Wednesday, May 18, 2011

Алфонсо



Би можеле без око да ни трепне да го прогласиме за 'најелегантниот човек во Скопје'. И, би можеле со леснотија да кажеме дека нема човек што бил во Скопје, а не го видел. Нема човек што не го познава шармантниот Алфонсо од Шутка


Мора да сте го виделе низ градот. Човек не може човек да не го забележи. Eлегантен, со очигледен шарм, љубезен со секој што ќе му пријде. Сме го гледале на телевизиите од Шуто Оризари, во филмовите на Емир Кустурица, во духовитиот документарец „Шампионите од Шутка“. Официјалното име му е Рефет Сулејман. Го викале и Тарзан, Роки и со многу други имиња под кои настапувал. Но, сите го знаат како „Алфонсо“, прекарот што го добил според славниот Алфонсо од мегапопуларната серија „Касандра“. Но, едно не' збуни. До „Шампионите од Шутка“, само него го знаевме како Алфонсо, но, таму беше претставен како „чичко Рефет“, шампион на чија трпеза за Ѓурѓовден принесуваат најквалитетните јагниња во Шутка и како голем љубител на дискотеките, еден од најелегантните луѓе во Шуто Оризари, кој претпочита да се дружи со младите. Каде има музика и журка - таму е тој.


Го сретнавме неодамна, на неговото место, на Плоштад Македонија.
Дотеран како и секогаш - блеснат во бело одело. Веднаш се согласи дека и нему ми е местото во „Урбаните легенди“. Го прашавме каде да го најдеме - ни одговори едноставно и дециднo: „Секој ден, од десет до еден, сум во 'Пелистер'. Тука ќе ме најдете“.


Така и беше. Веќе сме таму во ресторанот што ни го посочи. Не поминаа ни пет минути - се појави. Дотеран, елегантен во секој поглед, насочен кон масата за која ни рекоа дека е „неговата“.


Иван Стојановски - Зупче
(Фото: Ивана Кузмановска)
„Нема да ве излажам ако ви кажам дека можеме часовниците да си ги наместиме по него. Си има ритуал - секое утро во девет и триесет е тука, на кафе со шлаг, имаме специјален филџан за него - само тој пие од таков - шлаг до горе, со чоколаден прелив, и - чаша вода со лимунче. Тоа му е секој ден. Кога ќе дојде, нема потреба келнерката да отиде да го праша што треба, туку си се знае. И, што е добро - и јас би го служел - секогаш остава бакшиш“, ни рече со насмевка Иван Стојановски - Зупче, менаџер во ресторанот „Пелистер“, долгогодишен пријател на Алфонсо, додека се распрашувавме каде да го најдеме.


Веднаш ќе ја почувствувате ведрината. Ќе ве поздрави срдечно, со манири и нека не ве чуди ако уште со второто среќавање ги отвори прегратките да ве изгушка. Така беше и овојпат.


„Мислам дека го познаваат 99 проценти од гостите што доаѓаат во ресторанот. Едно што ми се допаѓа кај него е што во недела никогаш не доаѓа во ресторанот - си е посветен на фамилијата. Насмеан, ведар, комуникативен со гостите, секогаш добронамерен - еден од најпозитивните личности што влегуваат во ресторанот. Секогаш е различно дотеран, испеглан. Секој ден е во различно одело, испеглан, дотеран - вистински господин. Секој што ќе дојде, му приоѓа да се поздрави со него. Стари, млади - доаѓаат да се изгушкаат, му бараат автограм, се сликаат со него. Лично сум сведок на неколку интервјуа што со него ги правеле странски новинари. Во ресторанот него го чувствувам како домаќин, не како гостин. Се случува да дојдат група луѓе, да нема место - ќе стане, ќе им го отстапи местото и ќе си седне на шанк“, ни рече Иван, давајќи го воведот.


Со Алфонсо се запознале на снимањето на „Дом за бесење“, каде што требало да настапи Иван, како статист, како дете од Чаир кој знае да зборува и ромски.


„Уште веднаш ме воодушеви со неговиот настап, со начинот на танцување, движењето пред камера“, ни рече Иван на крајот од воведот.


Почнуваме со провокативното прашање: „Од БТР и Шутел вас ве знаевме како Алфонсо, но на 'Шампионите' видовме друг. Кој е вистинскиот Алфонсо?“. Ни одговори самоуверено и енергично - со жар во очите што ретко се наоѓа кај човек на 81 година.


„Други легенди како мене нема. Сите ми признаваат. Велат: ти си популарен, најчесен, најдотеран и најмодерен - од тебе нема помодерен, во Македонија и во Европа. И сите млади се со мене. И ги сакам како моите внуци - имам 30 внуци. Другиот Алфонсо? Тој беше џамбаз (починал.). Ќе купи стара облека, ја пере, ја пегла - ја препродава. Јас се' што имам - се' е марка. Имам син - триесет години е во Париз. Имам друг син во Холандија, имам во Белгија и имам две ќерки во Виена. Имам 65 одела, разни кошули, разни вратоврски - сто, цел шкаф со чевли“.


Фото: Ивана Кузмановска
За себе вели дека „фала Богу“ е „пензионер со голема пензија“, па не штеди пари за облека, имиџ и градско живеење. Сето тоа, како што вели, му враќа повеќекратно. Секојдневните ритуали, секојдневните контакти со луѓето - пред се' младите - прават да биде тоа што е: уникатен лик од градот, господин како животна определба, вечно млад во духот.


„Никогаш не сум бил на лекар. Се дружам со младите. Тука, на масиве, ќе видите, има и мои врсници, но, не ми се седи со стари. Муабетот на тие маси е тажен. Радоста на животот е со младите. И, човек мора да внимава на себе - на облеката, на хигиената, како се однесува со луѓето. Мене ми е тоа многу важно - да бидам секој ден убаво избричен, избањат - скоро секој ден се бричам по два пати, понекогаш - и по три пати. Сум одел во Париз и таму многу сум научил - на женско да бакнеш рака, со машко се ракуваш. Затоа само јас можам да бидам Алфонсо“, ни рече, додека ги листавме исечоците од весниците што пишувале за него и албумот со фотографии од филмските снимања, што ги носи секогаш со себе.


Муарем Рамуш - Цирко
За Муарем Рамуш - Цирко, препознатливиот лик од ТВ Шутел, Алфонсо е скопски "ентериер и екстериер", фаца без која не може да се замисли скопското секојдневие.


„Со неговиот вечно млад дух и задолжителниот имиџ, Алфонсо е една од ретките препознатливи скопски фаци. Има ли некој што не ги знае неговата униформа - бело сако, бели панталони и контра колор вратоврска, со златниот ланец задолжително ставен на видно место, над кошулата; неговите очила за сонце; неговото задолжително кафе во 'Дал Мет Фу' и неговото кибицирање млади девојчиња, на кои никогаш не им пришол на вулгарен, манијачки или педофилски начин, туку секогаш, онака, шмекерски, презентирајќи ги на негов својствен начин манирите од бон-тон и шарм на париска култура, кои ги научил во Париз? Со Алфонсо лично се знам повеќе од 10 години од нашите скечеви и претстави и би можел да кажам безброј хумористични анегдоти од дружењето со него. Вистинска урбана легенда“, ни рече Цирко.


Каков џентлмен е Алфонсо, се обиде да ни долови новинарката Валентина Ѓорѓиевска, долгогодишна пријателка, која од него го научила дневниот ритуал на пиење капучино.


Валентина Ѓорѓиевска - Парго
„Алфонсо, и да сакаш, не можеш да не го забележиш и да го одминеш. Тој е актер-натуршчик и посебна фаца, кој пленува со својата оригиналност, широко отворена ромска душа и интернационален дух. Обожувам да седнам во центарот на градот и да испијам кафе со него. Алфонсо е пример дека можеш да бидеш свој и среќен во околината во која живееш, дека годините не се важни ако сакаш да оствариш некоја своја скриена амбиција - како што тој дебитирал на филм во поодминати години - дека бонтонот и џентлменството можат да бидат одлика на секој човек, доколку тој самиот сака. Накусо кажано, тој човек, по сите основи - има пријателски однос кон животот“.


Средбите со Алфонсо се секогаш такви. Дајте си прилика. Ќе му пријдете, ќе му укажете малку внимание и ќе си заминете со убаво чувство. И најмалото внимание, секогаш ви е возвратено со поголема доза убави зборови, со ситни гестови што прават да се чувствувате убаво.


No comments: