Tuesday, August 26, 2008

Скаменети сватови

Локалитетот Куклица во близина на Кратово неодамна беше прогласен за споменик на природата, заштитен со закон. Овојпат ве водиме таму, додека сe уште имаме право да го наречеме Непозната Македонија

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Васил БОГЛЕВ

Пристигнувајќи во кратовското село Кетеново добивате впечаток дека сте дошле во место што нема ама баш ништо привлечно да се види и оти таму би застанале само ако ви се расипе автомобилот или ако останете случајно без гориво. Село со безлична архитектура, луѓе на кои им е сеедно дали сте подзастанале тука или не, и коперација што нуди само замена за тоа што ви е потребно - има цигари, ама друга марка, има пиво и газирани сокови ама не какви што барате, а гумите за џвакање се од некогаш. Ако веќе ви се случило да застанете, тешко дека ќе најдете нешто би ве привлекло да слезете покрај реката - доволно сте се изнагледале зеленило од пластични шишиња и нема да ви биде првпат да видите 'рѓосана врата од стоеден, стаклена вратница од машина за перење или најлонски кеси полни со ѓубре фрлени во река. Што би барале овде?

Но, да не брзаме со предрасуди! Кетеново е важна точка на патот од Куманово накај Кратово, пресвртната точка што води до локалитетот Куклица и Скаменетите сватови од Македонија. Тоа веќе менува сe'.

Овој пат решивме да појдеме таму, кај куклите, додека сe' уште можеме да ги претставиме во циклусот Непозната Македонија, пред да се вбројат во главните туристички атракции, откако неодамна беа прогласени за споменик на природата, заштитен со закон.

ЗАБОРАВЕН КОЛОСЕК

Кетеново е на половина час возење од Куманово накај Кратово. Од таму до локалитетот ви остануваат уште 5 минути возење, по десниот брег на Крива Река, спротивно на текот на реката.

Патот води до самиот локалитет, но препорачливо е да застанете на чистинката пред железниот мост на влезот на село Куклица и оттаму да продолжите пеш на другата страна на реката, накај куклите.

Излегувајќи од автомобилот веднаш ќе ги забележите високите армирано-бетонски сотолбови што се извишуваат на меѓу двата рида од левата страна на патот, на местото каде што треба да поминува долг железнички мост, на пругата што треба да ги поврзе Македонија и Бугарија.

Мештаните што случајно ќе ги сретнете ќе ви раскажат дека изградбата на пругата била прекината уште во мај 2004 година, кога биле повлечени градежните машини и работниците, што ја урнало нивната надеж дека во блиско време ќе видат подобра живеачка и ќе видат дека почнал каков-таков развој на тој регион. Затоа и не очекувајте преголема љубезност од селатинте што ќе ги сретнете по патот.

"Ова ли е живот? Не можеме да излеземе од калта", ни рече Зоран кукличанецот Зоран Давитковски кого го сретнавме за време на една од претходните посети на локалитетот.

Пцуејќи по 21 век и по живеачката ни раскажа дека не треба да се чудиме ако луѓето што ќе ги сретнеме се не се расположени за разговор, зашто живеат со 1.500 денари помош од Црвен крст месечно, а некој си го тера ќефот и доаѓа да гледа кукли. Но, набрзо омекна. Ни ја покажа неговата куќа на еден од ридовите и продолжи:

"Гледаш како се мачиме. Никој не ни помага. Ни политичарите... никој. Каква корист имаме ние од куклите. Не викнаа кога се градеа патеките, кога се местеа портата и клупите, зедовме по 20 дневници - и толку. Нит пругата се гради, нит некој нешто инвестира овде - тоа ли е живот", ни рече покажувајќи накај каде да го продолжиме патот.

На заминување го прашавме дали знае некоја од легендите за настанувањето на куклите, на пример, легендата за Скаменетите сватови, за која сме слушале од народните преданија.

"Какви сватови!? Приказни за деца! Овде некогаш имало многу вода. Реката била до тука и уште подалеку. Водата долго време ги миела карпите, и - така настанале куклите", ни рече кукличанецот.

Локалитетот Куклица е во подножјето на ридовите, под селото. Сватовите првпат биле афирмирани во јавноста во 90-тите години, а повторно биле актуелизирани кога почнала изградбата на пругата. Досега за уредувањето на локалитетот било инвестирано само преку проектот за развој на општините преку културата на Министерството за култура и Светската банка, кога биле изградени влезната порта и камените патеки и биле поставени маси, клупи и кошници за отпадоци.

Откако е уреден просторот, веднаш можат да се препознаат младенците и сведоците - околу нив е изградена кружна патека, а наоколу лесно можат да се препознаат сеирџиите и пијатните сватови.

СКАМЕНЕТИ СВАТОВИ

А што велат легендите? Одговорот побаравме од кратовскиот новинар Гоце Стојановски, со кого ги споделивме впечатоците од првата посета на Куклица.

"Некогаш, многу одамна, едно момче од селото Куклица, над камениот град, решило да се жени, но не можело да се одлучи која девојка да ја земе за жена, зашто му се допаѓале две девојки - една од Долно и една од Горно маало. Решило да им се вети и на двете и во ист ден им закажал свадба. На денот на венчавката, и двете моми, облечени во невестинско, го чекале да дојде младоженецот по нив. Според обичајот, во ист ден не можело во исто село да се прават две или повеќе свадби, оти невестите не смееле да се видат една со друга. И така, свадбата почнала, а тапаните екнале и во Горно и во Долно маало, но невестата од Долно маало била љубопитна и сакала да види кој друг прави свадба во селото. Истрчала во Горно маало и го видела своето момче со друга невеста. Разочарана и тажна, несудената невеста ги проколнала младенците, извикувајќи: да даде Господ сите да се скамените, ако треба - и јас со вас заедно! И, како што се раскажува, во истиот момент сите свадбари замрзнале и се претворила во камен, а со нив и таа. Ова е само една од разните легенди што се раскажуваат за камените кукли", ни раскажа Стојановски.

СТАРИ 10.000 ГОДИНИ

Првата средба со Скеменетите сватови воодушевува. Ни на крај памет не ви било дека некаде во Македонија ќе видите такво нешто, нешто што личи случајните споменици во Северна Америка, камените кули во Кападокија, или калуѓерките и девојките од Франција што сте ги гледале на Discovery или National Geographic. Сфаќате колку сте биле во заблуда кога сте помислиле дека ништо никогаш повеќе нема да ве натера да застанете кај Кетеново.

Уште од првото разгледување на камените фигури (ги има околу 120), лесно ќе ги забележите и младенците и кумовите и сватовите и сеирџиите, што прави да помислите дека навистина држи вода приказната за скаменетата свадба и за клетвата од изневерената свршеница. Но, има една работа што збунува - ако сево ова било вистина, значи тогаш кога се случило скаменувањто луѓето биле високи и по 3, 4, и по 10 мести.

Како што ни раскажа Душко Алексовски, претседател на Македонскиот центар за карпеста уметност, геолошките истражувањата на локалитетот извршени покажале дека главниот материјал од кој се формирале камените кукли е силициум диоксид, кој е лесно се разјадува под влијание на водата. Се претпоставува дека корито на Крива Река некогаш се протегало и до локалитетот Куклица, каде што под влијание на водата се формирала композиција од околу 120 камени пирамиди.
Според брзината на разјадувањето, кое непрекинато се случува и денес, се претпоставува дека за да се формираат Скаменетите сватови биле потребни 5.000 до 10.000 години.

Самите одберете на која вистина ќе и' поверувате - на народното предание, или на геолозите. Не знаеме кога ќе дојде денот кога над столбовите спроти селото ќе минуваат возови, но знаеме дека патниците ќе имаат прекрасна гледка под прозорецот на купето. А и не било така лошо да пристигнеш во Кетеново.