Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ
Би сакале ли дел од вашето слободно време да ви помине со умот на пасење, пред бел лист, со четка и палета со бои во рацете, со едното око подзамижано? Дали би сакале да научите да сликате од кеф, без амбиции да станете прочуен сликар или сликарка, туку во сликањето да најдете задоволство на кое ќе сакате да му го посветите слободното време?
Но, дали и понатаму ќе размислувате така, ако сретнете сликар што ќе ви рече дека и вие можете да научите да сликате, дека ликовната уметност не е недостижна како што обично се мисли?
СЛИКААТ ЗА ЗАДОВОЛСТВО
Дека и тоа е можно се уверивме кога ја посетивме Ликовната работилница во близина на Универзалната сала во Скопје. За тоа сведочат дваесетина луѓе, на возраст од од 6 до 60 години, кои решиле да тропнат на вратата на ателјето на сликарот Милош Милосавлевиќ, сакајќи да видат дали навистина и тие би можеле да научат да сликаат, како што било напишано во летоците што биле оставени на рекламната табла на булеварот Партизански одреди.
"Главно тоа се реализирани луѓе со свои професии, со завршено високо образование. Речиси никој од нив нема никаква допирна точка со сликањето во својата професија. Меѓу членовите имаме правник, доктор по биологија, актерка, кибернетичар, економистки, информатичарка и ученици од основно и од средно училиште. Најчесто сакаат да учат цртање и сликање, но имаме и луѓе што сакаат рекреативно да се занимаваат со сликарство. Ако се занимавале претходно аматерски со сликање сакаат да се доусовршат и да научат нови техники, како што направи Ирена, која реши да почне од почеток и покрај претходното искуство", ни рече Милосавлевиќ откако разгледа како оди работата на трите штафелаи.
"Поради нејзината професија, најмногу беше заинтересирана за портретите. Како во психологијата, така и во ликовната уметност ја имаме истата поделба на карактери - сангвиник, флегматик, меланхолик и колерик. Таа сакаше да се доусоврши за сликање портрет и кај неа имаме неверојатно брз напредок. Веднаш забележавме дека имала голем потенцијал во себе и веднаш ќе го забележите нејзиниот напредок кога ќе ги споредите портретите што ги работеше во минатите три месеци. Посебно ме израдува што веќе почнала да добива и нарачки на портрети", ни рече Милош.
СОНУВАВ ЗА РАБОТИЛНИЦА
"По потекло сум од Србија, од Врање. Дипломирав класично, штафелајно сликарство на Факултетот за уметности во Ниш, а во Скопје дојдов на постдипломски студии и наскоро треба да ја одбранам магистратурата кај професор Родољуб Анастасов. Во меѓувреме се оженив за Македонка, а македонскиот јазик ми е дел од секојдневието. Не би имал никакви проблеми и да зборувам српски, но сметам дека е основен ред кога живееш во некоја држава да го научиш јазикот што се зборува во таа држава", ни раскажа.
"Инспирација ми беа ателјеата во белградската улица Шуматовачка и во квартот Кошутњак, во кои се подготвував за приемен испит на Факултетот за уметности во Ниш. Уште од тогаш бев решен кога ќе ги завршам студиите и јас да отворам такво ателје, во кое ќе се подготвуваат подготвуваат кандидати што сакаат да се запишат на ликовна академија или на архитектонски факултет, но се случи да работам и со луѓе што сакаат да учат сликање заради рекреација. Кога дојдов во Скопје ме изненади што еден главен град, универзитетски град, нема такво нешто и решив токму тука да го отворам ателјето за кое сонував", ни раскажа Милош.
И ЈАС УЧАМ ОД НИВ
"Кога ги формираме групите внимаваме тие да се составени од луѓе што се врсници и што имаат слични интереси за сликарството. Ако работеле нешто претходно, обично барам да видам што работеле, за да можам да направам анализа што е кај него најпотребно и каде е неговиот најголем потенцијал. Откако се формирани групите, пред секој час со секого поединечно се договараме што сака да работи, што го интересира во моментот, но и тоа е дел од една програма за развој на техниките", вели Милосавлевиќ.
"Во ателјето веќе имаме голема збирка детски цртежи и дела од возрасните членови. На два-три месеца преку нив правиме експертски анализи кои покажуваат од каде сме тргнале, каде сме стигнале и што треба да направиме за да ја подобриме програмата. Во март, на годишнината од основањето, планираме да направиме годишна изложба, со која ќе покажеме што сме постигнале. Досега учествувавме на неколку ликовни конкурси и неодамна освоивме неколку награди на меѓународното ликовно биенале во Софија, на кое учествуваат деца на возраст од 8 до 12 години . Нашите членови се претставија со цртежи на слободна тема, кои ги изработивме за време на часовите во ателјето и со нив освоивме една прва, една четврта награда и неколку пофалници", ни отктри Милосавлевиќ.
"И јас учам од нив и тоа воопшто не го кријам. Самиот Пикасо изјавил дека со целото неговото работење се стремел неговото сликање повторно да го сведе на детски цртеж. Ние, возрасните сме оптоварени со некои норми и ограничувања што ни ги наметнува животот, но за мене најинспиративни се искреноста и спонтаноста на децата", ни рече учителот.