Showing posts with label Made in Macedonia. Show all posts
Showing posts with label Made in Macedonia. Show all posts

Tuesday, November 10, 2009

Вкусовите на Стара чаршија

Скопската Стара чаршија ќе најде илјада начини да ви покаже дека е место каде што се среќаваат световите. Една од таквите средби е средбата на вкусовите на Истокот и Западот, кои ве демнат на секое сокаче по кое ќе зачекорите

Фотографии: Љубомир Стефанов
Вкусови што дошле од друго време, од други светови. Небаре затворени во кутија со спомени, живеат свој живот. Нема да ги загрози ни глобализација, ни Хасап-систем. Вкусот на Ориентот - од појадок до легнување. Ве демнат отсекаде. Од каде и да тргнете. Вкусови што се таму низ вековите. Вкусови што е потребно само еднаш да ги пробате и никогаш повеќе без нив да не можете. Ве водиме таму, на прошетка низ скопската Чаршија, чекор по чекор по патот на вкусовите.

ТЕЖОК ПОЧЕТОК

Не пропуштајте сараевски бурек
 во 
бурекџилница „Елида“,  ТЦ Мавровка
Тргнуваме низ денот. Уште од самиот почеток Чаршијата нè пречекува со тешка задача. Што да одберете за појадок, од убавите нешта што ве предизвикуваат? Бурек, симит-погача, ѓеврек, сараевски бурек - со јогурт, чај, ајран, кафе? Одберете решително. Што и да биде вашиот избор, нема дапогрешите. Секогаш ќе останат непробани неколку нешта што наскоро ќе веповикуваат назад во чаршијата.

Денот е пред нас. Се движиме низ сокаците, обидувајќи се да ги оживеемевремињата врежани врз фасадите и плочниците. Кој пат да го фатиме? Накајкоја учичка да тргнеме? Што велите за дуќанчето со чудни инструменти иапарати за научни лаборатории, веднаш зад Безистен? Или, лимарот на полпатмеѓу стара Слога и првите тезги на Бит-пазар? Каде и да решите да појдете, ќедојде време да пивнете нешто за освежување. Каде и да ве води патот, по патбездруго ќе сретнете лимонада, боровница или боза. Каде и да тргнете по пат ќе најдете нешто што ќе ве згрее додека ѕемнете шетајќи од сокаче во сокаче, по работа или од задоволство - чај, кафе, салеп, оралет.

Каде и да седнете, добро ќе ви дојде турски
чај. Ви ја препорачуваме чајџилницата
под Свети Спас
Кај и да е, набргу ќе ве задеси "ниедно време" - доцна за појадок, рано заручек - доцна за ручек, рано за вечера. Но, Чаршијата секогаш има решение - лахмаџун со ајран, леблебија или топли кикирики.
Ви паднал шеќерот, а уште ви се чини рано да влезете во слаткарница? Подзастанете во леблебџилницата и разгледајте ги големите тегли сошеќерчиња, бонбони какви што некогаш одамна сте гледале во маалскатабакалница. Чаршијата е местото што ќе ве потсети на времето кога сте јабарале дневната доза банки, динарчиња или денарчиња од повозрасните, доволни за да си купите парче радост од теглите со отвор накосо.

Во Чаршија сте а да не пробате ќебапи? Не
бива. Побарајте го вашето омилено место!
Време за ручек. Чаршијата мириса на скара, тавче гравче и вкусни јадења одакчилниците. Одвреме-навреме тон ќе им дадат штотуку ставените лутипиперчиња врз скарата, нестрпливо чекани од гостите да се потпечат. Повторно, што и да одберете - нема да погрешите. Повторно го правитевистинскиот избор - заминувајќи со грст вкусови во себе што нестрпливо ќе веповикуваат назад во чаршијата.

Пред вас е долг ден за прошетки. Ќе ви треба сила и бистар ум за да разгледате се што ќе ви ги подлаже очите. Обидете се со чашка-две турски чај - формула што секогаш се покажува успешна. Седнете на теферич, под Свети Спас или веднаш под јорганџиите, уживајќи во убавите мисли и раздвиженоста на улиците што станува сè помрзелива. Ако ве задеси вторник или петок - полна капа! Тркнете до Бит-пазар, натежнат од свежо овошје. Ќе ви треба свежина за нови пустоловини низ чаршијата.

ТАМАМ

Од некаде ќе ве изненади мирис на тазе

печени леблебии, кикирики. Брцнете по

ситни пари во џебовите!
Еден по еден, се јавуваат оџите што повикуваат на молитва. Кај да е, и камбаната на Свети Спас ќе заѕвони. Се движиме накај излезот - еден од многуте. Време е да си земеме сувенир на денот, нешто што ќе нè испрати до денешно Скопје. Тркнете до првата слаткарница и седнете на казан-диби - пудингот од дното на казанот, каков што нема да најдете на друго место. Би било убав гест да однесете нешто и дома, на домашните. Побарајте да ви спакуваат некое парче ф'ст'к баклава. Сувенир нека бидат фишек печеникостени и споменот на убавите вкусови што ќе ве повикува назад вочаршијата. Сè е тамам!
За крај - баклава. Тамам за овојпат?

Thursday, May 28, 2009

Циронки

Кога се во езеро, или кога се свежи, пржени или печени се 'преспански белвици'. Но, кога ќе ги исушиш, посолени, пресувани, стануваат циронки - деликатес на селата од западниот брег на Преспанско езеро - Стење и Коњско, подготвени според уникатен традиционален рецепт за чувување риба до следната риболовна сезона


Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ

Би било некоректно од нас ако не ве предупредиме читањето на оваа репортажа да ја оставите за некој од оние мигови кога толерантно се прекоруваме себеси дека сме изеле повеќе од што било нужно, моментите кога задембелени во некој лад би сакале да прочитаме што има по неделниците и магазините. Овој пат ве водиме во Стење, на западниот брег на другото езеро, Преспанското, да видиме како се прават циронките, сушените рипчиња што одвреме-навреме, во летните месеци, ги гледаме на картонските кутии на пазарџиите од Мала Преспа, исто така од западниот брег, веднаш зад границата со Албанија.

СЕГА ИМ Е ВРЕМЕТО

И овојпат тргнавме преку Охрид, уште еднаш да се почестиме да ја видиме Галичица, да бидеме изненадени од другото, поинаквото езеро, додека се оддалечуваме стрмнините над Трпејца. Уште сто пати нека ни кажат преспанци дека побргу се стигнува преку Велес, Прилеп и Битола!


Стигнуваме во Стење. И овојпат доцниме, како по правило - онолку минути колку што ни биле потребни за борбата со себе, да се одлепиме од магнетизмот на панорамите на патот меѓу двете езера.


"Ве чекав порано, до десет и пол, ама појќе не можев да чекам. Времето е жешко, не можеш многу да одложуваш, па почнав да работам", ни раскажа стариот познаник Ванчо Стојаноски, кој веќе почнал да ги средува рибите што ги уловил претходната ноќ.


Сепак, не беше толку доцна. Имавме прилика да фатиме од се што требаше да видиме, за да видиме одблиску како се прават сушените преспански белвици, циронки, како што ги нарекуваат во Преспа.


Најпрвин бевме љубопитни за името - циронки, но, ниту Ванчо, ниту повозрасните од неговата околина, ниту пак кој и да е од повозрасните стенчани што ги прашавме, не знаеја да ни објаснат што значи и од каде потекнува.


Седнавме спроти Ванчо и почнавме да редиме од полесните прашања.


Научивме дека циронките се прават од мај до јули, кога езерото е најбогато со белвица, а времето најпогодно за сушење на низите со риби.


"Како оди сонцето, така одиме и ние. Низите секогаш треба да бидат на сонце и мораш да внимаваш да не заврне", ни рече Ванчо, покажувајќи дека веќе е време да се поместат неколкуте низи белвици што се сушеа покрај ѕидот на другиот крај на дворот.


Со следниот одговор научивме дека би биле наивни ако помислиме дека така обесените низи би можеле да бидат добра гозба за мачките од Стење. Рибите се толку солени, што дури и мачките можат да им одолеат, особено во Коњско, каде што циронките ги прават уште посолени, за да станат уште побели.

ОД СТАРИ, ПРАСТАРИ..

Додека Ванчо ни покажуваше што се’ треба да им се направи на уловените риби, љубопитноста ја привлече да ни се придружи и баба Ангелина Стојаноска, мајката на Ванчо. Ја искористивме приликата да ја распрашаме да ни раскаже од кога ги памети циронките, од каде потекнува името, кој и како ги подготвувал кога била дете.


"Ова' работа е од напред (демек, од времиња!), од стари, престари.. Со векови е ова. Напред немаа мрежи, одеа со пезул (вид мрежа што се носи на рамо). Се ловеше и од на нога и од чунки, сред езеро. Големите одеа на работа, в поле, ние помалите, децата си нижевме циронки. А името - не знам. Откако знам за себе, ги викаме: циронки. Зошто, како - не знам да ви кажам", ни рече баба Ангелина.


Рибите најпрвин се чистат (се вадат) од мрежата. Откако ќе се исчистат се солат, малку по малку, во тепсија. Откако ќе се посолат, се редат во буриња или во канти, најгоре се покриваат со блостур (растение со зелени листови, како штавел) и врз блостурот се става нешто тешко, обично камени плочи, за да држат тежина врз рибите, да се испресуваат. Врз бурето се става капак и така затворени стојат седум дена.


До тогаш седум пати ќе се сврти кругот. Додека рибите убаво да се испресуваат во бурето и додека убаво да попримат од солта, домаќинот секоја вечер, со првиот мрак, околу девет часот навечер, оди в езеро, со мрежите и кајчето.


"Ова се рибите што се фатени денес, преспанска белвица. На 10 кила риби се става едно кило од крупната сол. Се суши и крап и скобуст, ама, најногу се сушат белвици. Откако убаво ќе се исушат, низите се прибираат во хартиени вреќи и така исушени можат да се чуваат до следната година, до следната сезона за правење циронки, ни раскажа домаќинот.


НАЧУЛЕНИ НАД ЕЗЕРОТО

Бевме љубопитни за ловењето. Од Ванчо и од баба Ангелина дознавме дека денес се лови поразлично и дека се’ помалку стенчани го паметат ловењето со сакови и со пезул, сред езеро или покрај брегот.


"Како и да ловиш, најважно е да бидеш тивок и да го следиш движењето на рибите. Тој што е искусен го слуша шумот од рибите, додека се мрестат. Самиот звук ќе каже каде се рибите. Мрежите се фрлаат малку подалеку и се оставаат така околу шест часа. Ловењето е многу интересно, здравје, ќе дојдете. Пред да ја фрлиш, мрежата треба да е обрибена, да мириса на риба. Не смееш да ја допреш со рака, ако ја допираш, можеш да ја допреш само со чисти раце. Рибите се многу осетливи - веднаш ќе побегнат. Езерото е богато со белвица и ноќе е полно со рибари, се’ докај три часот наутро, пред да се појават пеликаните. Ако се задржиш повеќе од што треба, ќе ти ги направат парче мрежите и ќе ти ги изедат рибите пред очи", ни раскажа Ванчо.

ЗВУЧИ ВКУСНО?

Рибите што биле уловени претходната ноќ веќе се наредени во кантата, покриени со блостур, поклопени со тежина. Наоколу во дворот веќе се сушат низите со рибите што биле уловени пред седум-осум дена. Им останува уште малку пат до трпезата.

Откако ќе се исушат, може да се јадат и живи, но преспанци ќе ви кажат дека циронките се највкусни кога се потпечени. Се подготвуваат на неколку начини и се вкусно мезе за со вино или со ракија. Некои ги сакаат потпечени на плотна, зачинети со лук, магдонос, црвен пипер и масло, но, често се јадат и пропржени во тавче, со масло, црвен ппер и лук.


Звучи вкусно? Прашајте ги вљубениците во Преспа и сите ќе ви го кажат истото - тоа мора да се проба. Тогаш, палете кола и тргнете накај Преспа. Како што ни рекоа стенчани, во Стење нема куќа што не прави циронки.


Tuesday, November 25, 2008

Турски чај

Два чајника, еден врз друг, два грста цејлонски чај, црн, од жолта кутија - со канаринец - и барем еден-двајца пријатели. Доволно елементи за пријатен муабет и дружење! Другото ќе го направи чајот!

Фотографии: Милан Стрезовски
Турски, руски, цејлонски, црн.. Наречете го како што сакате! Сигурно се разбираме.. Чајот во мали стаклени чавчиња, црвенкасто-кафена боја - јакиот - како што го нарекуваат некои, велејќи дека треба да внимаваме кога го пиеме, зашто, ако испиеш повеќе од два-три - отиде притисокот над 140. Но, и тоа се митови, како што ќе ви објасни секој што имал подолгорочно искуство со чајот од два чајника. Ако не сте го пробале досега, срам да ви е! Веднаш појдете во најблиската чајџилница или - побарате ги пријателите Турци, Албанци, Бошњаци.. и, замолите ги да ви објаснат што сте пропуштиле да пробате!
Денеска посегаме по тој дел од Непозната Македонија, по чашка, две, три.. пет.. турски чај!

ПРЕТКАФЕ

Независно кој како го нарекува, дали за Албанците е - руски, за Турците само - чај, за македонците - турски­ - неколку работи се заеднички за чајот од два чајника, независно кој каде го приготвува и од каде потекнува мастрафот. И Турците и Албанците и Бошњаците го подготвуваат од растението thea sinensis или camellia sinensis, а различен од другите чаеви го прави начинот на подготвување.

"Тоа е дел од нашата култура, од нашата традиција.. си пиеме чај дома.. во чајџилница, пред куќа, на излет - секое место е згодоно место за чај. Чајот е дружење, дел од секојдневниот живот", ќе ви рече секој што ќе го прашате, како што ни рекоа првите луѓе што ги сретнавме во една од чајџилниците во скопската Стара чаршија.

Сакајќи да откриеме колку што можеме повеќе за турскиот чај, се договоривме во нашата обиколка на чаршијата да ги повикаме колегите Бесник Шуки и Хусамедин Гина, сакајќи преку нив и преку нивните пријатели од чаршијата да откриеме колку што можеме повеќе за традицијата на пиење чај кај Албанците и кај Турците и кај муслиманското население во Македонија воопшто.

Разговорот го почнавме со еден од другарите на Бесник од детството, кој израснал во чаршијата и испил илјадници чашки чај во животот.

"Денес има многу чајџилници, па еве и јас отворив од неодамна чајџилница. Порано, во време на бивша Југославија, ја имавме само некогашна Слога, кај влезот Чифте амам. Луѓето одеа таму, се пиеше чај и се играше томбола. Приватните чајџилници почнаа да се отвараат од 1987-88 година. Времето се менува, ама не се менува навиката да се се пие чај", ни рече првиот соговорник.

Како што научивме од нашите пријатели, секоја турска или албанска фамилија најмалку два пати во денот си прави чај дома и за нив е речиси незамисливо да почне денот без чај.

"Чајот е задолжителен дел од појадокот во секоја турска куќа. Денот не може да почне без чај", ни рече Хусамедин, потсетувајќи дека на тоа упатува и турскиот збор за појадок, kahvaltı, кој значи преткафе - нешто што треба да направи подлога за утринското кафе.
Сакајќи да го провериме тоа, направивме мала анкета. Сите што беа околу, без исклучок, рекоа дека во нивните семејства, секојдневно се прави чај.

"Има куќи во кои чајот врие 24 часа на ден", ни рече Бесник.

ЗАВИСНИ ОД ЧАЈ

Разговорот со Бесник го свртевме на темата колку чајот што го пиевме е добар или лош за здравјето, како што сме слушале како почетници, кога поискусните сакале да не' воведат во непознатото задоволство, велејќи дека треба да внимаваме, да не ни се слоши од многу чај.

"Ако се пие со мерка - добар е! Но, ако претераш, ова е исто како дрога! Јас знам луѓе, имам другари, што се зависни од чај. Тој ако не испие 10 - 15 - 20 чаја дневно, се тресе цел ден! Ако немаш мерка, ова е полошо од дрога! Да пиеш два-три е друго! Има луѓе, прават чај во 8 наутро, кога ќе почнат, пијат до 10 - 11 навечер", ни раскажа.

Решивме да продолжиме во некоја друга чајџилница, накај турските, над улицата на јорганџиите. Веднаш зад аголот не' чекаше пријатно изненадување, како нарачано за добра фото-илустрација за тоа колку е чајот дел од животот на муслиманското население. Пред нас беа три-четворица дуќанџии, кои застанале да се напијат чај пред дуќаните, на сред улица, далдисани во срдечен муабет. Решивме да им се обратиме, да го споделат со нас нивното искуство.





"Ако се пие со мерка, чајот е добар! Ако пиете како нас, што претеруваме, не чини. Има разни чајџии. Некој пие по 10-12 во денот, некој помалку, некој повеќе.. некој пие виски, ние пиеме чај! Убаво е со чај. Со чај секогаш паѓа убав муабет. Ќе размениш нешто", ни рекоа најкомуникативните од нив, велејќи дека пиењето чај пред дуќан е честа ситуација во чаршијата.

ЛЕК ЗА ГЛАВОБОЛКА

Во следната чајџилница, во близина на Куршумли ан, научивме дека иако чајот е дел од животот на Турците, Албанците, Бошњаците.. во сите делови на Македонија, сепак, чајџилници најмногу има во Скопје, во Куманово, и во Тетово, а добар чај може да се најде само кај добрите мајстори.

"И ова си има мајсторија! Не се прави чај туку-така", ни рече следниот домаќин.

Од него го побаравме рецептот за правење чај во два чајника.

"Најпрвин во долниот чајник ставаш вода, а во горниот ставаш само чај, сув. Ги ставаш на шпорет и ги оставаш додека да зоврие водата. Откако ќе зоврие водата, дел од водата од долниот чајник претураш во горниот, за да се попари чајот. Долниот чајник се дополнува со вода и повторно ги ставаш чајниците на шпорет, и се оставаат 10-15 минути на потивок оган. По 15-20 минути, чајот е подготвен за пиење", ни рече.

Прашувајќи за квалитетот, дознавме и нешто за табиетите на муштериите. Домаќините ни рекоа дека чајот е подобар кога се пие свеж и дека не чини да се остава да стои повеќе од два-три часа. Ако стоел многу, веќе го губи шмекот и станува потежок за желудникот.

"Има луѓе што не пијат чај во чајџилница. Дома можеби пијат и по 15, ама во чајџилница - не пијат! Други, не сакаат оладен чај. Тие сакаат да го пијат и - да им гори душата. Некои се навикнати да пијат тежок чај - не прашуваат ни за здравје, ни за висок притисок. Имам другар - тој е навикнат да пие темен, катран! Овој чај, што го пиеме, за него е вода! Ќе ми се налути да му дадам ваков!", ни рече Бесник.

Муабетот за крвниот притисок и за главоболките не потсети дека е време да привршуваме со нашата екскурзија низ чајџилниците. Зад нас веќе имавме по 5-6 чаја, па не сакавме повеќе да ризикуваме - немавме тренинг.

Но, искусните чајџии што беа со нас ни рекоа да не се грижиме многу-многу.

"Ако имаш низок притисок, да пиеш појак чај, без шеќер - ќе ти се нормализира! А, помага и за главоболка. Еднаш ми се случи - патував цел ден од Скопје за Турција - главата ме скина од болка. Кога стигнав во Истанбул, испив два чаја кај тетка ми, главата веднаш ми помина! Нема штета во чајот, само треба да си ја знаете мерката и да имате тренинг. Ние немаме гајле", ни рекоа пријателите на нашите пријатели.

За крај уште ни остана да прошетаме и да ги видиме некогаш култните чајџилници, од времето кога чаршијата беше полна со млади, кога беше собиралиште на рокери и уметници. Се потсетивме каде беа некогашна Аксарај, се' уште активната Галерија 7.., чајџилницата Румели каде што и ден денес постарите Турци одат да гледаат фудбалски натпревари од турското првенство, или Ат-Ал, омиленото место на дружините што играат домино.