Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Снимил: Милан СТРЕЗОВСКИ
Сте помислиле ли колку и во какви се’ комбинации е компирот присутен околу нас, како компирите не’ демнат секаде каде што се движиме, секаде каде што ќе подзастанеме? Толку сме се навикнале на нивната сеприсутност, што воопшто не ни помислуваме каде е почетокот на сето тоа, што имало на трпезата на нашите предци пред бродовите на Колумбо да се вратат од Јужна Америка со новото растение, што го откриле на Андите. Ни на крајпамет не ни е дека пред 1573 година, кога почнале да ги одгледуваат во Шпанија, немало ни пекарски компир, ни помфрит, ни компир салата, рестован компир, компир-манџа, чипс, компир-пире, или компири печени во жар. Компир немало ни за лек, за да ја симнете високата температура.
Тогаш, зарем нема да се шокирате кога наеднаш ќе здогледате вреќи компири наредени како под конец, токму кога со раката посегнувате во кесето со чипс, сакајќи за кратко да го одложите гладот, додека возите за да ги завршите работите што сте ги планирале?Таков миг за нас беше берењето компири што неодамна го здогледавме, сосем неочекувано, на полето на семејството Раманови во месноста Ајројца кај Кичево, мезејќи чипс на пат накај Скопје.
ТРАКТОРОТ БЕРЕ, ТРАКТОРОТ ПАКУВА
"Аирлија работа, што се случува овде?", љубопитно ги прашавме домаќините, воодушевени од глетката."Береме компири. Ајде на помош!?", веднаш го прифатија разговорот, но не’ замолија да не бараме да се претставуваат и да не ги фотографираме.
Да имавме повеќе време можеби и ќе прифатевме да помогнеме, затоа само ги замоливме ни раскажат што прават и како се берат компири.
Сезоната за берење на компирите, како што ни рекоа, почнува на 15 октомври, но годинава поради врнежливото време морале да почнат подоцна. Сакавме да дознаеме каков бил годинава родот, што треба да се направи за да се добие толку големи компири, какви сорти компири садат кичевчани и каков ангажман бара од земјоделците компирот.
Ни раскажаа дека годинава била погодна за компирите, затоа што немало многу врнежи, а многу вода може само да го расипе родот.
Разговорот го почнавме од крајот, па ги прашавме и за почетокот - што треба да се направи за да се одгледаат толкави компири.
Другите членови од семејството ни објаснија дека машината што е прикачена на тракторот ги подигнува компирите од под земја, а другиот дел од работата се врши рачно.
"Ние одиме зад тракторот и рачно ги ставаме во вреќи компирите што ќе ги извади машината. Има и машини, како тракторот на соседите, што прават се’ - ги откопуваат компирите, ги чистат од земја, ги требат од камења, ги сортираат и ги пакуваат во вреќи, но, и вака се може", ни рекоа Раманови.Во нивното поле се сади исклучиво компир од сортата агрија. Таквиот компир, како што ни рекоа, е омилена сорта на кичевските земјоделци, а задоволни се и купувачите.
"Агријата е побел и е одличен за варење. Пробајте го во компир манџа или направете помфрит - ќе се уверите", ни порачаа жените од фамилијата Раманови.КОМПИРИТЕ РАСТАТ НА ДРВО
Впечатливата глетка не не’ остави рамнодушни. Сознанието дека првпат гледаме берба на компири токму кога сме раситниле неколку десетки од животот не’ одведе до помислата дали нашите деца воопшто ќе знаат како и каде растат компирите, штом ние толку сме се оддалечиле од земјата и од природата. Бевме љубопитни и се распрашавме во една од детските градинки во Скопје.
Замоливме една од воспитувачките да ги праша децата од средната група дали знаат каде растат компирите.
"Прашавме осум деца и добивме четири различни одговори. Две одговорија дека компирите растат на нива, две одговорија на трева, две рекоа внатре, во земјата, а две мислат дека компирите растат на дрво", ни рече воспитувачката, соопштувајќи ги резулататите.










