Tuesday, March 25, 2008

Го преживеав Холокаустот

Скопјанецот Израел Бехар е еден од неколкуте македонски Евреи што го преживеаа систематското уништување на Евреите во концентрационите логори

Сите знаеме дека еднаш во годината, на пролет, има ден кога се означува годишнината од депортирањето на македонските Евреи во концентрациониот логор Треблинка во Полска. Но, речиси никој не знае што се случило со Евреите по студеното утро на 11 март 1943 година, кога почнало нивното депортирање во скопскиот Монопол и што се случило со нив во Треблинка. На една рака можат да се избројат луѓето што успеале да се спасат по влегувањето зад прагот на Монополот. Еден од нив е Израел Бехар (84), роден во Скопје, кој решил да се врати во родниот град по сите патешествија и несреќи што ги доживеал откако бил депортиран во скопскиот Монопол.

НИ СТАВИЈА ЗНАЧКИ...

"Роден сум во 1924 година во Скопје. На училиште одев во Еврејското маало, учев во Втората машка гимназија, а потоа се запишав на Трговска академија, на местото на денешна Градска болница. Таму учев две години, од 1941 до 1942 година. Но, дојде тешко време. Мајка ми беше вдовица и не беше во состојба да се грижи за нас, па готвеше кафе и переше алишта по туѓи куќи за да може да не’ прати на училиште. Тогаш дојдоа Бугарите, почнаа антисемитските мерки и закони, ни ставија значки и воведоа полициски час за Евреите. Живеевме во куќа кај Буњаковец, но не помина многу време - дојдоа Германците и Бугарите и не’ истераа од куќата. Отидовме да живееме во подрумот на мојата снаа. Но, не само што ни зедоа се’, туку требаше да платиме и данок на се’ што ни одзедоа. Освен тоа, моравме еднаш месечно да одиме во полиција и да плаќаме голем данок за да ни одобрат престој, зашто не ни даваа бугарско државјанство и не нарекуваа поранешни југословенски државјани.. Тогаш дојде 11 март", се присетува нашиот соговорник.

БЛОКАДА

Утрото на 11 март 1943 година ќе остане засекогаш во сеќавањата на г. Бехар. Тоа бил денот кога тој и неговото семејство биле принудени да го напуштат домот, не знаејќи каде одат и што ќе им се случи понатаму.


"Тоа беше тежок ден. Бугарите лажеа дека ништо нема да ни се случи - лажеа се’. Полициските инспектори играа карти со Евреите, а од друга страна собираа списоци на сите Евреи што живееја во Македонија. Сето тоа беше лага", вели г. Бехар.

Дека нешто чудно се случува можеле да насетат уште рано наутро, околу 4-5 часот, кога низ прозорците виделе дека војската и полицијата ги блокирале улиците. Тогаш и на нивната врата затропале агенти, со долги стапови во рацете.


"Ни рекоа да земеме се’ што имаме, да ставиме се’ во шпедитерска кола. Одеа по сите еврејски куќи и почнаа да ги истеруваат луѓето. Беше многу студено, а еден бугарски агент ми рече да ги извадам чевлите велејќи: имаш многу убави чевли. Ми ги собу чевлите и капутот и така, бос и гол, тргнав со мајка ми, брат ми, снаа ми и со внучето кон Монополот. А таму беше ужас. Не’ истуркаа во големи хали за тутун, во истите згради што ги има и денес. Се’ мирисаше на тутун. До нив имаше пруга и најверојатно таму не’ однесоа зашто местото им било згодно за транспорт. Тогаш влеговме внатре, а полицајците почнаа да не’ тепаат со камшик. Го паметам главниот полицаец, тој со камшикот, го нарекувавме Татарин. Крвнички тепаше се’ што ќе види пред себе", се присетува г. Бехар.

ЗЛАТО ЗА ЛЕБ

Во деновите додека исчекувале да видат што ќе се случи со нив, пристигнале Евреите од сите делови на Македонија. Монополот бил од сите страни ограден со тараби, кои бргу се претвориле во место за трговија.

"Војската беше секаде наоколу. На почетокот јадевме кој што донел од дома, а подоцна ни даваа само леб, па луѓето мораа да даваат златници за леб. На тарабите доаѓаа Македонци, да ни носат леб за да земат златници. Полицијата и војската ги пуштаа малку да се приближуваат, да донесат леб, а подоцна да си одат со златниците. Така побегнаа тројца Евреи, кои се преправија во Македонци што подаваат леб од другата страна на тарабите. Излегоа и останаа живи. Јас тоа го видов", ни рече соговорникот.

Условите за живот во деновите пред да почне транспортирањето во концентрационите логори биле неподносливи, без санитарни јазли, без чиста вода, а подоцна се појавиле и вошки.

"Целта им беше да те понижат колку што можат. Да не се чувствуваш како човек. Откако ќе ти го одземат достоинството да ти биде се’ едно, да не пружаш отпор"

КРАЈОТ НЕ Е КРАЈ

Во периодот од 11 до 29 март, од Монополот биле депортирани 7.200 македонски Евреи. Во тоа време, како што ни раскажа г. Бехар, од Монополот успеале да излезат само Евреите што биле странски државјани и евреите лекари и аптекари. Тогаш настанала мешаница меѓу луѓето со странски пасоши, што било згоден момент за бекство. Така побегнал и нашиот соговорник.


"Излегов пред да почне транспортирањето за Треблинка. Мајка ми, еден брат и една снаа ми излегоа со италијански пасоши, а детето на брат ми го прошверцувавме преку болничкото возило. Се извлеков и јас и се сокрив кај еден роднина во Буњаковец кој беше шпански државјанин", ни раскажа низ воздишка г. Бехар.


Токму во моментот кога помисливме дека се спасил, следуваше најголемото изненадување. По три месеци криење во подрумот на неговиот роднина, г. Бехар успева да се префрли во Косово, сакајќи оттаму да продолжи за Италија.


"Но, токму тогаш Косово падна под германска управа. Нас не’ испофаќаа и не’ одведоа во логор - мајка ми, брат ми, снаа ми, јас и детето. Бевме во една голема зграда и оттаму - на воз, не’ одведоа на сајмиштето во Земун кај Белград. Земун беше под Хрватска и таму беа усташите. Тоа беше пеколот! Секоја ноќ доаѓаа усташите и не’ тепаа со мотки - не’ седнуваа на скалила и - удри по кого ќе стигнеш!", ни раскажа г. Бехар.

СЕПАК ВО ЛОГОР

Голготата во Земун траела два месеца, по што заробениците биле пренесени во германскиот логор Берген-Белзен, покрај Хановер.

"Патувавме околу 15 дена, без вода, без храна. Тоа беше голем логор, собираше повеќе од 100.000 луѓе. Работевме како коњи. Моравме ноќе, и зимно време, да копаме земја и да вадиме корења од шумата - само за да не’ мачат. Целиот камп беше ограден со електрична жица. Едно време работев ме надгледуваше еден словачки СС-овец. Беше електричар и за да не’ мачи, се забавуваше измачувајќи не со струјни удари. Тое беа поранешни криминалци, садисти..


..На 13 април 1945 година Германците решија дел од заробениците да ги пренесат во логорот Терезинштат во Чешка. Не’ натоварија во воз, околу 5.000 луѓе, со намера да го дигнат возот во воздух пред да стигнеме во Терезинштат. Речиси сите бевме заболени од тифус. Имав толку висока температура од тифусот - што не бев при свест. На 23 април, одеднаш возот застана. Гледаме - мир. Тоа беше блиску до местото каде што првпат се составија американските и советските трупи. Русите почнаа да ги отвораат вагоните и од нив почнаа да паѓаат човечки трупови. Од тифусот таму умре мајка ми", се присетува.

НОВИ ПОЧЕТОЦИ

Приказната на скопјанецот Израел Бехар не завршува со ослободувањето од германскиот логор. Нема да згрешиме ако кажеме дека таа можеби таму почнува. По неколку месеци пробивање на патот до дома успева да се врати во Скопје, но, во градот немало никого од неговото семејство, а и домот во кој живеел не бил веќе негов. Се вработува, ја запознава неговата животна сопатничка, г-ѓа Драгица и решаваат заедно да заминат на студии во Белград.


Токму кога ги завршуваат студиите по економија ја слушнале веста дека се формирала држава Израел. Заситен од лошите спомени од Балканот и Европа решава да замине во Израел. Се венчава за Драгица и заедно заминуваат за Израел. Таму работи на одговорни позиции во банка, а во меѓувреме завршува уште два факултета . Но, повторно му било судбина да си има работа со војна. Учествува во четирите војни во Израел во периодот од 1948 до 1973 година. Тогаш доаѓа понудата од централата на неговата банка во Швајцарија - некој треба да основа филијала на островот Кејман на Канарските острови.

"Во таа џунгла, во тие тешки услови успеав да отворам банка и таму дојдоа милијарди долари инвестиции. Кога дојдовме, таму имаше само еден автобус, без врата. Денес тоа е моќен финансиски центар. Таму бевме повеќе од 30 години, но силен ураган го уништи нашиот имот, каде што сакавме да живееме по пензионирањето. Цела година го поправав нашиот дом, но го продадов за 10 дена. За годишните одмори секогаш доаѓавме во Македонија, па пред некоја година решивме да се вратиме да живееме овде", ни раскажа г. Бехар, испраќајќи не’ од нивниот нов дом во скопско Злокуќани.






Текст: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ, Андон ДАВЧЕВ + архивски фотографии

Friday, March 21, 2008

Македонец го премостува дигиталниот јаз

Веб-сервисот Jooce.com, чиј основач е Македонецот Александар Стојаноски, деновиве е топ-тема во рубриките за технологија на светските медиуми. Со помош на порталот секој може да добие свој виртуелен компјутер - потребен му е само пристап до интернет

Преку глава ви е од префрлање фајлови од компјутер на компјутер, од снимање фајлови на USB-свирче за да ги довршите на некое друго место, на некој друг компјутер? Ви се темни кога треба да испратите фајлови по и-мејл - да адресирате, да подготвите атачмент, да пишувате сабџект и порака иако веќе за се сте се договориле со примачот? Одите на YouTube сакајќи да ги видите спотовите од омилената група или пејач, или анимираните филмови на кои сте се радувале во детството, но ви се темни кога ќе помислите дека повторно треба да ја впишете "клучната фраза" во празното поле кај search?

Веќе не мора се да биде толку сложено. Заборавете и на USB-свирчињата, на режачот, на адресирањето и-мејл пораки и на пребарувањето видеоклипови одново. Појдете на Jooce.com, сервисот кој ќе ви даде виртуелен компјутер, кој ќе биде покрај вас каде и да одите. Причина повеќе за да го направите тоа, нека биде податокот дека еден од основачите на Jooce.com е Македонец, а проектот е поддржан од Менгрув капитал партнерс (Mangrove Capital Partners), фирмата што го поддржа развојот на Скајп (Skype).

СЕГА Е ПОЛЕСНО
Еден од основачите на Jooce.com е Македонецот Александар Стојаноски, главен офицер за операции и член на Управниот одбор на компанијата. Дипломирал меѓународна бизнис-администрација на Американскиот универзитет во Париз, а пред да го лансира Jooce, 7 години работел за Меѓународната стопанска комора со седиште во Париз (ICC), каде што бил одговорен за електронски бизнис, информатичка технологија, телекомуникации, даноци, царини и за односи со меѓународни организации.

"Jooce или 'Џус', како што се изговара на македонски, е еден вид виртуелен компјутер. Визуелно изгледа исто како да сте пред вашиот сопствен компјутер - сите податоци се презентирани преку икони, имате можност за пренесување фајлови со влечење и пуштање (drag and drop) и функционалност на десниот клик на глушецот. Во исто време, преку вашиот виртуелен компјутер можете да чувате најразлични податоци и фајлови и да комуницирате преку инстант-пораки со корисниците на Yahoo, MSN, ICQ, AIM i QQ. Наскоро планираме истото да го направиме и со и-мејл сервисите, така што посетителите ќе можат преку Jooce да примаат и да испраќаат пошта преку нивните постоечки и-мејл адреси. Во исто време, на декстопот има media player, на кој можете да репродуцирате аудио и видеофајлови", вели Стојаноски.

Меѓу погодностите што ги нуди Jooce е и можноста на вашиот виртуелен компјутер да собирате колекции од видеоклипови што се објавени на YouTube, а уште една погодност е што клиповите можете инстантно да им ги препраќате на вашите пријатели преку мрежата на "Џус" или преку нивните чет-сервиси.

"Единствениот начин да ги зачувате тие видеа досега, беше да си ги испратите по и-мејл на вашата адреса. Сега можете да ги чувате на виртуелниот компјутер и едноставно, со влечење и пуштање, да му ги префрлите на некој ваш пријател или, пак, на некоја ваша група пријатели или соработници", вели Стојаноски.

МОЖНОСТ ЗА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ
Освен што ви нуди приватен простор за работа и за чување информации, Jooce има и јавен простор, во кој корисниците можат да ги преземаат сите фајлови што сте ги оставиле во јавниот простор.

"Оваа функција е особено интересна за големите универзитети, затоа што овозможува едноставен начин за размена на фајлови и информации меѓу професорите и студентите. Во иднина ќе овозможиме многу поголем избор на пренесување интернет-содржини, како што во моментов имаме можност со YouTube. Така на вашиот виртуелен компјутер на Jooce ќе можете да ги складирате и сите веб-статии што сметате дека некогаш ќе ви бидат потребни. Чувањето на тој начин е многу побезбедно, затоа што сте заштитени од проблемите што можат да му се случат на вашиот персонален компјутер. Тоа е чекор кон иднината и веќе сите големи гиганти, како Google, ги пренесуваат своите апликации на интернет, односно се насочуваат на работење со компјутер во облаци. Во исто време, според нашите информации, и Мајкрософт веќе разгледува можности како да ги пренесе своите апликации на интернет. Со нивното пренесување на интернет, и корисниците на Jooce ќе добијат можност целосно да работат во облаци", објаснува Стојаноски.

Можностите што им ги дава Jooce веќе ги користат неколку универзитети, меѓу кои е и најголемиот универзитет во Мексико, со повеќе од 200.000 студенти.

"Целна група ни се земјите во развој, како Кина, Индија и земјите во Латинска Америка. Во исто време разговараме и со Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, за да видиме дали и тие се заинтересирани да се направи специфичен модел на Jooce за нивните потреби, но се уште сме во раните фази на преговори. Ние им нудиме едноставна комуникација меѓу професорите и студентите. Додека бев студент на Економскиот факултет во Скопје, најголемиот дел од материјалите за студирањето ги добивавме на хартија, како скрипти. Веќе нема потреба професорите тоа да го прават на физички начин, туку имаат можност со една единствена операција да им ги достават сите потребни материјали на студентите во електронски формат. Истовремено и катедрите, факултетите и Универзитетот во целост ќе добијат на тој начин јавен простор во кој ќе можат да разменуваат најразлични информации", вели Стојаноски.

ТОП-ТЕМА ВО СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ
Појавувањето на Jooce.com и можностите што им ги нуди сервисот на корисниците наидоа на голем одглас во рубриките за технологија на светските медиуми.

"Статијата за Jooce неодамна се најде на насловната страница на BBC News - Technology, каде што добивме одлична рецензија. Авторите на текстот најмногу беа фасцинирани од тоа што им овозможуваме на луѓето што не се во можност да купат компјутер да дојдат до свој компјутер, а исто така ставија акцент и на нашата соработка со владини организации што имаат свои бесплатни интернет-кафулиња во кои секој може да дојде и да има пристап до компјутер и до интернет. Обединетите нации проценуваат дека 500 милиони луѓе во светот секојдневно пристапуваат на интернет од интернет-кафулиња, испраќаат и-мејл, четуваат, бараат работа или ги уредуваат нивните профили на некоја од социјалните мрежи како Фејсбук или Мајспејс. На овие луѓе Jooce им дава виртуелен компјутер, во вид на десктоп за чување и размена на фајлови до кој се пристапува преку интернет. Имаме огромен интерес од земјите чии редовни корисници на интернет се прочуени како сајбер-номади, кои досега немаа можност да си ги организираат како што треба нивните дигитални животи. Ние им понудивме портал за комуникации на кој ќе можат да го направат тоа со едно пристапување, со едно логирање. На тој начин преку Jooce можат да пристапат до нивните дигитални информации во секое време и од секаде. Каде и да сте, вашите фотографии, музика, документи, видеа… се секаде со вас", вели Стојаноски.

Зад Jooce.com стои истоимената веб-компанија од Париз која е финансиски поддржана од луксенбуршкиот инвеститор Менгрув капитал партнерс, фирма што на почетокот го поддржа развојот на Скајп (Skype), податок според кој светскиот печат прогнозира за идниот успех на виртуелните компјутери на Jooce.


Пишува: Васко МАРКОВСКИ

Thursday, March 20, 2008

Странци во својот град

Што е тоа што разгледуваат низ Скопје групите странци што ги среќаваме на улица како одат како ученичиња зад нивниот туристички водич? Што е највредно да покажеме некому во главниот град на Македонија. За да видиме, решивме и ние да се направиме странци, да земеме водич кој ќе ни покаже што е тоа што привлекува туристи нашиот град

Пишува. Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Ви се случува ли да останете блокирани кога некој ќе ве запраша каде да прошета некои гости од странство, сакајќи да им биде туристички водич во неколкуте дена додека му се на гости? Зарем не ви се случува често и вам да почнете да набројувате на прсти и да застанете некаде околу големиот и домалиот прст на втората рака? Или, не сте ли понекогаш љубопитни каде итаат оние групи странци што ги среќавате по улиците како се претвориле во уши следејќи го туристичкиот водич кој реди тој и тој век, таков и таков стил..?
Тогаш, соберете група пријатели, одвојте дел од вашиот буџет за одмор и - земете водич, бидете странци во својот град. Рецептот го провери и екипата на Форум и, верувајте, убаво си поминавме.

УБАВА ЗЕМЈА

Од понудата на Здружението на туристички водичи на Скопје, се решивме за тричасовна тура низ централниот дел на градот, со посета на Нерези и манастирот Свети Пантелејмон. Прошетката ја почнавме на паркингот кај скопското Кале, каде што обично почнуваат туристичките прошетки со странските туристи. Таму не’ чекаше Игор Симјановски, туристички водич лиценциран за работа со странски посетители низ Скопје, низ Охрид и низ другите делови на Македонија.


"Добредојдовте во Скопје, добредојдовте во Македоинија. Скопје е главен град на Македонија од пред Втората светска војна, од 1939 година. Има околу 600.000 жители, значи околу една третина од вкупното население на Македонија живее во Скопје. Во Македонија има 34 града, од кои најразвиен е Скопје. Тука ќе видите мешавина од старото и новото, мешавина од култури и религии, кои како што малку се среќава низ светот, живеат заедно и во хармонија", не пречека Симјановски, прифаќајќи ја играта да бидеме странци.


Прошетката, како што ни рече, не случајно ја почнуваме од ридот над центарот на градот, од каде што можеме да ги видиме скопската котлина, Вардар и стариот и новиот дел од градот. За почеток, ни раскажа неколку приказни со кои обично ги воведува странците во историјата на Македонија.


"Името Македонија потекнува од два извора. Според едниот, зборот Македонија потекнува од старомакедонскиот збор кој значел убава земја, а според вторио, името потекнува од Македон, името на македонскиот бог на Сонцето. Како држава, Македонија за првпат се формира околу 7 век пред наша ера. Како што можеме да прочитаме во историјата, првата македонска држава ја формирал македонскиот крал Пердика Први, на подрачјето меѓу северниот дел на денешна Грција и јужниот дел на денешна Република Македонија, кај селото Марвинци, кај Гевгелија. Според историските податоци, таа земја најпрвин се нарекувала Агар Еге, што значело место на козите. Ова го дознаваме од една приказна, според која Пердика така ја нарекол државата како благодарност на една коза од неговото стадо, што му го спасила животот со нејзините рогови при едно излевање на Вардар", ни раскажа нашиот водич.

Историскиот час продолжи со нови приказни од историјата на Македонија, за сонот на Филип Втори и Александар Трети Македонски да го освојат светот и да го обединат во една држава, градителството на византискиот цар, скопјанецот Јустинијан Први и разните освојувања на нејзината територија. Така ја чувме и приказната за потеклото на името на реката Вардар.


"Оваа река се вика Вардар и го дели Скопје на два дела, лево и десно од реката. Реката го добила името Вардар во 11 век, според името на еден византиски крал, Вардариус. Тој бил добар владетел и бил градител на Македонија. Во знак на благодарност луѓето од градот Скопје, сакале реката да го носи неговото име", ни рече Симјановски.

КАЛЕ-ИДОСКОП

Прошетката ја продолживме во кругот на скопската тврдина, Калето, откако наоколу ги разгледавме Музејот на современата уметност, во кој има дело на Пикасо, Градскиот стадион, зградата на Владата, архиепископскиот Соборниот храм, Водно и Милениумскиот крст.


"Значи ова е Калето, највисоката точка во близината на Скопје, на околу 220 метри надморска височина. Овие ископини се од средновековието, периодот од 13 до 15 век. Истовремено, тука имаме и остатоци од градби 6 век, од времето на Јустинијан Први, а најдена е и дрвена статуа од времето на цар Самоил, што укажува дека најверојатно и тој учествувал во изградбата на делови од тврдината. Низ историјата градот го погодиле 3 катастрофални земјотреси, од кои последниот, во 1963 година, разруши околу 80 проценти од тогашно Скопје. Оттогаш градот беше изграден речиси од темел и го добива денешниот изглед на модерен град, кој истовремено е и мешавина од старото и новото. Спроти нас е Градскиот ѕид, изграден по проект на јапонскиот урбанист Кензо Танге, по примерот на модерните европски градови, а долу десно е мостот Гоце Делчев, кој го носи името на еден многу значаен македонски револуционер, кој се борел за слобода на Македонците од Османлиите. На градилиштето пред нас се гради Меморијалниот центар на Холокаустот, кој сведочи дека на тоа место пред Втората светска војна живееле Евреите од скопското Еврејско маало", ги следевме зборовите на Симјановски.

"СВЕТИ СПАС" НЕМА ЦЕНА

Разгледувајќи дел од неодамнешните археолошки ископини, разбравме дека скопското Кале и ридот Плаошник кај Охрид под себе можеби ги кријат најголемите наслаги на историјата на Македонија од памтивек.


"За жал, денеска нема да можеме да одиме во Мустафа-пашината џамија, која во моментов се реконструира. Затоа патот ќе го продолжиме кон еден друг, многу важен храм - црквата Свети Спас, прочуена по извонредниот иконостас изработен од длабока резба", предложи нашиот водич.


За она што го видовме, вистинските странци во своите дневници, најверојатно би запишале:


"По неколку минути влеговме во дворот на црквата за која ни рекоа дека била изградена вкопана во земјата, затоа што во времето кога била изградена Османлиите не дозволувале црквите да се извишуваат над минарињата на џамиите. Патем го видовме и гробот на револуционерот, по чие име беше наречен мостот што предмалку го видовме од Калето. Тогаш ја видовме црквата за резби не можела да одреди цена ниту светската осигурителна компанија Лојдс, кога некому му паднало на памет да носи дел од иконостасот на изложба во странство".


Влегуваме во Старата чаршија.


"Ова што го гледате е реплика на тоа што можело да се види во 16 и во 17 век. Во тоа време скопската чаршија била една од најголемите во светот. Имала околу 1.200 мали трговски и занаетчиски дуќани и во тоа време, заедно со Багдад базар, биле најголемите чаршии во светот. Се што можете да видите денес било изградено по земјотресот во 1963 година. Сега ќе направиме мала прошетка низ чаршијата за да можете да ги почувствувате мирисите за кои пишувале многу писатели и патеписци што поминале низ Скопје", најави водичот.


Шетањето низ чаршијата, како што ни објасни, е еден вид релаксација меѓу разгледувањето на спомениците во стариот и во новиот дел на градот. Одлично место на странските туристи за време на прошетката низ Чаршијата е Капан ан, местото каде што можат да го почувствуаат духот на ановите од 16 век и омилено место каде што најчесто сакаат да седнат на ручек.

НОВО СКОПЈЕ

Патот не’ води кон плоштадот Македонија и пешачката зона што се протега до старата железничка станица, за која подоцна дознавме дека била најголемата железничка станица на Балканот во времето во кое била изградена. Попатни станици откако ќе го поминете Камениот мост се местото каде што некогаш била куќата на Мајка Тереза, улицата со трендовски кафулиња, преполни со луѓе, иако работниот ден уште не завршил.


"Тоа е прашањето што најчесто го поставуваат странците во овој дел од прошетката. Чудно им е како е тоа можно и како е можно да се возат такви автомобили, покрај толку висока стапка на невработеност. Тука е можеби најтешкиот дел од нашата работа, кога мораме да смислиме некаков одговор", ни се довери Симјановски.


Помисливме дека ни подзастанале часовниците, но тука разбравме дека големиот часовник не работи и оти сказалките го покажуваат времето кога се случил катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

ПРЕДВЕСНИК НА РЕНЕСАНАСАТА

Ни остана време уште колку да отидеме во црквата на планината Водно, за која ни рекоа дека е извонреден споменик на светската култура. Изненадувањето беше од внатрешната страна на ѕидовите на храмот.


"Кога ви реков дека вреди да се дојде овде, иако патот не е најпријатен, мислев на овие фрески, кои ги изработиле нерешките неимари. Оваа фреска, Оплакување на Исус Христос е извонредно уметничко дело, кое ја прикажува Богородица со нажален лик, како плаче по својот син. Со таквиот пристап, уметниците од Нерези ја навестиле ренесансата 140 години пред тоа да го направи Џото во Италија. Покрај тоа, причина повеќе да се отиде таму е панорамата на градот што можете да ја видите од терасата на ресторанот Свети Пантелејмон", ни рече нашиот водич, на крајот на нашата прошетка.

Wednesday, March 19, 2008

Free Time Guide - Macedonia


Новинско издавачкото друштво Форум плус во средата го промовира првото издание на месечникот Free Time Guide - Macedonia, наменет за странците што живеат или што патуваат во Република Македонија.

Магазинот ќе се печати на 40 страници, на англиски јазик и ќе објавува репортажи за културното наследство и природните убавини на Македонија, информации за репертоарите и настаните на културните установи и прилози за македонската кујна и македонските вина.

Списанието ќе биде бесплатно, а ќе се дистрибуира во хотелите, рестораните, кафулињата, туристичките сојузи и агенции и во дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.



Saturday, March 08, 2008

Бунтот на Роса и Накие

Осми март не е само ден кога им даруваме цвеќе на жените од нашето поблиско опкружување, или повод фирмите да ги почестат жените од колективот прослава во ресторан или шопинг во соседните земји. За правата што ги имаат денес жените, некои други жени некогаш биле апсени и јавно влечени за коса. Такви биле и скопјанките Роса Плавева и Накие Бајрам.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан Стрезовски + архивски материјали

Можеби и вам првата асоцијација кога ќе помислите на Осми март, Меѓународниот ден на жената, ви се цвеќарниците и очекуваниот гест да им купите цвеќе на жените што ги сакате. Можеби и вам во мислите први ви се појавуваат кратенките АФЖ и СОЖМ или имињата на некои денешни невладини организации што работат на унапредување на положбата на жените во општеството, но, дали сте помислиле ли дека борбата за женската кауза во Македонија почнала многу порано, во времето на Османлиите, во времето кога жените-муслиманки биле обврзани да си ги покриваат лицата и телата со зар и фереџе? Токму во еден таков амбиент, триесетина Турчинки од Скопје решиле да се побунат и јавно да протестираат, барајќи рамноправност со жените-христијанки - да можат и тие да ги почувствуаат сончевите зраци врз нивните лица.


Споменот на нив пред неколку години го освежи скопската уметничка Христина Ивановска, која му предложи на градот Скопје новиот мост што ги поврзува Скопското сајмиште и Маџир маало да го носи името на двете жени што го предводеле јавниот протест.

ТАЈНИОТ СОСТАНОК

Се’ почнало со тајниот состанок на педесетина жени на османлиски офицери што се одржал во домот на скопската шивачка Роса Плавева. Но, која била Роса Плавева и како токму во нејзиниот дом се одржал конспиративен состанок, на кој скопските турските жени со напредни сфаќања за своето време решиле јавно да се побунат против зарот и фереџето и покрај ризиците што ги носела таквата храбра одлука во тогашното конзервативно општество? Одговорот го побаравме кај уметничката Ивановска, која направила големи истражувања подготвувајќи го својот предлог до градските власти.

"Роса Плавева можела да допре и до затворените кругови на турските жени, затоа што работела како кројачка и имала пристап до нивните семејни куќи, иако турските жени живееле доста изолиран живот. Така, таа успеала да ги поттикне да размислуваат за ова прашање и, поттикнати и од Младотурската револуција која почнува во истиот период, почнувајќи од Македонија. Решаваат да се организираат и да се подготват за јавен протест на кој јавно ќе се одбулат, веејќи знамиња со пораки како доста ни е од црнила на очите или - и ние сакаме живот како другите жени", ни раскажа Ивановска.

Според истражувањата на историчарката Вера Весковиќ-Вангели, состанокот го организирале Плавева и Накие Бајрам, девојка од угледно и едуцирано турско семејство. По професија била учителка и заедно со нејзиниот сопруг, Ферид Бајрам, биле активни социјалдемократи.

"Но, самиот состанок завршува со неочекуван пресврт, откако во домот упаднала тогашната полиција, заедно со сопрузите на турските жени што биле присутни. Како што раскажува Роса во нејзините пишани сеќавања, собирот бил растурен, а жените биле тепани од лично од нивните сопрузи. Накие била оставена на страна, затоа што за неа не биле сигурни дали е Македонка или Турчинка, а Роса била уапсена и била мачена како организатор на настанот, а додека ја носеле во полициската станица јавно ја влечеле за коса", вели Ивановска.

ДЕЛИ РОСА

Еден од луѓето што го чуваат споменот за Дели Роса, како што ја накерувале Турците, е д-р Владимир Плавевски, близок роднина на Плавева од страната на нејзиниот сопруг, илинденецот Илија Плавев. Наместо да се навраќа во семејните преданија реши да ни ги даде факсимилите од написите што за неа ги објавил белградскиот печат.


Протестот што бил договорен на тајниот состанок, како што дознаваме од написите, се одржал во јули 1908 година, кога Плавева заедно со 30 Турчинки организирала јавно симнување на зарот, веејќи знамиња на кои пишувало "Турчинките сакаат слобода". Нова провокација за властите било и допишувањето со германската револуционерка Роза Лукесембург и собирањето потписи за нејзино ослободување. Како заслуга и’ се припишува и отворањето на првата бесплатна аптека во Скопје. Круна на нејзините подвизи е учеството на младинската работна акција на 80 години возраст, кога, заедно со нејзините внуци се пријавила за учество на изградбата на пругата Шамац-Сараево.

Многу помалку инфомрации може да се најдат за животот на Накие Бајрам (прв ред, трета од лево). Во своето истражување, Ивановска имала прилика да разговара со уметникот Газанфер Бајрам, внук на Накие, кој баба си и’ ја опишал како решителна, храбра и строга, но правична жена.

СКОПЈЕ НЕМА ЖЕНСКИ МОСТ

Работејќи на други проекти, уметничката Христина Ивановска пред неколку години почнала да ја истражува застапеноста на жените во имињата на улиците, булеварите и јавните инфраструктурни објекти. Така дошла до заклучок дека Скопје нема мост или булевар што е именуван според името на жена што била заслужна за општествениот живот во градот. Во случаен разговор со кураторката Сузана Милевска дознава за бунтот на Плавева и Бајрам. Сето тоа се совпаднало со изградбата на новиот мост кај Маџир маало (десно, во времето на изградбата), и со еден оглас што го прочитала во дневните весници.

"Прочитав дека градот формирал Комисија која бара од граѓаните да предложат свои идеи за именување и преименување на улици, булевари и јавни инфраструктурни објекти. Тогаш решив сето тоа да го врзам во едно - да направам уметнички проект и да поднесам граѓански предлог до Комисијата. Идејата беше новиот мост да ги носи имињата на Роса и на Накие, како нешто што ќе ги обединува давата брега на градот, за кои се’ почесто слушаме дека се поделени. На тој начин сакав да обрнам внимание на оваа ситуација и да придонесам повторно да се воспостави тој мост, тоа поврзување на двете страни, како што тоа пред еден век го правеле го правеле Роса Плавева и Накие Бајрам", ни рече Ивановска, чекајќи го уште одговорот од градот.

Monday, February 25, 2008

Приказни од Првата светска војна


Малку сме свесни дека во периодот од 1916 до 1918 година Битола и Пелистер биле центар на светот и една од најважните фронтовски точки за време на Првата светска војна. Исто така, малкумина се свесни дека жителите на градот и на потпелистерските села 22 месеца секојдневно биле изложени артилериски оган со околу 10.000 испалени проектили, не ретко полни со отровен гас.

За конфликтот, во кој биле вклучени околу 1.220.000 војници, 3.500 топови и 280 авиони, денес сведочат само воените гробишта на странските армии, но нема ниту еден споменик што сведочи за страдањата на луѓето што биле жртви на оваа туѓа војна.

Токму тоа сведоштво сака да го извади на виделина скопската агенција Аполо Имиџис, која деновиве ја објави брошурата Приказни од првата светска војна, наменета за посетителите на Националниот парк Пелистер.

Публикацијата, на 40 страници, во одделни изданија на македонски и на англиски јазик, пренесува пет приказни на луѓето од градот и од околните села, на медицинска сестра од фронтовската линија и на војници од двете страни на боиштето, кои го внесуваат читателот во стравотниот амбиент со сите сетила. Покрај одлично составениот текст на книжевникот Дарјан Раденковиќ, за тоа придонесуваат и автентичните фотографии снимени за време на воените дејствија, како и илустрациите на сликарот Атанас Ботев, инспирирани од историските материјали.

Идејата на авторите, како што вели уредникот на публикацијата, Љубомир Стефанов, била на посетителите да им дадат четиво што ќе им ги ги оживее фактографските информации што ќе ги прочитаат на информативните табли од историската патека на националниот парк и да им го направи подопирлив амбиентот што им го нудат реконстуираните ровови, митралески гнезда и бункери.

Во моментов посетителите можат да ја побараат брошурата во управата на Националниот парк Пелистер, а наскоро ќе биде достапна на информативниот штанд во кругот на паркот.

Tuesday, February 19, 2008

Историја на парче метал

Каква приказна зад себе кријат ордените, плакетите и медалите? Како се создава една колекција на вакви предмети? Одговорот го побаравме кај фалеристот Красимир Трајков

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Сигурно досега многу пати сте го слушнале поимот фалеристика или многу пати сте слушнале вести како некому во некаква пригода му бил доделен орден, саемска плакета или медал за некакви заслуги. Но, ретко кому нешто му значат туѓите одликувања, освен на луѓето или на институциите што ги добиле и на фалеристите - луѓето што нашле задоволство и предизвик да собираат признанија втиснати на метални плочки.


Но, не брзајте со заклучокот дека собирањето ордени е само хоби што им носи задоволство само на некои чудаци, што од којзнае кои причини почнале да се занимаваат со тоа. Таквото чувство го имавме и ние, се’ додека не го запознавме скопјанецот Красимир Трајков, пасиониран фалерист, кој за тврди дека поседува примероци од најзначајните одликувања и пригодни подароци, дури и во светски размери.

СЕ’ ПОЧНА СО РИМСКИТЕ ФАЛЕРИ

Размислувајќи како историјата се храни со податоци за светските случувања, обично пред очи ни доаѓаат стари хартии со нечии мемоарски записи, архивите со историските мапи на светот, мировните договори или камените споменици на кои е испишан дел од меморијата на некое време.

Заборавајќи на другите извори, можеби би помислиле, на пример, дека светскиот саем ЕКСПО првпат се појавил во 1998 година во Лисабон или во во Хановер во 2000 година, како што помислуваме кога одвреме-навреме ќе ја чуеме на радио композицијата Експо 2000 на германската група Крафтверк. Малку сме свесни дека за историјата на индустрискиот развој на светот сведочи и Ајфеловата кула, која била подигната од француските гиганти во челичната индустрија, сакајќи на тој начин да покажат што знаат на светската изложба ЕКСПО во Париз во 1900 година.

Можеби никогаш немаше да помислиме дека такви сведоштва во себе носат и ордените, медалите или саемските плакети, ако во збирката на Трајков не го видевме златниот медал Гранд при, што и’ бил доделен на челичаната од Трст на Светската изложба што се одржала во Рим во 1925 година. Кај него го побаравме одговорот што е фалеристиката.

"Фалеристика е помошна историска наука, која е истовремено и наука и колекционерство и бизнис. Називот доаѓа од латинскиот збор фалер, како што се нарекувале ознаките за воените заслуги на командантите на римските легии. Така, преку фалерите на копјата, на облеката или на штитовите, секој можел да види во колку битки победил командантот на некоја легија и колку е тој заслужен да биде командант на воената единица што ја раководел. Оттука, оваа помошна историска дисциплина се нарекува фалеристика, а оние што ја проучуваат, што собираат или тргуваат со ордени, медали и плакети се нарекуваат фалеристи“, ни објасни Трајков покажувајќи дел од неговата ризница.

МОЈОТ АДУТ Е ЗБИРКАТА МАКЕДОНИКА

Збирката е составена од ордени, медали, плакети, беџеви и значки и заедно формираат три колекции - Македоника, Саеми и Филателија.

"Вредноста на секоја од нив ја определуваат реткоста и квалитетот на изработка. Веднаш ќе забележите дека има примероци што се исковани на мали метални плочки со врвна прецизност, но, има и лиени плакети што се набрзина изработени. На цена оние што се изработени во врвните ковачници, какви што се ковачниците во Прага и во Милано, софиски Монетен двор и Завод за израду новчаница во Белград. Тоа се ковачници што држат до својот углед и работат само со врвни уметници, медалјари, кои се вешти да ги изработат и најситните детали што треба да се исковаат на ситно парче метал", вели Трајков.

Разгледувајќи, бевме изненадени дека примероците што ги одбрал да ги видиме лесно ни влегоа под кожа, иако тоа беше нашата прва средба со една фалеристичка збирка. Впечатливи беа приказните што зад себе ги кријат саемските плакети од Светската изложба Рим 1925, плакетите што ги издал бугарскиот кнез Фердинанд по повод првиот саем што се одржал во Пловдив во 1892 година. Сепак, некако повеќе не’ допреа одликувањата со ликовите на Свети Кирил и Свети Методиј, втиснати на ватиканскиот орден што го вовел папата Лео 13, луксузниот беџ од Славистичкиот конгрес што се одржал во Софија во 1910 година или чешката плакета што била искована по повод прогласувањето на словенските просветители за патрони на Европа.

"Збирката Македоника е мојот адут. Одговорно велам дека во моментов имам повеќе примероци од Македоника отколку што имаат музеите и колекцонерите заедно. Но, не запирам тука. Собирањето, под мое менторство, ќе го продолжи мојот син, Милан Трајков, а наскоро збирката ќе ја проучува научникот Тодор Петров, кој предава фалеристика на Воената академија во Бугарија", ни рече собирачот.

ДОПИСЕН ШАХ

За крај го прашавме како се формира една фалеристичка збирка и што треба да се знае за да се создаде такво нешто.

"Создавањето фалеристичка збирка е како да играш дописен шах. Треба многу да читаш зад редовите на монографиите, треба да имаш добри контакти во високите кругови и треба да знаеш дипломатски вештини. Многу ми служи искуството од работењето во Стопанската комора на Италија, а се’ друго самото си се реди", вели Трајков.

Thursday, February 14, 2008

Збогум Мајсторе!

По се’, што да се каже? Не е случајно што посегнувам по овој стих на Ален Гинзберг, што пред неколку години за првпат го чув од тебе Борисе Мајсторов, токму сега, кога сакам да се простам од тебе. Зашто, моето пишувачко исксутво ми изгледа недоволно за да го искажам тој монолог на простувањето, без притоа да се залутам низ времето и просторот.

Како би можело да се собере во шеесетина реда се’ она што го научивме преку твојот глас досега? Од каде да се почне и што да не се прескокне, а да се каже нешто што ќе биде доволно да го отслика тоа што го остави зад тебе, во фонотеките на МРТВ и во нашите спомени.?

Повозрасните би рекле - почни од Дедо Аврам или од 101 приказна, раскажи, на пример, како сите израснавме слушајќи ги неговите приказни пред заспивање, секој ден од понеделник до сабота, точно во седум навечер, кога се знаеше кога е време за легнување на децата.

Земи четку и работи!

Некој сака да оди во фитнес-центар, некој во обложувалница, некој си отвора блог или страница на Фејсбук. Дваесетина скопјани решиле нивно хоби и рекреација да биде сликањето. Тоа им го овозможила Ликовната работилница во Буњаковец

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

Би сакале ли дел од вашето слободно време да ви помине со умот на пасење, пред бел лист, со четка и палета со бои во рацете, со едното око подзамижано? Дали би сакале да научите да сликате од кеф, без амбиции да станете прочуен сликар или сликарка, туку во сликањето да најдете задоволство на кое ќе сакате да му го посветите слободното време?

Можеби мислите дека никогаш тоа нема да ви се случи, зашто во детството голем дел од времето за игра во неделите сте морале да го користите за да довршите цртеж по ликовно, па затоа цртањето ви буди само непријатни спомени. Или, и вашиот наставник по ликовно бил еден од најстрогите наставници во училиштето, па кога ќе помислите на неговите часови и ден денес чувствувате непријатна згрченост во стомакот. Или, додека чувствува возбудата гледајќи изложба на слики по којзнае кој пат се убедувате себеси дека сте тотален антиталент, дека не ве бива за ликовно изразување.

Но, дали и понатаму ќе размислувате така, ако сретнете сликар што ќе ви рече дека и вие можете да научите да сликате, дека ликовната уметност не е недостижна како што обично се мисли?

СЛИКААТ ЗА ЗАДОВОЛСТВО

Дека и тоа е можно се уверивме кога ја посетивме Ликовната работилница во близина на Универзалната сала во Скопје. За тоа сведочат дваесетина луѓе, на возраст од од 6 до 60 години, кои решиле да тропнат на вратата на ателјето на сликарот Милош Милосавлевиќ, сакајќи да видат дали навистина и тие би можеле да научат да сликаат, како што било напишано во летоците што биле оставени на рекламната табла на булеварот Партизански одреди.

"Тука ме донесе личната желба за сликање, што тлеела со години. Пред да дојдам овде не сум сретнала нешто слично. Самиот пристап, уште од рекламата, беше охрабрувачки - го ослободува човекот да тропне на врата и да праша дали и тој може да учи сликање. Тоа ме охрабри и мене. Пристапот на Милош е одличен - настапува пријателски, знае да го извлече максимумот од секого и има способност уште од првиот момент да насети кој какви афинитети има", ни раскажа правничката Ирена Десовска, член на работилницата на Милосавлевиќ.

Додека се обидуваше да ја постави перспективата на нејзината слика, на соседните штафелаи работеа средношколката Тијана Катушевска и Марија Јорданоска, ученичка од четврто одделение. Во моментов во работилницата членуваат 14 луѓе, поделени во 4 групи.

"Главно тоа се реализирани луѓе со свои професии, со завршено високо образование. Речиси никој од нив нема никаква допирна точка со сликањето во својата професија. Меѓу членовите имаме правник, доктор по биологија, актерка, кибернетичар, економистки, информатичарка и ученици од основно и од средно училиште. Најчесто сакаат да учат цртање и сликање, но имаме и луѓе што сакаат рекреативно да се занимаваат со сликарство. Ако се занимавале претходно аматерски со сликање сакаат да се доусовршат и да научат нови техники, како што направи Ирена, која реши да почне од почеток и покрај претходното искуство", ни рече Милосавлевиќ откако разгледа како оди работата на трите штафелаи.

Еден од поинтересните примери за шареноликоста на профилите што членуваат во Ликовната работилница е апсолвентка по психологија, која сакала преку сликарството да го продлабочи своето знаење во психологијата и обратно.

"Поради нејзината професија, најмногу беше заинтересирана за портретите. Како во психологијата, така и во ликовната уметност ја имаме истата поделба на карактери - сангвиник, флегматик, меланхолик и колерик. Таа сакаше да се доусоврши за сликање портрет и кај неа имаме неверојатно брз напредок. Веднаш забележавме дека имала голем потенцијал во себе и веднаш ќе го забележите нејзиниот напредок кога ќе ги споредите портретите што ги работеше во минатите три месеци. Посебно ме израдува што веќе почнала да добива и нарачки на портрети", ни рече Милош.

СОНУВАВ ЗА РАБОТИЛНИЦА

Разговарајќи на течен македонски јазик, со забележлива српска артикулација на неколку гласови, бевме убедени дека Милош е роден скопјанец, кој најверојатно има српско потекло. Подоцна разбравме дека во Скопје живее само три години, каде што го донеле постдипломските студии на Ликовната академија.

"По потекло сум од Србија, од Врање. Дипломирав класично, штафелајно сликарство на Факултетот за уметности во Ниш, а во Скопје дојдов на постдипломски студии и наскоро треба да ја одбранам магистратурата кај професор Родољуб Анастасов. Во меѓувреме се оженив за Македонка, а македонскиот јазик ми е дел од секојдневието. Не би имал никакви проблеми и да зборувам српски, но сметам дека е основен ред кога живееш во некоја држава да го научиш јазикот што се зборува во таа држава", ни раскажа.

Бевме љубопитни и како се родила идејата да отвори ликовна работилница и како се случило да ја отвори токму во Скопје.

"Инспирација ми беа ателјеата во белградската улица Шуматовачка и во квартот Кошутњак, во кои се подготвував за приемен испит на Факултетот за уметности во Ниш. Уште од тогаш бев решен кога ќе ги завршам студиите и јас да отворам такво ателје, во кое ќе се подготвуваат подготвуваат кандидати што сакаат да се запишат на ликовна академија или на архитектонски факултет, но се случи да работам и со луѓе што сакаат да учат сликање заради рекреација. Кога дојдов во Скопје ме изненади што еден главен град, универзитетски град, нема такво нешто и решив токму тука да го отворам ателјето за кое сонував", ни раскажа Милош.


И ЈАС УЧАМ ОД НИВ

Наставата во работилницата е индивидуална, се работи во групи составени најмногу од 5 луѓе, а програмата се подготвува за секој член посебно.

"Кога ги формираме групите внимаваме тие да се составени од луѓе што се врсници и што имаат слични интереси за сликарството. Ако работеле нешто претходно, обично барам да видам што работеле, за да можам да направам анализа што е кај него најпотребно и каде е неговиот најголем потенцијал. Откако се формирани групите, пред секој час со секого поединечно се договараме што сака да работи, што го интересира во моментот, но и тоа е дел од една програма за развој на техниките", вели Милосавлевиќ.

Првата годишнина од постоењето, на средината на март, работилницата планира да ја одбележи со изложба на слики и цртежи што ги изработиле нејзините членови, а наскоро планират да му подарат збирка цртежи на креативното катче во Клиниката за детски болести во Скопје.

"Во ателјето веќе имаме голема збирка детски цртежи и дела од возрасните членови. На два-три месеца преку нив правиме експертски анализи кои покажуваат од каде сме тргнале, каде сме стигнале и што треба да направиме за да ја подобриме програмата. Во март, на годишнината од основањето, планираме да направиме годишна изложба, со која ќе покажеме што сме постигнале. Досега учествувавме на неколку ликовни конкурси и неодамна освоивме неколку награди на меѓународното ликовно биенале во Софија, на кое учествуваат деца на возраст од 8 до 12 години . Нашите членови се претставија со цртежи на слободна тема, кои ги изработивме за време на часовите во ателјето и со нив освоивме една прва, една четврта награда и неколку пофалници", ни отктри Милосавлевиќ.

За крај решивме да замолчиме и да впиеме нешто од атмосферата додека Милош им ги даваше последните инструкции на Ирена, Тијана и Марија.

"И јас учам од нив и тоа воопшто не го кријам. Самиот Пикасо изјавил дека со целото неговото работење се стремел неговото сликање повторно да го сведе на детски цртеж. Ние, возрасните сме оптоварени со некои норми и ограничувања што ни ги наметнува животот, но за мене најинспиративни се искреноста и спонтаноста на децата", ни рече учителот.