Малку сме свесни дека во периодот од 1916 до 1918 година Битола и Пелистер биле центар на светот и една од најважните фронтовски точки за време на Првата светска војна. Исто така, малкумина се свесни дека жителите на градот и на потпелистерските села 22 месеца секојдневно биле изложени артилериски оган со околу 10.000 испалени проектили, не ретко полни со отровен гас.
За конфликтот, во кој биле вклучени околу 1.220.000 војници, 3.500 топови и 280 авиони, денес сведочат само воените гробишта на странските армии, но нема ниту еден споменик што сведочи за страдањата на луѓето што биле жртви на оваа туѓа војна.
Токму тоа сведоштво сака да го извади на виделина скопската агенција Аполо Имиџис, која деновиве ја објави брошурата Приказни од првата светска војна, наменета за посетителите на Националниот парк Пелистер.
Публикацијата, на 40 страници, во одделни изданија на македонски и на англиски јазик, пренесува пет приказни на луѓето од градот и од околните села, на медицинска сестра од фронтовската линија и на војници од двете страни на боиштето, кои го внесуваат читателот во стравотниот амбиент со сите сетила. Покрај одлично составениот текст на книжевникот Дарјан Раденковиќ, за тоа придонесуваат и автентичните фотографии снимени за време на воените дејствија, како и илустрациите на сликарот Атанас Ботев, инспирирани од историските материјали.
Идејата на авторите, како што вели уредникот на публикацијата, Љубомир Стефанов, била на посетителите да им дадат четиво што ќе им ги ги оживее фактографските информации што ќе ги прочитаат на информативните табли од историската патека на националниот парк и да им го направи подопирлив амбиентот што им го нудат реконстуираните ровови, митралески гнезда и бункери.
Во моментов посетителите можат да ја побараат брошурата во управата на Националниот парк Пелистер, а наскоро ќе биде достапна на информативниот штанд во кругот на паркот.
За кого и за што загинале повеќе од 13.000 војници што почиваат на француските и на германските воени гробишта во Битола? Одговорот го даде едноминутно молчење на амбасадорите на Франција и на Германија, кои деновиве заеднички им оддадоа почит на загинатите. Дали во нивниот молк лебдеше пораката - загинаа за да и’ дојде паметот на Европа?
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Сте забележале ли колку често во весниците среќаваме вести за неексплодирани гранати од Првата светска војна што биле откриени во околината на Битола, Прилеп, Демир Хисар или во Мариово? Гранатите се појавуваат насекаде - под плочникот на градското шеталиште во Битола, под гробиштата во Демир Хисар, под нивите кај битолско Новаци, во дворовите во прилепско Канатларци. Сигурно се прашувате како се нашле таму, како што се прашувате и кој и зошто загинал кога ќе поминете покрај воените гробишта од Првата светска војна во близината на Скопје, во Битола или во Прилеп. Таква мисла долго време тлееше и во нас и, а одговорот, ако е можно да се најде соодветен одговор, ни го дадоа амбасадорите на Франција и на Германија, Бернар Валеро и Ралф Андреас Брет, кои во неделата, по повод германскиот празник Ден на народна жалост, заеднички им оддадоа почест на француските и германските војници, загинати од двете страни на Солунскиот фронт.
ТВРДИНАТА НАД ТУНЕЛОТ
Помирувањето над гробовите беше одличен повод да и’ дадеме приоритет на намерата да ги посетиме француските и германските воени гробишта во Битола. Неснаоѓањето низ битолските улици направи да решиме да ја прескокнеме церемонијата во чест на француските војници. Се упативме директно кон Германските воени гробишта. Мислевме дека и нив ќе биде тешко да ги најдеме, но бевме изненадени кога сфативме дека нашата дестинација била тврдината што сме знаеле отпорано како тврдината над тунелот на излезот од Битола, на патот кон Ресен. Таму го најдовме битолчанецот Миле Петровски, кого Германската амбасада го определила да биде одговорен за одржување на гробиницата.
Проверувајќи дали е се’ подготвено за пречек на делегациите, ни раскажа дека гробницата била подигната во триесеттите години на минатиот век и оти во неа се закопани 3.406 војници што се бореле за Германија за време на Првата светска војна.
"Германската влада сакала да им подигне заедничка гробница на војниците што биле закопани во посебни гробови таму каде што загинале, насекаде по фронтовската линија. Се обратиле до тогашните градски власти на Битола, кои им дале да изберат една од неколкуте локации што ги предложиле. Германците го одбрале ова место и толку биле благодарни, што сакале да некако да му заблагодарат на градот. Така, решиле да му подарат нов механизам за Градскиот саат, кој во тоа време бил расипан. Часовникот и денес одѕвонува и е една од туристичките атракции за германските туристи што доаѓаат да ја посетат Битола", ни раскажа Петровски.
Наместо поединечни гробови за сите војници, архитектите што ја дизајнирале гробницата решиле нивните коски да почиваат заедно во голема кружна површина, а чест да им се оддава заедно над камениот блок, во облик на саркофаг, сместен во просторијата на влезот во гробницата.
"Еднаш годишно Германците им оддаваат почест на загинатите војници, на Денот на мртвите, нешто како што е кај нас Задушница. Празникот беше минатата недела, но ги одложија свеченостите за да можат и годинава да чествуваат заедно со Французите. Порано денот го одбележуваа одделно, но од минатата година решија заедно да им оддаваат почит на војниците и на тој начин да покажат гест на помирување", ни раскажа Петровски.
НА ФРОНТОВСКАТА ЛИНИЈА
Сакајќи да го оставиме да ги направи последните проверки, разговорот го продолживеме со Методија Станиновски, од Битола, кој е задолжен да ги чисти гробиштата. Тој ни раскажа и ни покажа каде гинеле војниците на Централните сили и на Антантата во Битолската околија.
"Како што ми раскажуваа постарите, фронтвската линија била јужно од Битола и на овој дел се протегала од Мариово, преку Пелистер, до Преспа. Многу Французи загинале во Мариово, а најмногу Германци загинале кај Пелистер. Но, не се бореле само Германците и Французите. Кај Цапари има многу гробови на војници што се бореле за Бугарија, која била во сојуз со Германија и Австро-Унгарија. Дедо ми се нашол од француска страна и се борел за Французите и за Србите, како помошник-митралезец. Но, за што се бореле, кога ќе погледнеш денес? Кој победил? Што добиле, што изгубиле?", ни рече Станиновски покажувајќи кон Баба планина.
Во последните мигови од разговорот, непосредно пред да пристигнат делегациите, ни раскажа нешто и за последиците од војувањето."Само летоска, за време на големите пожари околу Битола, се активираа околу 50 артилериски гранати што останале закопани од Французите и од Германците. Фронтот бил тука. Затоа луѓето многу често наоѓаат неексплодирани бомби кога градат куќи, кога работат в поле или кога се прекопуваат улиците", ни рече Станиновски.
ПОМИРУВАЊЕ НАД ГРОБОВИТЕ
Неповторлива возбуда беше глетката како француски и германски војници, наоружани, со бајонети на автоматските пушки, стојат едни наспроти други, врз коските на паднатите германски војници од Првата светска војна, како што пред некој час им оддадоа почит и на француските, но не за да се заколат и да си ги ископаат очите, туку за да испратат порака дека ја научиле лекцијата од историјата.
Пораката од Битола, како што ја нарече францускиот амбасадор, Бернар Валеро, треба да му покаже на светот што може да донесе крвопролевањето, а што - простувањето. Резултатот на конфликтите, како што рече, се гробовите на милиони луѓе што загинале во Првата светска војна, а на другата страна е простувањето - чиј резултат е обединета Европа.
"Пораката од Битола е порака за мир, за помирување и за заедничка работа за иднината. За да го создаваме мирот треба да имаме мудрост и храброст. За помирување треба да умееме и да простуваме, а за да умееме заеднички да работиме треба погледот да ни биде свртен кон иднината, а таа иднина има едно име - таа иднина е Европа", рече Валеро.
ЦВЕЌЕ ЗА МОХАМЕД И МОРИН
Не можевме да заминеме без да ги видиме и Француските воени гробишта, особено не откако слушнавме дека таму почиваат повеќе од 13.000 војници. Овојпат лесно ги најдовме, откако ни кажаа да тргнеме на патот кон РЕК.
Ни на крајпамет не ни беше помислата дека покрај Битола почива цел француски град. Како што прочитавме од спомен плочите, поставени на централниот споменик, во гробиштата почиваат 6.166 војници закопани во поединечни гробови и 7.000 солдати што биле закопани во 1921 година во заедничката гробница под споменикот.
Полето со надгробни знаци ве остава без зборови. Што ви преостанува во една таква состојба освен љубопитно да шетате од гроб до гроб, читајќи ги имињата на некогашните војници.. Сте помислиле ли дека таму негде, кај Битола, почиваат француските војници Гаспар Огист, или неговиот другар од ровот, Бен Дауд, дојден некаде од Африка, за да загине на фронт, таму негде кај Меџитлија. Знаат ли роднините на Мохамед Салем или на војникот од соседниот гроб, Морин Тајел, каде почиваат нивните предци? Дошол ли некој од нив некогаш да им стави цвеќе на гробот?
Зар не се Мохамед и Морин момчињата од загубената генерација од романите на Ерих Марија Ремарк, кои од рововите предлагаа наместо државите да војуваат на фронт, победникот да се определи во физичка битка меѓу татковците на нацијата?