Wednesday, April 06, 2011

Славе Келешовски

Фото: Андреј Гиновски
За тие што го знаат, доволно е само да се спомне неговото име, лично или сценско. Спомни го Славе и пред очи ви се појавува добриот дух од Струга кој не мирува, човекот чие име веднаш ви буди слика на журка -  „Касиус Клеј на диско-музиката“, како што се нарекува себеси во неговото препознатливо диџејско интро

Последно што имавме чуено за него е дека Славе се иселил во Америка, дека веќе 15-20 години е таму. Имавме на ум дека кога-тогаш ќе дојде редот да пишуваме и за него, но ни личеше тешко изводливо - кај ќе го најдеме? - но, се јави Жупан, Владислав, еден од повозрасните пријатели од Струга, во чие друштво учевме за андерграундот и дарк вејвот за време на летните одмори.

„Имам прелог за твоите урбани легенди, Славе Ќелешоски - Диџеј Славе. Посети му го профилот на Фејсбук - че видиш зошто“
, ни пиша Жупан.

1978 година. Имиџот од времето
кога првпат бил избран за
најдобар ди-џеј на Македонија.
Освежувањето на споменот за Славе ептен не' израдува. Го имавме на ум, но, чекавме импулс. Беше пријатно изненадување од човек со кого сме растеле разговарајќи за „Џој Дивижн“, „Падот на Византија“ или „Тело-наука Совршена“ да слушнеме предлог да пишуваме за легенда за која ни требаше време да станеме свесни, барем за некои од нас, кои сме ги чекале нашите петнаесетина минути пред крајот на журките во дискотеките „Алга“ и „Бисер“ во Струга. Човек кој стави печат на едно убаво време, чии настапи, локали и концерти што ги организирал пораснале илјадници луѓе од Македонија - еден од првите радио ди-џеи во Македонија. Човек за  кој треба книга да се напише.

Со години посакувавме прилика да го видиме, барем во следниве пет години. Решивме да го најдеме,да поразговараме дописно, по Скајп. Но, истиот ден стигна порака од Славе. Ни се веруваше:

„Ти благодарам за желбата и за поканата да пишуваш за мене. Утре сум во Скопје, па би можеле да се видиме“, ни пишал Славе.

Седнуваме карши-карши, на договореното место. Не се изменил многу. Истата ведрина во очите, истиот насмеан дух, ја нема долгата коса, но, Славе е Славе - секогаш пријатни средби, макар и да е само едно: Здраво! Почнавме да ги редиме прашањата.

Струга му е летна Флорида,
Флорида му е зимска Струга.
Славе Ќелешовски (лево)
„Америка отсекогаш сум ја сакал. Првпат отидов во 85-та. Како што растев со музиката, отсекогаш сум бил про-западен тип. Музиката ми помогна да ја доживеам уште пред да ја видам. Таму сум со години, но немаше година да не дојдам (во) Струга. Правев страшни трошоци за да дојдам, секоја година, и никогаш не се откажав од Струга, од Македонија. Сега, дојдов за нова година и останав. Тука сме со целото семејство, веќе сум дедо, почнав нешто да работам овде, инвестирам, но, не можам ниту без Флорида, ниту без Струга. Струга ми е летна Флорида - Флорида ми е зимска Струга“, ни раскажа Славе.

Неговиот пат до ѕвездената слава почнал пред 28 години, во 1973, кога десетина месеци лежел во болница во Скопје. Имал 15-16 години, кога родителите во болничката соба му донеле грамофон-радио, за времето да му поминува полесно. Така почнало се' - со првите плочи, со радио емисиите „Три гонга“ и „Вече уз радио“ и италијанските радиостаници. Немирот кон музиката веќе бил роден. Неколку години подоцна, ќе се роди идејата за првиот диско клуб, „Фар“, во некогашниот Младински дом, 1976. Дење ја чистел Женска плажа и наплаќал влезници, приквечер го чистел клубот, ноќта - пуштал музика.

„Беше човек кој не признава ни
шаблони, ни авторитети, ни
квази-авторитети. Отсекогаш
си имал некоја жичка на
безусловна слобода и тоамене
најмногу ме импресионираше“,
д-р Љубинко Трпеноски
„Славе во Струга беше познат како фурија, дечко со невидена енергија. Кај што имаше музика, таму беше Славе. Работеше се', од физичка работа, до пуштање музика. Полека-полека си собираше си собираше сопствена колекција музика. Беше човек кој не признава ни шаблони, ни авторитети, ни квази-авторитети. Отсекогаш си имал некоја жичка на безусловна слобода и тоа мене најмногу ме импресионираше. Беше еден од ретките што тогаш одеа со долга коса, со маици како од Вудсток, но не беше хипи во она 'погрдно' значење на зборот, туку хипи-човек кој со работа сака да се избори за своето“, ни рече д-р Љубинко Трпеноски, кој, како што вели Славе, има огромна заслуга за денес да биде тоа што е - му бил еден вид ментор и главен поддржувач, му помогнал да допре до суштината на говорот, го охрабрувал за проектите што ќе ги намислел.

Нема да помине многу време од „Фар“, за да се случи настанот што ќе му ја донесе славата на незаборавен македонски диск-џокеј. По „Фар“ ќе дојдат „Рупа“ и дискотеката во хотелот „Галеб“; колекцијата плочи на Славе секојдневно се зголемува, а секојдневно се зголемувало и неговото знаење за музиката - безброј информации прочитани во музичките списанија, чуени на омилените радиостаници. На брановите на Радио Струга веќе оди препознатлива емисијата „Музиката е се' што ви треба“. Токму тогаш ќе се случи една важна случајна средба меѓу Трпеноски, главниот урендик на ревијата „Екран“, Тимчо Апостолов, и музичкиот уредник на “Екран“, Оливер Белопета.

„Рекоа дека подготвуваат избор на најдобар диск-џокеј, ме прашаа дали имам некое дете од Струга. Реков дека имам. Веднаш помислив на Славе“, се сеќава д-р Трпеноски.

Изборот се случил во популарната дискотека „Турист“, 1978. Се бирал најдобриот, по систем на елиминација во двојки. На сцената се ределе диск-џокеите, публиката ги честела со аплаузи своите фаворити. Тогаш на сцената се појавил Славе. Пред него бил настапот за кој се подготвувал со денови, по цели денови.

Извештај во неделникот „Екран“, 1978
за текот на  наптреварот за најдобар

диск-џокеј на Македонија 
„Беше преполно. На почетокот можеби на него гледаа со потценување, но се подготвивме одлично - од визуелен настап и имиџ до програма, до фог-машина. И, тогаш се појави Славе - со шешир, долга коса и шарена кошула. Почна со звуци на воз, со магла, и неговото интро - и, мислам дека веќе беше јасно. Првпат се случи да аплаудираат сите“, се сеќава Трпеноски.

Титулата најдобар диск-џокеј ќе му ги отвора вратите и ќе му пружи многу шанси во животот. Ќе ја одбрани уште два пати, едно по друго, по што ќе престане да учествува. Ќе почнат да се редат култните дискотеки што ги работел, радио емисии, концерти што ги организирал, ќе стане личен, сакан пријател на многу имиња од тогашната југословенска естрада.


Според многумина, негово животно дело е незаборавната дискотека „Бисер“, која и ден денес ја паметат многумина, во пакет со неговото препознатливо интро, илјадници пати изговорено во „Бисер“:

„Кога сите одеа да се бањаат,
Славе вежбаше. Затоа и беше со
години прогласуван за најдобар
диџеј“, Велибор Џаровски - Џаро
„Елегантни, мудри и шармантни, привлечни и допадливи, пријатели и, особено, пријателки, здраво! Поздрав до сите присутни и оние кои што се оправдано отсатни вечерва во Дискотека 'Бисер'. Еве, јас почнав да ви зборувам, а вие и можеби немате поим кој ви зборува. Ако немате поим, јас имам поим - ви зборува најблесавиот, најлудиот, но, сепак, најшармантниот и најупорниот диск-џокеј на земјината топка, односно, Касиус Клеј на диско музиката, Крејзи Славе, осуден на вечност“.

„Беше најдобрата дискотека што некогаш постоела, во југословенски рамки. Таква ја правеа музиката на Славе, местотположбата и самиот простор - една пештера во склоп на хотелот. Славе знаеше да направи добар звук, добра музика и добро светло. Беше одличен аниматор на луѓето. Знаете зошто? Зашто кога сите одеа да се бањаат, Славе вежбаше. Затоа и беше со години прогласуван за најдобар диск-џокеј. Еден од најблиските соработници што сум ги имал во мојата кариера“, се сеќава Велибор Џаровски - Џаро.

„Славе беше организатор на првите
панкеријади во Македонија, уште
во 1979“, Владислав Жупан
За Славе имаат убави спомени и луѓето на кои не им била секогаш блиска музиката со која настапувал. Како што ќе откриете разгледувајќи ги неговите фото-албуми на Фејсбук, исечоците од весниците кои пишувале за него, или за кои пишувал - бил многу повеќе од тоа што го сугерирал површниот впечаток.

За Владислав Жупан, тој бил човекот кој ги органзирал првите панкеријади во Македонија, уште во 1979, и човекот кој секогаш знаел да почести и нешто за нив во диџејските-сетови.


„Кога ќе видевме дека ја зема плочата од бел винил, знаевме - следува блокот за нас“, се сеќава Жупан.

За крај, радосна вест. Славе не седи мирен. Повторно пушта музика, во Струга.




Ди-џеј Крејзи Славе, Струга 2011


Во Студиото на Радио Струга, како водител
на емисијата „Музиката е се' што ви треба“
Ако немому сакате да му заблаодарите за првите настапи
на Рамбо Амадеус во Македонија, Славе е човекот!

No comments: