Thursday, February 14, 2008

Збогум Мајсторе!

По се’, што да се каже? Не е случајно што посегнувам по овој стих на Ален Гинзберг, што пред неколку години за првпат го чув од тебе Борисе Мајсторов, токму сега, кога сакам да се простам од тебе. Зашто, моето пишувачко исксутво ми изгледа недоволно за да го искажам тој монолог на простувањето, без притоа да се залутам низ времето и просторот.

Како би можело да се собере во шеесетина реда се’ она што го научивме преку твојот глас досега? Од каде да се почне и што да не се прескокне, а да се каже нешто што ќе биде доволно да го отслика тоа што го остави зад тебе, во фонотеките на МРТВ и во нашите спомени.?

Повозрасните би рекле - почни од Дедо Аврам или од 101 приказна, раскажи, на пример, како сите израснавме слушајќи ги неговите приказни пред заспивање, секој ден од понеделник до сабота, точно во седум навечер, кога се знаеше кога е време за легнување на децата.


Или, би било подобро да се потсетиме на седум и петнаесет, терминот што со душа го чекавме во нашето детство, кога како испрограмирани ги прекинувавме игрите без некој да го бара тоа од нас или кога родителите без да ни преречат не’ оставаа да прекинеме со учењето и пишувањето домашни задачи за следниот ден. Но, и тука од каде да почнеш - од спомените за добрината на Мечето Ушко, за аждерот што сакал да стане врапче во Три банани, за неправдите на Калимеро, за снаодливоста на Тошо мачорот, или за топлината во домот на Марко и Шарко? Но, ќе може ли некој да се сети на сите нив?

Можеби и не е случајно што ноќва, токму во овој момент, фати неочекувано невреме над Скопје, и што токму сега почна да прекинува струјата, заканувајќи се да го избрише незачуваниот текст, небаре нешто сака да ми каже: молкни и подобро најди си нешто што можеш да го сработиш!

Но, зар веќе не е доцна, сега, десетина дена по твоето заминување? Не би сакал да испаднам неблагодарник, па да оставам да заминеш без да ти заблагодарам за се’ што добив како подарок од тебе.

Ти благодарам за топлината што ми ја внесе твојот глас во моето детство, за добрината на која ме научи со ликовите што ги толкуваше во цртаните филмови. Благодарам што ме однесе да слушаме музика на Плоштадот во Шарл вил, кога твојот глас му го позајми на Артур Рембо, за морниците додека ми говореше за стравот што им го всадил на Русите планинецот од Кремљ читајќи го Осип Мандељштам. Ти благодрам за топлината на Африка што ми ја пренесе читајќи Распорувач на там-тамот од Леополд Седар Сенгор, или за лекциите за тоа што е повредно во животот, додека те слушав како го читаш Лао Це, како што те слушав секој петок од 21 до 22.

Постои една теорија, која вели дека филмовите обично ги памтиме по глуцмите што играат во нив, а ТВ-сериите по ликовите околу кои се врти приказната. Звукот на нашето детство, на нашата младост, ќе го паметиме по гласот Борис Мајсторов.

Замина врвниот мајстор кој никој не го побарал за рекламација, или како што рече деновиве Благоја Чоревски, загубивме човек кој со својот глас умееше и можеше да ги запре улиците, да бидат речиси пусти.

Не знам дали Милчо Манчевски го најде одговорот каде одат нашите гласови кога веќе ќе не’ нема, но од срце сакам да верувам дека твојот глас сега одѕвонува низ вечноста, низ универзумот, во некој космички седум и петнаесет.

Почивај во мир, Мајсторе!

No comments: