Friday, February 09, 2007

Кинескиот ѕид од Бит-пазар

Бидејќи станало многу модерно да се предлага нешто некаде да се урива, решив еден предлог дададам и јас. Можеби ќе речете како може да биде благородно нешто да се урива, но, верувајте, ова е повеќе нешто како симнување тетоважа, направена во лудоста на младите години.

Неколку години не бев отишол пеш на Бит-пазар, а кога сум минувал оттаму обично сум бил зад воланот, сконцентриран да не ми излета човек пред автомобилот, та затоа не сум можел да погледнам лево-десно.

Неодамна отидов, чекајќи еден пријател да заврши работа во банка и останав стаписан кога подзастанав пред некогашен „Нов дом“ со погледот кон Султанмуратовата џамија. Не можев да поверувам дека во меѓувреме пред џамијата никнала „зградурина“.

Не верувам дека има некој што не ја знае грандиозната џамија до Саат-кулата, која ја изградил султанот Мурат Втори, дваесетина години по катастрофалниот земјотрес што го срамнил Скопје во 1555 година. Не можев да поверувам дека некој се дрзнал да изгради толкав „ѕвер“ и да го скрие хоризонтот кој влегол и во холандската гравура што денеска секојдневно ја гледаме низ прозорецот на стоденарката. Како можел некој да ни стави црн превез пред погледот кон Саат-кулата, што исто така ја изградил Мурат Втори, како прва Саат-кула на Османлиската држава, за која механизмот го порачале од Унгарија, заедно со мајстор што ќе живее во Скопје да се грижи за него.

Којзнае, можеби и тој што го изградил „ѕидот“ паднал во искушението низ кое минуваа младите „војничиња“ на ЈНА, кои ги тетовираа имињата на минливите љубови, заслепени од љубовта и немајќи што попаметно да направат со парите што им ги испраќале родителите. Знае ли тој за честа што ја имало Скопје да добие џамија од Мурат Втори, какви што добиле во истата деценија Едрене и Бурса, престолнините на Османлиската империја пред неговиот син султан Мехмет Освојувачот да го освои Истанбул?

Но, некој ја направил бељата, дали тој што го направил тоа или тој што му дозволил да изгради Кинески ѕид на Бит-пазар. Останува да не тешат стиховите на поетот Орхан Вели во неговите „Песни на асфалтот“, кој ја опеал радоста на шетањето на Истанбул, онаква каква што ја гледале обичните луѓе: „Колку е убав хоризонтот / што ќе го видиш / кога ќе ја урнат зградата над патот“.

Можеби повторно некој ќе рече дека е среќа што е весникот бесплатен, па не мора да плаќа за оваа колумна. Но, да се сетиме на Џон Ленон и да потсетиме на неговите зборови: „Можеби ќе речеш дека сум сонувач, но не сум единствениот. Се надевам дека еден ќе ни се придружиш и светот ќе се сплоти во едно“.

Кешке да е така! И кешке некој да се сети да ја вброи и таа зграда во списокот за уривање.

No comments: