Мајстор на анкетите. Новинар за кого нема затворена врата, невозможна
мисија. Човек кој не пропушта прилика за коктел-дружење. „Новинар на годината“
- според келнерите. Човек каков што би посакал секој вид колектив: редакција, занаетчиски
дуќан или екипаж на вселенски брод
Васко
Марковски
Реџо е легенда. Како човек, како новинар, како фаца од градот. Доволно ви се само неколку средби со него за тоа да го сфатите. Човек кој не пропушта прилика за коктел-дружење, промоција, концерт или изложба. Тоа е неговото место. Таму ќе го најдете. А, кога сте веќе таму, нека не ве чуди ако прашате „Кој е овој до Реџо?“, за некој за кого подоцна ќе сфатите дека бил некоја важна фаца.
Приказната за Реџеп Пампур за многумина почнува со „Пулсирање“, некогашната многу популарна емисија на Македонска радиотелевизија. - со неговите филмски осврти или по анкетите, кои од него направија лик препознатлив во секој дом. Спомнете го неговото име, и речиси секој ќе ви го каже истото: „Оној што правеше анкети?“. Да. Анкетите се клучот кој и денес му отвора многу врати, две години по сообраќајната незгода, од доктор до доктор, од сестра до болничар, додека се бори повторно да стане на нозе, да се врати каде што единствено припаѓа - во јавниот живот.
Со Реџо не се бевме виделе речиси две години, освен едната посета во болница, две-три недели по кобниот петок, кога колегите од редакциите во „Мавровка“ ни се јавија со прашање: „Каде ви е Реџо? Не дај Боже, некој рече дека имал сообраќајка, со моторот - на него личел..!? Знаете нешто?“. За несреќа, така беше. Додека го чекавме Реџо да се врати од настан, да се видиме со втората тура смешки за работниот ден, Реџо веќе бил во Градска болница.
Седиме во дворот и се обидуваме да ја систематизираме меморијата, да дознаеме уште нешто што ќе ни помогне да го склопиме мозаикот. Се редат анегдоти, разгледуваме фотографии, се шири неговата препознатлива, заразна насмевка. Сфаќаме колку ни недостасува. Слушајќи, ги бележиме зборовите со кои најлесно би можеле да го опишеме: ведрина, спонтаност, духовитост, заразно смеење, шегаџија.. препознатлив радиофоничен глас од етерот.. човек за кого нема невозможна мисија, затворена врата, недопирлив човек.. радио. телевизија. весници. веб-портали.. страстен фан на „Ферари“ во Формула 1.. Ни идат убави спомени кога ќе се сетиме на неговите слушливи, концизни и издржани филмски осврти, духовитите анкети, скринсејверот со „форд мустанг“, табакерата „Џони Вокер“ и страста кон моторите.
Години - не кажува, како змија нозе! Но, со радост раскажува смешки од неговите доживувања. На пример, за анкетата со прашање „Што мислите за пратеникот Реџеп Пампур?“, кога добивал одговори како: „Добар е. Многу го почитувам. Тој ќе направи добро за Македонија“; или, да се пофали („Ова за жените што ќе го читаат!“) дека лично се видел со Џорџ Клуни, во Охрид, за време на снимањето на филмот „Миротворец“ во Македонија. Врв на смеењето, би можело да биде неговото животно мото, кое на шега знае да го каже: „Јас во животот не барам многу. Да има колку за парче леб и - за виски!“
Уште од дете бил голем љубител на филмската уметност. Бегал од училиште за да оди во кино, решен да се запише на филмска режија во Прага, откако ќе заврши средно во гимназијата 'Цветан Димов', но, патот го однел на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Но, немало бегање од филмот. Првото нешто по што ќе стане препознатлив како новинар, се неговите филмски осврти, за кои, како што ќе ви речат неговите некогашни соработници, со радост полемизирал, но секогаш бил џентлмен да ги ислуша и да ги прифати различните мислења. Љубовта кон филмот, била почетокот на големото пријателство со режисерот Ацо Ѓурчинов, авторот на некогаш многу продаваниот филм „Исправи се Делфина“. За Ѓурчинов, Реџо е забавен, бескрајно шармантен и добро информиран човек, кому му нема рамен за дружење.
„Одличен новинар, репортер, фоторепортер. Знае да биде прв на сите настани. Но Реџо не е само тоа, туку и добар есеист, одлично ја познава културата. И, не случајно! Реџо беше одличен студент на компаративна книжевност, кај брат ми, Милан Ѓурчинов. За дружење - му нема рамен! Главен аниматор, извор на добро расположение! Како новинар - прв ќе дознае! Му нема рамен! Добро информиран, брзо пишува, одлично пишува; многу патува, по фестивали; комуницира со многу луѓе од естрадата. И, не пропушта коктел! Тоа што е присутен во таквите кругови, прави секогаш да биде добро информиран, така дознава многу. Прогласен за „новинар на годината“ - од конобарите! - не на кое било ново, на ниво на еден 'Александар Палас'!
За Јане Теохаревски, новинар во МТВ, некогашниот уредник на „Пулсирање“, Реџо е човек каков што би посакал секој вид колектив - редакција, занаетчиски дуќан или екипаж на вселенски брод.
„Тој, едноставно, внесува оптимизам и е човек кој ти го прави денот. Денот ти го почнува со некоја шега, и се редат: шеги во серија, кои ги пука како од некој шаржер. Со неговата заразна насмевка, која течеше како каскада, како водопад - ги заразуваше сите околу, ширејќи оптимизам и добро расположение, кои доаѓаа од неговата душа. Затоа беше толку популарен и секој сакаше да работи со него. Реџо успеа да воспостави нови стандарди во правњето анкети - со прашањата, кои разбиваа многу табуа кај нас; со пристапот кон испитаниците, на кои не им поставуваше прашање, туку им правеше пледоаје околу прашањето. Се обидуваше да им објасни, да им помогне околу нивните табуа, затоа што прашањата понекогаш беа незгодни и затоа немаше испитаници што го одбиваа. Кај него испитаникот никогаш не беше исмеан, туку секогаш работеше со една хуманост и сочувственост со испитаникот. На Реџо не му требаше никаква новинарска пропусница. Самиот негов физикус беше пропусница, а негова препознатливост беше насмевката“, ни рече Теохаревски.
За Ивана Настеска, десна рака на Реџо во „Форум“ до незгодата, денес новинар во веб-порталот „Журнал“ - да се работи со Пампур било привилегија, а неговото присуство - одлична работна атмосфера.
„Секогаш беше вицкасто. Со него нема шанси да е досадно. Дури и да не почувствуваш дека се работи, а работиш. Се смееш, ќе сработиш се' што треба и ќе има и резултат. Чест ми е што можам да го наречам колега, зашто уште како мала, за него имав мислење дека е медиумски маестро, кој успеа да ме натера уште на мои осум години да станувам во сабота во девет наутро, да гледам 'Пулсирање', каде што беше дел од уредувачкиот тим. Имав прилика да го запознам уште тогаш, кога гостувавме со моето училиште во емисиите. Ни на крај памет не ми беше дека некогаш ќе работам со него и дека со него ќе почнам моја новинарска кариера. Кога почнав да работам во 'Форум' снимивме неколку анкети заедно и бев воодушевена од тоа како му успева да искомуницира со луѓето, од неговата моќ на убедување. Еден детаљ кој многу зборува за него, е што секаде каде што ќе одевме, јас не бев неговата помлада или нова колешка, туку 'Ова е Ивана, мојата колешка, и ги има сите права што ги имам и јас'. Каде и да појдевме, на терен, на настан - се враќаше со десет нови контакти, од десет нови познаници, соработници, пријатели. Секогаш бевме први на настанот, последни си одевме и секогаш - со мотор“, ни рече Ивана.
Крајот на оваа епизода, го зачувавме за режисерот Ѓурчинов, за еден аманет до Реџо, во духот на „Исправи се, Делфина“ и последните мигови од препливувањето на Ла Манш:
„Што побргу да истрча на терен! Да влезе повторно во јавниот живот, каде што недостасува!“.
Ајде Реџо!
