Friday, April 22, 2011

Канго


Канго
(Фото: Васко Марковски)
Малкумина ќе спорат дека си имаме работа со вистинска легенда, нај-препознат-ливиот лик од Кочани, рокенрол фанатик со речиси 50 години непрекинат стаж на сцената во Македонија


Среда. Доцните осумдесетти, раните деведесетти. По секоја цена решени да излеземе во град, уверени дека ќе најдеме нешто интересно да се помине вечерта со пријателите. Кога веќе се бевме потсобрале некоја група, без идеја каде да одиме, од некаде се појави Диме, од „Ласт Експедишн“, вели, ај да одиме до „25 Мај“ (денешно МКЦ), ќе имало некаква свирка, некаква промоција. Го прашавме кој, како - ќе свирел некој Канго, од Кочани. „Ај да видиме“ - лесно се решивме немајќи некоја попаметна идеја како да ја поминеме ноќта, а да не биде секој ден истото. Влегуваме во „Дансинг“. Веќе ечеа тапани, во познатата стаклена акустика, дисторзирана гитара, и некакво пеење. Пред нас се појави трио, сосем неочекувана појава: тип со бел „стратокастер“, со имиџ и појава како Џими Хендрикс
, басист со црвенкаст „пресижн“ и „бубњар“ со раскошен комплет тапани, со олд-скул знак за препознавање на изведувачот на сцената - името на бендот означено на „бас-бубањот“: „Канго“, напишано над вкрстени гитари, меѓу крилја на троглав ангел, насликани со, да бидеме искрени, барем како што го доживеавме тогаш, инфантилен ликовен израз. Бевме импресионирани од појавата и се изнамачивме некако да ја класифицираме - и во првиот момент, и во деновите, годините што следуваа. Првата средба ја направи уште потешка за опишување, за сфаќање - поводот за свирката. Промоција на збирка стихови рок-поезија, „Воскресение“, чиј автор беше тој, Симеон Иванов - Канго, која бесплатно ни ја поделија по „свирката“, на чија визит-карта исто толку самоуверено, каков што беше и настапот, беше напишано: „Симеон Иванов - Канго, музичар, поет и сликар“.


Оттогаш поминаа дваесетина години. Името на Канго ни беше веќе познато, а веќе колку-толку ни беше познат и неговиот „филм“ - што од збирката поезија, што од следните настапи низ годините - свирки и промоции на книги и касети, на чија динамика веќе се поднавикнавме.


Би било неискрено да кажеме дека некогаш ни самите ние, во нашиот круг на пријатели, не сме правеле шеги на сметка на „бајатиот филм“ на Канго, на неговата на прв поглед „аутсајдерска“ рок-поезија, на неговата хиперпродуктивност, стремеж кон мултимедијалност. Но, сепак, од време на време вниманието знаеја да ни го привлечат неговите касети или збирки кои некогаш ни ги подарил. Ќе ги ѕирнеш барем колку за да си ја задоволиш љубопитноста, уште еднаш да се обидеш да го сфатиш - кој е неговиот „филм“, што е тоа што го проповеда, да си ја исполниме душата со пријатни чувства, соочувајќи се со неговата храброст и искреност.


Дваесетина години потоа, седнуваме карши-карши. Искрено и машки - прилика од прва рака да чуеме толкување на неговите рок-проповеди, рок-исповеди, на неговите храбри тези и теории за силата на рокенролот, за Орфеј како „првиот рокер во историјата на светот“, за Македонија и Македонците, кои непоколебливо верува дека ќе го спасат светот. Разговорот со Канго знае да ве збуни, да не можете да се носите со квантитетот информации кои можеби не ви се нови, но ви се понудени на еден неочекуван начин. Со секоја следна средба, со него или со неговото творештво, сфаќате дека се' што кажува, се' што проповеда - има некаква логика, само да не влезете во стапицата да ги буквално да ги сфатите буквално толкувани симболите и историските мотиви низ кои се изразува - бил реинкарнација на Џими Хендрикс, вонбрачно дете на Џенис Џоплин, или дека Орфеј себеси се нарекувал рокер, наместо да погледнете на суштината - на сличностите на неговото пеење и пораката на рокенролот. Го вклучуваме снимачот и слушаме.


„Често пати велам дека се исповедам. Во една прилика еден пријател ме праша дали се исповедам, го прашав: зошто? Затоа што, јас немам гревови, а и кога имам, јавно го кажувам тоа и јавно барам прошка, на сцената. Канго стана она што сакаше да биде, а нашето секојдневие не ни дозволува да го живееме својот сон. Отсекогаш се чувствував како дете на Светот. Некогаш бев само дете што сонува да фати гитара. Првите гитари ги гледав по земјотресот во 1963 година, од еден бенд од Кочани, кој свиреше шпанска музика. Од друга страна беше класичниот рокенрол, кој беше малку затворен во себе, но имаше своја динамика на развој. Целата таа светска динамика, јас ја следев како дете од Кочани, дете од провинција, припадник на Балканот и на Македонија, но истовремено - дете на светот. Новиот албум, 'Проророштва', зборува пророчки за она што било некогаш. Кога бев мал, пеев, играв и рипав, ама една комшика, дебела и итра, и' рече на мајка ми: 'Ах, овој твој ќе биде свирач, пејач див'. Мајка ми рече само: 'Ах, нека е само добар, здрав и жив'. Кога завршив гимназија, кога ме прашаа - 'што ќе студираш сега?' - реков: 'Сакам да бидам рокер'. 'Абе, будало', велеа, 'нема факултет за рокенрол'. Тогаш, кога имав 19-20 години, бев опијанет од светлината на светското збиднување: 'ние креваме револуција и бунт за подобро утро, но не со деструкција, туку со љубов и, наместо да војуваме и да се тепаме - да се љубиме'. Направив седум албуми, сега го подготвувам осмиот“, се сеќава Канго.


Насловите на албумите и на збирките поезија зборуваат за воскреснување, вознесување, вдаховение, реинкарнација, откровение, проповеди и - пророштва.


„Во суштина, тоа е стремеж да бидам среќен во овој хаос од изгубени вредности - паѓање на стопанството, морално-политичката деградација, изгубени илузии, изгубени соништа, изгубени мерила за вредности. За жал, и тоа е многу тешко денес, кај нас, во Македонија, зашто вистински рокенрол во Македонија не се свири, а и кога се свири, тоа е во ограничени можности. Веќе 40 години го следам творештвото на југословенските големи рокери и најголемиот дел од нив се мои современици, моја генерација. Ќе дојде Бора Ѓорѓевиќ, ќе одржи концерт - неговите песни ги знаат на памет, моите песни не ги знаат. Затоа, уште еднаш провокативно прашувам: дали во мене постои опседнатост од величини, мегаломан? Дали сум психички неурамнотеежен? Дури и - дали сум нормален? Се обидувам да одговорам преку стиховите: 'Велат дека многу се занесувам / и кога свирам, песните немаат крај. / Ах, од мечтаења луди, сега јас не можам да створам сјај. / Од стварноста распнат / без благослов скитам / од беспат проголтан / и не ме сака никој'. Или овие: 'Ко пантер див сум / спремен да скокнам / срце ќе препукне за лет / Каде да бегам / тесно е овде / со презир ме гледа / отметниот свет. / Време тешко / средина глува / не можам да најдам мир / корени од детство ме врзале цврсто / а, ме тера нешто / од родната шир. / Овој рокенрол, не е како другите / ова е животот мој'“, го слушаме Канго, како зборува со жар.


Разговорот со него може да трае со часови. Секому што ќе седне да го слуша со отворено срце, ќе му стане јасно дека поинаку не може да биде, дека не може понакусо да се раскажат 50 години поминати на рокенрол сцената, исповедта на најстариот континуирано активен рокер во Македонија. Би можеле со часови да зборуваме за спојот историјата на Македонија и пораките за обединување на светот преку рокенролот, за славењата во чест на македонските великани на споменикот „Мактеон“ кај Кочани, чиј иницијатор е Канго.




Тошо Филиповски
Приказната за Канго ќе се обидеме да ја заокружуваме со гледиштето на друг кочанчанец, Тошо Филиповски, денес сопственик на продавница за плочи во Скопје, кој растел во Кочани, речиси секојдневно среќавајќи се со појавата на Канго, рокерот од Кочани кого го препознаваат и децата од прво одделение. Не знаете како да го најдете Канго во Кочани? Прашајте го и најмалото дете што ќе го сретнете, ќе ве упати на вистинската адреса. Проверено.


„Мојата перцепција за Канго отсекогаш била за Канго рокерот, а не онаа општата која ја имаат многумина, како за Канго уметникот. Лично, сметам дека таа негова мултимедијалност не дозволи до крај да го покаже сиот раскошен талент на Канго рокерот. За Канго знам веројатно откога знам за себе. Се сеќавам дека на почетокот на 1980-тите мојот однос кон него, како на секој млад, бунтовен панкер, беше - fuck off! Веќе кон крајот на осумдесеттите работите полека се сменија, моите интереси се проширија кон базичниот рокенрол, а Канго беше единствениот, или еден од малкутемина кои во нашата држава ги свиреше шеесеттите и седумдесеттите. Се сеќавам дека тогаш го препорачав на мојот пријател Зденко Фрањиќ, од издавачката куќа 'Слушај најгласније' од Загреб, кој беше наголемо завлезен во издаваштво и промоција на гаражни рокенрол бендови. Договорот беше Канго да отсвири концерт во Загреб, Зденко да му издаде касета, па потоа, што биде - биде. Се' уште не знам зошто Канго не отиде на тој концерт, и мислам дека тука ја испушти можноста да направи пресвртница во своето музичко отворање кон светот, да направи пресврт во неговата музичка кариера - прилика да ги 'апдејтува' неговите музички погледи. Следуваа години во кои настапуваше, твореше и издаваше во Македонија, но, ми се чини дека секогаш одбираше погрешни луѓе со кои ќе соработува и не успеа вистински да се промовира на музички план. Неговите изданија секогаш беа некако бајати и недоречени, но никој не најде начин да му посочи каде треба да се движи, како да оди два-три чекора напред, а не еден назад. Во тие многубројни изданија често недостигаше модерност, енергичност и свежина, но, едно не смее да му се оспори: како ретко кој друг од урбаните легенди што се споменуваа во овој серијал, Канго успеа да создаде бренд од самиот себе. Бренд лесно препознатлив низ цела Македонија, па и подалеку. Веројатно тоа се должи на неговата фанатична упорност, истрајност, посветеност кон тоа што го работи“, се сеќава Тошо. 


Крајот на приказната му го препуштаме нему.


„Канго стана синоним за рокенролот како начин на живеење - без компромиси - и, можеби токму тоа, или правењето компромиси на сопствена штета, направија Канго уметникот да го изеде Канго рокерот. Веројатно тој негов ангажман и ставови на немузички полиња - политика, историја - придонесе понекогаш да слушам од луѓето и потсмевливи, зајадливи, невкусни коментари. Си велам - Прости им! - не знаат, не сфаќаат, не чувствуваат, не разбираат.. или, повторно ми доаѓа да кажам fuck off, како пред 30 години, но овојпат насочено кон нив. Затоа што сега убаво разбирам што значи да си посветен на нешто до фанатичност, синдромот Петар Пан, што значи - да бидеш рокер во средина во која музиката е третирана единствено како забава за пубертетлии, а не како животен стил. Искрено се надевам дека Кочани и Македонија ќе знаат да го прочитаат овој 40 и повеќе годишен труд на Канго и барем симболично да го валоризираат, најмалку на начин на кој го има направено со многумина no name таканаречени 'музичари', само затоа што знаат да се излигават кај што треба. Е, Канго тоа не го знае. Затоа - респект пријателе! Long live Kango'n'roll!“.

No comments: