Васко МАРКОВСКИ
Би можеле ли да го замислите звукот на градот по десетина-петнаесет години? Се обидувам подолго време, но сe' некако тешко ми оди, сe' некако визијата ме води кон бучава и шум во низок тон. Можеби звучи песимистички и на мене влијае дождливото време додека го пишувам ова, но не можам да насетам што е тоа што ќе донесе поведар звук околу нас. Сетете се, на пример, на звуците што сте ги впивале за време на детството, во младоста или пред петнаесет-дваесет години. Обидете се да се потсетите на автентичните звуци што сте ги слушале само во Скопје, кои можеби ги има и на друго место, но не звучат исто.
Затворете ги очите и обидете се да се присетите на звуците што сте ги впивале од својата околина. Ќе ги чуете некогашните птици во некогашното дрвце во вашиот двор, кое подоцна требало да & го отстапи местото на оплатата за новите темели на вашата куќа. Ќе ги чуете штурците што некогаш се криеле низ тревките во дворот на соседот, сега засекогаш прекриени со дваесетина „сантими“ бетон - за полесно да се мие дворот. Сигурно ќе се сетите и на миговите кога поради ретките „фиќа“ и „стоедени“ одвреме-навреме требало да го повишите гласот за да си го продолжите разговорот со соговорниците без да запрете.
Или, излезете со умот малку подалеку, кон центарот на градот. Ја паметите ли некогашната тишина и спокојството што ви го влеваа во срцата улиците на Дебар Маало, шетајќи под честите липи, со очите крадејќи слики од убаво негуваните градини во улиците кај „Апче“. Или приближете се поблиску - на пример, кај поранешна Меѓуградска. Каде е денеска џагорот и врвулицата што ви ги далдисуваа мислите кон некои патувања, пронижани со повиците на чистачите на чевли, вечно подготвени да „исечат“ некој „дошљак“ што уште не им ги научил финтите. Се сеќавате ли на звуците што сте ги слушале покрај средно музичко и Музичка академија, минувајќи од МНТ накај „Пирин Планина“ или веќе и имињата на некогашните култни тераси сме ги заборавиле. Се сеќавате ли на чкрипењето на сопирачките на некогашните ноќни автобуси, додека залетани застануваа да ги симнат патниците? Којзнае? Можеби толку сме отрпнале и толку сме се навикнале на нив што веќе не ги забележуваме, како што веќе не ги забележуваме ни секојдневните „Ајде ханзапласт - десет денари“ на жената со засипнат глас на влезот на „Трговски“ од страната на „Меркур-импорт“.
До каде вака? Што ќе биде идниот звук на Скопје, ако сe' повеќе звуците на природата и гласовите на луѓето & го отстапуваат местото на бучавата од автомобилите, на музиката од летните тераси по улиците, на звукот на скутерите низ Градскиот парк. Навистина немам поведра визија? Да се надеваме дека ова е само уште еден мрачен ден што ми го приредил долгоочекуваниот дожд?
Кешке да е така!
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=213&ArticleID=10035
No comments:
Post a Comment