Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Милан СТРЕЗОВСКИ
Иса-бегова, Мустафа-пашина, Мурат-пашина и Јаја-пашина, Тутунсуз, Дуќанџик, Бурмали... и така со ред. Сигурно знаете дека во Скопје биле изградени многу џамии од времето на османлиите до денес, но дали сте знаеле дека нашата престолнина била меѓу ретките градови што ја имале привилегијата во нив да изгради џамија еден од султаните на Османлиската империја?Не случајно во набројувањето на скопските џамии ја прескокнавме Султан Муратовата џамија, затоа што нејзиното место меѓу нив е посебно издвоено, и по големината и комплексноста на храмот, и по местото каде што била изградена, и по рангот во кој спаѓа, затоа што била изградена со султанска заповед, под покровителство на Мурат Втори, шестиот султан на Османлиската империја.
Џамијата е подигната во средиштето на некогашниот стар град, на ридот од кој се гледал целиот град, како верски комплекс, составен од храм, верско училиште медреса, народна кујна имарет и прочуената Саат кула, а во кругот на џамијата се сместени и две гробници турбиња, во кои почиваат важни високодостојници од тоа време.
Изградена е во 1436 г., а се претпоставува дека е една од првите џамии што биле изградени во Скопје. Се смета дека денес таа е најстариот муслимански храм меѓу џамиите што можете да ги видите денес во градот.По својот ранг се разликува од другите затоа што е единствената чиј ктитор бил султан, а султанот Мурат Втори ја изградил во исто време со џамиите Мурадије во Бурса и Уч шерефели џами во Едирне, во периодот на неговото владеење со империјата, од 1421 до 1451 г.
Скопската џамија на Султан Мурат низ историјата се спомнува како Хунќар џамија, што на османско-турски значи царева или султанска џамија, а била позната и како Џами ат'к, со значење стара џамија. Поради блискоста со Саат кулата, луѓето често ја нарекувале и Саат џамија.
УРИВАНА И ОБНОВУВАНА Храмот и околните објекти неколкупати низ историјата биле опустошувани од пожари, земјотреси и војни и повеќепати биле обновувани. Денешниот изглед на џамијата, според историчарите на уметноста, многу се разликува од нејзиниот изглед кога била изградена, но и покрај тоа ја сметаат за џамија со голема историска и архитектонско-урбанистичка вредност. Основа за ваквите тврдења научниците наоѓаат споредувајќи ја грандиозноста на џамиите во Бурса и во Едирне, кои го зачувале автентичниот изглед. Оттука се смета дека џамијата во Скопје во тоа време била една од најубавите џамии во Румелија, европскиот дел на Османлиското Царство.“На ова укажуваат големите димензи на објектот, начинот на градењето, остатоците од извонредната камена пластика и други елементи”, заклучува историчарката на уметноста Лидија Кумбараџи-Богоевиќ во книгата Османлиски споменици во Скопје.
Главен извор на информации за историјата на џамијата се трите натписи што биле поставени на влезот во храмот по изградбата и по двете обновувања на џамијата. Во нив била запишана речиси целата историја на џамијата.
Најстариот од трите натписи бил поставен веднаш по изградбата. Натписот е испишан на камена плоча, врз која се издлабени три реда стихови во проза на арапски јазик. Историчарите на уметноста што го проучувале оцениле дека, според квалитетот на калиграфијата и според уметничката обработка, тоа е еден од најубавите натписи од XVI век. Од текстот дознаваме дека Старата џамија била изградена во 840 г. (според муслиманскиот календар, а 1436/37 г. според христијанскиот), во времето на султан Мурат Втори, “победоносниот борец за вера, син на Мехмед хан”. Од вториот стих дознаваме дека во 944 (1537/38) г. храмот изгорел до темел, а третиот сведочи за обновувањето на џамијата во 954 (1542) г., кое било извршено по наредба на Кануни султан Сулејман, “сенката Божја на земјата, султан над султаните, Сулејман шах”.
Од вториот натпис дознаваме дека во 1689 г. џамијата изгорела по вторпат, кога австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје за време на австро-турските војни. По пожарот, од храмот останале само четирите ѕида и дел од минарето, од основата до шерефето (балконот), а се претпоставува дека во оваа катастрофа настрадале и народната кујна, имаретот, и верското училиште, медресата. Светилиштето останало разурнато 23 години, сe` до милоста на султан Ахмет Трети, кој во 1711 или 1712 г. издал наредба џамијата да се поправи. Натписот на оваа камена плоча е најопширен во споредба со другите натписи над влезот на храмот и е напишан на турски јазик.“Прв ктитор на оваа џамија беше султан Мурат. Во неа нека се држат пет дневни молитви, во петоците петочна, а за двата Бајрама - бајрамска служба. Ова е свето место за муслиманите и затоа нека му е местото во рајот, нека го напои Господ со пријатен мирис султан Мурат.
За време на окупацијата во 1100 (1689) г. неверниците без страв го запалија ова свето место. Останаа само четири ѕида и минаре без ќулаф, само урнатини што ќе ги потсетуваат верниците дека тука секојдневно се држеле пет молитви. За да биде повторно изградено, ова прекрасно светилиште чекаше 23 години разурнато на добротвор што ќе го обнови. Благодетта Господова е голема - стигна наредба од султан Ахмед. Повторно ја изгради и стана нејзиниот втор ктитор. Обновена е убаво, а тоа го потврдија и тие што ја видоа. Нека султан Ахмед биде вечно на престолот, правејќи добри дела. Тој на верниците им донесе голема радост. Затоа, неговото име нека се споменува со благослов. Нека го запаметат муслиманите неговото име и нека го врежат во сеќавањето, како што е врежно на неговите пари”, напишал на плочите авторот кој се потпишал како Сиромав, грешен Алија.
Третиот натпис е поставен на надвратникот. Испишан е на ѕидот со жолто мастило, на турски јазик, а поради слабата техника на испишувањето речиси целосно е избришан и тешко може да се забележи напишаното. Од текстот дознаваме за третото обновување на џамијата, под покровителство на султан Решад, пред неговото доаѓање во Скопје во 1911 г., а годината на обновувањето е пренесена шифрирано преку стихот “Достојна е верата исламска”.
Џамијата не била поштедена ниту од силниот земјотрес на 26 јули 1963 година, кога настрадале двете гробници, медресата, Саат кулата и потпорниот ѕид од западната страна. Храмот претрпел големи оштетувања на тремот, ѕидовите распукале со големи пукнатини, а минарето се урнало од шерефето нагоре. Во годините по земјотресот биле извршени конзерваторски и реставраторски работи, минарето било доградено, а двете турбиња, Саат кулата и потпорниот ѕид биле санирани.Храмот денес има дрвена покривна конструкција со покрив од ќерамиди на четири води, но историчарите на уметноста сметаат дека таквиот облик џамијата го добила по обновата во XVIII век. Според Лидија Кумбараџи-Богоевиќ, џамијата најпрвин била изградена со купола.
ДУХОВЕН, ОБРАЗОВЕН И ХУМАНИТАРЕН ЦЕНТАР Многуте патописци што поминале низ Скопје не штеделе зборови за да ги запишат впечатоците од тоа што го виделе во неа, инспирирани од социјалниот живот што се одвивал во овој духовен центар во тоа време. Славниот Евлија Челебија, сеќавајќи се на џамијата не пропуштил да ги спомне медреса во која се обучувале тогашните муслимански свештеници и се држела настава по веронаука и имаретот, кој служел како народна кујна за сиромашните. Големо културно богатство било вградено во двете турбиња (гробници). Турбето на Бејхан султан се смета за најголемо во Македонија. Според некои преданија, во гробницата почива ќерка на султанот Сулејман. Турскиот поет, по потекло од Скопје, Јахја Кемал, сметал дека еден од двата мермерни саркофага и’ припаѓал на Бејхан султан, ќерка на султан Бајазит Втори, а во другиот почива нејзиниот сопруг, Гази Хусеин-бег. Од друга страна, историчарката на уметноста Душанка Бојаниќ тврдела дека со сигурност се знае оти станува збор за ќерка на султан Селим Први, која живеела во Скопје со годишен приход од селото Нерези, кое го поседувала како феуд.
МОЛИТВА, ПРОПОВЕД, ПОУКА Ги оставивме историските податоци во бележниците и во работните фајлови и појдовме да видиме каква е џамијата денес. Според договорот, таму не’ пречека имамот Зекирија Бајрами, со кого поразговаравме за денешниот духовен живот во храмот и кој ни објасни кој дел од објектот за што служи, кој се’ е вклучен во молитвите, проповедите и верската поука.Беше вистинско доживување да се влезе во џамијата што многупати сме ја гледале оддолу, од кај Бит-пазар, секогаш со мислата дека некогаш ќе појдеме да ја видиме одблиску, за да ја допреме мистичноста што сме ја насетиле гледајќи стари фотографии со четирите грандиозни столбови од тремот во кадарот.
“Оваа џамија е од најстарите и најголема џамија во Скопје. Велат дека заедно со мафилот (галеријата) и со тремот, собира околу 2.000 луѓе. Изградена е, ако не грешам, во 1436 г., долга 25 м и широка 25 м. Тука се одржуваат дневните намази (поклонувања), по пет молитви дневно и големите петочни молитви, кога имаме и по половина час предавања со верска поука”, ни кажа оџа Зекирија, додека ги ловевме првите впечатоци од тоа што го видовме во џамијата.
Имамот, како што ни објасни, е тој што ја води молитвата. Тој треба да биде учен и добро да ја владее верата. Оџа Зекирија е имам во Султан Муратовата џамија 28 години, ги води петте дневни молитви, а во петоците, по големата молитва, држи половина час предавања по веронаука.
“На тие предавања на луѓето им се пренесуваат главните пораки на верата - да не пцујат, да не крадат, да не прават лошо - како што поучуваат сите вери. Местото каде што се учи верата е џамијата и од секој верник се бара да доаѓа на намазите и на предавањата”, вели оџа Зекирија.Бевме љубопитни дали имамот е истиот свештеник што се качува на минарето и ги повикува верниците на молитва.
“Не, тоа е муезинот, што на арапски значи оној што повикува. За муезинот најважни се гласот, дарбата за пеење и да ги знае пеењата. Пред да има микрофони и звучници, муезинот пет пати на ден се качувал на минарето. Кога ќе стигнел горе, на последната скала излегува низ врата што е свртена кон киблето (светиот камен Каба во Мека) и оттаму почнувал да пее околу шерефето (кружниот балкон), за да можат да го чујат луѓето на сите страни. Сега со години никој не се качува на минарето, а муезинот пее од долу, внатре во џамијата, преку микрофон”, ни објасни.
Разгледувајќи наоколу, го видовме и мафилот, галеријата над влезот во храмот.
“Таму се молат жените. За нив има посебно место во џамијата, за да не им го привлекуваат вниманието на мажите за време на молитвата. Верата вели дека и жените треба да доаѓаат во џамија, затоа што таму се учи верата. Каде ќе ја научи верата, ако не доаѓа во џамија, или каде ќе ја научи верата жената-христијанка, ако не оди во црква? За време на молитвата со жените се и женските деца, а машките се молат заедно со татковците”, вели оџа Зекирија.
Додека разговаравме, не можевме, а да не го забележиме големиот стар часовник, испишан со бројки во источен стил и со впечатливо клатно, токму каков што сме го гледале во кабинетите на турските владетели во старите македонски филмови.“Никој не знае кога бил донесен тука. Ми беше многу интересен уште кога дојдов на служба тука во 1979 г. Се распрашував кај најстарите луѓе што доаѓаа во џамијата, но ни тие не знаеја да ми кажат повеќе, освен дека е многу стар и оти има голема вредност”, ни рече нашиот домаќин.
Внатрешниот простор е поделен на три дела, а трите целини една од друга ги двојат два реда од по три столбови. Дење просторот го осветлува дневна светлина, која се пробива низ прозорците обоени со витраж-техника, а како помошно светло се користат стари лустери и неизбежните неонски светилки. Ѕидовите се елегантно декорирани, а наоколу на височина од околу 5 метри се распоредени имињата на Алах, пророкот Мухамед и калифите што го ширеле исламот по неговото заминување.
Главните елементи на секоја џамија, како што ни објасни имамот, се мимберот, михработ и курсијата.
Мимберот е говорницата од која хатибот (говорник-вероучител) ја кажува верската поука, качен високо за да можат верниците да го слушнат јасно од сите делови на џамијата. Најчесто има форма на мала кула до која, според турската традиција, водат 12 скалила. Мимберот во храмот се подигнува десно од михработ, со кулата свртена кон Каба. Денес и на мимберот се поставени микрофони, а во летните денови не е реткост таму да видите и вентилатор, како што видовме на мимберот во Султан Муратовата џамијаМихработ е местото од каде што имамот ја води службата за време на молитвите. Личи на портал и секогаш е свртен кон светиот камен во Мека. Оттука имамот се поклонува и ги води молитвите.
“Секаде над михработ го има овој натпис, кој кажува за средбата на Мејрем, или Богородица кај христијаните, со пророкот Зеќирија, кој се среќава и во христијанството како Захарија. Натписот раскажува како секогаш кога Зеќирија ќе ја посетел Мејрем во храмот, покрај неа наоѓал храна. Секогаш кога ќе ја прашал од каде и’ е храната, таа му одговарала дека тоа е од Бога и оти Бог им ги исполнува молитвите на оние што ги сака. Тој натпис го има во секоја џамија, над секој михраб, и тоа покажува дека нашите вери и не се така далечни една од друга”, вели оџа Зекирија.

За курсијата ни објасни дека тоа е престолот на кој седи имамот додека држи предавања по веронаука, надвор од верската поука по петочната молитва.
Имавме уште многу да видиме и да прашаме, но решивме нешто да оставиме и за друг пат.
Додека ги облекувавме чевлите на излезот од џамијата, не’ покани повторно да дојдеме.
“Ние треба да бидеме отворени меѓу себе и да се запознаваме. Како што кажува натписот кај михработ, нашите вери се блиски и треба да не’ зближуваат, а не да не’ разделуваат”, не’ испрати имамот Зекирија.
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4651&EditionID=149&Page=1









А, дедо Лиман е тука да ви покаже која населба каде се наоѓа, каде е некое село, каде е Чифте амам, Даут-пашин амам, Мустафа-пашина, Мурат-пашина, Алаџа или Балабан џамија, црквата Св. Димитрија, МНТ или Театарот на народностите.