Wednesday, July 07, 2010

Шпиц и Уки

Фото: Андон Давчев

Кога првпат излегле да свират на улица, некои ги пречекале како пророци во погрешно време, други - како штетен елемент за општеството, негативен пример за тогашниот социјалистички модел на граѓанин. Триесетина години подоцна, тие се неодминлив дел од урбаната култура на Скопје. Денес најнормално живее тоа што некогаш го проповедале

Помина многу време. Тешко дека останало некој што до сега не ги забележал. Уличните свирачи од Скопје кои најлесно ќе ги опишете како: еден со гитара, како Френк Запа и еден висок – скината глава Кит Ричардс. Нема шанси да не сте ги виделе, на Плоштад Македонија, кај Камени мост, или на влезот на ГТЦ, каде што свират веќе 30 години. Или, обидете се да најдете примери за македонски бренд од типот „име & име“, „презиме & презиме“ , од типот на Смит и Весон, Сајмон и Гарфанкл, Бауш енд Ломб или Блек енд Декер, оставајќи ги на страна Кирил и Методиј, Климент и Наум, Љупчо и Бранко. Шпиц и Уки, кои ретко кој ги знае како Зоран Ангеловски и Улкер Шакир.

Тие се соговорници кои на нешатата гледаат од еден специфичен агол – верници на рокенролот, луѓе блиски до сите слоеви на општеството, музичари со уникатна храброст. Го прошетале светот. Младоста ја поминале во време кога немало граници. Кога ќе им снемало бензин или кога ќе огладнеле ги ваделе гитарите и свиреле. Најпрвин Шпиц почнал сам, пред Стражарската кула, кај Камени Мост. По некоја година му се придружил Уки. Социјализмот бил незгодно време. Го бркала милиција, му ги земале парите и гитарата. Но, зад нив се триесетина години свирење на улица. Денес уличната уметност е мејнстрим – се прават големи фестивали, платени од градот, во кој Шпиц и Уки денес се чувствуваат како Марсовци.

„Буквално ти кажувам. Не го познавам градот. Погледни ја Чаршијата. Ова сега е, што се вика на турски 'зорле ѓузел' – со сила убавина. Чаршијата може да живее ако има занаети, а не да седнеме да пиеме чај, или навечер да дојдеме на некоја свирка. Во осумдесетите Чаршијата живееше 24 часа. Јас се радувам на ова, но додека нема кој да чука со чеканчето, без занаетите – нема ништо. Ткајачот или ќурчијата не можат да се тркаат со индустријата, но, нив треба да ги помогне државата. Странците што ќе дојдат, и дома имаат кафулиња и ресторани и бутици. Сум гледал секаде по светот – нив ги интересираат занаетите, ракотворбите. Без тоа – ова не е Чаршија“, ни рече Шпиц, син на познат кројач од Чаршијата, сеќавајќи се на златните времиња на занаетите.

Приказната почнува во доцните шеесетти, кога Шпиц учел да свири гитара од неговиот пријател Клептон, белграѓанец кој работел како авиомеханичар на скопскоиот аеродром. Интензивни времиња за македонските рокери. Време кога Шпиц свирел со разни групи: „Тор“, „Машинска глава“, „Банана фиш“  - во некои свирел бас, во некои – гитара. Време кога секојдневно се дружи со идните големи имиња на македонската рок и џез музика.

Социјализмот бил незгодeн. Ги бркала
милиција, им ги земале парите и гитарата.
Зад нив денес се триесетина години
свирење на улица. Шпиц и Уки
„Беше доволно само да се погледнеш и да испадне невиден концерт. Едниот свири џез, јас свирам рок, клавијатурата држи фанки ритам. Но, со време сфатив дека во групите бев затворен, дека повеќе се занимававме со формата. Се случи да отсвирам концерт сам, во киното во '25 Мај', по кој сфатив дека е подобро да свирам сам, отколку да продолжам како дотогаш. Така решив да излезам на улица. Јас бев првиот што излезе да свири на улица, во поранешна Југославија и на Балканот“.

И, навистина, барем кај нас, друг не паметиме. Првпат излегол да свири на Камени мост. Шпиц свирел, Уки, пријателот кого го запознал во Чаршија, чувал стража, да не наиде милиција. Се раѓа бендот After This, кој, како и личните имиња, паѓа во втор план, зад брендот „Шпиц и Уки“, дури и во последниве десетина години откако со нив настапува и Михајло, синот на Шпиц.

„Веќе осум месеци не сме излегле да свириме. Веќе долго време свириме свој материјал, кој веќе ни стана товар, кој мораме да го извадиме од себе. Решивме да се затвориме, се' додека не го снимиме“, ни рече Уки кога прашавме кога ќе можеме да ги видиме повторно.

„Најприродно беше да одам во
милиција, во градската власт и да
гарантирам за нив - да ги убедам
дека тоа е култура, а не уличарство“,
Мирко Стефановски
Еден од ретките луѓе кои што го имале сенсот да  препознаат урбана култура во тоа што Шпиц и Уки го правеле, кој им помогнал да добијат дозвола да настапуваат на улица во време кога властите во нив гледале штетна појава за  општеството е Мирко Стефаноски, тогашниот директор на Дом на млади „25 Мај“ (денешен МКЦ), Но не само тоа. Стефановски важи за човек кој во тоа време ги поддржувал сите прогресивни форми на уметничко изразување – во негово време се создадени Скопско лето, Скопскиот џез фестивал, Рок фест и МОТ. Го прашавме што видел во нив што решил во едно такво време да се спротивстави на догмите на тогашното општество и да поддрши такво нешто, да се заложи за улични свирачи.

„Во тој наплив на нови движења во културата беше сосем нормално да ги поддржам и да ги прифатиме како нормален облик на комуницирање на медитеранска култура, култура на градот, која што треба да живее и на улиците на Скопје. Тоа што е нормално да живее на улиците на велеградот, да живее и на улиците на нашиот град. Затоа, најприродно беше да одам во полиција, во градската власт и да гарантирам за нив - да ги убедам дека тоа е култура, а не уличарство и дека тоа му е потребно на градот – дека не е штетно, туку, напротив, треба да се поддржи. Но, не им помогнав само јас ним, туку и тие ми помогнаа мене, му помогнаа на градот, на еден интерактивен начин, што побргу да се ослободи од стегите и предрасудите“, вели Стефановски.

На почетоците на Шпиц како гитарист се сеќава славниот македонски перкусионист Гарабет Тавитјан – Гаро Сениор, пријател од раните бендовски денови.

Шпиц е човек кој има што да
каже, но, штета што не е роден
на место каде што може да го
покаже тоа“, Гарабет Тавитјан
„Се знаеме од 1967/68 година. Уште тогаш добро свиреше гитара, се' од Клептон, се' од Хендрикс. Многу подоцна почна да свири по улица. Човек може само да се восхитува на таквиот ентузијазам. Не бираше простор каде ќе свири - на улица, каде и да е. Тоа беше за восхит. Таквите луѓе директно се борат со живетот. Но, тоа е еден нормален начин на свирење и живеење, бидејќи човекот, едноставно не се гледаше себеси во некоја работа, туку, токму така, во свирањето. Половината од луѓето што се денеска големи ѕвезди во Америка, некогаш свиреле на улица. Во секој случај, Шпиц за мене е синоним за едно време кога Господ одеше по земја. Човек кој има што да каже, но, штета што не е роден на место каде што може да го покаже тоа“, ни рече Гаро.

Но, и  за помладата генерација Шпиц и Уки се важен дел од урабаната култура на градот. Ристе Ставрески, ТВ креативец имал прилика одблиску да ги запознае Шпиц и Уки, работејќи на ТВ серијал за улична култура. Приказната ја завршуваме со него.

Тие се дел од душата на градот,
Дон Кихот и Санчо Панса. Рокенролот
е нинвото оружје, а улицата е
нивниот мегдан. Ристе Ставревски
„На Шпиц и Уки се сеќавам речиси отсекогаш, уште од времето кога тие заедно со свирачите од пред Матично и по некоја група на Харе Кришна верници беа единствените улични изведувачи во Скопје. Тие се дел од душата на градот, Дон Кихот и Санчо Панса кои веќе неколку децении се борат со ветерниците на малограѓанштината и предрасудите. Рокенролот е нинвото оружје, а улицата е нивниот мегдан. Тие се добрите духови на Скопје, кои со својата музика и впечатлив сценски настап, барем за момент, ни нудат свеж поглед на светот, мал одмор од едноличното секојдневие оптоварено од норми и конвенции и ни пренесуваат дел од нивната секогаш искрена енергија. Не знам колку нашите сограѓани ја препознаваат нивната вредност, но, сигурен сум дека без Шпиц и Уки Скопје би било многу побезлично и поздодевно место за живеење“.