Friday, July 20, 2007

Кулата што го направила Скопје метропола

Одвојте време и качете се на скопската Саат-кула. Нема зборови со кои може да се опише чувството додека го гледате градот од горе. Можеби наједноставно го опишал познатиот англиски патописец Едвард Браун, кој рекол дека тоа е најубавата панорама на градот што ја видел

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ

Не верувам дека има некој што некогаш ја видел скопската Саат-кула оддолу, додека минувате кај Бит-пазар, од Гази Баба кон пластичарите или меѓу МРТВ и Универзитетот Св. Кирил и Методиј. И, верувам дека не сум единствениот кого со години го копкало што не нашол време или повод да појде, да се качи на кулата и да го погледне градот оттаму. Но, честопати некој внатрешен глас ни кажува дека некои работи треба да ги одложуваме с¢ додека повторно тој глас не ни шепне дека дошло времето да се случат. Такво беше и моето искуство со скопската Саат-кула, с¢ до денот кога гласот однатре ми рече: сега е моментот, појди и качи се!

ПРВА ВО ОСМАНЛИСКАТА ИМПЕРИЈА Еден од историчарите на уметноста што најмногу истражувале за скопската Саат-кула меѓу нашите современици е претседателот на хуманитарната организација Ел Хилал од Скопје, Бехиџудин Шехапи. Негова специјалност се исламската уметност и архитектура, а најголемите истражувања поврзани со кулата ги направил додека работел во Исламската верска заедница и во периодот кога бил директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Пред да појдеме кај кулата, свративме кај него да ни ја раскаже нејзината приказна.

“Точното време на нејзината изградба не се знае, но се претпоставува дека била подигната во времето на Кануни Султан Сулејман или во времето на султан Селим Втори, во периодот меѓу 1566 и 1573 г., на возвишението на некогашниот Горен град, кај денешен Бит-пазар, на платото покрај Султан Муратовата џамија. Часовникот за Саат-кулата и мајсторот што требало да се грижи за неа биле донесени од унгарскиот град Сигет, кој во тоа време бил под османлиска окупација”, ни раскажа Шехапи.

Саат-кулите како објекти на исламската профана архитектура имале двојна намена. Секогаш се граделе во непосредна близина на џамиите за да го означуваат времето за молитва, а, истовремено, биле објекти од јавен карактер затоа што секој можел да види и да чуе колку е часот. Скопската е изградена во непосредна близина на Султан Муратовата џамија и, според планот за изградба на џамијата, што се чува во Архивот на музејот Топкапи во Истанбул, е оддалечена на 67 чекори од џамијата. Објаснување зошто била изградена токму покрај таа џамија, ни даде историчарот на уметноста Шехапи.

“Саат-кулите секогаш се граделе кај централната џамија во градот, затоа што таму е најголемата фреквенцијата на луѓе. Не било случајно одбрано местото на Саат-кулата да биде покрај Султан Муратовата џамија. И кулата и џамијата се изградени на возвишението над тогашниот центар на Горниот град. Станува збор за царска џамија, за 4.000 луѓе, со верска гимназија, медреса и два мавзолеја, турбиња”, вели Шехапи.

Архитектонски, кулата е составена од три дела. Првиот дел, каиде, е платформа со квадратна форма, со ѕидови изѕидани од камен, со димензии од 5,5 на 5,5 метри. Вториот дел е со осмоаголна форма и е изѕидан половина од камен, а половина од тули. Третиот дел е во форма на круг и е изграден од тула, на две нивоа. Во долниот дел има галерија, заградена со метална ограда, на двата ката има прозорци, а на врвот завршува со кубе или купола, со форма на турбан. Часовниците биле поставени по еден на четирите страни на светот, на врвот од средниот дел, а механизмот и камбаната биле во двете нивоа под и над галеријата.

Првите големи оштетувања кулата ги претрпела во 1689 г. кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје за време на австро-турските војни. Денешниот изглед кулата го добила во XIX век, во 1856 г., кога одново ја изградил мајсторот Хусеин од Дебар.

Последниот османлиски градоначалник на Скопје, Салих Асим-бег, во неговата книга Историја на Скопје и околината запишал дека часовникот повторно почнал да работи во 1902 г. кога бил поправен со делови што биле донесени од Швајцарија.

Но, зошто токму Скопје било одбрано да биде првиот град од Османлиската империја што ќе добие саат-кула?

“Во времето кога била изградена Саат-кулата, Скопје бил град-крстосница, каде што се вкрстувале многу важни патишта од сите четири страни на светот. Бил еден од најпознатите градови во Османлиската империја и долго време го имал статусот на една од метрополите на царството. Токму поради тој статус за негови владетели и бранители биле поставувани најголемите војсководци и најугледните луѓе од османлиското општество”, смета Шехапи.

ЧАСОВНИКОТ ОДЅВОНУВАЛ ДО КУМАНОВО Еден од првите описи на кулата го дава познатиот турски патописец Евлија Челебија, по неговиот престој во Скопје во 1669 г. Во описот што го дава вели дека кулата е веднаш до Хунќар џамија, што на османско-турски јазик значи царева или султанова џамија, а во следните реченици вели дека не видел поубава саат-кула во Османлиската империја.

“Саат-кулата се наоѓа на едно возвишение во Горниот град, во непосредна близина на Хунќар џамија. Кулата е витка и висока, со облик на минаре, а отчукувањето се слуша до градот Куманово, на оддалеченост од еден ден одење. Таа е една од најинтересните градби во Империјата”, запишал прочуениот патописец.

За Саат-кулата зборува и познатиот англиски патописец Едвард Браун, кој престојувал на Балканот во XVII век како лекар. Зборувајќи за Скопје, вели дека најубавата панорама на градот ја видел кога се качил на дрвената Саат-кула, со часовник со ѕвоно.

Најдобриот опис на часовникот го дава познатиот османлиски географ од XVII век Хаџи Калфа, познат и како Ќатип Челеби, кој вели дека часовникот ги отчукувал часовите и во источен и во европски стил, ала турка и ала франга.

“Од две страни, саатот ги отчукува ала турка, а часовите се обележани со арапски бројки. Од другите две страни отчукува ала франга, а часовите се обележани со римски бројки. Ѕвонењето се слуша на два часа одење од Скопје, а за часовникот се грижи специјален саатчија”, запишал Хаџи Калфа.

Францускиот патописец Филип Дифрен Кане, кој поминал низ Скопје во 1573 г., во неговите белешки забележал: “Овде има јавен саат кој се слуша во целиот град и кој ги отчукува часовите на француски начин. Го донеле од Сигет во Унгарија, а заедно со него го довеле и неговиот мајстор, кој прима добра плата. И покрај тоа што Турците во голема мера ги сакаат часовниците и многу ги ценат, тоа е единствениот јавен часовник во цела Турција”.

Некои преданија говорат дека градителите на скопската Саат-кула наместо ѕвоно за часовници, поставиле црковна камбана, затоа што сметале дека црковните камбани даваат поголем одек и се слушаат подалеку. Според бугарскиот историчар Јордан Иванов, камбаната била донесена од црквата Св. Никола во Свети Николе. Истиот историчар го пренесува и преданието на ќустендилчани, според кое на почетокот на XIX век, по барање на скопскиот паша, била извршена размена на ѕвоната на скопската и на ќустендилската саат-кула. Така, според Иванов, во Скопје била поставена камбана со потивок звук, која не можела да се чуе во сите делови на градот.

Интересен податок е дека саат-кулите во Османлиската империја почнуваат да се градат најпрвин во западните делови на царството, а подоцна се појавуваат кон исток. Првите биле изградени во Скопје, Приштина, Мостар и во Сараево, а подоцна се градат во Пловдив, Едрене и во Бурса. Кулите биле многу присутни во европската средновековна архитектура и во времето на ренесансата. Имајќи предвид дека покажувањето на времето е многу битно во секојдневниот живот на муслиманот, османлиите почнуваат бран на изградба на саат-кули. Наоѓаат мајстори од Европа и почнуваат да градат. Само во денешна Македонија изградиле 11 саат-кули.

МАГНЕТ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ И покрај славната историја, градот и националните институции и’ го свртеле грбот на скопската Саат-кула. Досега имало неколку иницијативи да се обноват часовниците и да се уреди просторот околу неа, но ниедна од нив не се реализирала.

“Според критериумите, Саат-кулата е еден од неколкуте маркантни споменици во Скопје, какви што се Камениот мост, црквата Св. Пантелејмон и Мустафа-пашината џамија. Државата малку покажува интересирање, а станува збор за еден од симболите на градот. За споменици од тој ранг, мислам дека треба да се грижи државата, бидејќи станува збор за објект со исклучителна вредност. За такви објекти надлежна е националната институција, а не Градскиот завод или општината. Општина Чаир и градот Скопје немаат толкава моќ да можат да се грижат за еден таков споменик со исклучителна вредност”, оценува Шехапи.

Имало повеќе идеи за тоа како да и’ се врати некогашниот сјај на Саат-кулата. Една од визиите е да се постават нови часовници, кулата да се отвори за туристички посети, просторот да се зазелени и да се украси со цветни алеи, а во подножјето да се направи ориентално кафуле.

“Може да се направи амфитеатар, просторот хортикултурно да се оплемени, да се уреди оградата на џамијата, да се стави механизам за да проработи часовникот, а кулата повторно да стане еден од симболите на градот, кој ќе биде обележан на мапите и ќе ги привлекува туристите да дојдат да видат едно место со извонредна глетка на стариот град, старо Скопје. Таква убава платформа, такво возвишение е неверојатно репрезентативно место”, вели Шехапи.

ПТИЧЈА ПЕРСПЕКТИВА Го испивме турскиот чај со кој не’ послужи во неговата канцеларија кај црквата Св. Спас, му се заблагодаривме и тргнавме кон Султан Муратовата џамија. Според договореното, таму требаше да не’ пречека имамот Зекирија Бајрами. Одејќи натаму со колешката Мери Бакалова и фоторепортерот Милан Стрезовски, заклучивме дека сите чувствуваме голема возбуда зашто се приближуваме до кулата што со години не’ повикувала, но никогаш не сме нашле прилика да и` се приближиме.


“Триесет и четири години го чекам овој ден”, му се доверив на имамот Зекирија, кој срдечно нe’ пречека на влезот на Султан Муратовата џамија, на неколку метри од подножјето на Саат-кулата. Не можев да ја сокријам возбудата, гледајќи колку убаво место за починка имало во градот во кој живеам од раѓање, а го откривам дури во третата деценија од животот. Но, зарем не е убаво чувството дека живеете во град кој секогаш има нешто со што пријатно ќе ве изненади?

“Би било убаво да се врати саатот, да се врати изгледот на кулата како некогаш”, ни рече имамот во кусиот разговор на една од клупите, во паузата меѓу големиот петочен намаз и попладневната молитва. Ни раскажа дека не ја памети кулата од времето кога на неа биле часовниците, но оти би бил многу среќен да чуе како повторно го отчукува времето.

“Се распрашував во Швајцарија, најдов часовник што се управува компјутерски, но заедно со монтажата чинеше околу 25.000 швајцарски франци, што се многу пари. Ни требаше долго време да собереме пари само за да ги обновиме тоалетите во дворот на џамијата. Тешко се наоѓаат пари”, ни рече оџа Зекирија.


Пред да тргне да го повика човекот со клучот, уште еднаш нe` препраша дали сме сигурни дека сакаме да се качиме горе, укажувајќи ни дека качувањето е напорно и оти следниот ден ќе не’ болат нозете. Но, набрзо се увери дека ни на крај памет не ни беше да се откажеме, не’ почести со студен сок и го повика неговиот помошник, чичко Лиман Исмаили од Никиштани, кој ги води молитвите од сабота до четврток и е водич на посетителите во кулата. Кај него е клучот. Отклучи и влеговме.

Не може да се опише возбудата кога ќе влезете во мистериозното здание, а првиот впечаток што ни дојде кога погледнавме нагоре беше дека и некаде во Скопје имало скали како скалите од обвивката на црвениот и синиот албум на Битлси.

“Ќе можат ли да не’ издржат скаливе?”, праша нашиот фоторепортер со недоверба.

“Гајле немај. Неодамна дојдоа 20 луѓе од Истанбул, сите од по 100 кила - немај гајле”, не’ охрабруваше дедо Лиман, давајќи инструкции: “Внимавај овде да не си ја чукнеш главата - греда!”, или: “Внимавај да не се сопнеш!”.

Додека се качувавме, ни раскажа дека пред некоја година во кулата се качиле роднини на Тони Блери, ни раскажуваше податоци од историјата на џамијата и на кулата - како вистински професионален туристички водич.

“Овде биле часовниците - по еден на исток, на запад, на север и на југ. Тука била машината. Еве, само ова останало. Тогаш немало вакви”, ни раскажа покажувајќи го часовникот на раката.

Разговорот накусо ни го прекина рингтонот со мелодијата од цртаниот филм Густав. Знаев дека е другар ми Виктор.

“Нема да веруваш кај сум... На Саат-кулата! Така испадна, немав време да те викнам...”, почнав да се правдам и го замолив да се чуеме подоцна. Не сакав да пропуштам нешто и итав час поскоро да ја видам панорамата..

Стигнувањето на местото каде што некогаш стоел механизмот најави дека пристигнуваме во галеријата за набљудување...

И, како да се опише неверојатната глетка што ја нуди бело-портокаловата кула? Да имаше зборови, веќе ќе ги кажел патописецот Едвард Браун, кој некогаш запишал дека тоа е најубавата панорама на градот што ја видел. Наместо да ви пренесуваме впечатоци, тоа нека го сторат фотографиите. Нека бидат јадица и вие да појдете.


А, дедо Лиман е тука да ви покаже која населба каде се наоѓа, каде е некое село, каде е Чифте амам, Даут-пашин амам, Мустафа-пашина, Мурат-пашина, Алаџа или Балабан џамија, црквата Св. Димитрија, МНТ или Театарот на народностите.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4558&EditionID=146&Page=1

Friday, July 06, 2007

Кањонот на пеперутките

Македонија изобилува со богатство од разни видови пеперутки. Од 400 видови пеперутки, колку што се регистрирани во Европа, во Македонија живеат 201, а две третини од нив живеат во долината на Треска

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Природно-научен музеј - Скопје

Сте помислиле ли дека кањонот Матка не завршува со кафе-терасата пред Планинарскиот дом Јовица Гроздановски и дека освен разладување и впечатлив пејзаж за гостите од странство што ги носите таму, зад себе крие предели во кои живеат 174 видови пеперутки?
Можеби и ние немаше да дознаеме, но дознавме благодарение на Гордана Јанакиевска, претседателка на Здружението Крале Марко, која ни ја посочи Матка како уште едно место кое може да биде значајна точка на туристичката мапа на Македонија. По нејзина сугестија го побаравме д-р Владимир Крпач, виш кустос во Природно-научниот музеј во Скопје, чија специјалност се осоликите муви и пеперутките.

ШАРЕНИЛО ОД ВИДОВИ Владимир Крпач веднаш прифати да не’ воведе во светот на пеперутките, но не’ посоветува дека нашата идеја да ни биде водич за да можеме на самото место да ги видиме и да ги фотографираме, не е најразумна.

“Сепак, не е така лесно да се оди на терен за да се видат, бидејќи таму можат да одат само добро обучени луѓе, што знаат да се движат по таков терен, затоа што има змии и други опасности”, ни рече д-р Крпач, укажувајќи дека од друга страна е и подобро што е така, затоа што на тој начин и пеперутките се позаштитени од колекционери и од препродавачи што можат да ги истребат.

Од него разбравме дека кањонот на Треска одамна ги привлекува лепидоптеролозите, научниците што ги истражуваат пеперутките, токму поради нивната разновидност во оваа клисура.

“Главно ги има во шумските ливади, на високопланинските пасишта и на планинските ливади. Од 9 фамилии и вкупно 400 видови дневни паперутки, колку што се регистрирани во Европа, во Македонија има 8 фамилии, 76 родови и досега се регистрирани 201 вид пеперутки. Од нив, 174 се присутни во долината на Треска”, ни раскажа нашиот соговорник.

Меѓу нив има примероци од фамилиите дебелоглави пеперуги, ластовичарки и чурлукари, пулејкасти, бели, шарени, сини и окати пеперуги.

Една од најчестите е Перугастата пеперутка, која живее на отворени сончеви ливади, се храни со нектар и обично лета во поголеми групи, во периодите од април до мај и од јули до септември.

Ластовичарката е препознатлива по опавчињата на долниот дел од крилата, една од најубавите дневни пеперутки од Македонија. Се храни со нектар и живее во сончевите предели.

По својата елегантност особено се истакнува Црниот Аполон, кој можете да го видите во периодот од мај до јуни на тревести ливади и во предели со надморска височина над 2.000 метри.

Поликсеновата пеперутка можете да ја видите во карпести места и на ливади на надморска височина од 1.000 метри, во периодот од април до мај.

Една од најпознатите меѓу земјоделците е пеперутката Зелкарка, која е една од најраспространетите пеперутки. Се среќава на отворен простор, во градини и на ливади, напролет и наесен. Се храни со нектар, а додека е во фаза на гасеница се храни од листовите на зелката, по што го добила името.

Пеперутката Планински белец е северномедитерански вид и најчесто се среќава на надморска височина од 300 до 1.800 метри името, по што го добила името. Се појавува во три периоди, од март до август.

Круперовиот белец е источномедитерански вид кој се среќава на надморски височини над 1.000 метри, во периодот од март до септември, а една од најинтересните пеперутки е Мртовечки плашт, која најчесто ја има по рабовите на брезовите шуми, каде што се храни со нектар и растителни сокови.

Меѓу поелегантните се издвојува пеперутката Vanessa atlanta позната и како Адмирал, која е впечатлива по црно-портокаловите шари.
Една од омилените пеперутки на д-р Крпач е Pseudo sahara cingovski, која го добила името по македонскиот научник д-р Јонче Чинговски, кој прв ја открил и се смета за една од позначајните македонски пеперутки.

ИДЕАЛНО ЖИВЕАЛИШТЕ Не можевме, а да не прашаме што е тоа што ја прави долината на Треска подрачје што е толку погодно за живеење на овој вид инсекти.

“Македонија е мала земја, но има високи планини. На нејзината територија се судираат две клими - изменетата медитеранска и континенталната. Мешањето на климите создава услови за мешање на растителниот и животинскиот свет и заедно со високите планини создале идеални услови за создавање ретки видови од растителниот и од животинскиот свет”, ни објасни д-р Владимир.

Во леденото време, пред милиони години, кога почнале да се топат мразовите, пеперутките нашле прибежиште во долината на Треска, каде што имале услови да се сокријат од неповолните атмосферски услови. Тоа им овозможило да имаат каде да престојуваат кога е топло, а богатството на растителниот свет им обезбедило резерви од храна, особено специфични растителни видови, со кои се хранат пеперутките додека се во фаза на гасеници.

“Возрасните пеперутки имаат сурлички, или јазичиња, со кои лижат нектар од разни цветови, а гасениците се хранат само од еден вид растение. За да преживеат, многу е важно да имаат и соодветна храна додека се гасеници”, вели д-р Крпач.

ПРЕДИЗВИК ЗА ИСТРАЖУВАЧИТЕ Првите истражувања на пеперутките од кањонот Матка датираат од времето на Првата светска војна, но и многу години порано, кога големи имиња од науката го истражувале растителниот свет во кањонот на реката Треска. Првите истражувања на пеперутките ги направиле австриските зоолози. Првиот меѓу нив е Виктор Апфелдек, кој во 1887 г. престојувал во Сараево како специјалист за шуми, каде што набргу станува кустос за природа во градскиот музеј. Во една прилика ја посетил Македонија и се заљубил во тоа што го видел. Во периодот од 1906 г. до 1907 г. темелно ги проучувал пеперутките во околината на Скопје, а најмногу се задржал кај село Брезница, во околината на денешната брана Козјак. Резултатите од неговите истражувања ги објавил Ханс Ребел, врвен лепидоптерологот (истражувач на пеперутки), во 1913 г. Во периодот од 1909 г. до 1913 г. пеперутките од Македонија ги привлекле и бугарскиот научник Иван Гуреш и многу германски научници, кои дошле на овие простори како војници на Антантата за време на Првата светска војна. Значајни истражувања направил германскиот научник Ханс Дофлајн, кој во 1921 г. ја објавил книгата Mazedonien, во која на 600 страници пишува за културата, флората и фауната во Македонија, со 280 илустрации на животни и пеперутки.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4487&EditionID=144&Page=1

Прошетајте!


Веројатно не сум единствениот, почитувани, кој се чувствувал поразен кога некој во младоста ќе му објавел крај на средбата, дружењето или врската, велејќи: “Ај, прошетај!”. Но, што би била зрелоста, ако не н¢ поучи да не ги трошиме нервите во ситуации што не го заслужуваат тоа, да ни каже дека треба да ги штедиме за моменти кога ќе ни бидат попотребни и да н¢ научи малку повеќе да погледнуваме кон светлата страна на животот.

Така ќе сфатиме дека убавината можеме да ја најдеме и во нештата што понекогаш знаеле да ни го загорчат животот, дека ветерот не е само струење на воздухот што ни носи прав во очите, туку и нешто што може да ни ги наполни едрата и да ни донесе воздух од далечните краишта. Без животната поука не би можеле да видиме дека песочните дождови не се само атмосферска појава што ни ги валка автомобилите и повод за апокалиптични текстови во весниците, туку и нешто што ќе ни ги приближи пустините и ќе ни ги разбуди мечтите или сеќавањата ако сме посетиле некоја нив. Така, годините ќе н¢ подучат и дека изразот “ај, прошетај” не е нешто што треба да нe` нервира и да го доживуваме како пораз, особено не откако постои Google Earth.

Thursday, June 28, 2007

Цоцев камен

Место за живеење, храм со платформа за ритуални жртвувања и праисториска опсерваторија за набљудување на ѕвездите. Научниците сe` уште полемизираат што е Цоцев Камен, но едно е јасно - вреди да се посети

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Васил БОГЛЕВ

Сте помислиле ли дека еден од овие пеколни денови можете да го поминете во природа, но не на плажа, пиејќи студени пијалаци, меѓу две разладувања во некое од нашите езера. Што велите за еднодневна прошетка во предел настанат од ерупција на некогашни вулкани, далеку од езеро, кој ќе направи да се почувствувате блиски со луѓето од праисторијата коишто живееле на педесетина, стотина километри од вашите домови.

Го запаливме автомобилот и заедно со фоторепортерот Васил Боглев од Австралија и претседателот на македонскиот Центар за карпеста уметност, Душко Алексовски, тргнавме кон Кратово, да го видиме Цоцев Камен, археолошкиот локалитет што познатиот авантурист од Јаху, Ричард Бенгс, го нарече “екстремно жешка базалтна карпа, тешка за искачување, позната по неолитските церемонии на плодноста и виното, чија мистерија почива во тоа што некој решил токму таму да изгради храм”.

На температури од околу 40 Целзиусови степени, нашиот избор можеби ќе ви личи на одење спроти ветерот, но решивме тоа да го направиме и, верувајте, не зажаливме, и покрај тоа што за нашето патување го одбравме еден од најтоплите денови што ни ги донесе летото.

КАМЕНОТ НА МИЛОТО ЧОВЕЧЕ “Цоцев Камен е локалитет што во времето на палеолитот луѓето го користеле како место за живеење, храм со платформа за ритуални жртвувања и како праисториска опсерваторија за набљудување на ѕвездите, Сонцето и Месечината. Во тоа ќе се уверите и самите, а за тоа сведочат и многуте наоди на карпеста уметност што ги откривме во околината на Цоцев Камен”, ни раскажа Алексовски додека патувавме по земјениот пат, откако се исклучивме од патот Куманово-Кратово за да стигнеме до “жешката карпа”.

Додека се движевме по нерамниот земјен пат, по кој, сепак, е попаметно да се оди со теренско возило, ни раскажа многу за културолошкото богатство во долината на Крива Река, но сето тоа како да беше поврзано со Цоцев Камен. Додека откривавме нови и нови вулкански карпи во околината на патот, прашувајќи дали сме блиску, научивме за многуте пештери во кои почиваат траги од животот во праисторијата и за древните градови и храмови по чии траги тргнале многу археолози. По четириесетина минути запревме.

“Оттука ќе одиме пеш, зад дрвјата е Цоцев Камен”, најави Алексоски.

НАСЕЛБА, СВЕТИЛИШТЕ, ОПСЕРВАТОРИЈА... Почетоците на животот во Цоцев Камен, како што ни раскажа нашиот водич, датираат од времето на мезолитот кога луѓето од долината на Крива Река достигнале повисоко културно ниво и почнуваат да се преселуваат од пештерите кон вулканската карпа, каде што граделе лесни живеалишта, еден вид шатори од дрвени греди, гранки и кал, подигнати врз платото покрај камениот блок.

“Сега се наоѓаме пред темелите на еден од тие шатори. Еве ја вратата, влегуваме во живеалиштето. Тука претпоставуваме дека имало дрвена конструкција која била зацврстена во овие издлабени канали и дупки. Гредите биле сплетени со гранки, измачкани со кал, а крововите биле од гранки или од кожи. Тука има столб кој бил врзан за конструкцијата и и’ давал дополнително зацврстување. Браздите што се гледаат околу темелите на колибите служеле за одлевање на водата и за заштита од поплави”, ни раскажа Алексовски.

Патот оттаму не’ води низ два големи камена кои, како што ни објасни, некогаш формирале портал што ги воведувал луѓето во просторот за кој се претпоставува дека бил светилиште.


Дека станува збор за портал, како што вели Алексовски, укажуваат дупките во камењата, врз кои, најверојатно, се извишувала дрвена конструкција. Додека се движевме по камената патека, која била расчистена и делумно обновена во 2005 г., со проект на Светската банка, ни го покажа знакот на воловско копито, вдлабнат оддесно во подножјето на процепот низ карпите, кој бил порта на светилиштето. Веднаш зад него се отвора голем простор, свртен кон соседното брдо, на чиј врв се извишуваат камени блокови кои, според досегашните истражувања, се мегалити, или - маркери од камен, кои ја означуваат положбата на Сонцето, Месечината и ѕвездите во деновите на рамноденица, краткоденица и долгоденица.

“Тоа го докажаа и ноќните снимања што ги изврши истражувачка екипа од Франција, предводена од Емили Масон, доктор на науки со диплома од Универзитетот Сорбона во Париз, археолог и историчар во францускиот Национален центар за научни истражувања. Врз основа на тие снимања беше утврдено дека станува збор за древна астрономска опсерваторија, а за тоа сведочат и камените фигури на мегалитите”, вели Алексовски.

Просторот, како што можевме да заклучиме и од нашиот разговор, се одликува со врвна акустика и, според сознанијата на Алексовски, најверојатно се користел за ритуални жртвувања на волови, кои тогашните луѓе ги сметале за свети животни. На тоа, како што вели, укажува и воловското копито што било вбраздено на влезот во светилиштето.

Патот нe` води нагоре, кон следната просторија, издлабена во камениот масив. Дотаму се стигнува по вториот дел од скалите што биле вбраздени во карпата.

Возвишено беше чувството да се искачуваш по карпата со таква леснотија, а радоста е уште поголема ако сте човек што нема алпинистичко искуство. Чувството го прави уште повозвишено помислата дека чекорите таму каде што некогаш чекореле праисториските луѓе, по скали што ги издлабиле токму тие. Но, што ги натерало да одат повисоко?

“Во овој дел, на ова ниво, се случувале обредите што им биле посветени на боговите на виното и на плодноста”, вели Алексовски.

За тоа, како што ни објасни, сведочат камените корита, издлабени во камената просторија, во кои, како што се претпоставува, тогашните свештеници осветувале вино и вода што луѓето ја носеле од блиските реки. Пред расчистувањето во 2005 г., просторот бил делумно затрупан со земја, по што се појавиле коритата. Но, ни тоа не е сe`. Има уште едно ниво, до кое се стигнува по камени скали, каде што доаѓате до највисоката платформа, на чиј ѕид и ден-денес можат да се видат траги од коцкеста фигура што била прицвстена на камениот блок.

Патот нe` одведе назад, кон подножјето на Цоцев Камен, каде што оддесно се двои друг процеп, кој води кон местото каде што бил престолот од кој главатарот ги посматрал Сонцето, Месечината и ѕвездите врз мегалитите. Овој дел, како што ни раскажа Алексовски, бил ексклузивен простор до кој не можел секој да дојде, а за тоа сведочат вертикалните канали што се издлабени зад процепот, низ кој, како што вели, се движела вертикална врата.

Тишината за миг ја распара крикот на еден сокол кој во моментот го надлета просторот каде што се наоѓавме. Силното сонце и нашата заборавност да појдеме на такво патешествие без вода го направија своето. Час, час и половина попладне, решивме да побараме сенка и вода.

Додека се движевме кон автомобилот и додека се договаравме каде да продолжиме со разговорот, нашиот водич ни раскажа дека пропуштаме да се качиме на пострмниот дел на Цоцев Камен, кон запад, кај базенот во кој тогашните луѓе чувале вода. Исто така, ни укажа дека пропуштаме да ги видиме мегалитите и камените цртежи што биле вдлабени и нацртани врз нив. Мала утеха беа издупчените хоризонтални појаси на јужниот ѕид од масивот, за кои ни објасни дека биле дупки во кои се прицврстувале хоризонтални дрвени греди кои, пак, биле носачи за стреите под кои се чувал добитокот.

Тогаш се сетивме да прашаме и за многуте вертикални дупки, со ширина колку една-две тупаници што ќе ги забележите насекаде на повисоките платформи и во околината на скалите што се издлабени во карпата.

“Платформи имало насекаде. Тие им служеле на луѓето од населбата и на стражарите да можат многу брзо да се движат низ Цоцев Камен”, ни објасни Алексовски.

ОСПОРЕНА ВРЕДНОСТ Разговорот го продолживме во првата селска продавница, во ладовината на камените ѕидови и бучавата на стариот фрижидер од кој се послуживме со студени пијалаци. Таму Алексовски ги сподели со нас впечатоците од посетата на Ричард Бенгс, револтот од оспорувањата на вредноста на Цоцев Камен, кои, како што ни рече, потекнуваат од луѓе од врвот на македонските археолози кои тврдат невистини, иако никогаш не биле да го посетат локалитетот.

“Тврдат дека сето тоа е направено за 15 дена, колку што траеше проектот на Светска банка. И самите видовте - може ли толкави простории, кои биле длабени со години и скали со толкав слој патина, кои поминале векови подложни на ерозија, да се создадат за 15 дена? Тоа е злонамерно и неодговорно. Такви тврдења имаше и додека работевме тие 15 дена, кога беше повикана инспекција од Управата за заштита на спомениците на културата. Но, ни тоа не им успеа, зашто додека работевме, со нас постојано беше инспекторот Ѕвонко Николовски, кој беше воодушевен од тоа што го виде и не најде никаква забелешка”, вели Алексовски.

Нашето патешествие заврши во Кратово, во општинскиот Центар за карпеста уметност, каде што пристигнавме по асфалтен пат, кој ви го препорачуваме како подобар пат што води до Цоцев Камен. Од нашиот водич и нашиот домаќин во Центарот, Стевче Доневски, научивме многу за карпестата уметност во Осоговијата и за мистериите на древното време што таа ги крие во себе. Токму таму нека заврши и вашата посета на Цоцев Камен, каде што ќе ја видите изложбата на артефакти што биле пронајдени на локалитетот.


http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4460&EditionID=142&Page=1

Friday, June 22, 2007

Напиј се и изеди ја чашата!

Скопјанецот Владимир Стојковски десетина години развива технологија за производство на чаши за една употреба направени од 100 проценти природни материјали

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Дарко МОРАИТОВ

Што велите за чаши што ќе можете да ги изедете откако ќе го испиете пијалакот, што не ја загадуваат околината и што се разградуваат за стотина минути, наместо за стотина години, колку што £ се потребни на почвата да ги разгради пластичните чаши за пијалаци.

“Сето тоа е можно и наскоро ќе го имаме”, вели скопјанецот Владимир Стојковски, кој десетина години развива технологија за производство на чаши за една употреба, направени од 100 проценти природни материјали и се обидува да најде финансиер за неговиот проект.

ИДЕЈА ОД КОРНЕТ Откако транзицијата го оставила без работа, овој електроинженер не мирувал, туку се посветил на нешто што ќе му донесе нова работа. Откако пропаднала неговата фирма, работел како трговски патник на српска компанија што тргува со тетра-пак амбалажа, продолжил во фабрика за кори, кадаифи, корнети, соработувал со млекарници и - таму некаде се родила идејата како да го обедини искуството што го стекнал.

“Еден ден ми текна. Ги имав контактите со млечната индустрија, видов каква амбалажа им треба и што се увезува, видов како се прават корнети и - решив да истражувам. Бев убеден дека ќе успеам да направам амбалажа што ќе биде 100 проценти од природен материјал. Си помислив, ако се прават корнети од брашно, сигурно ќе можам да направам чашки за јогурт од брашно, па дури и тетра-пак од брашно. Почнав да експериментирам и - дојдов до формулата”, ни раскажа Стојковски.

Следниот предизвик, како што вели, бил како да направи чашките да бидат отпорни на висока температура и на влага, за да можат да се користат подолго и во различни услови.

“Нема филозофија. Основната суровина е грубо пченично брашно, меѓу тип 500 и тип 600, има шеќер, масло за готвење и природни екстракти што £ даваат на смесата цврстина и еластичност. Со многу експериментирање успеав да добијам растителни екстракти, кои на чашките им ја даваат отпорноста на влага и топлина”, вели Стојковски.

Првата серија еко-чаши ја произвел во 2003 г., а ја промовирал на Еко-фестивалот во Охрид.

“Луѓето што ги пробаа чашите беа воодушевени. Ги пробуваа со секакви можни пијалаци, со студени, со топли, со пиво, за да видат дали држат пена, со виски, со с¢ што ќе најдеа пред себе. Најголемиот штос беше кога на крајот ќе им речев да си ја изедат чашата”, раскажува.

ТРЧАЊЕ ПО ИНВЕСТИТОР По долги истражувања, во 1998 г. Стојковски сфатил дека ги постигнал перформансите што си ги задал и решил да го заштити производот. Процедурите во Заводот за патенти траеле околу три години, по што добил патент за територијата на Македонија, во период од 10 години. Но, за да може да го продолжи, добил обврска најдоцна до почетокот на последната година да произведе серија што ќе ја даде на натамошни испитувања.


“Оттогаш трчам по финансиери, но с¢ уште оди тешко. Единствената помош што ја добив досега беше од Министерството за животна средина и канцеларијата за Локален еколошки акционен план на град Скопје, кои ми помогнаа да произведам една промотивна серија. Нова и последна надеж ми се програмата УНДП и македонската Фондација за развој на мали и средни претпријатија, кои ме поддржаа и со кои деновиве работиме на финансиската конструкција за заем што треба да ми го одобри штедилницата Можности. Но, јас сум непоправлив оптимист и очекувам веќе од 1 јули работата да тргне”, вели Стојковски.

ДОБРИ ЗА ПРИРОДАТА Со производството и со користењето на еко-чашите, како што вели Стојковски, сериозно може да се намали количината на цврстиот отпад. Според податоците до кои дошол кога учествувал во кампањата Стоп за лименките и за пластиката, Македонија месечно троши околу 5.000.000 пластични чаши за јогурт, а само Скопје троши околу 2.000.000 чашки месечно.

Според научните сознанија, на пластичните чаши им се потребни 100 години за да се разградат во земјата. Разградувањето на еко-чашите почнува за 5 минути, кога се изложени на сонце или кога се под влијание на влага.

Таквите својства на еко-чашите, според Стојковски, ќе направат со нивната примена цврстиот отпад да се намали за 20 до 30 отсто, а подоцна, со зголемување на производството, загадувањето да се намали и до 50 отсто. Нивната примена, како што вели, ќе влијае позитивно и на економијата и земјоделството.

“Со производството на еко-чаши ќе им се даде поттик и на земјоделците кои ќе најдат пласман за пченицата. Ако сееле една нива, во иднина ќе можат да засеат три ниви, а истовремено да имаат каде да ја пласираат пченицата. Накусо, ќе има повеќе работа и за земјоделците и за мелничарите, ќе се отворат нови работни места за производство на чашите, добиваме поздрава животна средина и имиџ на еколошка држава”, порачува Стојковски.

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4421&EditionID=141&Page=1

Saturday, June 09, 2007

Ротондата од Kоњух

Кратовското село Коњух е едно од ретките места на Балканот кои во својата утроба кријат ранохристијански базилики со кружна форма. Храмот го отркил побожниот дедо Зафир, кој имал визија каде точно да го бара, иако бил целосно слеп.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Васил БОГЛЕВ


Кратовското село Коњух денес е само едно од многуте запустени земјоделски села во Македонија, но, малку се знае дека во вулканските карпи расфрлани околу него и под околните ливади крие остатоци од антички град, за кој се претпоставува дека бил значајна точка на една од главните сообраќајници од доцниот период на Римското царство и град кој бил специјално изграден како живеалиште за воените ветерани од римските и од византиските војски.

За тоа сведочат локалитетот Градиште - некогашен град-тврдина и округлата базилика - ротонда, сместени на неколку километри од селото.

ДЕДО ЗАФИР Постарите жители на Коњух се’ уште ги паметат преданијата за дедо Зафир, стар побожен човек, кој во 1918 година открил црква закопана во земјата, иако бил целосно слеп.

"Нешто од тоа е објавено, но не е објавена целата приказна. Имав прилика да разговарам со некои од луѓето што биле сведоци на настанот, кои ми раскажаа како дедо Зафир ја открил црквата, иако бил слеп и воопшто не гледал. Бил познат како побожен и угледен човек, така што не му било тешко еден ден да собере луѓе од селото и од женскиот манастир во Бељаковце, велејќи им дека ги води да ја откријат црквата Свети Јован Опсечен", ни раскажа Душко Алексовски, претседател на Македонскиот центар за карпеста уметност, со кого заедно со фотографот Васил Боглев од Австралија тргнавме да ја бараме ротондата.

Според преданијата, дедо Зафир ги однел луѓето на еден рид во близина на Коњух, на патот кон Шопско Рударе, и почнал да им наредува кој каде застане, кој каде да копа. Ги распоредил луѓето прецизно кој на кое место да копа и почнал да им кажува: ти, таму каде што стоиш, ќе најдеш бел човек од камен. Човекот копал - излегол бел човек од камен. На следниот му рекол: Ти внимавај, ќе најдеш крст. Човекот копал и, навистина- нашол крст. На едно место копал некој Данаил. Дедо Зафир, стоел над него и одеднаш наредил. "Застани, тука се скалите. Не е време тоа да се откопува. Застануваме!"

Се претпоставува дека Данаил копал на местото над криптата, во која има коски на маченик.

"На еден од столбовите што биле откриени стои натпис dom martris, што се претпоставува дека значи domos martirius, односно дом на маченик. Оттука се претпоставува дека ротондата била посветена на маченик, а претпоставките ги подгрева и одлуката на дедо Зафир токму над криптата да запре откопувањето. Штом дедо Зафир рекол да се запре над криптата, можно е во криптата да има мошти на некој познат христијански маченик", вели Алексовски.

На тоа место, во 1955 година била изградена денешната црвкичка Свети Јован Опсечен.

ПРЕДИЗВИК ЗА АРХЕОЛОЗИТЕ Првите пророштва дедо Зафир ги искажал пред луѓето во 1918 година, а биле објавени во 1924 година во белградските весници. Веста за неговото откритие бргу се проширила и во белградскиот Факултет за археологија, по што набргу локалитетот го посетил врвниот археолог Никола Вулиќ. Според некои сознанија, голем дел од позначајните наоди од истражувањата на Булиќ биле пренесени во српскиот манастир Ресавица. Во 1937 година ротондата ја истражувал белградскиот археолог Светозар Радојчиќ, а наодите што ги открил биле пренесени во Скопје, во Куршумли ан.

Според досегашните сознанија, базиликата била изградена во периодот од 4 до 6 век и е една од ретките ротонди во Југоисточна Европа. Пред олтарскиот дел се извишувал амвон, камена платформа од која ѓаконите ги читале и ги пееле проповедите и молитвите, која, според археолозите Константин Петров и Светозар Радојчиќ, е од најубавите амвонски конструкции на базиликите што биле откриени пред базиликата од Коњух.

Во 1970 година локалитетот го истражува археологот Иван Микулчиќ, кој објавил бројни написи за планот на античката црква, а во 1990 години храмот го истражувал археологот Виктор Лилчиќ.

Од 1998 античките локалитети во околината на Коњух ги истражуваат македонско-американски тимови, а од 2000 година се вршат систематски истражувања, предводени од американскиот археолог Каролин Снајвли, професорка на колеџот Гетисбург во Пенсилванија.

"Локалитетот е голем и на него може да се работи уште 50 години", изјави неодамна професорката Снајвли, најавувајќи ги новите истражувања што треба да почнат за десетина дена.

ГРАД НА ВОЕНИ ВЕТЕРАНИ Според димензите на ротондата, се претпоставува дека таа била централен храм на голем и убав антички град, кој бил значајна точка на еден од тогашните главни патни правци. Врз основа на сознанијата на археологот Вулиќ, се претпоставува дека станува збор за античкиот град Трнопара, кој бил изграден како живеалиште за воените ветерани на римските и византиските војски.

За тоа, како што ни раскажа Душко Алексовски, сведочат и дванаесетте различни форми на крст што биле откриени во ротондата.

Според некои претпоставки, толку различни форми на крстови имало поради тоа што некогашниот град бил значајна крстосница во Византиската империја, а според други присуството на многу форми на крстови сведочи за претхристијанската традиција на крстот како симбол.

Дека станува збор за богат и плански добро осмислен град сведочи и вештината со која бил граден храмот. Покрај впечатливата амвонска конструкција, што археолозите ја оцениле како ретко убава, за тоа сведочи и полукружниот ѕид зад олтарот. Како што може да се види и денес, ѕидот бил многу вешто изѕидан од фино обработен камен, што придонесло храмот да биде добро заштитен од земјотреси.

За време на истражувањата на локалитетот Големо Градиште биле октриени наоди од неолитот до времето на Османлиската империја.

Меѓу нив најмногубројни се објектите и предметите од рановизантискиот период, од 5 и од 6 век.

Престојните истражувања треба да ја испишат историјата на Големо Градиште, град за кој се смета дека бил изграден во доцноантичкиот период, од 4 до 7 век, и кој важел за значајна метропола на тоа време, оценува американката Снајвли, која во седумдесеттите години учестувала во истражувањата на локалитетот Стоби, а истражувањата од Стоби биле тема на нејзината докторска дисертација.

И според неа, особено значаен објект кој сведочи за тоа е ротондата.

КАКО ДО РОТОНДАТА? Коњух е на половина час возење од Куманово. До таму се стигнува по патот кон Крива Паланка, од кој се исклучувате вдесно кај селото Ругинце. Продолжувате по земен пат кој ве води директно до Коњух. Патот не е најзгоден за одење со автомобил и можеби е најпаметно да отпешачите 6-7 километри од Ругинце до Коњух. Сепак, ако решите да одите со автомобил, ви препорачуваме да го оставите пред мостот на Крива Река, кој според нашите впечатоци не е најбезбеден. Тоа можевме да го искусиме кога пропешачивме да ја видиме Крива Река и бевме изненадени што можеве да ги почувствувате вибрациите од движењето на луѓето на другиот крај на мостот. На околу два километра од мостот е ротондата.

Поедноставен начин да стигнете до таму, можеби е патот преку Кратово и Шопско Рударе. Патувањето ќе трае подолго, но ќе стигнете по асфалт и по израмнет земјен пат. Сепак, нема да ги видите Крива Река и вонземските пејзажи од вулкански карпи.

ПРОРОШТВАТА НА ДЕДО ЗАФИР Според сведоштвата на мештаните од Коњух и според тоа што било објавено во белградските весници во 1924 година, с? што предвидел дедо Зафир - се остварило. Неостварено останува уште предвидувањето дека периодот од 2005 до 2010 година ќе биде многу позитивен и интересен за Македонија.

Friday, May 18, 2007

Крали Марко суперстар

Името на Крали Марко ќе го сретнете на шише пиво, како име на ресторанче во близина на Стража, на репертоарот на театрите, во народното творештво на балканските народи, на интернет и на милион други места, но не и како име кое ќе носи туристи во Македонија, земјата во која владеел и која изобилува со топоними и легенди поврзани со неговото име.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ


Доцна стигнал на Косово, имал долги мустаќи, носел тежок боздоган, можел да испие 10 буриња вино, го штител народот од Црна Арапина и Муса Кесеџија, имал кули во Прилеп, манастир кај Драчево, љубовни афери со самовили, јадел и пиел обилно, но сe' што имал на маса делел со неговиот коњ Шарец.

Има ли потреба да се каже за кого станува збор, освен по којзнае кој пат да се констатира дека Крали Марко, Марко Крале, Краљевиќ Марко, Марко Мрњавчевиќ... е можеби најголемата суперѕвезда од Македонија што кога било се појавила.

Неговото име ќе го сретнете на шише пиво, како име на ресторанче во близина на Стража, на репертоарот на театрите, во народното творештво на балканските народи, на интернет и на милион други места, но не и како име кое ќе носи туристи во Македонија, земјата во која владеел и која изобилува со топоними и легенди поврзани со неговото име.

Но, не уште долго. Така барем нe' уверуваат од здружението “Крале Марко” околу кое се обединети луѓе од разни профили, сакајќи да ја промовираат и да ја зачуваат традицијата на легендарниот крал. Не случајно токму сега се сетивме на нив, имајќи предвид дека на 17 мај се навршија 612 години од неговото загинување во месноста Ровине, денешна Романија, во битка со влашкиот владетел Јован Мирче.

“КРАЛЕ МАРКО” ТУРИСТИЧКИ БРЕНД Група ентузијасти во 2005 г. решиле да основаат здружение кое си дало задача од Крале Марко да направи бренд кој ќе привлече туристи во Македонија. Главниот мегдан за да се направи тоа решиле да биде веб-страницата
www.kralemarko.org.mk која две години секојдневно ја ажурираат, објавувајќи ги сите информации до кои ќе дојдат трагајќи по новости што ќе помогнат да се расветлат ликот и делата на средновековниот крал од Прилеп.

“Основната идеја на здружението е да им понуди на луѓето од странство приказна што ќе ги привлече да дојдат во Македонија”, раскажува Гордана Јанакиевска, основач на здружението.

Иако завршила архитектура, работниот век го поминала во туризмот, работејќи во многу туристички агенции, но вели дека и како пензионерка не може да мирува, откако се заразила од култот кон Крале Марко.

Како што ни раскажа, магијата ја уловила преку отпечатокот од раката на Крале Марко на камениот столб на влезот на црквата Св. Андреа на Матка, која ја изградил неговиот брат Андреаш. Уште од првото одење таму во мислите и’ останал отпечатокот од раката на Крале Марко веднаш до вратата на црквата, кој, како што дознала со подоцнежните истражувања, требало да им испрати порака на Турците “Заштитено од Крале Марко”, како налепниците на денешните агенции за обезбедување на излозите на дуќаните.

“Покрај веб-страницата, подготвуваме туристички аранжмани поврзани со Крале Марко и организираме настани на кои го презентираме тоа што сме го откриле, а посебна активност е соработката со неколку ресторани, со кои сакаме да ја откриеме храната што се приготвувала во времето на Крале Марко”, раскажува Јанакиевска.

ПРИЛЕП СЕ ОПАМЕТУВА Од здружението се жалат дека, и покрај големиот ентузијазам, нема да можат да го сработат тоа што го зацртале како своја цел с¢ додека институциите не покажат интересирање и поддршка за една таква идеја.

“Земете го за пример Прилеп, кој се нарекува град под Марковите кули, некогашен град-престолнина, а е единствениот град во кој нема улица што се вика Крале Марко. До Маркови кули можете да дојдете само пеш, зашто нема пат за да однесете туристи со автобус. Наместо Крале Марко, заштитен знак на градот е свети Никола. Појдете во црквата Св. Атанасиј и ќе видите група туристи од Бугарија на кои нема кој да им ја раскаже македонската приказна за Крале Марко”, раскажува Јанакиевска.

Сепак, додава дека работите мрднале од место и се надева на подобри денови.

“Многу сум среќна што годинава во Прилеп за првпат ќе се одржи манифестацијата Денови на Крале Марко, која треба да помогне да се расветли ликот и делото на кралот Марко. Таму ќе носиме група новинари, туристички работници и луѓе што се заинтересирани да видат што работиме како здружение. Тука ја имаме поддршката од градот и се надевам дека доаѓаат подобри денови”.

СУВЕНИРИ СО КРАЛЕ МАРКО Здружението “Крале Марко” соработува со група занаетчии кои се обединети со истата идеја. Занаетчиите самите си го финансираат занаетот, а здружението им помага да ги продадат сувенирите секаде каде што водат туристи, како и во продавницата на здружението.

“Идејата е туристите кога ќе дојдат да имаат и што да однесат дома од овде. Ќе однесат дома филџан со ликот на Крале Марко, што ќе го видат нивните пријатели и ќе прашаат кој е тој на сликата. Вака, ако немаме сувенири, што ќе им ја пренесе таму приказната? Ќе дојдат на Маркови кули, ќе се сликаат и - толку. Неодамна запознав резбари коишто сакаат да направат сувенири со ликот на Крале Марко, но не прават зашто не знаеле дека постојат фрески на кои можат да го видат ликот на Крале Марко, како фреските во црквата Св. Архангел во Прилеп и во Марковиот манастир кај Скопје”, велат во “Крале Марко”.

Несомнено, но и научно потврдено е дека Крале Марко е една од најопеаните личности во народното творештво на балканските народи. Околу него се плетат разни приказни и преданија кои му придаваат натчовечки способности, како јунак кој ги заштитувал сиромашните од освојувачите и од натприродните суштества. Најчесто ги спасувал од Црна Арапина и од Муса Кесеџија, во чии ликови, според некои толкувања, се олицетворени даночниците на Османлиската империја. Вечен придружник во неговите подвизи му бил коњот Шарец, кој исто така имал натприродни способности - јадел и пиел исто што јадел и пиел Марко, имал крилја со кои може да лета, громогласно 'ржел и топотел со копитата.

Ваквото наследство, како што вели претседателката на Здружението “Крале Марко”, се најголемото богатство што може да ги привлече странските туристи во Македонија.

ШТО ВЕЛИ ИСТОРИЈАТА Крале Марко бил најстариот од четворицата синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Елена, кој владеел во XIV век на територијата меѓу Прилеп и Скопје. Волкашин служел како винар дворот на српскиот Цар Душан, а неговиот брат Углеша бил царски коњушар.

“Волкашин брзо напредувал на дворот на Душан, поради што во средината на четириесеттите години од XIV век бил поставен за жупан на териториите на Северна Пелагонија со седиште во Прилеп. Кралот Марко се појавува на историската сцена во шеесеттите години од XIV век, кога бил испратен во дипломатска мисија во Дубровник, каде што ги застапувал интересите на српскиот цар Урош и на неговиот татко Волкашин”, раскажува историчарот Милан Бошковски, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје и стручен соработник на Институтот за национална историја.

Со доаѓањето на царот Урош на власт, Волкашин видел погоден момент за да ја зголеми својата моќ, гледајќи дека Урош не може да се наметне како владетел кој ќе биде способен да ги обедини сите територии со кои владеел.

Кралот Марко доаѓа на престолот во 1371 г., по загинувањето на Волкашин и Углеша во битката на реката Марица, кога нивните сили биле поразени, а делови од Македонија биле освоени од османлиите.

Од Волкашин наследил голема територија, успеал да ги подобри односите со соседите и се обидел да изгради стабилни односи со Османлиската империја. Во тоа време Србија била заслабната, така што сите соседни деспотства во него гледале водач кој ќе успее да им се спротивстави на османлиите. Записи од XIVвек сведочат дека Марко, користејќи го своето дипломатско искуство, успеал за десетина години да го одложи вазалскиот однос кон Турците, но подоцна бил принуден да го прифати. Владеел 24 години, а кога загинал бил на возраст од 60 години.


(Илустрации: детски цртежи од изложбата по повод Деновите на Крале Марко, Прилеп, Мај 2007. Повеќе на www.kralemarko.org.mk ).

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4251&EditionID=136&Page=1

Келнер


Келнерите послужуваат храна и пијалаци во угостителските објекти. Кога примаат нарачка од гостите, ги пренесуваат на персоналот во кујната или на шанкот и внимаваат што побрзо и што поквалитетно да ги услужат гостите. Келнерскиот занает подразбира и други работи што се поврзани со послужувањето на гостите, како - поставување и расчистување на масите, подготвување сметка и наплаќање на услугите. Независно дали работат во ресторани што подготвуваат јадења по нарачка, во ресторани што нудат брзо подготвена храна или во кафулиња и барови, од келнерите се очекува да бидат љубезни, точни, брзи и комуникативни. Со оглед на тоа што келнерите се во постојан и непосреден контакт со гостите, угледот на угостителскиот објект во кој работат најмногу зависи од нив и од нив се очекува не само коректна услуга, туку и да им го направат престојот на гостите попријатен. Токму оттука произлегуваат и разликите во вршењето на келнерската работа. Зависно од видот и од категоријата, во некои угостителски објекти од келнерите се бара да извршуваат и посебни работи, како дочекување на гостите на влезот на локалот, да ги спроведат гостите до масата, да им го придржат столчето додека седнуваат, да им помогнат кога ги соблекуваат палтата или да им помогнат при изборот на јадењата и пијалаците.

Можеби ова ви личи на слика од некое дамнешно време, но тоа е дефиницијата на професијата келнер во најпознатата интернет-енциклопедијата Википедија, а истото ќе ви го кажат и сите оние што имале прилика да го видат времето кога келнерите беа токму такви какви што се опишани.

Мај

Нешто слабо стоиме со имињата Барбара, Хилари и Лора, но што би правеле ние без Шутка, ако не ни обелеше образ па да крсти деца Оназис?

Васко МАРКОВСКИ

Оваа колумна требаше да излезе во мајското издание на еден месечник, но работите малку се искомплицираа, па остана необјавена. Со мало задоцнување, решив да ја објавам овде. Бидејќи требаше да биде објавена во изданието за мај 2007, решив во неа да се позанимавам со настани од историјата што се случиле во месецот мај.

И, како поинаку да почне приказната за мај, ако не со Први мај.

Би можел тука да почнам кажувајќи го мојот став дали сум „за“ или „против“ новиот начин на славање на Денот на трудот и дали кукам што годинава ќе го нема традиционалниот пикник на 2 мај. Но, мислам дека е поубаво тука да си спомнеме на штрајкот на 40.000 работници од Чикаго, кои треба да не’ охрабрат да му покажеме заби на секој што ќе науми да ни го зголеми работниот ден на повеќе од 8 часа работа. Како мотив повеќе за нашата реакција на секој таков обид, да ве потсетам на Смилевскиот конгрес на ТМРО, кој на 2 мај решава Македонците да дигнат востание за ослободување од Османлиите, но како тоа ќе го напишев, ако владата на Федеративна Народна Македонија на 3 мај 1945 година не решеше македонската азбука да има 31 буква, како што предложила Комисијата за јазик и правопис на тогашното Министерството за просвета.

Пред да кажам дека на 4 мај 1903 година загина Гоце Делчев, а на истиот ден во 1980 во болницата во Љубљана умре Јосип Броз - Тито, би сакал да ве прашам дали имате идеја со кои букви ги напишале новинарите на „Нова Македонија“ 103-те изданија на весникот, пред да и’ ја промовираат на јавноста азбуката со 31 буква!?

Но, да оставиме тоа да го кажете во коментарите на овој пост, а во меѓувреме, кога веќе спомнавме умирачка, „да си приспомниме“, како што велат во рубриката „Од православниот календар“ на Македонско радио, за кого се’ се спремала блага пченица во месецот мај.

Да си приспомеме на Наполеон, францускиот император чие име го знаеме не само поради тоа што наумил да го освои светот, но испаднал жив зијан кога се полакомел да ја освои Русија, туку и по врвниот коњак што сме имале финансиска моќ да го пиеме.

Да не ги заборавиме и Марлен Дитрих, која сигурно сте ја гледале во стари црно-бели филмови, или иноваторот Михајло Пупин, без чии изуми тешко дека ќе можевте да свртите телефон во Америка, башка што за него се зборува дека е по потекло од Вевчани и му бил роднина на Евто Пупиноски.

Да не заборавиме дека на 17-ти мај 1395 година, во Крајова, Романија, загинал Крали Марко, во битка против влашкиот војвода Јован Мирче и, ако сакаме да се пофалиме дека сме културно пообразовани, никако не смееме да го заборавиме Пјер Огистен Карон де Бомарше, по чии текстови Росини и Моцарт ги напишале оперите Севилскиот бербер и Свадбата на Фигаро.

Тука доаѓаме до пченицата за Жаклина Кенеди Оназис, вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди, кого го убија во 1963 во Тексас, која пет години подоцна се омажи за грчкиот тајкун Аристотел Оназис. Не смееме да ја заборавиме, барем поради тоа што по неа многу девојчиња од Македонија родени во шеесеттите биле крстени Жаклина. Нешто слабо стоиме со имињата Барбара, Хилари и Лора, но што би правеле ние без Шутка, ако не ни обелеше образ па барем крсти деца Оназис?

Секако, не би било фер кон православните верници да не спомнеме дека на 20 мај 1981 година се упокои г.г. Доситеј, првиот архиепископ на МПЦ по обновувањето на автокефалноста, или кон љубителите на науките и уметностите ако ги оставиме без помен Виктор Иго, Никола Коперник, Николо Паганини, Рубенс, Волтер, Тинторето или Франц Јозеф Хајдн.

Бројот на умрените, се разбира, ќе беше уште поголем, ако на 8 мај 1921 година Шведска не решеше да ја укине смртната казна, ако Роберт Кох не соопштеше на 26 мај 1882 дека го открил бацилот што предизвикува туберкулоза, ако Александар Флеминг не го откриеше пеницилинот на 24 мај 1928, ако на 9 мај 1945 не капитулира нацистичка Германија, или помал, ако германски авиони не го бомбардира Париз на 22 мај 1918 или ако не паднеше ДЦ 10 на аеродромот во Чикаго на 25 мај 1979 година.

Но, да си приспомнеме и во чија се’ чест жените од поблиското семејство ставиле престилки околу скутовите и се впрегнале да прават мекици потпевнувајќи.

На 6 мај, прв меѓу славните претставници од втората и третата декада на зодијачкиот знак бик, се родил Сигмунд Фројд, неуморниот борец кој наумил да ни ги реши проблемите со психата. Веднаш по него, на 7 мај, е Чајковски - Петар, син му на Илија.

- Саглам дете, што композитор испадна! Велат тој и уште неколкумина ги напишале најдобрите симфонии од 19 век. Сигурно си слушал нешто од Лебедово езеро, тоа балетот, цајкани што одат со купаќи у театар. Башка, каква коинциденција - на денот кога е роден Чајковски во Македонија е ден на цајканите - би прокоментирал некој поупатен комшија што си набавил на црно временска машина.

Шегата настрана. На истиот ден се родил Тагоре. Ај што го напишал „Градинарот“ - го напишал, ама не сум знаел дека напишал и „публицистички труд“ „Национализам“ и дека во 1913 добил Нобелова награда за литература. Кој ли ќе го напишеше првиот македонски балет, ако на 8 мај 1914 не се родеше Глигор Смокварски, или, се прашувам, каква ќе беше денес Словенија, ако на 10 мај 1876 не се родеше Иван Цанкар, кој мака измачил да се избори против лицемерието и неправдите на малограѓанштината? Какви ќе беа дострелите на уметноста и какви бркови ќе се носеа денес ако на 11 мај 1904 не се родеше Салвадор Дали? Не заборавајте дека на 12 мај 1932 година во Прилеп се роди големиот артист Дарко Дамески, башка што му е татко на Мони Дамевски, таткото на скиентологијата во Македонија.

Има уште многу имиња да се спомнат како славни бикови од втората и третата и близнаци од првата декада, но ќе го спомнам уште само Роберт Овен, занесењак кој мислел дека може да ги победи приватната сопственост, религијата и буржоаскиот брак преку експерименти и просветување - еден најпознатите социјалисти-утописти, ако не го броиме Круме од култниот скопски таен бенд „Коњи на поило“.

Се надевам нема да ми замерат, ако некогаш се видиме, Пјер Кири, Бертранд Расел, Хо Ши Мин или Михаил Шолохов, автор на најголемата и најстраотната книга што сум ја видел и која, се разбира, немам намера да ја читам во овој живот, колку и да е ремек-дело, како што ја нарекува мојот извор на информацијата дека се родил на 24 мај 1905 година. Нека ми простат и Стале Попов, Стефан Гајдов, Исидора Данкан (жена му на Есенин), дедо Иљо Малешевски, Петар Велики и Јане Сандански.

И за крај, да кажам една работа поради која го мразам мај. Сте слушале ли стихови од деца од основно училиште, на кои некој редовно им втубува во главите дека најлесно е да напишеш песна ако римуваш „мај“ со „рај“. Во тој стил и јас да кажам - кога нема да е така, нема да ни биде вака.

Но, има и примери за почит, како брилијантните стихови на мојот соученик Ванчо Стрезовски - Вантеле: „Удрете на тираните / да се селат селаните / да угрее сонце / да ни никне жито / да се роди Тито. / Тито е цвеќе / Тито е рај / зашто се родил во мај.“