Келнерите послужуваат храна и пијалаци во угостителските објекти. Кога примаат нарачка од гостите, ги пренесуваат на персоналот во кујната или на шанкот и внимаваат што побрзо и што поквалитетно да ги услужат гостите. Келнерскиот занает подразбира и други работи што се поврзани со послужувањето на гостите, како - поставување и расчистување на масите, подготвување сметка и наплаќање на услугите. Независно дали работат во ресторани што подготвуваат јадења по нарачка, во ресторани што нудат брзо подготвена храна или во кафулиња и барови, од келнерите се очекува да бидат љубезни, точни, брзи и комуникативни. Со оглед на тоа што келнерите се во постојан и непосреден контакт со гостите, угледот на угостителскиот објект во кој работат најмногу зависи од нив и од нив се очекува не само коректна услуга, туку и да им го направат престојот на гостите попријатен. Токму оттука произлегуваат и разликите во вршењето на келнерската работа. Зависно од видот и од категоријата, во некои угостителски објекти од келнерите се бара да извршуваат и посебни работи, како дочекување на гостите на влезот на локалот, да ги спроведат гостите до масата, да им го придржат столчето додека седнуваат, да им помогнат кога ги соблекуваат палтата или да им помогнат при изборот на јадењата и пијалаците.Можеби ова ви личи на слика од некое дамнешно време, но тоа е дефиницијата на професијата келнер во најпознатата интернет-енциклопедијата Википедија, а истото ќе ви го кажат и сите оние што имале прилика да го видат времето кога келнерите беа токму такви какви што се опишани.
Сигурно сe' почесто ви се случува да се покаете што сте влегле во некое кафуле или во кафеана, зашто не сте биле пречекани како што треба, зашто келнерот ви го расипал денот, зашто поради неговата бавност сте го загубиле апетитот, зашто немате каде да најдете ведрина со пијалок и храна во тешките мигови кога не ви се погодил денот. Сигурно ќе се присетите на некои легендарни ситуации како пример за неуслужливоста, немотивираноста и немањето манири на мнозинството денешни келнери, кои не се само како да не им се погодила сезоната, туку така си ја вршат работата, што ви оставаат впечаток дека никогаш не влегле во кафеана пред да почнат да го работат тоа.
Не верувам дека не ви се случило да чекате петнаесетина минути келнерот да ве исперцепира, петнаесетина минути додека да ви ја донесе првата нарачка, три-четири пати да нарачувате чаша вода, или да се изначекате да ви донесат сметка. Ако почнете да мавтате, може да ви се случи келнерот да ви одржи лекција, како што еднаш мене ми одржа келнерот во некогашно Пензионерско во Струга, протестирајќи: Што ми прајш Хајл Хитлер!?. Или, по двочасовна процедура да ви ја донесат порцијата, а во неа да има само половина од тоа што сте го нарачале, како што ми се случи неодамна во една скопска кафеана. Да не зборуваме за редовните појави во кафулињата како "немам ситно", "нема чаши", или, и по една минута објаснување какво да ви биде кафето, да добиете матено нескафе со млеко и со шеќер, а сте барале лажиче нескафе растворено во шоља студена вода...
Но, не е ситуацијата толку апокалиптична. Ќе биде неправедно ако речеме сите келнери се такви и оти по секое седување во кафеана во себе си ја потпевнувате Конобар нас мрзи од Електрични оргазам. Ќе биде неправедно за Сале од Арарат, Зоки (Добриот) и Гоце (Лошиот) од Зи-Зи Топ, за Миле и Драги од Пони и од Браво, за Зоки панкерот од Ван Гог... Со нив беше доволно само да размениш поглед или да им покажеш хоризонтално поставена дланка за да сфатат дека бараш "вотка сечена со џус" или пиво какво што пиеш. Имало и такви келнери што ви остануваат во меморијата како добар спомен, иако веќе одамна сте го заборавиле името на кафеаната каде што ве служеле, како што нема да го заборавам келнерот Сашо, висок, со брада, со врзана долга виткана коса, кој работеше во еден џез-клуб во локалот на денешен Занзибар и некогашна Мадера кај фонтаната во Градски парк.
Но, како да очекуваме подобри келнери, кога се регрутираат преку огласи како "Кафиќ на кеј бара конобар-ки, шанкери и чистачка", "Барам келнер, кувар. Плата 10.000 денари", "Кебапчилница има потреба од конобар", "Пица-ресторан бара конобарки". Башка, не е се’ до знаењето. Треба да имаш и таква ѕвезда. Келнер е институција, а не само занимање, како што дефинира Википедија.
http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=12&tabid=172&MenuID=950&EditionID=135&CategID=391&ArticleID=4232&Page=1
No comments:
Post a Comment