Saturday, May 24, 2008

Матуранти и по 60 години

Во мај весниците се полни со огласи за прослава на 5, 10 или 20 години од матурирањето. Меѓу нив годинава се појави една навистина ретка инфомрација - првата генерација народни учители годинава прослави 60 години матура.

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Колку ли далечна и недостижна од денешниот ден им личи 2051 година на луѓето што матурирале во времето кога се распаѓаше СФР Југославија, и можат ли да го замислат Скопје во 2068 година младите момчиња и девојки што деновиве ја живеат матурската треска?

Како ќе се именува тогаш нашата држава, во кој воен или политички сојуз ќе членува, ќе никнат ли стокатници во Топаана и во Дебар маало и дали Смарт дотогаш ќе направи евтини двосед-летала за низ град? Дали пензионерите и тогаш ќе се собираат во Жена парк или ќе преферираат средби на интернет, во виртуелното лице на нивниот омилен парк?

Тешко дека некој би можел колку-толку да им го доближи амбиентот 60 години по матурирањето.

Но, одговорот не е толку далечен, како што не беше далечна ни 2000 година, за која мечтаевме како деца, калкулирајќи кој колку години ќе има кога ќе дојде двеилјадитата и замислувајќи ги нашите маала опкружени со роботи и летечки чинии.

Не можејќи да ви понудиме проекција во каков амбиент ќе живеат луѓето од Македонија во 2051 или во 2068, ви го пренесуваме искуството на учениците од првата генерација повоени учители, кои деновие прославија 60 години од матурирањето во Учителската школа Никола Карев во Скопје.

ДРУГАРКИ И ДРУГАРИ..

Повеќе пати сме виделе во вестите како поголема група белоглави мажи и жени се собрале во сезоната на матурските прослави пред интересен портал некаде во Скопје, за кој од прилогот сме разбрале дека бил влезот на некогашното османлиско средно училиште Идадија, и оти по Втората светска војна објектот бил пренаменет во Учителска школа.

Веста во еден од весниците дека на 24 мај токму на тоа место првата генерација народни учители од учителската школа Никола Карев ќе одбележи 60 години од матурирањето беше момент што не смеевме да го пропуштиме. Така и направивме - на денот на Словенските просветители, Свети Кирил и Методиј, во 11 часот, бевме пред порталот на некогашна Идадија, зад бараките на скопската општина Центар.

Свеченоста на моментот можеше да се почувствува веднаш - педесетина белоглави луѓе, елегантно дотерани, стамено се движат накај порталот, разговарајќи на чист македонски јазик, срдечно и ведро.

Уловивме дел од разговорите:

Не си се изменил... а и како да не те познам, толку време сме поминале заедно... Како нема да се измениш, поминале толку години... се видовме на свадба кај (тој и тој)... ааа, ја гледав ќерка ти на телевизија..

Прославата почна.

"Другарки и другари славеници, денес сме посебно горди и среќни зашто славиме многу значаен јубилеј, 60 години од нашето матурирање во учителската школа Никола Карев во Скопје, во далечната 1948 година", разговорот го пресече Душко Станиславски, претседател на Одборот за прослава и еден од славениците од првата генерација повоени учители.

ЖЕД ЗА ЗНАЕЊЕ

Учителската школа Никола Карев, била формирана на 5 септември 1944 година, еден месец по првото заседание на АСНОМ, а првите ученици под тоа име ги примила на 1 март 1945 година.

"Нејзини ученици бевме ние, дел од напредната младина, избрани од штотуку формираните народно-ослободителни одбори ширум Македонија. Секој од нас говореше на својот дијалект - не’ имаше од сите делови на Македонија - но веќе од првиот час ни беше предочено дека ќе го совладуваме македонскиот литературен јазик и говор, говорот од централна Македонија. Првите две години беа тешки и макотрпни - слаба исхрана, дрвени обувки, студени простории - но, жедта за знаење и за дружење, љубов, почит и помош беа повеќе од се’", рече Станиславски во својот реферат.

Како изгледало секојдневието на првите учители додека се школувале, малку подоцна ни раскажа Благоја Јордановски, ученик од првата генерација по потекло од Штип, во кусиот разговор кај влезот на некогашна Идадија.

"Еее, којзнае колку пати сум поминал низ оваа врата. Пред да дојдеме тука, два месеца учевме во зградата на Трговската академија, кај денешна Градска болница. Кога дојдовме во оваа зграда, бевме изненадени - беше големо здание, а ние бевме млади, дојдени од разни страни. Овде учевме, спиевме, имавме кујна во посебна зграда, бања и базен со риби - се’ беше тука. Долу беа училниците, а горе беа спалните. Паркот ни беше близу, одевме, си учевме во паркот, имавме мир, тишина .. а имавме и специјални училници, занимални, читални", ни раскажа Јордановски додека се напрегавме да го чуеме низ вревата од авто-алармот што свиреше додека разговаравме.

ЧЕСТ И ОБВРСКА

Учењето, како што ни кажаа и Јордановски и Станиславски, не било баш лесно - немале учебници, пишувале на рака... но кај сите владеела силна воljа за успех и чувство на обврска да го постигнат тоа, зашто Народно-ослободителните одбори токму ним им ја дале привилегијата да се школуваат за учители.

"Не’ водеше јасната цел дека и’ требаме на државата и на нејзините жители. Со помош на нашите професори, младинските организации и сојузи не ни беа тешки ниту расчистувањето на повоено Скопје, ниту борбата против комарците, пошумувањето на Водно и Гази Баба и други помали или поголеми акции. Сево ова придонесе да се изградиме во зрели и хумани личности", ни рече Станиславски.

Неговиот пријател од класот, Јордановски, радоста на учителствувањето првпат ја почувствувал на 17 години, кога, за време на летниот распуст, описменил 70 рудари од рудниците во Злетово.

"Пред да завршам 4 клас, за време на летото по завршувањето на 3 клас, отидов да работам во Злетово, за да заработам некој динар за да имам додека се школувам. За едно лето описменив 70 рудари и формирав секции - пејачка, играорна.. држевме приредби во соседните места - во Пробиштип.. Управникот на рудникот беше многу задоволен и ми предложи веќе следната година да основа училиште и да ме земе за учител, но желбата да продолжам да учам ме однесе во друг правец", ни кажа Јордановски.

По полагањето на стручните испити, 244 ученици матурирале со звање народен учител, а неколку месеци подоцна, во септември 1948, со решение на Министерството за образование на НР Македонија, секој од нив бил распореден на работа во сите краишта на државата.

МАТЕРИЈАЛ ЗА ЕДНА КНИГА

Подвигот на првата генерација учители и нивните достигнувања во општеството биле вистински предизвик за новинарот на Македонската телевизија Иван Глигоровски, кој подготвува книга за нивниот животен пат.

"Во книгата има многу раскажувања за животот во школата. Во неа учеле луѓе од сите краишта на Македонија и само еден ученик од Егејска Македонија, Крсте Василевски. Највпечатлив од се’ е нивниот голем ентузијазам. Дружењето со нив секогаш е добра инспирација", ни откри дел од впечатоците.

Средба на генерацијата, како што ни раскажа учителот Јордановски, годинава се одржала по шести пат, но не чекаат 10 години за да се видат со пријателите од класот. Со другарите од другите градови се собираат на 10 години, но со другарите од Скопје се гледаат почесто.

"Веќе неколку години, секој прв вторник во месецот се собираме со петнаесетина другари на ручек во кафеана, а здравје, ќе се собереме и за 70 години, ако сме здрави-живи", ни рече учител Јордановски, испраќајќи не со неговиот оптимизам.


Wednesday, May 21, 2008

Најмалиот музеј на светот

Викендичката на скопјанецот Моне Златев во тетовското село Џепчиште на прв поглед по ништо не се разликува од соседните куќи. Но, разликата е огромна - во неа е сместен најмалиот етнолошки музеј на светот, со повеќе од 1.150 предмети во 7,2 квадратни метри

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Андон ДАВЧЕВ

Се сеќавате ли на миговите поминати во подрумите на вашите предци, разгледувајќи наоколу разноразни предмети, обесени на клинче, за кои можете само да претпоставувате што се и за што служеле? Ви текнува ли колку долго можеа да траат таквите разгледувања, небаре сте поминале мали вечности откривајќи нови и нови приказни во предметите што некогаш секојдневно сте ги гледале во просториите за дневен престој во нашите домови? Таква возбуда во себе крие викендичката на скопјанецот Симеон Моне Златев, во тетовското село Џепчиште, каде што е сместена збирка од 1.150 такви предмети на површина од 7,2 квадратни метри.
МУЗЕЈОТ Е ВАШ

Ни беа потребни неколку средби со Моне за да се наканиме да отидеме да го видиме Најмалиот етнолошки музеј во Светот, како што ја нарекува нашиот домаќин неговата збирка. Таквата формулација најпрвин може да ви изгледа претенциозна или национал-романтичарска, но доволно е да го пречекорите прагот и барем малку да поразговарате со домаќинот за да се разубедите.

Тоа можеше да се забележи уште веднаш, на тргнување од Скопје накај Тетово, кога автоматски им го претставивме на колегите како сопственикот на музејот, на што веднаш реагираше, кротко велејќи:

"Не, сопственици сте вие. Музејот е ваш, на вашите предци. Јас сум само случајно човекот кој требало да се грижи за предметите што ви ги оставиле".

Збирката е сместена во едно сопче и во претсобјето во призејето на викендичката на Златеви. Годините веќе го преполниле просторот со предмети од домаќинството, семејното стопанство и социјалниот живот од пред нашата ера до 20 век. За можеме да влеземе, најпрвин моравме да причекаме домаќинот да извади дел од нив во дворот, формирајќи поставка на отворено.

"Ние, Македонците сме скромни. Нам не ни прилега да се фалиме дека сме први во нешто или дека имаме нешто што е најголемо во Светот. Затоа, имам желба да влезам во Гинисовата книга на рекорди со нешто што ќе биде најмало, со најмал етнолошки музеј на светот. Но, тоа не значи дека сме мали духовно. Често знам да им кажам на посетителите од странство дека Македонија и Македонците, можеби се сиромашни материјално, но оти не постои мерка што ќе ја измери нашата духовна големина. Затоа и влезот е бесплатен, од што многу често се изненадени странските посетители", ни рече Златев изнесувајќи во дворот нова тура изненадувања.

Музејот, како што дознавме од разговорот, досега го посетиле повеќе од 10.000 посетители од сите краишта на светот.

МИРИСОТ НА ИСТОРИЈАТА

Чекајќи ја средбата со полиците, имавме прилика да ги прочитаме искуствата на посетителите, од Америка до Јапонија, запишани на десетина јазици, и покрај ризикот туѓите искуства да влијаат на нашите впечатоци.

На страницата што ја отворивме по случаен избор, беа записите на Шаун Морел од САД, која вели посетата на музејот во викендичката на Моне Златев била "совршена презентација на македонското гостопримство". За Хенри Мол од Лос Анџелес, музејот во Џепчиште е "прекрасно место што сите мораат да го посетат". Меѓу нив беше и записот на Сара Дуклас од Калифорнија, за која посетата на музејот направила по којзнае кој пат да сфати дека "убавите нешта доаѓаат во мали пакети", а еден од највпечатливите записи беше кусата реченица на турски, запишана од Џејлан од Скопје, која вели: "Овде историјата има мирис".

Дворот полека се исполни со поставката што полека-полека ја нареди нашиот домаќин. На едниот крај во тревата веќе беше наредена мала одаја со софра и троножци врз црвен ткаен килим, а наоколу, како млади невести што ги служат гостите, стоеа кукли облечени во носии. На другиот крај - композиција од алатки за смоларење, за вадење смола од дрвјата на француски начин.

ПРИБЕЖИШТЕ И ИНСПИРАЦИЈА

Пред да влеземе, посакавме да ја дознаеме историјата на музејот.

"Кога беше време да бирам професија, многу сакав да се запишам на студии по етнологија. Во тоа време кај нас немаше такви студии, па решив да се запишам на архитектура. Завршив архитектура, цел живот работев како архитект, но етнологијата засекогаш ми остана како немир, како неостварена желба. А, музејот, почна да се создава самиот. Се’ почна со невестинскиот фустан на мојата мајка и со предметите што ги најдов во нашиот дом. Полека-полека збирката се зголемуваше, луѓето што ми се блиски дознаа за таа моја страст и веќе почнаа самите да носат секој по нешто што му се нашло во подрумот. Меѓу луѓето што знаеа за збирката имаше новинари од Радио Тетово, и од нив дојде првата идеја да почнам јавно да ги покажувам предметите што ги имав собрано, велејќи дека збирката веќе ја надминала границата на приватно задоволство. Така, почнаа да доаѓаат новинари, по новинарите почнаа да доаѓаат групи ученици, по нив странците и, еве, до денес во музејот поминаа повеќе од 10.000 луѓе од сите страни на светот. Тука се чувствувам најдобро и тука сум нашол мир и спокојство секогаш кога ми било тешко", ни раскажа Златев.

За збирката што ја создал во последниве 20 години се објавени повеќе од 60 репортажи во медиумите во Европа и во прекуокеанските земји, а Најмалиот етнолошки музеј веќе неколку години е дестинација што се препорачува во водичот за земјите од западниот Балкан на популарниот издавач Lonely Planet.

ПОКЛОНИ СЕ И ВЛЕЗИ

Конечно, дојде мигот што го чекавме со нетрпение, како што некогаш ги чекавме миговите да влеземе во подрумите на нашите дедовци. Бидете подготвени уште од прагот за милион прашања што ќе си ги поставите гледајќи ги предметите:

Чија е оваа стара машина за пишување, што ли наплаќал бакалот со оваа фискална каса од некое минато време, каква ли зделка е означена со овие точки и цртички на овој некогашен рабуш? Какви абери му пренесувал овој ротари телефон на некогашнот сопственик и за кого биле наострени оваа кама, сабја, бајонет или ова овчарско ноже? Ни на крај памет не би ви паднало дека оваа бакарна софра некогаш била на дното на Дојранското Езеро, каде што ја фрлило некое османслиско семејство напуштајќи ја Македонија.

Свесни дека може лесно да ви се случи да далдисате барајќи ги одговорите, се обидувате со нова стратегија - на пример, какви се’ звуци се кријат во оваа просторија. И, повторно тргнувате кон нова бескрајност - ѕвончиња, ѕвонци и прапорци, стари грамофони со рачка за навивање, зурли, гајдарки, двојници, кавал, полицајско свирче, едно од многуте радија лампаши со градовите испишани на плочата за бирање или телалски барабан од времето на кралска Југославија.. - нова крајност.

Се обидувате повторно - на пример, да дознаете што се’ се чувало во сандаците за чеиз веднаш оддесно во претсобјето, во сандакот од 1896 година обложен со камилска кожа или во патниот дрвен куфер којзнае-кога донесен од Америка.. - повторно се откажувате и повторно почнувате од почеток.

"Ете, за тоа ви зборував. Овде си го наоѓам мирот", ни рече Моне, како да сака да каже дека не сме единствените што така го доживуваат музејот.

И НАЈМАЛ И ПОГОЛЕМ

Средбата решивме да ја завршиме на масата во дворот, кај книгата со впечатоци, апликацијата за "Гинис" и деветте етно-календари со слики пд експонатите во музејот што ги објавил од 1999 година до денес. Зборувајќи за одговорот што го чека од издавачите на Гинисовата книга и за иднината на музејот, ни откри дека следниот чекор за кој размислува е да обезбеди нов, поголем простор за изложување на експонатите.

"Овде е веќе преполно, но не би го растурал музејот. Со или без Гинис, тој веќе си ја покажа својата тежина, со самото тоа што го посетиле 10.000 луѓе и што има збирка со предмети од пред нашата ера до 20 век. Сепак би било подобро барем дел од нив да бидат изложени во простор каде што ќе можат да дишат. Па, на крајот на краиштата, како што знам да се пошегувам со пријателите, Моне може да си дозволи луксуз да го има и најмалиот музеј на светот, но да има и некој поголем", ни рече.

За крај решивме и ние да ги внесеме нашите впечатоци во книгата на посетители. Блокирани од амбицијата со што помалку зборови да пренесеме дел од морето впечатоци од тоа што го видовме, најзгодна ни се виде една мисла на Ван Гог, опишувајќи ја сликата "Еврејска невеста" од Рембрант: би можел да ја гледам засекогаш и да бидам среќен.


Tuesday, May 13, 2008

Град на кули и мостови

Доволно е само еднаш да отидете во Кратово. Додека си заминувате од таму, веќе правите план повторно да се вратите. Град кој секогаш има нови приказни да ви открие - кулите и мостовите се само дел од нив

Пишува. Васко МАРКОВСКИ

Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Кратово е град кој не ве остава рамнодушни. Тоа е љубов на прв поглед. Кратово е како дрога. Еднаш ќе го пробате и никогаш нема да ве остави целосно на мир, едно зрнце од вашата свест и потсвест секогаш ќе мисли на него и постојано ќе ве повикува назад, макар и на час-два.

Доволно е на прегратката што ви ја нуди Кратово да и’ пристапите со отворено срце. Другото ќе го направат енергијата од смирениот вулкан, што ја чувствувате насекаде околу, срдечните кратовци и шармот на средновековните кули и мостови.

ГРАД ВРЗ КРАТЕР

Една од најчестите погрешни предрасуди за овој град е дека Кратово е безлично рударско гратче, кое нема што да понуди освен правливи улици и невпечатлива архитектура.


Но, не бидете наивни. Влегувајќи во Кратово, влегувате во град што бил изграден врз вулкански кратер, низ кој течат три реки, поврзани со мостови од камен, кои уште од првата средба засекогаш ќе останат во вашата меморија. Но, тоа не е се’. Влегувајќи во Кратово, влегувате во град изграден на темелите на древна рударска населба што првпат била спомната во историјата пред 27 векови, како рударска населба во Хомеровата Илијада. Шесте средновековни кули, меѓусебно поврзани со подземни ходници, ќе ве потсетат на времето кога од кратовското среброто се ковале пари за европските-градови држави и кога редонвни гости на градот биле трговците од Истокот и од Западот.

МАЈСТОРИ НА ЅИДАРИЈАТА

Не изненадувајте се ако останете без зборови и ако се фатите себеси во разговор со себе кога ќе тргнете да ги разгледувате кратовските мостови. Шетањето од мост до мост истовремено ве восхитува и отвора пред вас безброј прашања. Ќе бидете вчудовидени од градителските решенија и од врвната изработка и ќе се прашувате себеси колку мајстори ги граделе, колку камен потрошиле и колку време било потребно за да се изгради еден мост. Разгледувањето на мостовите е доволно голем предизвик и кога тоа го правите самите со себе, но овој пат решивме да побараме водич.

ТАЈНИОТ ЈАЗИК НА МОСТОВИТЕ

Седумте камени мостови, како што ни објасни од Стевче Доневски од Општинскиот центар за карпеста уметност, биле изградени во 18 и во 19 век. Чаршискиот, Грофчанскиот, Јокширски мост и Горномаалскиот мост ја премоствуаат Табачка река, а другите два, Аргулички мост и Радин мост се над Манцева река.

"За секој мост има по неколку приказни и секој мост со својата форма носи некаква скриена порака. Грофчанскиот мост има два свода со отвор на средината и за него се вели дека го прикажува ликот на градителот, кој немал носна коска. Најтежок да се изгради бил Јокширскиот мост или Свински мост (на кратовски јокшир е свиња). Едното предание зборува дека мостот го градела цела армија ѕидари, за кои биле заклани многу свињи за да се нахранат, па оттука го добил и името. Според другото предание, толку било тешко да се направи мостот, што го чувствувале како ѕвер, кој морале да го нахранат со многу свињи за да можат да го изградат", ни раскажа Доневски.

Најпрочуениот меѓу денешните кратовски мостови е Радин мост на Манцева река. Според една народна песна, мостот го граделе деветмина браќа, но тоа што ќе го изѕидале преку ден, преку ноќ се уривало. Така било се’ додека во темелите на мостот не ја заѕидале невестата на најмалиот брат, Рада, која дошла да да им донесе ручек на мајсторите.

ЕДНА КУЛА - ЕДНА ПЛАНИНА

Прошетката ја продолживме кај Симиќевата кула, една од шесте средновековни кули што можете да ги видите денес во Кратово. Изградени се во периодот од 1365 до 1380 година и служеле како живеалишта и како трезори за чување на парите што се ковале по нарачка во кратовските ковачници.

Во разгледувањето не’ водеше Драган Ѓеорѓиевски, директор на Музејот на градот Кратово, кој ни раскажа дека во градот некогаш имало 13 кули. Денес од нив се останати Симиќевата кула, Златкова кула или Кула на Асан Ефенди, Саат кулата, Крстева кула, Еминбегова кула и Хаџи-Костова кула. Од нив во најдобра состојба е Саат кулата, во која е поставена изложба на тема Кратово низ вековите.

Во кулите се случувале сите зделки со кои се нарачувале пари од кратовските ковачници, а поради безбедноста што ја нуделе истовремено биле и трезори во кои се чувале скапоцените метали и изработените кованици. Дека биле речиси неосвоиви можете и самите да почувствувате гледајќи ја масивноста на ѕидовите и пушкарниците што ги гледате на сите четири страни додека се искачувате од кат до кат.

"Само за изградба на една кула биле потребни околу 2.600 кубни метри обработен камен, што е колку една планина од камен. Кулите биле речиси неосвоиви. И да успеел некој да им се доближи и да се пробие низ вратите, тешко дека ќе можел да се качи во трезорите, зашто по скалите го пречекувале огнени топки од стопено олово и борова смола", ни рече Доневски.

Најголемата тајна на безбедноста на средновековно Кратово ја видовме на заминување. Под секоја кула некогаш имало тајни ходници за евакуација, кои завршувале на периферијата на градот, кај Радин мост, низ кои некогаш се спасила убавата Сара бегајќи од Турците.

Сакате да ги видите? Појдете во Кратово. Ќе ги најдете во ресторанот под Емин Беговата кула.

Wednesday, May 07, 2008

Каменот што носи деца

Стотици луѓе секоја година на Ѓурѓовден го браат Говедаров камен, големата карпа кај Свети Николе за која се верува дека им дава пород на жените што не можеле да забременат.

Ни дожд, ни кал до колена. Ништо не може да ги предомисли луѓето што веруваат дека големата карпа на тромеѓето меѓу светиниколските села Ерџелија, Пиширово и Амзабегово ќе им помогне да добијат дете, откако на разни начини се обиделе да најдат решение со методите на класичната медицина. Така беше и годинава, на Ѓурѓовден, кога стотици луѓе од сите делови на Македонија, од соседните и од подалечните земји дојдоа на Говедаров камен верувајќи дека големата карпа, свети Ѓорѓија и ритуалите ќе им помогнат нивнинте снаи, ќерки или сопруги да добијат дете.