Thursday, March 15, 2007

Поблиску до природата

Сигурно сте забележале колку сонцето и расцутените дрвјата ви ги разубавеле луѓето околу вас, ве направиле помеки, потолерантни и порасположени.

Васко МАРКОВСКИ

Дали сте забележале, почитувани, дека некако поведри ни станаа деновите во последниве недела-две. Но, не зашто ни се намалиле грижите и маките, не дека наеднаш сме забележале дека Владата, градот и општините си ја вршат добро работата, дури и подобро од порано, ниту пак преку ноќ ни се сменила економската моќ, па полесно можеме да ги платиме сметките што ни се насобрале.

Сигурен сум дека и на вас позитивно влијае што деновите ни се се’ подолги, што сонцето се’ подолго ни ги грее душите, а околината добила пријатни бои од расцутените дрвја и грмушки. Сигурно и вие сте забележале колку сонцето и впивањето на убавината, боите и мирисите на дрвјата ги разубавеле луѓето околу вас и дека тоа ве направило помеки, потолерантни и порасположени. Верувам дека откако расцутеа се’ помалку ви се ѕвезди на денот луѓето што ги гледате во весниците, на вестите, на рекламите, во ТВ-сериите, на билбордите, а се’ повеќе умот ви оди надвор, кон улиците, кон парковите, кон шеталиштата.

Сигурно веќе сте почнале да ги прередувате шкафовите, простувајќи се од зимската и отстапувајќи & го првиот ред на пролетната. Сигурно веќе сте им ја избришале правта и сте ги подмачкале велосипедите, ако сте имале среќа да не ви ги украдат, како што ми го украдоа мене. Верувам дека веќе сте собрале сила и оти со леснотија ќе се наканите да ги расчистите терасите од зимската запуштеност и дека веќе сте се помириле дека речиси секојдневно ќе морате да се справувате со правта што ви ја носат околните булевари, улици и сокаци. Но, што е тоа наспроти блискоста со природата што ќе ве исполнува следните шест-седум, осум месеци, кога ќе ви биде лесно да му свртите грб на телевизорот, кога стоејќи нерешително со кафето в раце нозете сами ќе ве однесат да го испиете на тераса, каде што е попријатно да се чита, да се сврти телефон, каде што има подобра “ТВ-програма”, особено ако имате тераса со поглед кон некое шеталиште.

Можеби сево ова ви личи на една дембелска колумна, но, едноставно, не можам да му одолеам на времето и не можам да не ја споделам радоста со вас, како што со мене ја споделува мојот голем пријател од книгите, истанбулскиот поет Орхан Вели - кој вели: “Ова убаво време ме уништи. / На вакво време поднесов оставка / Од службата во фондацијата. / На вакво време се научив да пушам. / На вакво време се заљубив. / На вакво време почнав да заборавам / Да носам дома леб и сол. / На вакво време се заразив / Од болеста да пишувам поезија. / Ова убаво време ме уништи”.

Читајќи го, често пати, се прашувам колку сме се оддалечиле од природата. Кога последен пат сум се качил на дрво, кога последен пат сум ловел риби, кога последен пат сум се качил на Водно до врв, кога последен пат сум видел ластовичка.

Но, животот е пред нас, имаме време и да ги смениме навиките, или, како што неодамна ме потсети еден другар - животот почнува во триесеттата.

Кешке да е така!

No comments: