Wednesday, June 18, 2008

Патот на езерата

Скршнете пред Стража накај Маврово и Дебар и така стигнете до Охрид. Ќе видите три езера повеќе, Радика, живописни села и Дебар. За промена, наместо 174, поминете 200 километри - сликите што ќе ги видите вредат многу повеќе

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Можеби сто пати сте поминале покрај тој знак и сто пати сте го одминале како нешто што не ве засега, како нешто што се однесува на некој друг, додека итате накај Стража, за миг порано да земете здив, па да продолжите накај Охрид. Но, вреди да подзастанете, да подразмислите и да си дозволите да паднете во тоа искушение - да скршнете вдесно и да продолжите преку Маврово и Дебар.

ДЕСЕН ЖМИГАВЕЦ

Се почнува на крстопатот кај Ново Село, веднаш над каменоломите над Гостивар, кога веќе ви доаѓа преку глава од возење втора-трета-втора-трета. Сината табла ви нуди две можности - да продолжите по магистралниот пат М-4 накај Кичево или да дадете десен жмигавец и да тргнете во непознат правец, низ нови пејзажи, по Патот на езерата, преку Маврово, Дебар и Струга.

Песимистички гледано, имате 26 километри повеќе за возење, патувањето ќе трае еден час повеќе, ќе потрошите малку повеќе гориво и ќе стигнете во Охрид еден час подоцна. Но, оптимистичкиот поглед нуди многу повеќе. Ќе видите пејзажи што ги гледате првпат, три езера на патот до Охридското, живописниот кањон на Радика, нови места за починка што нудат нова закуска наместо мекиците на Стража... "Свети Јован Бигорски", живописни села како Јанче и Косоврасти, да ѕирнете преку границата со Албанија... а цената е да си го нарушите комодитетот и да преминете од магистрален на регионален пат.

Тогаш, зар нема да се решите за вожња во трета, да ги послушате Монти Пајтон и да погледнете на светлата страна на животот или да се сетите на Џон Ленон и да му дадете шанса на мирот.

КАЧАМАК ВО ТРНИЦА

Наместо на Стража, на кафе-пауза застанете во Маврови Анови, првото населено место на брегот Мавровско Езеро. На десетина минути можете да скршнете и преку браната, накај Маврово, за одблизу да ја видите потопената црква "Свети Никола", која во моментов е над нивото на водата. Ако сакате закуска, не пропуштајте ја можноста да застанете во ресторанот "Кораб" кај селото Трница, на десетина минути возење од браната накај Дебар. Тука ќе го најдете најубавиот качамак на светот, а приказна за себе се киселото млеко и сирењето. Најчестата реакција на посетителите е дека задоволството чини многу, но вреди да се проба, а и газда Урош треба да подразмисли за цените. Но, продолжуваме по светлата страна на животот...

Заминувајќи од Трница накај Дебар, некаде пред крстопатот за Жировница, ќе ја здогледате Мавровска Река, а малку подоцна, кај да е, ќе се појави Радика. Еве ви можност одблизу да ја видите реката за која сте гледале милион и една репортажа на програмите на Македонската телевизија.

Можеби ќе ви одземе повеќе време од планираното, но имајте на ум дека од ридовите на Жировница, Битуше, Ростуша и Велебрдо најубаво можете да го видите манастирот "Свети Јован Бигорски".

ГЕРМАНСКИ ТУРИСТИ

Посетата на манастирот, освен што е можност да го почувствувате духот на монашкиот живот, е и можност да ги видите врвните достигнувања на прочуените градители, копаничари и фреско-живописци од реканскиот крај, низ кој минувате.

Градежни машини на патот најавуваат дека, кај и да е, следната сезона возењето ќе биде поудобно, а патот поширок и попрегледен. По десетина минути возење ве чека уште еден пример за градителските вештини на луѓето од овој крај - селото Јанче. Велат, овде се прави одлично сирење, а глетката прави да не можете, а да не застанете, барем колку да го фотографирате селото. Тука првпат го забележавме комбито на германските туристи кои, привлечени од убавините, како договорени со нас, застануваа секаде каде што ќе застаневме да фотографираме.

Патот води низ живописниот крај што го најавува мост преку Радика кај Скудриње. Полека насетувате дека, кај да е, пред вас ќе се појави Дебар. Одлево се двои патот за Лазарополе и Гари, а оддесно - ново изненадување - убавина што не сте можеле ни да претпоставите дека ќе ја видите - куќи на брегот на Радика, изградени во хармонија со природата. Добредојдовте во Долно Косоврасти!

НА УБАВОТО СИНО ДЕБАРСКО

Претчувството не ве излажало. Веднаш зад Косоврасти останувате заслепени од нова убавина - таква синевина не сте виделе. Сфаќајќи дека пред вас е Дебарско езеро, си велите: знаат рибарите што прават. Помислувате дека во рибарските муабети намерно да ја вртат темата на тоа кој поголема риба фатил, за да не дознаете за местата што сакаат да ги зачуваат само за себе. А и германските туристи знаат што е убаво. Бевме изненадени кога повторно се видовме на првата височинка по мостот преку Дебарско, пред манастирот "Рајчица", барајќи згодно место за фотографирање. Стоејќи таму повторно наоѓате повод да се израдувате што сте тргнале по Патот на езерата и гледајќи го Дебар над езерото сфаќате дека пред вас е веројатно градот со најубава местоположба во Македонија. За да елиминирате каква било можност да се покаете што сте тргнале за Охрид преку Дебар, ако тоа е можно откако ќе ги видите сите убавини што ви ги нуди, бидете внимателни на радарската контрола на излезот од градот.

НАЈДЕТЕ СИ ГО МИРОТ

Оддалечувајќи се од Дебар накај Џепиште, најблиската точка на патот до македонско-албанската граница, веќе се прашувате дали водата што ја гледате е уште Дебарското езеро, дали можеби е река, Црн Дрим или веќе почнало следното езеро - Глобочичко. Одвојте неколку минути и застанете над новото село Глобочица, изградено на брдото над старото, кое било потопено по изградбата на браната. Најдете си го мирот патувајќи низ Дримкол.

До финалето има уште десетина километри. Кругот се затвора кога ќе го здогледате Охридско Езеро, доаѓајќи од Вевчани и Велешта во Струга. Ви останува уште да отидете во Охрид.

Со првото кафе во охридската чаршија или негде на брегот, сигурно ќе посегнете по телефонот, да се пофалите на некој пријател, ако ви успеало да се воздржите да не им ги пренесете впечатоците од самото место.

Зар не е возвишено чувството кога имате желба секому да му се пофалите за убавините на некој крај, а да немате локал-патриотски мотив да го правите тоа?

Tuesday, June 10, 2008

Охридски цреши

Убави цреши ќе најдете и во скопско Нерези, Чифлик и на други места во Македонија, но никој не спори дека најубавите се таму, во Охрид, охридските цреши, охридските черешни

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Андон ДАВЧЕВ

Одењето на пазар отсекогаш е посебно доживување, екскурзија на умот и задоволство за сетилата, макар и да тргнете со малку пари в џеб, а задоволството е уште поголемо кога ќе дојде сезоната на свежото овошје и младиот зеленчук.

Уживате ли деновиве шетајќи по пазарите, гледајќи ги тезгите натоварени со купови свежо овошје? Тогаш, сигурно посебна радост ви се црвени крупни цреши. Им се радувате, ги јадете со поглед минувајќи низ тезгите и брзате да купите навреме, да ги стигнете пред да им заврши сезоната. Но, место за разочараност. Тамам ќе завршат скопските - одите на одмор во Охрид, а таму токму тогаш почнува сезоната на прочуените охридски цреши - уште поубави, уште покрупни, топчести, јајцести, црвени, жолто-портокалови, жолти и црни. Убави цреши ќе најдете и во скоско Нерези, Чифлик и во другите делови на Македонија, но никој не спори дека најубавите се таму, во Охрид, охридските цреши, охридските черешни.. Овојпат ве водиме таму, на еден од охридските овоштарници со цреши.

САМО ВО ОХРИД И ВО ВОДЕН

Се распрашавме по нашите пријатеи во Охрид. Ни рекоа дека еден од најценетите одгледувачи на охридски цреши е Владо Ставрески, од село Лескоец. Има околу 80 стебла цреши што ги подигнал самиот, а една година толку му родиле што берел дури по 400 килограми цреши од стебло. Одгледувањето черешни го научил од татко му, пред триесетина години, а за черешните почнал да се интересира на возраст од околу 15 години.

"Со черешните сум откако знам за себе. Отсекогаш биле присутни околу мене. Во Лескоец речиси нема куќа што нема цреши. Кој една, кој две.. секој има по нешто. Ова се крупните цреши, охридските. Вакви успеваат само во Охрид и во Воден, во Грција. Кај нас најмногу се одгледуваат во Лескоец, во Велгошти, Лакочереј, Требеништа и во Мешеиште", ни рече Владо отворајќи ја вратата од овоштарникот, по кусата средба кај договореното место, на патот Охрид-Лескоец.

Кусиот разговор не’ потсети дека, навистина, такви цреши сме пробале само во Охрид и во Грција, од продавачите што носат овошје од околината на Воден и Лерин. Го прашавме дали сортата била пренесена од Охрид во Воден или обратно.

"Не сум чул за такво нешто, ама мислам дека причината што успеваат само во Охрид и во Воден е сличната клима. Овде и таму има најдобра клима за одгледување цреши, во рамките на сите земјите од соседството. Ни барале расад и од други градови во Македонија, ама не успева. Пред две-три години дадов во Прилеп, ама не успева. Во Скопје би можело", ни рече.

ДОЛГА, БРЗА, ДАЛБАС..

Од неколкуте видови цреши што се одгледуваат во Охридско, најзастапени се сортите долга шишка, брза черешна и далбас или далбазлија. Специфични за Охрид, но нешто помалку застапени се темно црвената грчка черешна, и светлата, жолта черешна, која најмногу се користи за правење слатко од цреши. Во мометнов на пазарите се продаваат само цреши од сортата брза черешна. Сортата се нарекува така зашто брзо созрева, брзо расте и рано стасува. За 5-6 дена на ќе се појави и далбазлијата, а долгошишките ќе стасаат за берење околу 25 јуни. Најценета и најпрочуена сорта е долга шишка.

- Ова уште не е ништо. За две недели ќе станат речиси црни и ќе добијат двојно повеќе тежина. Допрва ќе растат и ќе добиваат на квалитет. На вкус, оваа сорта е поблага од другите и расте поголема. Очекувам годинава да достигне откупна цена од околу едно евро за кило. Предноста на оваа сорта пред другите е што плодот трае подолго време и затоа може да постигне повисока цена", ни рече домаќинот, покажувајќи ги долгошишките од првите неколку дрвја од овоштарникот.

Иако на изглед се убави и привлечни, ретко кој одгледува жолти цреши. Како што научивме од домаќинот, светлата и далбазлијата не се многу исплатливи и лесно страдаат од ветер и од дожд.

СЕ’ СИ ИМА МАЈСТОРИЈА

Годинава родот во Охридско е малку послаб од минатата година, но черешните на Владо се легнати од род - очекува во просек од едно дрво да набере по 300 килограми цреши. Споредено со лани, родот кај брзите черешни е подобар за околу 20 отсто, а кај далбазлијата достигнува и до 100 отсто повеќе од минатата година.

Влијаат ли мајсторијата и искуството!?

"Па, може да се рече. Грижата си го прави своето. Погледнете - дрвјата се полни, плодот е здрав, а и листот е зелен - свети. Годинава повеќе пати им фрлив гној од овци и од кокошки и мислам дека моиве черешни се едни од најдобрите. Некои не ги наводнуваат, но јас редовно ги наводнувам и затоа има добар принос. А и времето беше сончево, а черешните бараат сонце. Секоја година ги прскам по два пати - додека се во цут и кога зазрева плодот. Прскањето помага плодот да не го нападнат црви, а листот да биде здрав, за да ја одржува влажноста на дрвото, што го помага зреењето", ни објасни Владо.

Во краткиот курс за одгледување охридски цреши научивме дека нема никаква разлика во негувањето на дрвјата од различни сорти и дека сите сорти бараат иста грижа - и долгата шишка, и брзата, и далбазлијата. Дрвцата се калемат на дива подлога, што им дава поголема издржливост на климатските промени и ги прави поиздржливи од болести.

- Почнуваат да раѓаат во петата година од засадувањето. Се калемат во втората година и колку што е постаро дрвото, толку е подобар и родот, но, по 20 години старост квалитетот на плодот станува послаб, а дрвото ја губи отпорноста на болести. Најотпорни се и родот е најквалитетен кога дрвото е на возраст од околу петнаесет години", ни рече во следната лекција.

СЕ БЕРАТ ПРИКВЕЧЕР

Најдобро време за берење на црешите, како што научивме, е 5 часот попладне. Тоа е најдобро време за самото дрво, а е попријатно и за берачите.

"Дрвото си бара за берење малку да спадне сонцето, да не е во најголемата жега. Береме качени на скали, а за да ги извадиш на пазар, црешите мора да се набрани со шишки. Најлесни за берење се дрвјата на возраст до 15 години. Нив можеш целосно да ги обереш со скала, без да се качуваш на дрво. Искусен берач бере и по 100 до 120 килограми цреши на ден", ни рече Владо, качен на скалата покрај една од стасаните брзи цреши.

Во работата околу овоштарникот се ангажирани и жена му и син му, но во сезоната на берењето и нивната помош не е доволна, па ангажираат и работници. Најдобри приноси даваат дрвјата што се на возраст од 10 до 15 години и од нив, во просек вади по 370 килограми цреши.

Нешто поголем принос можат да дадат постарите дрвја черешни, но одговорниот черешнар, како што вели Владо, навреме засадува млади дрвца, што ќе ги заменат постарите по петнаесеттата година. Така, веќе засадил друг овоштарник со млади дрвја, кои за три годишни веќе ќе даваат квалитетен род. Тогаш вкупно ќе има има 10 стебла брзи цреши, 4 далбас и 70 долга шишка.

"Сега некако се постигнува, помагаат роднини и пријатели, некогаш ангажирам и берачи, но кога ќе стигнат младите, тешко дека ќе можам сам да постигнам со осумдесетина стебла. Тогаш ќе морам да ангажирам луѓе за орање, за ѓубрење и за берба", вели Ставрески.

400 КИЛА ОД ЕДНО ДРВО

Набраните цреши некогаш се чувале во кошници и кошови, а денес најчесто се пакуваат во гајби, зависно амбалажата што ќе ја донесе откупувачот. Во последните неколку години, черешните од Охридско најчесто биле извезувани во Албанија, во Холандија и на Косово, а родот на Владо често завршува во Скопје, во големите луксузни супермаркети, по цена од 120 денари. Го прашавме колку е исплатливо одгледувањето черешни.

- Ова е една од најисплатливите земјоделски култури. Не бараат многу работа и се поисплатливи од другите овошки. Брзата черешна во моментов оди на големо од 60 до 70 денари. Минатата година крупната, долгата шишка се откупуваше за 40, годинава се надеваме на 60 до 70 денари за кило", вели Ставрески.

Негови цреши веќе се продаваат на пазарот во Охрид, а наскоро ги очекува откупувачите од Скопје и од Косово.

ЈУЛИ МИРИСА НА СЛАТКО

Но, не само во овоштарниците. Черешните се многу присутни и во домовите на луѓето од Лескоец. Домаќинките од нив најчесто прават слатко и компот од черешни, а во јули, како што ни кажаа мештаните, Лескоец мириса на слатко од цреши. Пред да заминеме го прашавме Владо кој е најголемиот мајстор за одгледување цреши во селото.

- Нормално, јас ќе ви речам дека јас сум најголемиот, ама има и други. Ќе ги пофалам мојот братучед Стево Ангеловски, а меѓу попрочуените черешнари се и браќата Диме и Пере Тодоровски.

Разговорот за черешните нема крај. Се напифме кафе и тргнавме секој по својот пат - ние накај Скопје, Владо накај скалите под черешната. Часовникот веќе покажуваше 5:15 попладне, а мобилниот телефон на Владо веќе зовре од нарачки.


Wednesday, June 04, 2008

Сенката на Силјан повторно лета

Театарот на сенки повторно се врати во Македонија. Неговата традиција од неодамна ја продолжува Театарската трупа "Сенки и облаци" од Скопје, која деновиве настапува на фестивалот на улична култура Баскер фест 2008

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ

Нема ништо необично во тоа да направиш бенд, да формираш танчерска група или спортски клуб, но зар не е несекојдневно да запознаете некој што решил да формира театарска трупа што ќе реконстуира дел од подзаборавената културна традиција, давајќи им нова, современа форма на приказните што некогаш сме ги слушале?

Таква беше средбата со театарската трупа Сенки и облаци од Скопје, која деновиве ги оживеа сенките на ликовите од народната приказна Силјан Штркот, настапувајќи на популарната улица Македонија, на фестивалот на улична култура Баскер фест 2008.

ЕКРАН, А НЕ Е ТЕЛЕВИЗОР

Една од првите работи што прави минувачите покрај сцената на Сенки и облаци да подзастанат и барем на неколку минути да погледаат дел од претставата е блискоста на нивниот израз до работите што лесно ги ловат очите на современиот човек. Платно што наликува на плазма телевизиски екран, јазик близок до јазикот од цртаните филмови и современа музичка подлога со трип-хоп делници, која е вистински магнет за привлекување на помладата публка.

Од каде потекнува идејата за такво нешто, ни раскажа Круме Стефановски, основачот на трупата, кому ова му е втора претстава, по Баш челик, што ја постави пред неколку години во неколку скопки локали. Со него разговаравме по завршувањето на претставата на Баскер фест на педесетина метри од Театарот за деца и млади, кој го напуштил во 2003 година, откако му дошло преку глава од бавното еволуирање на статусот на хонорарните соработници во државните театри.

"Барајќи начин да можам да продолжам да го правам тоа што го сакам, а да не зависам од институција - да чекам некој да ми се јави и да ме викне за претстава, решив да пробам со театарот на сенки. Како форма, тоа е театар што може да се смести и да се игра и во театарска зграда, но ти дава и слобода да излезеш и на улица и во парк или во кафеана и исто толку добро да поминеш", ни рече Стефановски.

КАРАЃОЗ Е ПРИКАЗНА ЗА СЕБЕ

Театарот на сенки во Македонија првпат го донеле Османлиите, преку претставите за народниот јунак Караѓоз, па оттука многу често изразот за овој вид театар се среќава и како караѓоз-театар, како што била наречена претставата на Сенки и облаци во дипломата што ја добија на интернационалниот фестивал на куклени театри за деца Лут Фест во Сараево.

"Најинтересно ми беше што во 9 години традиција на фестивалот никој досега не се појавил со сенки. Како што ни рекоа организаторите, луѓето од жирито биле изненадени уште кога ја виделе апликацијата. Го одигравме Силјан, одржавме работилница за театар на сенки за деца од училишна возраст, за членовите на жирито сето тоа беше многу интересно и оригинално и решија на тој начин да искажат почит спрема тоа што го прикажавме. Ме изненадува што како поим до денес останало караѓоз-театар. Караѓоз е конкретен лик од турската традиција, како Итар Пејо кај нас, и кај нив има многу приказни поврзани со ликот Караѓоз. Но, театарот на сенки е многу поширок и има свои особености секаде каде што се појавува. Турците и Кинезите ликовите ги изработуваат насликани на тенка проѕрна кожа, во Индонезија, наместо светло, сенките ги проектираат со оган, што им дава посебна живост на сенките.. Ние работиме со црни сенки, и со позадини во боја, проектирани од графоскоп", ни рече Стефановски.

Заедно со него, во групата членуваат и пијанистката Сања Пановска Миланова и актерката Елизабета Клинчаревска.

СИЛЈАН ВО ЦИЛИНДЕР

Но, од каде идејата да го постават токму Силјан Штркот и што бил нивниот предизвик кога ја подговувале преставата?

"Темата на оваа прикаска, Силјан Штркот, не е никакво исмевање на современ богаташи или новопечени политичари, како што налага традицијата на театарот на сенките низ историјата. Во нашата приказна тој доби многу поинаков изглед, значи - не е од Мало Коњари и носи цилиндер, но, исто како и во народната приказна, не сака да работи, сака да шета по кафеани, да го види светот, има порив да запознава нови луѓе, нови места. Идејата беше преку еден поедноставен јазик, современ израз и современа музичка подлога Сиљан да го внесеме во еден контекст што ќе им биде поблизок на младите генерации. На тој начин, пред нив ги отвораме прашањата губењето на корените и повторното трагање по нив", ни рече Стефановски.


Tuesday, June 03, 2008

Спам


Од некои работи нема спас! Останувате беспомошни колку и да се обидувате да се справите со нив и колку и да се инвентивни решенијата што ги носите. Сигурно барем еднаш во неделата ви доаѓа преку глава од џанк мејлот што ви го троши времето и ви одзема дел од трпението кога очекувате важна и-мејл порака.. Зар не ви доаѓа преку глава од спамот во поштенското сандаче, во весниците, под брисачите на автомобилите, или СМС пораките со кои операторите ве известуваат за најновите добрини што наумиле да ви ги направат..

Но, и покрај тоа, зар не ви се случува да се фатите себеси како инстинктивно меѓу пристигнатите и-мејл пораки најпрвин почнувате да го прегледувате џанкот? Па, и зошто да не? Ѕирнете и видите кој се’ редовно мисли на вас, кому се’ му го вртите грбот, а толку луѓе и институции очајно се обидуваат да го привлечат вашето внимание, сакајќи да ви кажат радосна вест. Проверете дали е залудно што во текот на еден месец некој потрошил 2.230 грама хартија, едно цеде и 86 и-мејл пораки за вас.