Wednesday, February 02, 2011

Зоки Панкер

Зоки Панкер
(Фото: Андреј Гиновски)
Можеби никогаш нема да се сетите
на бојата на неговиот глас, но,
ликот никогаш нема да го заборавите
Тасе Ван Гог: „Панкер за Ван Гог беше дел
од амбиентот, како што беа сликите на
Чемерски, Мазев и Мартиноски. Човек кој
му даваше на просторот некаква енергија,
добар тон, како жива скулптура“
Жани Митрески / Pass-N-G-R:„Знае да
 направи спој на ситници - луѓе, ситуации и
музика -  некои комбинации што на некого
ќе му личат невозможни, нема  да му текнат,
 ама, ете, тоа е рецептот!“
Јане Стефанов: „Влегувањето во 'Балет' е
влегување во патешествие полно со
 изненадувања. Првиот дел од 'програма-
та' е, можеби, стандарден, но, токму кога најмалку очекуваш, ќе се појави
 Зоки со изненадувањето“.

Никогаш не бил зборлив. Можеби никогаш нема да се сетите на неговиот глас, но, доволно е да го сретнете за да ви се разбудат милион слики од убави времиња што сте ги поминале во неговите кафулиња. Човек кој и без многу зборови со леснотија ќе го доживеете како култен лик на градот






Можеби никогаш нема да се сетите на бојата на неговиот глас, но, ликот никогаш нема да го заборавите, како што нема да ја заборавите и ведрината што зрачи од него. Доволно е барем неколку пати да сте заглавиле во некои од култните скопски кафулиња и клубови - „Ван Гог“, „Флок“ или „Балет“ за да го забележите како еден од клучните фактори поради кој сте си ја поминале убаво вечерта. Зоки Панкер.

Неговиот - професионален - пат во ноќниот живот на Скопје почнува во 1985-86 како келнер во „Клуб 21“, во Стара чаршија, продолжува 1986 во „Ван Гог“, каде што ќе го запознаат стотици скопјани кои и ден-денес го спомнуваат по убаво. Кога веќе го запознаа илјадници, реши да отвори свое место - „Флок“ - од 1997 до 1999 - во неговото маало, Градски Ѕид, кај денешна ТЦЦ Плаза, во кое главно излегуваа „центарски деца“ - филм кој самите тие најдобро си го разбираа, но, не им беше тешко и на другите да им го сфатат - едно од најведрите кафулиња што некогаш му се случиле на Скопје. Но, токму тогаш, ќе се случи пресврт - убиство на дете на скопскиот Плоштад, по што паѓа наредба: кафулињата ќе работат до 23:00.

„Тоа беа најубавите години во мојот живот“, се сеќава Зоки, раскажувајќи ни „шкрто“ на зборови, како и секогаш. „Мислев тоа ќе трае ден-два, но потраја два-три месеца. 'Флок' не можеше да издржи“.

Во тој период, накусо ќе го земе „Ван Гог“, овој пат како шеф, 2000 година, но и тоа нема долго да трае.

„Во тоа време 'Балет' беше празен, а имаше дозвола да работи како ноќен клуб и - решив да го земам. Така почна ова денес“, се сеќава.

Разговорот со него е прилика да се направи пресек на животот во кафулињата во Скопје во минатите 25 години. Ќе се изнаслушате интересни податоци и размислување, кои виселе околу вас, но, не сте имале прилика да ги согледате.

„Дојдоа напорни времиња. Луѓето се понапнати, поагресивни. Некогаш народна музика можеше да слушнеш само во 'Опатија', или далеку од Центар - денес сред град ечи турбофолк. Кога почнав да излегувам, да работам по 'кафичи' беше време на панкот, кој даде позитивен импулс на сите уметности. Во 'Ван Гог' доаѓаа арт-луѓе, беше рокерско место, убави, весели луѓе, градски деца. Времето на 'Флок' беше - да ти е ќеф да одиш на работа! И со 'Балет', кога почнавме, беше така, но станува напорно. На врата ти доаѓаат напнати луѓе, без став во животот - вчера биле на Цеца, денес одат на транс-журка, утре сакаат да влезат во 'Балет'. Понекогаш навистина ми е смачено“, ни рече.

Замоливме неколку од пријателите на Зоки Панкер да се обидат да ни го претстават во неколку реченици. За Тасе, сопственикот на „Ван Гог“, Зоки Панкер бил како „инвентар“ на тој простор, дел од амбиентот како што беа сликите од Чемерски, Мазев и Мартиноски. Човек кој му даваше на просторот некаква енергија, добар тон, како жива скулптура.

„Треба да го запознаеш од блиску за да ја почувствуваш неговата големина. На луѓето што не го познаваат многу, можеби ништо не им значи, но, тие што го запознале лесно можат да го почувствуваат печатот што Панкер му го дал на градот. Луѓето што излегуваа во Ван Гог се сеќаваат на таа негова пријатна појава - човек кој малку зборува, а многу зрачи. Тоа го пренесе и во кафулињата со кои работеше подоцна - Флок и, денес, Балет. И ден-денес, кога ќе се сретнеме, средбите се срдечни и пријатни - одличен другар. Панкер е Панкер!“, ни рече Тасе.

Уште од првите денови на „Балет“, речиси секојдневно покрај него е Жани Митревски, „шеф на 'Балет'“, како што ни го претстави Зоки. Го замоливме и него да ни каже некој збор за Панкер.

„Со Панкер се знаеме, пууу... многу одамна! Од мои 18-19 години, од 'библиотека' (се смее!) - од 'кафичи', од времето на 'Ван Гог' - тогаш јас држев 'кафичи' - он доаѓаше кај мене. Во 'Балет' сме заедно од почетокот, од 1999. „Панкер е 'среќна ѕвезда'. Таков му е духот. Околу него има позитивна аура! Знае да направи спој на ситници - луѓе, ситуации и музика - некои комбинации што на некого ќе му личат невозможни, нема да му текнат, ама, ете, тоа е рецептот! Панкер дефинитивно има оставено печат врз градот. На шега знаеме да си кажеме 'Го креираме ноќниот живот на Скопје', ама, кога ќе видиш, и не е толку за смеење. А тој има многу дадено - и со 'Ван Гог' и со 'Флок' и со 'Балет'. Тоа е Панкер“, вели Жани.

Токму тоа што е дел од тимот на „Балет“ кажува за таквите „магичните комбинации“ за успех на Зоки, кој решил во „Балет“ да го вгради и искуството на Жани, како поранешен сопственик на култното кафуле од ТЦ Мавровка „Нипон“, малку помалку славното „Саунд“, но и Бајо од уште покултното „Зи Зи Топ“, како диџеј во четвртоците, и, да не ги заборавиме бендот што на Скопје му е замена за никогаш не отсвирените концерти на светските бендови што сме сакале да ги гледаме - „Деј оф“.

Меѓу луѓето долгогодишни конзументи на добрата забава за која бил заслужен Панкер, пријателите ни го посочија Јане Стефанов, падобранџија, човек со широк круг на пријателства. Вели, не може точно да се сети кога се започнал со него и дали некогаш формално се запознал, но, дека отсекогаш Панкер бил клучниот фактор за добра журка. Доволно било само да биде присутен - Атмосфера што особено ќе му легне во времето на 'Флок', кога во кафулето открил пријатно место за арчење на неговото младешко слободно време, близу до Аероклубот, каде што бил најчесто.

„Која беше неговата улога? Тој ни беше сврзно ткиво на ова семејство. Преку неговиот 'сенс' за избор на 'клиентела' правеше гостите што се дел од неговото место да бидат компактни, во интереси, ставови... и да се чувствуваат пријатно во таа средина. Толку пријатно и опуштено што шанкот, кој обично е поило и потпирач, станува место на кое гостите може да ги покажат своите играчки вештини. Ако прашањето е дали сум го запознал, одговорот е да, ама не директно туку преку луѓето што ги запознав во 'Флок', 'Ван Гог' или 'Балет' - тоа е неговото изразно средство, начинот на кој не' комуницира сите. Затоа, 'Балет' работи и во лето на 'миљарда' степени“.

Влегувањето во „Балет“ за Јане е влегување во патешествие полно со изненадувања. Првиот дел од „програмата“ е, можеби, стандарден, но, токму кога најмалку очекуваш, ќе се појави Зоки со изненадувањето.

„Тогаш доаѓа Зоки, со пијачката на денот - „црнче“, „камиказа“ или нешто од што е фасциниран во моментот. Муабет, те има – те нема, гласна музика, дигнати раменици, не е битно весело да е. После неколку рунди со неуморното пиво клатење и стискање, паѓаш во ентузијазмот и кога си помислуваш да се впуштиш во прегратките на ноќта, ете го Зоки со нова идеја..“.

За крај уште ова. Од каде му е прекарот „Панкер“? Да. Како што многумина претпоставувавме - покрај специфичната фризурата, навистина бил панкер, од генерацијата на Картер.


No comments: