![]() |
Името на групата „Карамела“, ни беше позната по Митко Сокол Мустачки, кој имаше огромна збирка на музички видеа. Понекогаш ќе извадеше тезга на концертите во МКЦ - прилика да си купите видео од концерт на некоја група што ви била важна во животот - а, подоцна водеше емисија на телевизија, за „старите добри времиња“. Од музиката на „Карамела“ во сеќавањето останало само едно видео, снимено во холот на некој од факултетите на Бит-пазар, кое беше единственото нешто што ни создаваше некаква слика колку да знаеме за групата кога некој ќе ја спомнеше. Ја знаевме само како дамнешна хард енд хеви група, чија поента не успеа некако да допре до нас, генерациите кои го откривале рокенролот подоцна. Приликата да ги слушнеме повнимателно ја добивме во последниве година-две, кога од некаде се појави mp3 запис од една нивна песна, „Пријателке“. Дури тогаш можевме потемелно да ја насетиме нивната различност меѓу музиките на нивното време - доцните седумдесетти - раните осумдесетти - хард рок - хеви метал, со необични текстови кои речиси директно зборуваат за секс.
Патот, неодамна не' однесе во кафулето зад „Свети Димитрија“, некогашно „Виктор-Викторија“, местото каде што се собираат музичари и уметници од таа генерација, шеесеттите-седумдесеттите години од минатиот век. Таму го запознавме Дане.
