Wednesday, February 23, 2011

Деко

Фото: Ивана Кузмановска
Kлавијатурист, гитарист и еден од штедрите креативни извори на 'Бадмингтонс', 'Александар Македонски' и 'Клержо'. Македонскиот Реј Манзарек, Џон Лорд и Дејв Гринфилд. Големиот вљубеник во „камчињата“, човекот кој го откри и прв изрежа македонски рубин


Тешко е да се напише приказна за човек кој толку силно знае да ја поттикне креативноста, а притоа да ви биде ограничен просторот да се искажете. Оние што го познаваат поодамна, знаат како е. Да се раскажува за Деко - Дејан Шкартов, ќе ви биде потребно многу време и многу простор. Од каде да почнете и за што повеќе, а за што помалку да кажете.
За бендовите? За музичкото искуство од осмоодделенските или од војничките денови? За изненадувачките музички проекти кога како некој алхемичар го составувал невозможното, правејќи од разни карактери, од разни музички искуства да излезе магична музика? Или, за заминувањето во Италија, со воз, натоварен со 'сајзер', 'точак' и ранец? За средбата со скапоцените камења, кон кои случајно - случајно ли? - го одвел патот, барајќи начин да замине во Бразил, да работи по струка, како високообразован овоштар, тропајќи на вратата кај почесниот конзул на Бразил во Трст, страстен коекционер на камчиња? Или, да ја почнеме приказната за македонскиот рубин, нашиот национален скапоцен камен, кој токму тој - прв го откри, прв го изрежа и направи да се прошири гласот за него; откако реши да се врати дома, по десет години поминати во Италија? „Rock & Roll“, во секој смисол на изразот!

Се' почнало во основното училиште - тогаш 'Владимир Назор', денес 'Блаже Конески', во дневен престој, со учителката Милка Зафирова,  „легенда на менаџмент во основните училишта“, која знаела од секое дете да ја извади и најмалата трошка креативност. Три ученичиња - три хармоники, на една од нив - Деко. Почнале да вежбаат песнички, почнале турнеи по скопските училишта. Набргу, со еден од другарите од „Трите хармоники“ ќе решат да почнат нова шема - Деко на домашниот клавир, а другиот, Станко, на гитара. Кога завршиле основно, веќе ги имале органата на Деко, „Made in Japan“ од Дип Парпл, и нивниот прв бенд, „Коцка лед“, 1977/78 година - филм што ги држел до крајот на средношколските денови.

Војска. Касарната во Ниш, една од најголемите касарни во поранешна Југославија. Касарна со престиж во тогашната ЈНА. Таков требало да биде и оркестарот на војничкиот клуб - врвен. Се погодило токму такви музичари тогаш да служат војска во Ниш и да бидат членови на војничкиот бенд - членови на „Бијело Дугме“, „Код“, „Ватрени пољубац“, „Генерација 5“, „Лева Патика“. Не му се верувало, кога го поканиле да свири со нив. Месеци кога убаво искристализирало и се надградило дотогашното негово искуство, стекнато со „Коцка лед“, кое ќе достигне врв кога во касарната ќе дојде да служи војска Љупчо Трајковски - Фис, од кого Деко многу научил за тоа како се компонира, како се аранжираат композиции;  „огромно искуство“.

„Еден ден, се подотвори вратата
додека свиревме. Влегува Деко,
со појачалото и со органата. Ги
вклучи и - почнуваме! И, во
истата секунда: ЕJ! СВИРИМЕ!?“,
Борис Георгиев - 
Бут 
Враќањето од војска ќе го одведе во друг правец. Веќе бил заситен од свирење - со „трите хармоники“ во основно, цело средно, цел воен рок. Решил да прави нешто друго. Се запишал на студии по овоштарство. Инспириран од новиот филм, речиси спокојно преминал преку неколкуте покани од маалскиот пријател и музички ментор, Борис Георгиев - Бут, да им се придружи на пробите што ги правеле со Владо Картер, панкериштето што го гледал низ град. „Но, срце јуначко..“, еден ден решил да дојде.

„Кога почнувавме со 'Бадмингтонс', бевме прво јас и Картер - една луда енергија. Јас тогаш влегов во панкот и бев учениче во панкот. Картер нешто 'дрма' рифови, ја' - ОК, 'цепам'. Ни фалеше и трет човек, бар уште еден. Mу викав на Деко подолго време да дојде, да ни се придружи, тој - не, факултетот. Еден ден, се подотвори вратата додека свиревме. Влегува Деко, со појачалото и со органата. Ги вклучи и - почнуваме! Нема договор - ПОЧНУВАМЕ! И, во истата секунда - ЕJ! НИЕ СВИРИМЕ!?“, се сеќава Бут.

Свирењето со „Бадмингтонс“ им донесло многу радости и креативно исполнување. За Бут, Деко е редок музичар, ретка, драгоцена личност.

„Деко е магионичар. Тој не е музичар, во оној класичен смисол. Неверојатно инспиративен човек. Ние ќе дојдеме на проба најнервозни, тој доаѓа со таа негова природна, убава душичка и веднаш и' дава магија на ситуацијата. Веднаш тие негативни енергии ги апсорбира и почнува да владее со неговото, питомото. Кога ќе ја споиш таа агресија и питомото - летаат искри и - излегува нешто интересно како музика. Затоа е интересен. Тој е магија, духовник. Тешко се дефинира. Не можеш да му ги фатиш конците и да го ставиш во некаков калап. Ретки се таквите луѓе“, вели Бут.

„Секој имаше по нешто да даде
 како музичко искуство, како
енергија. Деко имаше умешност
сето тоа да го поврзе, да прозвучи
како хармонична музика“,
 Влатко Димовски - Чавче.
За Влатко Димовски - Чавче, тапанар во „Коцка лед“, „Александар Македонски“ и во првата постава на „Клержо“, Деко отсекогаш бил тоа врзивно ткиво и музичкиот авторитет на бендовите во кои свиреле заедно.

„Секој имаше по нешто да даде, како музичко искуство, како енергија, но, Деко секогаш беше тој што имаше умешност сето тоа да го поврзе и сето тоа да прозвучи како хармонична музика. Но, Деко не е само голем музичар, туку и голем другар. Тие две нешта прават свирењето со него да биде пријатно и убаво. Во бендовите што ги имавме со него, пред се', владееше другарството“, се сеќава Чавче, кој и ден-денес работи со Деко, во работилницата за брусење драгоцени камења.

Обидувајќи да дознаете што повеќе за Деко, во разговорите со неговите пријатели, со луѓето со кои некогаш свиреле, ќе бидете изненадени што речиси секој човек што ќе го прашате, ќе ви каже на свој уникатен, инспиративен начин, зборови на восхит од работењето со него, од средбите со неговата личност.

„Чуден мајстор е Деан.
Таинствено учителствува Деко.
Декчо, нашето кристалче“,
Венцислав Смаќоски - Цине
За Венцислав Смаќоски - Цине, човек кој не' пленил со неговата виртуозност на повеќе инструменти, Деко е човек со кој кога свирите се случуваат неверојатни нешта.

„Од многуте случувања би издвоил една средба кај него дома, во неговата соба, преполна со кристали и инструменти. Убав ден. Сончев ден. Додека ги разгледувавме камчињата, што нови, што постари, ама еднакво убави, одеднаш Деко ми рече: 'Ај да свирнеме малку'. Ми тутна во раце акустична гитара, тој ја зеде другата и почна да свири. Додека збунето го гледав ми даде знак да се придружам. Започнав да играм по жиците.. Ни пред, ни после оваа средба, јас не засвирев гитара со толку владение и умешност. А јас не сум гитарист (се смее!). Чуден мајстор е Деан. Таинствено учителствува Деко. Декчо, нашето кристалче“, ни рече Цине - „музичкиот генијалец“,  како што ќе ви го опишат Деко и луѓето што некогаш со него свиреле - човекот со кого направија неповторливи композции и аранжмани за „Клержо“.

Многумина ќе ви речат дека тоа што Деко денес се занимава со „камчињата“ не е случајно и оти откако си се нашле еден со друг имате впечаток дека околу вас се случуваат чуда кога сте покрај него. И, навистина. Како да си го опишете тоа - во Скопје има само 10 автомобили, како на Деко, „пежо 404“, во возна состојба. Во неколкуте часови што ги поминавме со него, случајно или не, видовме три.


No comments: