деко:„Додека
ти прави фризура, имаш чувство
како да те лекува со биоенергија“
Еден од луѓето што ја познаваат Соња уште од времето на „Кљок“ е Деан Шкартов - Деко, еден од штедрите креативни извори на култните бендови „Бадмингтонс“ и „Клержо“, големиот вљубеник во „камчињата“, кој го откри и прв изрежа македонски рубин.

„Првата асоцијација за неа ми е дека е најрокенрол фризерка во Скопје. Значи, не шминка, да бара стил во рокенролот, туку 'баш рокенрол', прво затоа што потекнува од 'Кљок'. Таму одевме не само да се шишаме, туку и да ти пуштат нова плоча, да ти направат муабет, Кљок да ти раскажува за 'Леб и сол'. Добро е што не брка комерцијала, туку е стално истиот стандард, со многу привлечни цени. Кај неа доаѓаа да се шишаат разни луѓе. Некои од нив денеска се големи менаџери. Најзабележително, нај супер кај Соња е тоа што додека ти прави фризура имаш чувство како да те лекува со биоенергија“, ни рече Деко.

Атмосферата што владеела таму и поривот за независност, за место каде што ќе може најубаво да се претстави себеси, како фризер и како личност, ќе бидат поттик да почне нешто свое. Така се случи „Андерграунд“, местото каде што поминавме многу години, среќавајќи интересни луѓе, разменувајќи идеи, музика и убав муабет - место кое што беше нешто невидено дотогаш - подрум претворен во сложено уметничко дело, со топли бои, уникатен инвентар од масивно дрво и железо - дизајн на „ексцентричниот“ уметник Љубиша Ивановски - Лепи. Оригиналноста на концептот и на дизајнот на просторот ќе направат „Андерграунд“ да доживее две инкарнации, во два различни простори, и да израсне во место кое години подоцна многумина го доживуваат како „сцена“ - место што влечело напред еден значаен дел од скопската андерграунд уметност.

Јане Бојаџиевски: „Не доаѓавме
само да се шишаме, туку тоа беше
и свратилиште, онака, да се
напиеш кафе-чај, да си направиш
муабет со некого“
За Јане Бојаџиевски, скопјанец на неколкугодишна 'привремена' работа во Вашингтон, новинар во „Гласот на Америка“, „Андерграунд“ било свратилиште каде што запознал и се дружел со многу луѓе што тогаш биле икона прогресивното, а Соња е темелот на тоа.

„'Андерграунд' беше собиралиште на многу познати и непознати фаци што тогаш правеа нешто или се наоѓаа себеси во андерграундот - од 'Кисмет' и Горан Таневски, до новинари, надежни музичари и професори. Кој се' не се шишаше кај Соња?! Нејзиниот урбан дух го движеше местото. Не доаѓавме само да се шишаме, туку тоа беше и свратилиште, онака, да се напиеш кафе-чај, да си направиш муабет со некого. Се' уште ја паметам службената 'бубата', тегет боја, на која беше залепена налепница со логото на 'Андерграунд' - со знак како од лондонско метро - реклама во движење уште во тоа време! Дури, имаше и тератка, па можеше да се шишаш на рабуш, а едновремено и правеше акции, на пример, 'пет шишања - едно гратис' - авангарда во тоа време! И, да не зборувам за дизајнот на ентериерот, од рачно резбано дрво - столици за шишање и шанк од дрво и железо; се слушаше '103-јка' нон-стоп - најуметнички дуќан во тоа време!“.

Александар Жантевски - Жанто:
„'Андерграунд' беше како социјална
мрежа, место каде што многу млади
се дружеле и се информирале за
нештата што им ги обликувале
животите“
За Александар Жантевски - Жанто, пријател и еден од најчестите муштерии на Соња, било речиси незамисливо работниот ден да му заврши без да помине во „Андерграунд“ - по дневната доза муабет, или, како што самиот вели: „без дневниот апдејт, без дневниот апгрејд“.

„Соња е бренд. Кога ќе се спмне Соња, првата асоцијација за мене е исклучиво 'Андерграунд'. За мене 'Андерграунд' е локација која што не е само фризерница, туку место каде што приказните не сме ги раскажувале или сме ги слушале, туку сме ги создавале, сме ги живееле. Тоа е место каде што животот ни се претвораше во приказна - од дружење, средби, договарање, комуникација - место што најмалку сме го препознавале како фризерница, место каде што можеби и сме се пронашле себеси. Одењето во 'Андерграунд' за мене беше како обврска. Секој ден после работа мораше да се помине од таму - да се направи еден 'апдејт' и еден 'апгрејд' - да чуеш и да пренесеш од тоа што си го сознал во денот - во животот, на работа. Тоа е место каде што сме ги среќавале нашите љубови низ животот, место што направило денес да бидеме тоа што сме, место кое, дефинитивно, влијаело на тоа како ние сме се оформиле како карактер, како личности, за понатаму да го претставуваме Скопје на еден убав начин кога ќе отидеме некаде надвор. 'Андерграунд' беше можеби единственото место каде што не мораш да кажеш како сакаш да те шишаш, туку да кажеш: 'прави што сакаш'. Соња знае да процени кому што ќе му стои, што е многу важно, зашто многу често се случува да отидеш на фризер и да направиш будала од себе. Тоа нема да ви се случи кај Соња“, се сеќава Жанто.

За него „Андерграунд“ бил како социјална мрежа, место каде што многу млади се дружеле и се информирале за нештата што им ги обликувале животите. Неговиот одговор не' потсети на еден интересен детаљ од неодамнешниот разговор со Соња. Ја прашавме зошто нема „Фејсбук“. Ни одговори духовито, во нејзин стил: „Што ќе ми е 'Фејсбук'? Јас си имам 'Фејсбук' на работа, уште пред сите да имате. Ќе седнат да се шишаат, се' ќе дознаам - кај сте, што правите, како сте!“. Добра идеја, нели?

No comments: