Васко МАРКОВСКИ
Оваа колумна решив да им ја посветам на нашите мајки, жени и ќерки, на нашите пријателки, колешки, на жените што не’ услужуваат на касите во супермаркетите, зад шалтерите во банките, на неколкуте жени што не’ возат во градските автобуси и во такси-возилата, на жените што не’ родиле и што ги родиле нашите родители и што ги родиле нашите деца, но не затоа што нешто многу ми значи поводот поради кој 8 март е прогласен за меѓународен ден на жената, туку затоа што ми се допаѓа да имаме барем еден ден во годината кога ќе им посветиме екстра-внимание и кога ќе се сетиме на гестот да им подаруваме цвеќе, да им кажеме дека сме среќни што ги имаме и да им ги исполниме домовите со мирис на цвеќиња.Би можел тука да заглавам во муабети дека добивам непријатни нагони во стомакот кога ќе
се сетам како изгледаат вестите што информираат за манифестациите со кои разноразни здруженија го одбележале 8 Март, но некако попријатно и поинтересно ми доаѓа да потсетам на две жени кои придонеле за издигнувањето на самосвеста на жените во Македонија.
Сте чуле ли за Роса Плавева и Накие Бајрам? Искрено и јас немав чуено, се’ додека една еманципирана жена не објави исклучително инвентивен предлог како да им се оддаде почит за тоа што го направиле за еманципацијата на жените во Македонија.
Дали сте чуле за предлогот на уметничката Христина Ивановска новиот мост, што ги поврзува Скопското сајмиште и Маџир маало, да го носи името на Роса Плавева и Накие Бајрам, Македонка и Турчинка кои во далечната 1907 година, заедно со дваесетина Турчинки од Скопје решиле да го кренат гласот против зарот и фереџето, деловите од облеката со кои со закон биле обврзани да си го прикриваат лицето муслиманските жени.
Немам ништо против тоа жените да носат мантил и шамија, ако тоа го одбрале доброволно или поради почит кон верските чувства на семејствата во кои живеат. Но, исто така сметам дека на тенок мраз е и аргументот оти тоа ги прави да бидат помало искушение за туѓите мажи, бидејќи лично бев стаписан од привлечноста на мојата соученичка Мона Хасан од Њу Џерси, со која заедно одевме на часови по турски во Истанбул.
Но, нашиот мост се’ уште нема име, иако дури пред две години Ивановска го доставила предлогот според сите процедури до Градската комисија за именување на мостовите и улиците. Да се надеваме дека наскоро ќе чуеме дека бил прифатен.
Кешке да е така!
No comments:
Post a Comment