Васко МАРКОВСКИ
Зградата ви прокиснува, од осмиот кат ви паѓаат врз главата парчиња малтер кога минувате под влезот, фасадата ви е исцрнета, лифтот ви крцка и ви чкрипи додека се возите и не сте сигурни дали ќе заглавите меѓу катови или можеби, не дај Боже, ќе станете централна личност во црните вести во утрешните весници?Не е ретко да се најдат вакви примери околу нас, но што е, тука е. Ако имате Куќен совет можеби и ќе ви успее да се организирате и да се солидаризирате едни со други и заеднички да вложите и да ги поправите работите, ако не, Господ нека Ви е на помош - се откажуваме од многу работи, па ако нема друго чаре, ќе се откажеме и од лифтот, од убавиот изглед на зградата во која живееме, од хигиената во влезот.Но, дали мора да биде така?
Сте знаеле ли дека, на пример, сопствениците на становите се должни редовно да ги одржуваат своите станови и да се грижат за безбедноста, естетскиот изглед, уредите, инсталациите и за опремата што ја користат сите станари од зградата. Сте знаеле ли дека како сопственик на стан сте обврзани и да двоите пари за инвестиции и за тековно одржување на зградата, дека секоја зграда со повеќе од двајца сопственици на станови е обврзана да основа Куќен совет? Или, сте знаеле ли дека зградите со повеќе од осум станови со закон се обврзани да имаат домар, кој ќе се грижи за безбедноста и за сигурноста на зградата и на становите и за личната сигурност на станарите, а Куќниот совет треба да му обезбеди посебен простор кај влезот на зградата.
Верувам дека многумина од вас не знаеле, а и од каде би знаеле. Ви дошол ли некој некогаш на врата да ви ги укаже овие работи, да ве поучи и да ви помогне да ги решите несогласувањата со соседите? Досега само сум чул дека општина Аеродром подготвува некаков меморандум за соработка со куќните совети во станбените згради на нејзината територија, но и од тоа неколку месеци остана само најавата.
Деновиве во српските весници објавуваат реклама во која Секретаријатот за комунални и станбени работи на градот Белград ги повикува граѓаните заеднички да ги решат ваквите проблеми. Со рекламата се повикуваат Советите на станбените згради заеднички, со поддршка од градот, да ги поправат покривите, фасадите и лифтовите, а за тоа градот им се нуди да покрие 70 отсто од трошоците. Целта на проектот, како што стои во рекламата, е да им се помогне на граѓаните да ги остварат нивните обврски за инвестициско одржување на зградите, за да се спречи опасноста по животите и по здравјето на луѓето и да се разубави естетскиот изглед на зградите.
Би сакал еден ден такво нешто да прочитам и во нашите весници, не затоа што мислам дека ни недостигаат идеи, па се фрустрирам кога ги гледам во соседството, туку зашто градовите ни се предолго во зимски сон и ја толерираат анархијата во домувањето, таму каде што е коренот на општеството.
Кешке да се разбудат!
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=237&ArticleID=11075









