Малку сме свесни дека во периодот од 1916 до 1918 година Битола и Пелистер биле центар на светот и една од најважните фронтовски точки за време на Првата светска војна. Исто така, малкумина се свесни дека жителите на градот и на потпелистерските села 22 месеца секојдневно биле изложени артилериски оган со околу 10.000 испалени проектили, не ретко полни со отровен гас.За конфликтот, во кој биле вклучени околу 1.220.000 војници, 3.500 топови и 280 авиони, денес сведочат само воените гробишта на странските армии, но нема ниту еден споменик што сведочи за страдањата на луѓето што биле жртви на оваа туѓа војна.
Токму тоа сведоштво сака да го извади на виделина скопската агенција Аполо Имиџис, која деновиве ја објави брошурата Приказни од првата светска војна, наменета за посетителите на Националниот парк Пелистер.
Публикацијата, на 40 страници, во одделни изданија на македонски и на англиски јазик, пренесува пет приказни на луѓето од градот и од околните села, на медицинска сестра од фронтовската линија и на војници од двете страни на боиштето, кои го внесуваат читателот во стравотниот амбиент со сите сетила. Покрај одлично составениот текст на книжевникот Дарјан Раденковиќ, за тоа придонесуваат и автентичните фотографии снимени за време на воените дејствија, како и илустрациите на сликарот Атанас Ботев, инспирирани од историските материјали.
Идејата на авторите, како што вели уредникот на публикацијата, Љубомир Стефанов, била на посетителите да им дадат четиво што ќе им ги ги оживее фактографските информации што ќе ги прочитаат на информативните табли од историската патека на националниот парк и да им го направи подопирлив амбиентот што им го нудат реконстуираните ровови, митралески гнезда и бункери.
Во моментов посетителите можат да ја побараат брошурата во управата на Националниот парк Пелистер, а наскоро ќе биде достапна на информативниот штанд во кругот на паркот.