Никогаш не сум го видел скопскиот аквадукт, за кого толку сме слушале, почнувајќи од часовите по историја во основно училиште, до неколкуте стотини радио или ТВ-прилози на таа тема што сме ги слушнале или гледале, но подолго време ми тлее некоја возбуда, откако чув дека општина Бутел наумила од него да направи атрактивна туристичка дестинација.Веднаш на ум ми падна дека не е така далеку ни 2008 година, кога, според многуте најави, треба да биде изграден и заобиколниот пат околу Скопје, не случајно, затоа што делницата што ќе ги поврзе Бутел и Топанско Поле со Ѓорче Петров, ако добро сум разбрал, ќе минува во близина на аквадуктот.
Ме возбуди тоа што, како што тргнале работите, се поблиску му приоѓаме на објектот, затоа што е докажано дека кај што има пат, таму има и луѓе и развој.
Мостот е долг 400 метри, а од некогашните 200 сводови денес се останати 55. Бил изграден за да го снабдува некогашно Скупи со вода за пиење од изворите на Скопска Црна Гора. Изѕидан е до камен и од тули, потпрени врз масивни столбови во форма на коцка. Некои велат дека бил изграден во 6 век, некои полемизираат дека е римска, рановизантиска и византиска градба, а единственото што е извесно е дека кон крајот на 15 век, војсководецот Мустафа-паша извршил реконструкција, за да може преку него да спроведе вода до Мустафапашината џамија.
Еден од моите професори во средно градежно училиште, колку што паметам, на некој час рече дека аквадуктот е последица на непознавање на физиката. Претпоставката му беше дека градителите на аквадуктот не знаеле за законитоста на „споените садови“, штом решиле наместо подземни цевководи да подигнат мост во долот меѓу две брда. Можеби претпоставката му е на место, но, сепак, ме држи скепса дека некој сепак сакал да ја почувствува славата на градителите, зашто кој може да го види тоа што е градено под земја?
Но, тоа нема да ми ја намали радоста и желбата еден ден и ние да имаме маало покрај аквадуктот, како истанбулското маало Фатих, во кое сонцето доаѓа во собите минувајќи низ сводовите на двокатниот аквадукт, кој го изградиле римјаните во 375 година. Или да стане наше секојдневие, макар и за да го опцуеме што токму покрај него ни се расипала колата. А и добра е идејата на општина Бутел, освен атракција за туристи, местото да го претвори во ново шеталиште за бутелчани.
Кешке да е така!
No comments:
Post a Comment