Friday, December 10, 2010

Ван Гог


Ван Гог, 2010 г.
„Ван Гог“ не е само име на кафуле во Скопје. Денес тоа е веќе топоним. Едно од култните места кои постојат непрекинато повеќе од две децении. Помина низ разни фази, го водеа луѓе со различни визии. Сепак, за оние што го познаваат од почетоците, ништо нема да ги замени доцните осумдесетти


Еден ден низ маало се појави Сецко. Веќе многу луѓе го знаеја како еден од поинтересните гитаристи на скопскиот андерграунд, јадрото на “Ласт Експедишн“, бендот од наше маало. Рече: “Што правиш? Како си? Ај да те носам на едно место, во 'Ван Гог'“. Лесно беше да те кандиса некој што бил гласник на прогресивното, на андерграундот, маалски батко кој секогаш знаел да нафрли некоја интересна музика, некако природно прифатен како “повозрасен брат“ во миговите додека братот служеше војска во ЈНА. Есен, 1989. Отидовме на местото за кое веќе се зборуваше по градот, за кое зборуваа луѓето со кои се среќававме на повремените концерти во Дом на млади “25 Мај“, денешно МКЦ. Се случи љубов на прв поглед. Отидовме во место од кое ќе биде тешко да се разделите, со години, се' додека таму владееше филмот што тогаш го видовме. Го откривме местото каде што ќе го поминеме историски времиња - крајот на Југославија и почетоците на самостојна Македонија - временски ориентир за илјадници млади од тогашно Скопје. Местото каде што ги  поминавме ноќите кога се броеја гласовите од референдумот; кога ЈНА собираше наши врсници за на фронт во Хрватска; вечерите кога вриеше од девојки зашто, машките се криеја од воената полиција на ЈНА. Немаше човек што свири, собира музика и открива нови музикки, слика, пишува, ваја, глуми.. што гравитира кон андерграунд уметност, а да не излегува пред “Ван Гог“, во “Ван Гог“, на ѕитчето спроти “Ван Гог“.


Иво Блузмен
Ноќта почнуваше кај 8 навечер. Ако малку пораните, ќе ги затекнете Тасе и Зоки Панкер штотуку пристигнати со темносиниот спачек од по набавки.. кај да е, пред “Кораб“ - семакарницата спроти 'Градежен',  ќе зачкрипат кочниците на “двојката“ во која пред десетина минути, во Влае, се качил Иво Блузмен, легендарниот. Рачниот или биолошкиот часовник на персоналот во “Ван Гог“ веќе знае дека е време да го стави на шанкот металното чинијче за грицките што веќе подготвени го чекаат Иво во “Кораб“ - мезе за џускање.


Ван Гог, раните 1990-ти.
Фото: Приватна архива на Билјана Стефановска.
Кај да е, за некоја минута ќе се појават предвесниците на разните дружини; поздравувајќи се со домаќините, веќе седнати на масите на пред кафулето; нафрлајќи поздрави кон веќе дојдените. Веќе сте отпиле една третина од пијачката. Чувствувате дека веќе ве фаќа јанѕа. Чекате да наиде некој, да решите каде ќе се сместите - внатре, надвор или од карши, на ѕитчето кај Општина Центар. Со последната третина од пивото, коњакот, вотката кворумот е веќе доволен. Ја препознавате музиката која веќе го најавува следниот стадиум од градирањето на вечерта. Веќе ви е јасно - со која касета завозиле, натаму ќе оди флуидот - ќе ги штедиме силите, или, ќе возиме кон еуфорија, сите заедно, како и секогаш.


„Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“,
Богомил Ѓузел - Сергеј Андреевски
Каде и да застанете.. на некоја или покрај некоја неколкуте маси од двете страни на непишаната влезна патека; потпрени на шанкот; накрепени на некој ѕид, покрај “типот што го боли заб“ од сликите на Глигор Чемерски; заѕверени накај дрвената решеткаста конструкција на таванот; “Девојката“ од Никола Мартиноски, “Типот“ во масло на платно од Сергеј (за кого претпоставувавме дека е Сергеј, авторот на омотот на Мизар) или покрај легендарната слика на Чемерски со стихови од Богомил Ѓузел (“Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“). Каде и да ве затекне најавата, веќе знаете дека ви претстои добро расположение, опкружени со пријатни луѓе, креативци со кои секогаш ќе си најдете убав муабет.


Тасе - Ван Гог
“Гледано од оваа дистанца, чувствувам голема возбуда. 'Ван Гог' беше навистина култно место. Се' почна со мојот голем мерак за сликање. Не успеав да се запишам на ликовна академија, студрирав сосема друго, но таа страст кон сликањето постојано ме прогонуваше. Во тоа време почнавме да одиме по музеи, отидов во Холандија, бев во Музејот на Ван Гог и многу го засакав. Кога се вратив во Скопје, сакав да правам нешто паралелно со студиите. Веќе познавав многу луѓе - решив да отворам 'кафич', во куќата на дедо ми, 1986 година. Сакав да направам нешто што ќе биде различно од тогашната скопска шема. И, го отворивме 'Ван Гог'“, се сеќава секогаш ведриот домаќин, Тасе - како што го познававме сите, или, официјално, Зоран Тасев, газдата на “Ван Гог“. 


Барајќи го начинот како да направи место што ќе биде различно од тогашните места за излегување, сепак, не можел да отиде далеку од неговата страст кон сликарството. Решил токму такво да биде и местото што ќе го отвори. Со првите пари што ќе ги заработи решава да купи слики - сликите што и ден денес се изложени во “Ван Гог“, дела на Глигор Чемерски, Петар Мазев, Никола Мартиноски и Сергеј Андреевски.


“'Ван Гог' беше некако најкул место од местата во кои излегувавме. Се собираа неконвенционални луѓе, меѓу нив едно чудо авангарни селебрити ликови. Имаше константна публика. Во тие години на поп музика 'Ван Гог' беше најалтернативното место во Скопје. Затоа беше поинакво. За нас беше точка на собирање. Порано оделе на корзо, ние одевме во 'Ван Гог'. Секој ден беше убав:  друштво, муабети, пиво, цигари, заебанции. Локалот беше мал, па луѓе стоеа и надвор, околу кафичот. Мене, лично, посебно ми беше убаво ѕитчето преку улица, спроти влезот на 'Гог'. Е, таму, на ѕитчето, најмногу се смеевме и се глупиравме“, се сеќава Сани Шалом, девојка што ја запознавме во  “Ван Гог“, денес државен службеник во Тел Авив.


Златните времиња на “Ван Гог“ уредно се архивирани во приватната архива Билјана Стефановска, уште една девојка што секојдневно ја гледавме таму, денес архитект во Франкфурт на Мајна, Германија. 


Билјана Стефановска
“Тоа беа некои времиња кои не беа лесни, време на барања, пронаоѓања и губитоци. Почнав да одам таму кон  крајот на средно и кога почнав да студирам. После се префрлив со студиите во Германија, и секогаш кога доаѓав во Скопје 'киснев' во или пред 'Ван Гог'. За некоја година се промени атмосферата таму, може да се каже и аурата. Таму се чувствував како да сум меѓу свои луѓе, а не како вонземјанка. Запознав интересни  индивидуи, битија, со необичен хумор, кои ми отворија нови светови за  цудење и воодушевување. Тоа беше место за размена на идеи, музика, поезија. Не чувствував притисок за конвенционално однесување, без разлика дали се работи за восклици, театрално-сатирични дискусии за некој писател или композитор, или за тагата заради неразбирањето на светот или некоја љубовна мака. Можев да отидам таму еуфорична или мивкеста, не ми беше непријатно. Благодарна сум што имав прилика да го доживеам тој период на 'Ван Гог' особено на таа возраст“, се сеќава Билјана.


Коста - Ван Гог
“Ван Гог“ оттогаш помина низ разни фази и филмови. За луѓето што го открија на крајот на осумдесттите, приказната за “Ван Гог“ заврши набргу, кога “Ван Гог“ се фузира со “Мондријан“ - “шминкерскиот“ кафич од Чаршија, кога стилот му омекна и кога многу од луѓето што таму доаѓаа дотогаш беа пречекувани од “странци“, луѓе кои не ги пуштаа зад вратата на местото што некогаш им било свето. Такво било искуството и на Сецко, кого не го пуштиле внатре, на договорена средба со новинар на БиБиСи, кому требало да му предаде снимка од најновите студиски материјали.


Но, било како било. “Ван Гог“ в година ќе слави 25 години од основањето. Кафулето денес го води Коста, човекот што долго време работеше во “Ван Гог“. Гледајќи го тоа што го работи, се чувствувате охрабрени. Неговиот филм е поинаков, но, знае да ја негува традицијата. Се гледаме в година? На роденден?






Текст: Васко Марковски
Фотографии: Ивана Кузмановска, Васко Марковски, приватна архива на Билјана Стефановска, Ноќен клуб „Ван Гог“

Friday, December 03, 2010

Сабвеј (Струга)


Никола и Томе Кукунеш,
пред некогашниот влез на „Сабвеј“

Кој одел во Струга, а барал нешто поразлично од кафулиња и диско-клубови со летни хитови, засекогаш ќе го памети. Сите патишта водеа кон 'Сабвеј' - 'институција', 'свое место' и клуб во кој се дружеа и се запознаваа рокенрол луѓе од сите краишта на Македонија

Кој одел во Струга за време на летата, а барал место поразлично од другите, во кое не се пуштаат летни хитови - добро го знае. Го открил и си нашол место за себе, каде да ги поминува ноќите, дури и да дошол без друштво во градот. Не требаше многу време за да се рашири гласот за 'Сабвеј' - кафулето во дневната соба на Кукунешовци. Родителите решиле да им ја исполнат желбата на синовите, Никола и Томе - да имаат свој 'кафич', во кој ќе слушаат музика каква што сакаат, каква што не можат да слушаат во ниту едно од бројните струшки кафулиња и клубови. И, толку требаше. Чувме дека таму некаде, во тесните сокачиња позади Хотел 'Београд', Томе и Никола отвориле 'кафич', таков каков што баравме со години, ние - дојдени од Скопје, од Битола, од Охрид, од каде не? - и нашите пријатели од Струга. Веќе знаевме каде ќе се најдеме - и без да се договараме. Големо семејство од 'наши луѓе', во место кое направи да се спријателиме уште повеќе, за век и веков. Пет години срдечно дружење - од 1995 до 2000.


Трагањето по споменот на 'Сабвеј' го почнуваме со Ангелко Јовчески - Гече, еден од струшките панкери што ги запознавме таму, тапанар на неколку струшки бендови, одличен!


Ангелко Јовчески - Гече
“Беше едно сопче од дваесетина квадрати, но, иако беше мало, правеше децата наречени рокери, панкери, металци таму да осетат една дотогаш невидена слобода. По некое време, се прошири уште за десетина квадрати и, на наша радост, имаше повеќе место за 'шутки'. Се собираа само „такви“ луѓе. Од музика, најмногу имаше југословенски панк-рок, но имаше и 'Дорс', 'Дед Кенедис', 'Сепултура', 'Металика', 'Ајрон Мејден' - се'!. По некоја година почна 'диско', модата, па се измешаа и рејвери, трансери, „гоатери“, и, нормално - пропадна“, се сеќава низ шега Гече.


Сеќавањето ни го свртува погледот кон местото каде што некогаш стоеше диџејскиот пулт. Таму редовно беше Чима - Климе Матоски, тогаш дете, денес искусен веб-дизајнер, стружанец на привремена работа во Скопје. Одењето во 'Сабвеј' си го направило своето: беше првиот веб-дизајнер кој направил веб-страници на македонските рокенрол бендови и артисти.


Чима - Климе Матоски
“Во тоа време Струга вриеше од туристи, немаше строги закони за пушење, за работно време. Имавме клуб во кој се пие евтино ѕидарско пиво! Се слушаше музика и се собираа касети и CD-a, се одеше по концерти и фестивали. Во 'Сабвеј' ќе најдевте луѓе од цела Македонија и многу од луѓето со кои и денес се дружам ги запознав таму. Од музички аспект, беше институција - место за промоција на македонска музика. Гледано од временска дистанца, мислам дека бендови од типот на 'Чиста Околина', 'САФ' и други бендови од тоа време никаде не биле подобро промовирани отколку таму. Клубот доживеа многу интересни музички трансформации. Секое лето беше во различен филм, според тоа што беше актуелно во моментот. Лично јас, таму ја доживеав мојата најголема музичка надградба. Секој ден некој носеше нова музика, преснимувавме, преслушувавме и се надградувавме. 'Сабвеј' беше дефиниција за андерграунд клуб.  Клуб каков што немало во Македонија до денес, иако скромно опремен, со опрема пред распаѓање и со крпени звучници. Имаше некоја неверојатна енергија со која ги привлекуваше луѓето. Пред секое реновирање се собираше екипа од луѓе кои доброволно доаѓаа таму да помогнат. Едноставно, живеевме за тој клуб. Секако, незаборавен дел од приказната се најдобрите сопственици на клуб на целиот свет - Томе и Никола. Без нив 'Сабвеј' никогаш немаше да биде тоа што ни остана во сеќавање“, се сеќава Климе.


Меѓу пријателите што ги стекнавме во 'Сабвеј' е и Мартин Мартиноски, стружанец, тогаш студент и екологист, денес портпарол на Владата на РМ. Ќе ви наброи голем список имиња, луѓе со кои сме се дружеле во 'Сабвеј'.


Мартин Мартиноски
“'Сабвеј' го заслужува епитетот Институција кога станува збор за урбаното живеење, не само во езерскиот регион туку и во цела Македонија, во периодот на деведесеттите години од минатиот век. Беше сврталиште на луѓе кои го носеа духот на супкултурните урбани вредности, на една нова држава која тогаш се раѓаше. Дух на вредности кој опстојува и денес и ни дава сила да се одбраниме од налетите на кичот. Беше место каде што ги храневме нашите души со 'Мизар', 'Тело-наука совршена', 'Анастасија', 'Архангел', 'Чиста околина', 'Сет', 'Ласт Експедишн'. Беше место каде што се мешаа панкот, новиот бран, етното, гранџот, металот, хип хопот, техното, каде што доаѓаше до израз се' што не беше мејнстрим. Томе и Никола, имаа храброст да се вложат себеси и својот дом во место кое обедини луѓе од неколку генерации. Таму стекнавме пријатели за навек од сите краишта на Македонија. Одиш и наоѓаш некој со кој можеш да најдеш заеднички муабет и да ја поминеш вечерта без претходно да се договараш, место каде што секогаш добиваш голема порција квалитетна музика, евтино, но квалитетно пиво (оладено!). Ако си преку ден - играш табла и пиеш кафе, гледаш сеир и слушаш безброј анегдоти, нешто што е практично невозможно во денешни услови. 'Сабвеј' форевер!“.


Еден од луѓето без кои не можеше да помине дружењето во 'Сабвеј' беше Томислав Прањиќ, стружанец кој веќе десетина години живее во Пула, во Хрватска. Кој одел во 'Сабвеј', добро се сеќава на неговите 'интервенции во просторот' - човек кој беше задолжен за 'артворкот' на култното струшко кафуле - од стрип цртежите од Алан Форд на ѕидовите во кафулето, до инвентивните пропагандно-промотивни летоци.


Томислав Прањиќ
“Паметам дека на еден од плакатите за 'Сабвеј', што во тоа време ги правевме рачно, со дебели букви беше напишан слоган 'Домот е таму кај што ти е срцето!'. Денес почнува да ми станува јасно што се' навистина претставуваше 'Сабвеј' - најдобрата 'ствар' што можеше да и' се случи на Струга во тие темни пост-ЈУ времиња'. Место кое нас, правеше ние, 'алтернативците', да забораваме дека живееме во малограѓанска и досадна Струга. Таму со гордост можевме да ги донесеме нашите гости и да не ни биде срам или шубе дека нема добро да се забавуваат. Не беше место со супер фотелји или 'sound system', но секој што ќе влезеше, оставаше таму дел од себе, дел од срцето“.


Крајот му го препуштаме на Шурбе (Костадин Шурбановски), скопскиот диџеј со струшки корени, редовен гостин во 'Сабвеј', секое лето.


Костадин Шурбановски
- Шурбе
“Струга, покрај 'поетските ручоци', е позната и по својот панк и алтернативен музички бекграунд. 'Сабвеј' беше логично надоврзување и продолжување на таа приказна. Се сеќавам, во времето кога го покренавме музичкиот магазин 'Тротоар', однесов во „Сабвеј“ десетина примероци од првиот број, чисто онака, од зезање. Се продадоа за една вечер! Во 'Сабвеј' се муваа кул фаци од македонскиот андерграунд и секогаш гласно свиреше супер музика: пост-панк, алтернативен рок, хип-хоп, даб. Ќе остане запаметен и по оригиналниот тоалет, шанкот со неколкуте инвентар-фаци, како и со и таблото со легендарните Стружани. 'Сабвеј' беше вистински пример, показател и доказ дека Струга отсекогаш била далеку покул од Охрид“.





Сабвеј, од фото-албумот „Subway University - Генерација 97/98“:
Никола Кукунеш, Климе Мато, Томе Кукунеш, Мартин Мартиноски