Верувам дека не сум единствениот возач кому нервите му попуштаат додека вози по скопските улици и кој секојдневно бидува изненаден од напливот на возачка некултура, кој е толку силен, што секојдневно сме изненадени колку се прифаќаме од дозата сообраќајно насилство која секојдневно ни се сервира.Сте поминале ли некогаш кај „новиот семафор“, во Маџир Маало, што го поставија кога го пуштија „новиот мост“ кој води од Маџир Маало кон Скопското сајмиште. Секојдневно минувам оттаму уште откако го пуштија и навистина бев изненаден од сообраќајното решение, што било избрано против „возачката логика“ на луѓето што патот ги води од улица Владимир Комаров во Острово кон новиот мост и Скопското сајмиште. И, оттогаш наваму, секојдневно има што да се види. Делот од улицата под колосеците на Железничката станица е организиран во две ленти од кои едната е за скршнување кон лево, а во другата ви е дозволено да одите само кон Маџир Маало, иако веднаш десно е мостот. Но, уште од првиот ден реткост, како рак во Вардар, е да најдете некој што не скршнува десно иако е забрането.
Секојдневно, уште додека сте дома и се подготвувате за на работа, а потпетиците на некоја сосетка веќе одѕвонуваат по скалилата во 7 часот, таму веќе се наредила колона од возила што наумиле да прават прекршок. Но, тоа е веќе нивни избор и на вас останува дали ќе се придружите или ќе ја одберете „легалната алтернатива“, да скршнете по подолгиот пат.
Но, кој да ве заштити од насилството што секојдневно ви се приредува ако сте одбрале оттаму да тргнете кон „легалните“ насоки. Обидете се да застанете во лентата за право, а да не сте наумиле да правите прекршок и да одите десно.
Лично ќе можете да почувствувате што е сообраќајната агресивност. Нема полесно да поминете и во лентата за лево, затоа што таму ќе ве нападнат свирките на возачите што планирале да одат право, но сакајќи да ја избегнат агресијата, веќе по правило се престројуваат лево.
Донекаде во сево ова ве охрабруваат и плакатите што ве пречекуваат на деветте столбови од десно, кои ви велат: „Верувај во себе - имаш алтернатива“, „Да се остане човек“ или „Иднина наместо судбина“.
За да не помислите дека со колумнава сум станал кодош - се пријавувам да бидам првиот што ќе биде казнет. Прекршок правам секој работен ден, меѓу 7 и 9 наутро.
Да се надеваме дека еден ден сообраќајците ќе испратат „терминатор“ кој ќе извика: „Јас сум вашиот најголем кошмар“ и „I'll be back“.
Кешке да е така!
No comments:
Post a Comment