Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Природно-научен музеј - Скопје
Сте помислиле ли дека кањонот Матка не завршува со кафе-терасата пред Планинарскиот дом Јовица Гроздановски и дека освен разладување и впечатлив пејзаж за гостите од странство што ги носите таму, зад себе крие предели во кои живеат 174 видови пеперутки?Можеби и ние немаше да дознаеме, но дознавме благодарение на Гордана Јанакиевска, претседателка на Здружението Крале Марко, која ни ја посочи Матка како уште едно место кое може да биде значајна точка на туристичката мапа на Македонија. По нејзина сугестија го побаравме д-р Владимир Крпач, виш кустос во Природно-научниот музеј во Скопје, чија специјалност се осоликите муви и пеперутките.
ШАРЕНИЛО ОД ВИДОВИ Владимир Крпач веднаш прифати да не’ воведе во светот на пеперутките, но не’ посоветува дека нашата идеја да ни биде водич за да можеме на самото место да ги видиме и да ги фотографираме, не е најразумна.“Сепак, не е така лесно да се оди на терен за да се видат, бидејќи таму можат да одат само добро обучени луѓе, што знаат да се движат по таков терен, затоа што има змии и други опасности”, ни рече д-р Крпач, укажувајќи дека од друга страна е и подобро што е така, затоа што на тој начин и пеперутките се позаштитени од колекционери и од препродавачи што можат да ги истребат.
Од него разбравме дека кањонот на Треска одамна ги привлекува лепидоптеролозите, научниците што ги истражуваат пеперутките, токму поради нивната разновидност во оваа клисура.
“Главно ги има во шумските ливади, на високопланинските пасишта и на планинските ливади. Од 9 фамилии и вкупно 400 видови дневни паперутки, колку што се регистрирани во Европа, во Македонија има 8 фамилии, 76 родови и досега се регистрирани 201 вид пеперутки. Од нив, 174 се присутни во долината на Треска”, ни раскажа нашиот соговорник.Меѓу нив има примероци од фамилиите дебелоглави пеперуги, ластовичарки и чурлукари, пулејкасти, бели, шарени, сини и окати пеперуги.
Една од најчестите е Перугастата пеперутка, која живее на отворени сончеви ливади, се храни со нектар и обично лета во поголеми групи, во периодите од април до мај и од јули до септември.
Ластовичарката е препознатлива по опавчињата на долниот дел од крилата, една од најубавите дневни пеперутки од Македонија. Се храни со нектар и живее во сончевите предели.
По својата елегантност особено се истакнува Црниот Аполон, кој можете да го видите во периодот од мај до јуни на тревести ливади и во предели со надморска височина над 2.000 метри.Поликсеновата пеперутка можете да ја видите во карпести места и на ливади на надморска височина од 1.000 метри, во периодот од април до мај.
Една од најпознатите меѓу земјоделците е пеперутката Зелкарка, која е една од најраспространетите пеперутки. Се среќава на отворен простор, во градини и на ливади, напролет и наесен. Се храни со нектар, а додека е во фаза на гасеница се храни од листовите на зелката, по што го добила името.
Пеперутката Планински белец е северномедитерански вид и најчесто се среќава на надморска височина од 300 до 1.800 метри името, по што го добила името. Се појавува во три периоди, од март до август.
Круперовиот белец е источномедитерански вид кој се среќава на надморски височини над 1.000 метри, во периодот од март до септември, а една од најинтересните пеперутки е Мртовечки плашт, која најчесто ја има по рабовите на брезовите шуми, каде што се храни со нектар и растителни сокови.Меѓу поелегантните се издвојува пеперутката Vanessa atlanta позната и како Адмирал, која е впечатлива по црно-портокаловите шари.
Една од омилените пеперутки на д-р Крпач е Pseudo sahara cingovski, која го добила името по македонскиот научник д-р Јонче Чинговски, кој прв ја открил и се смета за една од позначајните македонски пеперутки.
ИДЕАЛНО ЖИВЕАЛИШТЕ Не можевме, а да не прашаме што е тоа што ја прави долината на Треска подрачје што е толку погодно за живеење на овој вид инсекти.
“Македонија е мала земја, но има високи планини. На нејзината територија се судираат две клими - изменетата медитеранска и континенталната. Мешањето на климите создава услови за мешање на растителниот и животинскиот свет и заедно со високите планини создале идеални услови за создавање ретки видови од растителниот и од животинскиот свет”, ни објасни д-р Владимир.Во леденото време, пред милиони години, кога почнале да се топат мразовите, пеперутките нашле прибежиште во долината на Треска, каде што имале услови да се сокријат од неповолните атмосферски услови. Тоа им овозможило да имаат каде да престојуваат кога е топло, а богатството на растителниот свет им обезбедило резерви од храна, особено специфични растителни видови, со кои се хранат пеперутките додека се во фаза на гасеници.
“Возрасните пеперутки имаат сурлички, или јазичиња, со кои лижат нектар од разни цветови, а гасениците се хранат само од еден вид растение. За да преживеат, многу е важно да имаат и соодветна храна додека се гасеници”, вели д-р Крпач.
ПРЕДИЗВИК ЗА ИСТРАЖУВАЧИТЕ Првите истражувања на пеперутките од кањонот Матка датираат од времето на Првата светска војна, но и многу години порано, кога големи имиња од науката го истражувале растителниот свет во кањонот на реката Треска. Првите истражувања на пеперутките ги направиле австриските зоолози. Првиот меѓу нив е Виктор Апфелдек, кој во 1887 г. престојувал во Сараево како специјалист за шуми, каде што набргу станува кустос за природа во градскиот музеј. Во една прилика ја посетил Македонија и се заљубил во тоа што го видел. Во периодот од 1906 г. до 1907 г. темелно ги проучувал пеперутките во околината на Скопје, а најмногу се задржал кај село Брезница, во околината на денешната брана Козјак. Резултатите од неговите истражувања ги објавил Ханс Ребел, врвен лепидоптерологот (истражувач на пеперутки), во 1913 г. Во периодот од 1909 г. до 1913 г. пеперутките од Македонија ги привлекле и бугарскиот научник Иван Гуреш и многу германски научници, кои дошле на овие простори како војници на Антантата за време на Првата светска војна. Значајни истражувања направил германскиот научник Ханс Дофлајн, кој во 1921 г. ја објавил книгата Mazedonien, во која на 600 страници пишува за културата, флората и фауната во Македонија, со 280 илустрации на животни и пеперутки.http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4487&EditionID=144&Page=1