Showing posts with label Холокауст. Show all posts
Showing posts with label Холокауст. Show all posts

Tuesday, March 25, 2008

Го преживеав Холокаустот

Скопјанецот Израел Бехар е еден од неколкуте македонски Евреи што го преживеаа систематското уништување на Евреите во концентрационите логори

Сите знаеме дека еднаш во годината, на пролет, има ден кога се означува годишнината од депортирањето на македонските Евреи во концентрациониот логор Треблинка во Полска. Но, речиси никој не знае што се случило со Евреите по студеното утро на 11 март 1943 година, кога почнало нивното депортирање во скопскиот Монопол и што се случило со нив во Треблинка. На една рака можат да се избројат луѓето што успеале да се спасат по влегувањето зад прагот на Монополот. Еден од нив е Израел Бехар (84), роден во Скопје, кој решил да се врати во родниот град по сите патешествија и несреќи што ги доживеал откако бил депортиран во скопскиот Монопол.

НИ СТАВИЈА ЗНАЧКИ...

"Роден сум во 1924 година во Скопје. На училиште одев во Еврејското маало, учев во Втората машка гимназија, а потоа се запишав на Трговска академија, на местото на денешна Градска болница. Таму учев две години, од 1941 до 1942 година. Но, дојде тешко време. Мајка ми беше вдовица и не беше во состојба да се грижи за нас, па готвеше кафе и переше алишта по туѓи куќи за да може да не’ прати на училиште. Тогаш дојдоа Бугарите, почнаа антисемитските мерки и закони, ни ставија значки и воведоа полициски час за Евреите. Живеевме во куќа кај Буњаковец, но не помина многу време - дојдоа Германците и Бугарите и не’ истераа од куќата. Отидовме да живееме во подрумот на мојата снаа. Но, не само што ни зедоа се’, туку требаше да платиме и данок на се’ што ни одзедоа. Освен тоа, моравме еднаш месечно да одиме во полиција и да плаќаме голем данок за да ни одобрат престој, зашто не ни даваа бугарско државјанство и не нарекуваа поранешни југословенски државјани.. Тогаш дојде 11 март", се присетува нашиот соговорник.

БЛОКАДА

Утрото на 11 март 1943 година ќе остане засекогаш во сеќавањата на г. Бехар. Тоа бил денот кога тој и неговото семејство биле принудени да го напуштат домот, не знаејќи каде одат и што ќе им се случи понатаму.


"Тоа беше тежок ден. Бугарите лажеа дека ништо нема да ни се случи - лажеа се’. Полициските инспектори играа карти со Евреите, а од друга страна собираа списоци на сите Евреи што живееја во Македонија. Сето тоа беше лага", вели г. Бехар.

Дека нешто чудно се случува можеле да насетат уште рано наутро, околу 4-5 часот, кога низ прозорците виделе дека војската и полицијата ги блокирале улиците. Тогаш и на нивната врата затропале агенти, со долги стапови во рацете.


"Ни рекоа да земеме се’ што имаме, да ставиме се’ во шпедитерска кола. Одеа по сите еврејски куќи и почнаа да ги истеруваат луѓето. Беше многу студено, а еден бугарски агент ми рече да ги извадам чевлите велејќи: имаш многу убави чевли. Ми ги собу чевлите и капутот и така, бос и гол, тргнав со мајка ми, брат ми, снаа ми и со внучето кон Монополот. А таму беше ужас. Не’ истуркаа во големи хали за тутун, во истите згради што ги има и денес. Се’ мирисаше на тутун. До нив имаше пруга и најверојатно таму не’ однесоа зашто местото им било згодно за транспорт. Тогаш влеговме внатре, а полицајците почнаа да не’ тепаат со камшик. Го паметам главниот полицаец, тој со камшикот, го нарекувавме Татарин. Крвнички тепаше се’ што ќе види пред себе", се присетува г. Бехар.

ЗЛАТО ЗА ЛЕБ

Во деновите додека исчекувале да видат што ќе се случи со нив, пристигнале Евреите од сите делови на Македонија. Монополот бил од сите страни ограден со тараби, кои бргу се претвориле во место за трговија.

"Војската беше секаде наоколу. На почетокот јадевме кој што донел од дома, а подоцна ни даваа само леб, па луѓето мораа да даваат златници за леб. На тарабите доаѓаа Македонци, да ни носат леб за да земат златници. Полицијата и војската ги пуштаа малку да се приближуваат, да донесат леб, а подоцна да си одат со златниците. Така побегнаа тројца Евреи, кои се преправија во Македонци што подаваат леб од другата страна на тарабите. Излегоа и останаа живи. Јас тоа го видов", ни рече соговорникот.

Условите за живот во деновите пред да почне транспортирањето во концентрационите логори биле неподносливи, без санитарни јазли, без чиста вода, а подоцна се појавиле и вошки.

"Целта им беше да те понижат колку што можат. Да не се чувствуваш како човек. Откако ќе ти го одземат достоинството да ти биде се’ едно, да не пружаш отпор"

КРАЈОТ НЕ Е КРАЈ

Во периодот од 11 до 29 март, од Монополот биле депортирани 7.200 македонски Евреи. Во тоа време, како што ни раскажа г. Бехар, од Монополот успеале да излезат само Евреите што биле странски државјани и евреите лекари и аптекари. Тогаш настанала мешаница меѓу луѓето со странски пасоши, што било згоден момент за бекство. Така побегнал и нашиот соговорник.


"Излегов пред да почне транспортирањето за Треблинка. Мајка ми, еден брат и една снаа ми излегоа со италијански пасоши, а детето на брат ми го прошверцувавме преку болничкото возило. Се извлеков и јас и се сокрив кај еден роднина во Буњаковец кој беше шпански државјанин", ни раскажа низ воздишка г. Бехар.


Токму во моментот кога помисливме дека се спасил, следуваше најголемото изненадување. По три месеци криење во подрумот на неговиот роднина, г. Бехар успева да се префрли во Косово, сакајќи оттаму да продолжи за Италија.


"Но, токму тогаш Косово падна под германска управа. Нас не’ испофаќаа и не’ одведоа во логор - мајка ми, брат ми, снаа ми, јас и детето. Бевме во една голема зграда и оттаму - на воз, не’ одведоа на сајмиштето во Земун кај Белград. Земун беше под Хрватска и таму беа усташите. Тоа беше пеколот! Секоја ноќ доаѓаа усташите и не’ тепаа со мотки - не’ седнуваа на скалила и - удри по кого ќе стигнеш!", ни раскажа г. Бехар.

СЕПАК ВО ЛОГОР

Голготата во Земун траела два месеца, по што заробениците биле пренесени во германскиот логор Берген-Белзен, покрај Хановер.

"Патувавме околу 15 дена, без вода, без храна. Тоа беше голем логор, собираше повеќе од 100.000 луѓе. Работевме како коњи. Моравме ноќе, и зимно време, да копаме земја и да вадиме корења од шумата - само за да не’ мачат. Целиот камп беше ограден со електрична жица. Едно време работев ме надгледуваше еден словачки СС-овец. Беше електричар и за да не’ мачи, се забавуваше измачувајќи не со струјни удари. Тое беа поранешни криминалци, садисти..


..На 13 април 1945 година Германците решија дел од заробениците да ги пренесат во логорот Терезинштат во Чешка. Не’ натоварија во воз, околу 5.000 луѓе, со намера да го дигнат возот во воздух пред да стигнеме во Терезинштат. Речиси сите бевме заболени од тифус. Имав толку висока температура од тифусот - што не бев при свест. На 23 април, одеднаш возот застана. Гледаме - мир. Тоа беше блиску до местото каде што првпат се составија американските и советските трупи. Русите почнаа да ги отвораат вагоните и од нив почнаа да паѓаат човечки трупови. Од тифусот таму умре мајка ми", се присетува.

НОВИ ПОЧЕТОЦИ

Приказната на скопјанецот Израел Бехар не завршува со ослободувањето од германскиот логор. Нема да згрешиме ако кажеме дека таа можеби таму почнува. По неколку месеци пробивање на патот до дома успева да се врати во Скопје, но, во градот немало никого од неговото семејство, а и домот во кој живеел не бил веќе негов. Се вработува, ја запознава неговата животна сопатничка, г-ѓа Драгица и решаваат заедно да заминат на студии во Белград.


Токму кога ги завршуваат студиите по економија ја слушнале веста дека се формирала држава Израел. Заситен од лошите спомени од Балканот и Европа решава да замине во Израел. Се венчава за Драгица и заедно заминуваат за Израел. Таму работи на одговорни позиции во банка, а во меѓувреме завршува уште два факултета . Но, повторно му било судбина да си има работа со војна. Учествува во четирите војни во Израел во периодот од 1948 до 1973 година. Тогаш доаѓа понудата од централата на неговата банка во Швајцарија - некој треба да основа филијала на островот Кејман на Канарските острови.

"Во таа џунгла, во тие тешки услови успеав да отворам банка и таму дојдоа милијарди долари инвестиции. Кога дојдовме, таму имаше само еден автобус, без врата. Денес тоа е моќен финансиски центар. Таму бевме повеќе од 30 години, но силен ураган го уништи нашиот имот, каде што сакавме да живееме по пензионирањето. Цела година го поправав нашиот дом, но го продадов за 10 дена. За годишните одмори секогаш доаѓавме во Македонија, па пред некоја година решивме да се вратиме да живееме овде", ни раскажа г. Бехар, испраќајќи не’ од нивниот нов дом во скопско Злокуќани.






Текст: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ, Андон ДАВЧЕВ + архивски фотографии