Friday, January 12, 2007

Кичево во тага

Фотографии: Киро Попов
Молк, тага и горчина се спуштија вчера над улиците на Кичево. Општината прогласи ден на жалост, кафулињата ја исклучија музиката, а кичевци ги оставија обврските и отидоа пред црквата Свети Петар и Павле да им оддадат почит на Богдан Запотовски, Јово Лазевски, Југослав Полески и Дејан Наумовски, работници во „Тајмиште“, кои загинаа завчера кај месноста Славеј, на автопатот Охрид-Кичево.

Улиците во центарот на градот беа претесни за да може да помине поворката од автомобили и автобуси, а јавното комунално претпријатие мораше да позајми погребни возила од Македонски Брод, Прилеп и од Охрид.

Додека најблиските го слушаа опелото за нивните сопрузи, татковци и роднини, кичевци пред храмот се присетуваа на Богдана, Југета и на Дејанa, одвреме-навреме погледнувајќи кон трите крста потпрени на ѕидот на црквата. Повозрасните се присетија и на тешката сообраќајна несреќа од 1973 година, кога, на речиси истото место, враќајќи се од работа, загинале две момчиња и две моми од Кичево.

Во истиот момент најблиските се простуваа и од Јово, кој беше погребен на гробиштата во блиското село Раштани, каде што биле погребени неговите родители и братот, кој пред некоја година загинал на работното место.

Несреќата се случи завчера доцна попладне, во непосредна близина на мотелот „Починка“, а, според првичните сознанија на полицијата, причина била пречекорената брзина на двете возила - „ладата“ во која биле работниците на „Тајмиште“ и црната „ланча“ со тирански таблички, во која биле загинатите Г’зим Шехи и Аљбан Бебља, државјани на Албанија.


За живот уште се бори кичевецот Драге Стојковски, кој вчера ургентно беше пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, од болницата „Свети Еразмо“ во Охрид. Според нашите сознанија, Стојковски е во критична состојба, со внатрешно крвавење и тешки повреди на ‘рбетниот столб.


Загинатите кичевци зад себе оставија малолетни деца, а по најстариот од нив, Богдан Запотовски, ќе тагуваат и внучињата од неговите ќерки.


12 јануари 2007


http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=5&tabid=1&EditionID=172&ArticleID=7405

Wednesday, November 08, 2006

Почитувани посетители. Ви го пренесувам текстот за турската култура во Македонија што го објави Светскиот сервис на Би-Би-Си, во кој, покрај другите соговорници, зборувам за моето искуство со турскиот јазик, традиција и култура.


8 ноември 2006

Турската култура присутна во Македонија

Денес во Македонија живеат околу 80 илјади Турци, но двата народа биле заедно доволно долго за да си пренесат едни на други дел од своето однесување и животните навики.

Па колку турската култура е се’ уште присутна во Македонија?

Последниот турски војник замина од Македонија пред 96 години, но овде денот се уште започнува со турско кафе.

Некои го нарекуваат македонско, но сите знаат дека вкусниот пијалок, кој потекнува од арапскиот свет, дошол на овие простори заедно со Османлиите за да остане тука со векови.

За разлика од модерните инстант-кафиња, турското е најпопуларно, и се’ уште не ја изгубило спецификата во начинот на приготвување.

Турско кафе

Но, пиењето турско е многу повеќе од обично пиење кафе, вели почесниот турски конзул во Македонија, Омер Сулејман:

„Кафето подразбира да имаш ѓезве, филџан, вода и локум, да имаш време да седнеш и да го споделиш со пријатели и секако, да уживаш во него".

Денес во Македонија живеат околу 80 илјади Турци, но двата народа биле заедно доволно долго за да си пренесат едни на други дел од своето однесување и животните навики.

Секој Божиќ се прави кадаиф, а на Бајрам се служи задолжителната баклава. И натаму се привлечни слаткарниците во кои се продава боза, а неодминливи се и кафеанчињата каде се јаде чкембе-чорба и турли-тава.

Македонците толку „сраснале" со турската кујна, но и со јазикот, така што не се ни свесни дека и некои, навидум, обични зборови имаат турско потекло.

Професор Људмил Спасов од Филолошкиот факултет вели дека турцизмите се нераскинлив дел од македонскиот јазик.

„Тие се дел од разговорниот јазик и му даваат посебна специфика: дојди на чашка муабет. Додека во литературниот јазик постојат турски зборови за кои не сме свесни, се употребуваат и како научни термини и нема потреба да се исфрлат. Тие се дел од активниот зборовен фонд на стандардниот јазик".

Турцизмите дел од јазикот

Во македонскиот јазик се избројани околу три илјади турцизми. Но, кога Васко Марковски се запишал на студии по турски, се изненадил дека го знае јазикот кој не му е мајчин.

„Кога дојдовме на првите часови на студии првото прашање од професорите беше: Знаете ли турски? Одговоривме дека не знаеме, а тие почнаа да не распрашуваат, што правите прво наутро, одговараме погледнувам низ „пенџер", правам кафе во „ѓезве", пијам од „филџан"...Употребивме три турски збора за една минута, а професорите ни рекоа зошто велите дека не знаете турски."

Раскажувајќи ја анегдотата од првиот академски час, Марковски кој е вљубеник во турската култура и традиција, приготвува чај за своите најблиски и тоа во посебни садови и токму по ориенатален рецепт.

Во моментите за уживање, како што вели, не ретко слуша и турска музика.

„Традиционален мелос“

А и песната, која е толку карактеристична за овој географски простор, не можела да остане недопрена од турско влијание, ако се знае за непосредниот контакт меѓу населението, објаснува професор Спасов:

„Факт е дека голем дел од она што го нарекуваме традиционален македонски мелос, а за кој во Грција, Албанија, Бугарија, Србија...ќе ви речат дека е нивна традиција, всушност е мелос кој е добиен како резултат на контактот со турскиот или ориенталниот мелос. А, постојат и староградски македонски песни каде дел од стиховите се на македонски, а дел на турски јазик бидејќи турскиот значел престиж".

Но, по падот на турската империја животот се менува, а со тоа, како што вели Спасов, голем број турцизми се заменуваат со зборови од словенско или англиско потекло.

Сепак, комуникацијата меѓу двата народа, со особено близок менталитет, продолжува и натаму.

Марковски сосема спонтано ја објасни животната филозофија на луѓето овде каде се преплетуваат животите и патиштата на исламот и христијанството:

„Неодамна читајќи книги на Орхан Памук забележав една реченица, мислам дека е на Ататурк а која стои запишана на влезот на касарните во Турција: „Среќен сум што сум Турчин". Ова го доживувам како дел од себе. Има во мојата душа доволно место да бидам и Турчин".

преземено од:

http://www.bbc.co.uk/macedonian/news/story/2006/11/061108_marija_turcija.shtml

Saturday, November 04, 2006

Кисела Вода против скапа обична


Советот на општина Кисела Вода е против барањето на скопскиот градоначалник Трифун Костовски за поскапување на водата за пиење за 91 отсто, јави МИА.


Советот на последната седница заклучи дека барањето е неоправдано и оцени дека е потребно да се направи анализа за работата на скопски „Водовод и канализација“, за да се утврдат причините за економската состојба во претпријатието. Заклучоците Советот ќе ги достави до Советот на градот Скопје, а преку градоначалникот Џорџе Арсов ќе го информира Координативното тело на градоначалниците на скопските општини.

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=15&tabid=1&EditionID=115&ArticleID=4615

Thursday, July 27, 2006

Дојран како во златните времиња

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографии: Ирена АТАНАСОСКА

„Водата е живот“. Ова е првата порака што ќе ве пречека на крајпатните табли уште на влезот на Нов и на Стар Дојран. Ако подолго време не сте ги посетиле, уште веднаш ќе можете да го почувствувате тоа. Ривиерата е живната, улиците се исполнети со минувачи, а туристичките работници, како што велат и официјалните податоци, веќе ги тријат рацете.
Кого и да прашате, ќе ви рече дека еколошките црни денови поминале, се враќа водата во езерото, а со неа се враќа и животот во градот.

Пријатно добредојде

Веднаш ќе почувствувате ведрина, уште со првиот чекор по асфалтот, но не можете веднаш да сфатите што е тоа што ве исполнува со пријатни чувства. Нешто како да лебди во воздухот, покрај брегот, на шеталиштето, или по главната улица, додека ги набљудувате убаво уредените дворови, и доминантната розова боја на расцунетните леандри. Погледот ви се спушта и кон автомобилите, сакајќи да видите од каде се се дојдени туристи. Меѓу регистарските таблички ќе забележите велешки, кумановски, скопски, гостиварски, штипски, па дури и охридски. И, не е случајно.

- Овде сум две недели и ако можам да одложам некои обврски ќе останам до 15 септември. Како ни е погодено, не ми се оди во Скопје. Кога ќе ми текне само колку е таму се забрзано, натуткано, не ми се враќа назад. Видете колку е мирно, тивко, слушаш инсекти, гледаш птици, водата е одлична за „бањање“. Одлично!

Не беше тешко да се увериме во зборовите на скопјанката Софија Граматикова, кога се обиде да ни пренесе дел од нејзиното секојдневие во Стар Дојран, каде што, заедно со нејзината сестра Ана и со неколку другарки, секоја година престојуваат во куќата на нивните предци, членови на една од најстарите дојрански фамилии.

- Градот почна да се полни пред недела-две, кога почна да пристигнуваат поголем бран туристи, но најголемиот бран се очекува во август - ни раскажа Софија.

Таа ни ја откри тајната зошто токму тогаш и зошто дури и од Охрид, каде што има поголемо езеро, луѓето доаѓаат во Дојран.

Лековитиот цут на алгите

- Август е идеално време за одмор во Дојран. Тогаш водата е најтопла и тогаш почнуваат да цутат алгите. Од нив испарува јод, што е одличен лек за подобрување на имунитетот, за лекување настинки и проблеми со дишењето, и токму поради тоа најголемиот дел од гостите се семејни луѓе со мали деца - раскажува Софија.


Покрај лековитоста на алгите, дојрани ќе ви кажат и за лековитото дејство на калта од езерото, за лекување на проблеми на коскено-мускулниот систем. На многу места на плажите ќе видите луѓе како „се печат на сонцето“ премачкани со кал.

- Убаво е за децата. До пред некоја година, преку цела година кашлаа, настинуваа, но откако се врати водата во езерото, откако почнавме да доаѓаме, имунитетот им е подобар. Можеби плажите не изгледаат убаво како охридските, но ниедно друго езеро не може да ви го даде ова - вели една скопјанка, која заедно со сопругот втора година летува во Дојран.

Сместени се во приватна соба и плаќаат по 250 денари од кревет за ноќевање. Велат она што го добиваат не е од врвен квалитет, но не можат многу ни да се пожалат

- Плажите се уредени, има туш-кабини и кабини за пресоблекување, во близина има каде да се пазари - раскажува таа.

Палачинки на полноќ

На Градската плажа го сретнавме и скопјанецот Стево, кој дошол на десетдневен одмор со неговата пријателка.

- Плаќам 300 денари, за соба блиску до автобуската станица. Задоволен сум од сместувањето и ми се допаѓа што ми е се тука, блиску. Има во близина и ресторани и клубови за младите, градската плажа е веднаш тука. Убаво е - ни раскажа Стево.

Вели дека е задоволен од понудата и од цените на рестораните и на кафулињата.

- Со 500 денари двајца можат да ручаат во еден од најдобрите ресторани во Дојран, со предјадење, а за околу 600 денари можете да ручате дојранска риба - раскажува тој.

Веќе е минато времето кога во градот немаше каде да ги купиш и основните дневни артикли, велат нашите домаќинки Софија и Ана Граматикови.

- Откако се врати водата, се е поинаку, живнато. Има луѓе на плажите, се инвестира во нови апартмани, хотели, казина. Може да ви звучи неверојатно, рестораните не можат да си најдат персонал. Младите се ангажирани, главно во грчките казина, каде што се добро платени и нема кој да работи на другите места - раскажува Ана Граматикова.

Веќе, како што вели, има одлични клубови и кафулиња, во кои можете по неверојатни ниски цени да ја поминете вечерта.

Сега има места, во кои можеш и во 12 часот на полноќ да порачаш палачинки и да те послужат - вели таа, повторно додавајќи дека Дојран е идеално место за одмор за луѓе што сакаат вистински да се одморат, да се тргнат од урбаното живеење, од вревата што ја прави сообраќајот и од забрзаниот живот.

Сместување од 250 до 1.000 денари

Цените за ноќевање се движат од 250 до 300 денари за кревет во приватно сместување, а пансионите се движат од 900 до 1.200 денари. Во моментов посетеноста е 3.000 до 4.000 луѓе, колку што е и капацитетот на градот - вели Бранко Георгиев од Туристичкото-информативно биро на општина Дојран.

Капацитетот на општината е околу 2.000 легла во приватно сместување, 1.500 за сместување во работничките одморалишта и околу 600 легла во комерцијалните хотели. По цена од 1.000 денари можат да се изнајмат и луксузни апартмани во приватни вили, опремени со фрижидер, клима-уред и со веце.

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=29&ArticleID=721

Thursday, July 13, 2006

Македонија на Yahoo!

Васко МАРКОВСКИ

„Ова е навистина возбудливо. Дефинитивно ќе ги посетам сите споменати места. Ви благодарам за прекрасните репортажи, штотуку научив нови работи за земјата во која сум роден, Македонија“.

„Живеам во соседна Албанија. Би сакал да посетам некои од овие места следниот пат кога ќе одам во Македонија“.

„Ти благодарам Бенгс за исклучителната презентација и прекрасната промоција на Македонија. Ова е вистинска авантура за мене, откако го имам ова богатство од факти и од извонредни приказни. Ви посакувам топло добредојде на сите, повелете и посетете ја Македонија“.

Овие неколку реченици се само првите реакции на посетителите на веб-страниците Yahoo Adventures (Јаху Адвенчерс), во чиј централен простор од понеделникот се објавува серијалот „Мистериите на Македонија“.

Репортажите се мултимедијални и содржат статии, видео и фото-галерии, изработени од светски прочуениот патувач Ричард Бенгс, кој неодамна заедно со својот тим престојуваше во Македонија.

Најновите репортажи од серијалот „Авантурите на Ричард Бенгс“ ги промовираат туристичките атракции на Австралија, Јордан, Руанда и Панама, а страниците преку директни линкови се поврзани со главните портали за туризам на земјите што се претставени.

Репортажите за Македонија се „линкувани“ на националниот портал за туризам Exp­lo­ring­Ma­ce­do­nia.com, каде што се уверени дека ефектот ќе биде голем и ќе донесе многу нови туристи во земјава.

- Ова е навистина одличен бесплатен публицитет за Македонија - оценува Дик Голдман, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, во информацијата што ја објави агенцијата МИА.

Според соопштението на УСАИД, со чија помош беше отворен порталот „Експлоринг Маседониа“, се очекува на овој начин веб-сајтот да го посетат околу милион посетители, кои оттука ќе можат директно да добијат информации за туристичката понуда и да резервираат аранжмани за одмор.

Според проценките, веб-сајтот на „Експлоринг Маседониа“ на овој начин би требало да го посетат околу милион посетители.

„’Светите мистерии на Македонија’ е наше истражување на една од најинтригантните држави на земјината топка, која некогаш била најсилното место на земјата, домот на Александар Велики. Тоа е место каде што се појавува интересот на луѓето за религијата и за науката, место во кое се родиле разни вештини на лекување, во кое Православното христијанство и Исламот живеат едно покрај друго во мир. Но, Македонија не живее во минатото. Таа е денес една од првите земји во светот кои се целосно покриени со безжичен интернет“, пишува во воведниот текст на серијалот.

Во досегашните три репортажи, тимот на Ричард Бенгс ги посетува Охрид и древната опсерваторија Кокино и ги истражува духовните богатства и реликвии на верските заедници во Македонија.

Централна личност на првата репортажа, „Откривање на маската од Македонија“, е охридскиот археолог Паско Кузман, кого авторот го нарекува „харизматичен археолог“, кој носи три часовници и патува слободно меѓу археолошкото минато, модерната сегашност и иднината“.

Разговорот со Паско Кузман на посетителите им ја пренесува историјата на Македонија, од времето на Олимписките игри на античките Грци до откривањето на златната маска во 2002 година.

„Македонија е грчка“, вели еден од коментарите на оваа статија, но меѓу нив има и пораки кои со воодушевеност зборуваат за она што го виделе кога ја посетиле.

„Еднаш ја посетив Република Македонија и потоа ја посетив уште шест пати. Многу се убави природата и истористките споменици, но она што најмногу прави да се враќам назад се луѓето. Дајте им шанса, станете нивни пријатели и ќе дадат се што им е вредно во животот“, вели еден посетител на страницата.

„Мистериите на карпите и ѕвездите“ е насловот на втората репортажа, која посетителите ги води Кумановско, во древната мегалитска опсерваторија Кокино.

„Кокино е антички свет храм, од каде што почнуваат науката и религијата. Тоа е македонскиот Стоун Хенџ, кој го формираат засечените гранитни карпи и рачно изделкан трон. Кокино е една од најголемите праисториски опсерватории во светот, единствената што е досега откриена во Источна Европа“ - вели Ричард Бенгс во предговорот за втората репортажа.

Вчерашната репортажа е насловена „Скриените тајни и духовното богатство“ и го истражува културното наследство од верските и сакралните објекти на сите религиозни групи во Македонија. Во неа е се опфатени археолошките остатоци од периодот пред појавата на христијанството, а завршува со 365-те цркви во Охрид, по една за секој ден во годината.

Репортажите ќе бидат на почетната страница на „Јаху Адвенчерс“ најмалку две недели, а во тој период на другите страници на „Јаху“ ќе бидат поставени банери кои ќе упатуваат кон нив.

Додека посетителите очекуваат да откријат што ќе донесе денешната авантура на Ричард Бенгс, канцеларијата на УСАИД во Скопје и „Експлоринг Маседониа“ се уверени - заедно со рекламата на „Си-ен-ен“ ова ќе биде една од најдобрите промоции на Македонија.

Факти за Македонија

- нација сместена меѓу границите на Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора и Албанија
- дел од поранешна Социјалистичка Југославија
- површина нешто поголема од Вермонт
- население 2.050.554 жители
- дом на Александар Велики
- Клеопатра потекнувала од Македонците
- Родно место на кирилското писмо
- прва земја во светот целосно покриена со безжичен интернет

(ИЗВОР: Ya­hoo Ad­ven­tu­res)


http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=17&ArticleID=157

Tuesday, July 11, 2006

Тргнал на печалба, изгради музеј, лекува со молитва..


Облачно пладне, штотуку застанавме на сретсело во кумановско Режановце. Звукот на автомобилот в час го заменија мрзеливото џивкање на две-три врапчиња, довикување на две-три комшиски кучиња, и горделивото квачење на квачките. Додека седиме под ѕитчето на селската чешма, единствената сенка за на раат да се изеде симитпогачата со јогурт, тек-тук минува по некој трактор, влечејќи приколка со балирана слама. Забележувајќи нови лица, девојче, нерешително минува со топка в раце, одејќи кон сенката на комшиската куќа.

Пристигнуваме пред црквата „Свети Јован Опсечен“, надалеку прочуена по лековитите води и исцелителските молитви на батко Злате, дворот со илјадници цвеќиња и со богатиот етно -музеј, создаден од него и од посетителите.

Ова сигурно ќе потрае, помисливме со фоторепортерот, кога забележавме друга новинарска екипа, која стигнала пред нас и веќе на големо разговара со домаќинот. Времето го искористивме да влеземе во храмот и да запалиме свеќи. Црквата, како што разбравме подоцна, била изградена во периодот од 1941 до 1956 година, на стари темели, од римскиот период. Фреските изгледаа свежо живописани, а од записите под секоја од нив разбравме дека се дар од верници од Кумановско, Кривопаланечко, Струмичко, и од Прилепско. Меѓу светителите доминираат оние чии житија говорат дека имале силна вера и исцелителски способности - Свети Кузман и Дамјан, Свети Пантелејмон, Свети Климент и Наум Охридски.

- Повелете, посетете го музејот, додека да завршиме ние работа - ни порача домаќинот.

Го послушавме. Уште пред да тргнеме од Скопје, чувме многу за грижливо собираната збирка на народни носии, предмети од домаќинството и разноразни стари ситнурии, кои додека се меткаат низ фиоките личат неважни и ни пречат, но кој би рекол дека можат толку достоинствено да изгледаат кога ќе станат дел од една богата ризница.

Првото што ве плени, кога ќе влезете таму, е трудот што е вложен сето тоа да се собере, да се изгланца и да се изложи, но не без ред, туку во строго осмислен ред.

Ѕидовите се покриени со народни носии, наредени една до друга, дел од вкупно 600 носии, или „600 носии на оро“, како што подоцна ни објасни домаќинот.

Ги има од сите краишта на Македонија - гостиварски, тетовски, паланечки, влашки од Кочанско, струшки од Јабланица... Сте помислиле ли некогаш како изгледа носијата на бабите од Демирхисарско, знаете ли каква е носијата на жените од Македонска Каменица - збирката на Златко Давитковски е вистинското место да научите.

Пред нив, наредени на масички, илјадници други експонати - ќилимчиња, ткаени торби, дрвени кујнски алатки, стари часовници, метални пазарџиски ваги, котли и ѓумови, бакарни тави, стари народни инструменти, садови за вода и за ракија, матарки, стари пари, стари пегли и машини за шиење... не може се да се наброи.

Конечно, дојде и нашиот момент. Додека далдисано ја разгледувавме книгата на впечатоци, од надвор го чувме поздравувањето. Колегите заминаа, дојде нашиот ред да седнеме под вишновото дрво, на кафе и муабет, накусо, колку што ни остана од времето.
- Црква се вика „Свети Јован Опсечен“, посветена е на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител. Го слави 11 септември, денот кога била отсечена главата на Свети Јован, а летна слава е Павловден, кога е ставен темелот на сегашниот храм - ни раскажа нашиот домаќин, откако се договоривме кој какво кафе пие.

Неговиот пат до Режановце почнал пред околу 35 години. Родум е од село Дренак, Кривопаланечко, а во Режановце дошол, како што вели, по Божја промисла.

- Бев млад, на 25 години. Живеев во Дренак и штотуку отслужив војска, 18 месеци во Осиек. Накусо поработев во Паланка и решив да заминам за Чехословачка, на печалба. Но, не било така пишано. Извадив пасош, но три дена пред да тргнам паднав во десетчасовна агонија, постојано извикувајќи „Исус, Исус“ - раскажува.

Слична агонија го повторила и следните денови, кога побарал помош од гатач во Младо Нагоричане. Тогаш, како што ни раскажа, имал видение. Му се јавила Богородица и му кажала дека не му е пишано да оди на печалба, туку дека е предодреден животот да го посвети на Бога. Тогаш му се јавил и Свети Јован, кој му порачал да оди во село Режановце, кај Куманово, и да ги побара Петре и Олга Спасовски. Оттогаш, неговиот живот е врзан за овој храм, а гласот на светителите му порачал дома да оди само два дена во два месеца.

- И, ете, оттогаш сум тука. Дворов што го гледате, не беше поплочен како сега, низ него шетаа свињи и магариња, но, со Божја помош се се направи - вели Златко покажувајќи кон жолто-црвениот плочник, со цветни дезени.

Селото и храмот набргу станале прочуени по неговата посветеност и по исцелителската моќ, за која сведочат многу луѓе, во книгата на посетители, на македонски, бугарски, српски и на англиски. Жителите на Режановце му ја изразиле благодарноста и со две спомен плочи, едната на влезот на кладенците, другата на ѕидот пред трпезаријата.

- Сега се подготвуваме за Павловден, на 13 јули, сега в четврток. Секоја година е врвулица од луѓе. Има општо-народна веселба, го посетуваат музејот, даваат дарови, а редовен гостин е и владиката Кирил. Годинава нема да биде, ќе биде на хиротонисувањето на епископ Иларион, игуманот на Лесновскиот манастир - вели Златко.

Го прашавме како почнал да го создава музејот.

- Се почна со подарокот од мојата сестра, која ми ја подари невестинската носија на нашата покојна мајка. Бев воодушевен од носијата, а за мојата радост кажав на многу луѓе што доаѓаа. Полека, полека самите почнаа да ми носат носии на подарок. Некои зашто знаат колку им се радувам, некои како благодарност што сум им помогнал да се излекуваат или да најдат спокојство и духовен мир - ни раскажа.

Полека дојде времето да заминеме. На испраќање ни раскажа дека му е желба на местото на сегашната трпезарија да се изгради нов објект, кој ќе ги прибере сите експонати од ризницата. Со помош на државните институции би сакал збирката да се заштити, да се проучи и да се изложи според музејските прописи. Вели дека е многу разочаран што и покрај многуте ветувања и од институции и од поединци ништо не било направено. Инсистира да ја објавиме неговата благодарност до доктор Предраг од кумановската болница, кој му помага барем еднаш во годината просториите да се испрскаат со инсектицид, за да не ги изедат молци носиите. Збирката на етномузејот ја истражувале и е дел од научните трудови на фолклористите доктор Марко Китески и магистер Јасминка Писковска Пиличкова, а секојдневни гости се новинарите.

Се поздравивме и заминавме.

Веднаш под црквата, од десната страна на патот се трите кладенци, од кои, според верувањата на луѓето, извираат лековити води. Секој кладенец има свои заштитници - Свети Јован Крстител, Свети Кузман и Дамјан, и Светите апостоли Петар и Павле. Слеговме до нив, да се измиеме за добар пат.

Грмежите и темните облаци најавија невреме. Нема да е најзгодно за патување, но добро ќе ги полее цвеќињата на Златко. Ги има илјадници, насекаде по дворот, во кој некогаш шетале свињи и магариња.

ТРИ ЛЕКОВИТИ ВОДИ

Лековитоста на водите, како што велат народните преданија, ја открила Софија Светапеткарка од Куманово, која била прочуена како видовита жена, посветена на Бога. Нејзиното име се врзува за изградбата на пет храмови во Кумановско и во Скопско и била чест посетител на „Свети Јован Опсечен“, се до нејзиното упокојување, во 60-те години на минатиот век. Домаќинот на храмот, Златко Давитковски, раскажува дека водите досега направиле да проговорат неми, да прогледаат слепи и донеле деца во домовите на многу неротки. Истото го напишале и многуте посетители, во книгата со впечатоци.

РИЗНИЦАТА НА ЗЛАТКО

- Музејот зафаќа седум простории, а како што тргнало и тие ќе бидат малку. Досега имаме 600 комплети носии од сите делови на Македонија и дел од Јужна Србија. Некои од нив се стари и по 120-130 години. Во збирката има околу 200 килими, 150 скутници и 800 експонати.

Friday, February 10, 2006

"Акцијашките" бараки ги стоплија бездомниците

Долго време работам со бездомници. Работам со нив континуирано - разговарам, ги евидентирам, истражувам.. Досега се обидував да им помогнам, но немав мегдан, немав вакво нешто, сега е поинаку - вели координаторот на прифатилиштето за бездомници во Катланово, додека пиевме чај, откако ја смести новата група од 35 луѓе, во бараките подигнати за младинците од некогашната акцијашка населба.

Васко МАРКОВСКИ
ФОТО: А. ИВАНОВСКИ

Знаевме дека денот ќе биде студен и долг уште пред да тргнеме кон Катланово. Синоптичарите веќе неколку дена прогнозираа дека токму овој ќе биде најстудениот. Прогнозираа 25 степени под нулата и - не згрешија. И самите веднаш го забележавме тоа, чекајќи ја новата група бездомници пред Центарот за социјални работи и автобусот што требаше да ги одведе во прифатилиштето за бездомни лица во Катланово. Додека си ги греевме рацете и чевлите на "парното" во службената "лада-нива", вртејќи ги станиците на радиото за да го чуеме најновиот временски извештај, погледите ни беа насочени кон влезот на Центарот. Не можевме да го тргнеме погледот од луѓето кои надоаѓаа, носејќи го сиот свој имот в торба, и по некое дете в раце.

- Доцниме малку. Сега ми јавија, автобусот не пали. Луѓево се собраа, кај да е, за десетина-петнаесет минути ќе тргнеме - најави нашиот денешен патеводител Љупчо Цветковски, координатор на Домот во Катланово.

Така и беше. Црвен автобус, полека-полека влезе во дворот. Додека луѓето се качуваа, ние побрзавме кон Катланово, за да ги пресретнеме на влезот на прифатилиштето.

Не беше тешко да се најдат бараките. Приближно знаевме каде се, а брзо се уверивме дека сме на вистинскиот пат, откако препознавме некои познати фаци од скопските бездомници како ги разодуваат нозете врз асфалтот покриен со снег. Се паркиравме во дворот. На радио, лекар советува надвор да се излегува само при неизбежна потреба, со шал преку лицето. Автобусот пристигна.


- Срамота е што ме пикнаа овде - одеднаш пред нас се појави човек кој штотуку слезе од автобусот. Лесно беше да се забележи дека не е среќен што доаѓа тука. Не ни беше јасно зошто, но подоцна ни стана појасно, откако и Љупчо ни даде "ишарет" дека станува збор за специфичен случај.

- Имав стан кај кино "Вардар", имав жена, деца.. и ме пикнаа во дом за бездомници - не можело да се пренесе станарско право од баба на внук и - ми го зедоа станот, ме испратија во болница во Бардовци, не ми кажаа зошто. Имам машина за правење пуканки, правам пуканки пред кино "Вардар", од тоа ќе живеам, само да се затопли времето - раскажа тој.

По кусата прозивка, му се придруживме на нашиот домаќин Љупчо и на неговиот колега, шеф на техничката екипа на прифатилиштето. Ни раскажа дека со денешната тура пристигнале 35 луѓе, главно поранешни жители на некогашните картонски колиби кај поштата на влезот во Ново Лисиче.

- Без гајле, се ќе ставиме! - Ќе дојдам со мајсториве... ќе ставиме и радијатор, да ги сместиме еднаш луѓево - го чувме главниот техничар, на аголот зад една од бараките, како се објаснува со еден од станарите дојден пред некој ден, со претходната група. Накусо поразговараме, разгледувајќи ги собите.

- Кој работи на овие температури - само ние и вие - се пошегува.

Додека мајсторите ги редеа креветите, ни раскажа дека во една барака се сместуваат по неколку фамилии - пет до седум, зависно од просторијата.

- Главно, се обидуваме да сместиме едно семејство во една соба. Во собите имавме послано теписони, но вчера, кога беа да ги видат, не им се допадна, навикнати се поинаку. Им даваме повеќе ќебиња, за да можат да се завиткаат, како што спиеле во колибите. Гледаме да им наместиме како што сакаат. Обично бараат по еден кревет за родителите, а на децата им прават постела на подот. Вчера беа собите компет наместени, со кревети на кат, но не сакаат - раскажува малку разочарано.

Тука некаде се појави и домаќинот, го познавме по гласот од зад нас. Помислувам - и нему не му е лесно:

- Ама да се намести, бе Љупчо, па, како така, богати?

- Важи... Абе, сега, кога ти давам збор, немај гајле. Толку време се знаеме..

- Молим те...

Накусо чувме дел од разговорот со новодојдените.

- Не ни е лесно - ни се пожали, и ним и нам:

- Како, бе, така, браќа сте, а не сакате заедно да живеете?

- Не, сакам Љупчо, брат, сакам со шурата. Не можам со брат ми, немирни му се децата, ги тепаат моите, кој ќе се расправа? - се пожали Сељадин, кој најде рамо за плачење кај стариот познајник од Центарот за социјални грижи.

Во меѓувреме, тркнавме до ресторанот, каде што се подготвуваше ручекот.

- Аирлија работа, што готвите за денеска? - го прашавме готвачот, кого го најдовме кај фиоката со кујнски алатки. Раскажа дека во казанот се готви грашок со месо, а со јадењето ќе се служи туршија и лути пиперчиња. Вели кујната нуди идеални услови за готвење, опремата е одлична, ја оставиле војниците од НАТО, кои до пред некоја година биле сметени во бараките. Храната, како што ни раскажа, се служи во ресторанот. Појадокот почнува во 8, од 12 до 13 е ручекот, вечерата е од 17 до 18.

- Сепак, имаме разбирање ако некој не сака да јаде во трпезаријата. Студено е, некои не сакаат да ги носат децата по студот надвор - им даваме храна во тенџериња, им даваме чинии и прибор за јадење, па јадат во собите. Има и стари луѓе, може да се слизнат на снегот - вели готвачот.

Додека разговарамве, дојде и домаќинот.

- Ај, направи по едно чајче, да ги стоплиме новинариве - му порача на шефот на кујната, а нас не покани да седнеме, покрај греалката. Ќе ти покажам една жена, вели, ја најдовме на автопат, не можеш да поверуваш како изгледаше - легната, полумртва. Ја зедовме, викнавме лекар, ја искапивме, и дадовме лекови - не верував дека ќе преживее. Сега да ја видиш, нема да ја познаеш. Добила руменило на образите, живнала, почнала да си ја негува косата. Кога ја најдовме не беше контактибилна, сега резонира, разговара- мислам Снежана се викаше, раскажува задоволен од резултатите.

Со оваа група вкупно во прифатилиштето има околу 150 луѓе. Законската обврска на социјалните работници е да ги згрижат шест месеци до една година. Во тој периот се работи на враќање на "чувството за дом и семејство", враќање на навиките за живеење во заедница, оние што немаат лични документи ги добиваат првите лични карти.

- Долго време работам со бездомниците, пет-шест години. Имам правено истражувања, работам со нив континуирано, ги евидентирам. Досега се обидував да им помогнам, но немав мегдан, немав вакво нешто - сега е поинаку, вели координаторот на Центарот, кажувајќи дел од идеите.

- Близу до бараките има државно земјиште. Планираме да го земеме под концесија и да направиме сопствена економија, работилници - да можеме да ги ангажираме луѓето. Така најлесно ќе се ресоцијалицираат. Има услови, може да се работи - земјоделство, пчеларство, може да се набават ситни машини, за производство на "спајалици".

Полека дојде времето за ручек. Додека луѓето се движеа кон ресторанот, ние тргнавме кон "ладата". Одеднаш пред нас се истави човекот што ни пристапи кога се симнуваа од автобусот.

- Не можам овде да седам. Ќе направите ли едно место да ме вратите во Скопје. Не сум јас за овде. Само, причекајте ме да јадам, веднаш ќе дојдам - не замоли, со истата разочараност од разговорот што го почнавме кога дојдовме.

Сместувањето е доброволно, нема да направиме грев, ако го вратиме, помислив. Додека јаде, ќе имаме можност и ресторанот да го фотографираме. Надвор, навистина беше најстудениот ден оваа зима.


Saturday, December 24, 2005

Живот со атомите

Работам на создавање материјали кои ја менуваат структурата под влијание на светлина, така што се многу перспективни за примена во идните ултрабрзи фотооптички мемории и прекинувачи во оптички кабли - раскажува штипјанецот Панче Наумов, истражувач на јапонскиот Национален институт за наука за материјата, кој важи за една од водечките научни институции во светот.

Со изучување на структурата на материјалите би можеле да научиме како да ги контролираме нивните физички својства, би можеле да најдеме начин својствата на материјалите да ги приспособуваме на нашите потреби.

Оваа идеја во последниве пет години е главната преокупација на доктор Панче Наумов, млад научник по потекло од Штип, кој живее во градот Цукуба, во Јапонија. Работи во јапонскиот Национален институт за наука за материјата, кој важи за една од водечките научни институции во светот, а за неговите постигнувања Кристалографската асоцијација на Јапонија неодамна му ја додели наградата за најдобра презентација, за достигнувања во областа на структурната хемија, за научници на возраст до 35 години.

- Наградата ми беше доделена на годишното собрание на асоцијацијата, што оваа година се одржа во Химеџи, познат по истоимениот замок, заштитен од УНЕСКО, и кој како еден од поранешните главни градови претставува многу важен дел од јапонската историја. На истата конференција награда за долгогодишни остварувања му беше доделена и на професорот Филип Копенс од САД, кој се смета за еден од сериозните кандидати за Нобеловата награда. Интересно е дека беше доделена на научник по потекло од Европа и покрај тоа што најголемиот број учесници беа од Јапонија - раскажува доктор Наумов.

По завршувањето на студиите на Природно-математичкиот факултет во Скопје работел како стручен соработник на Институтот за хемија. Дипломирал со просек 9,94 и бил прогласен за студент на генерацијата. Паралелно со работењето, се запишал и на пост-дипломски студии на Институтот за хемија, што за него било прилика да соработува со еминентни научници од петнаесетина земји од Европа и од Азија. Во 2000 година, на 25 години возраст, ја добива престижната стипендија за студии во Јапонија што ја доделува јапонското Министерство за наука и студиите ги продолжува на Институтот за технологија во Токио.

- Работев во лабораторијата на професорот Јуџи Охаши, еден од најеминентните светски кристалографи, актуелен претседател на Светската кристалографска унија. По препорака на професор Охаџи, се запишав директно на докторски студии, без вообичаената магистратура, кои ги завршив во 2004 година. Истовремено го изучував и јапонскиот јазик, што е неопходен предуслов за живеење и за научна комуникација во Јапонија. По докторирањето, бев одбран како еден од петнаесетте кандидати селектирани помеѓу околу 700 од целиот свет за новоформираниот Центар за млади научници при јапонскиот Национален институт за наука за материјалите.
За околу една година, во Центарот ја формирав лабораторијата за испитување на ултрабрзи феномени во цврста состојба. Тука имав можност да контактирам со многубројни еминентни колеги, светски научници од скоро целиот свет. Меѓу нив би ги издвоил сер Харолд Крото од Велика Британија - добитник на Нобеловата награда за хемија во 1996 година и професор Хајнрих Рорер од Швајцарија - добитник на Нобеловата награда за физика во 1996 година. Бев почестен кога во нивна чест одржав неколку специјални предавања - се сеќава.

Работи во повеќе научни области, кои што би можеле со еден термин да се означат како структурна хемија. Предмет на изучување на структурната хемија се молекулската и атомската структура на материјата, а методите што најчесто ги користи се примена на рентгенски зраци за изучување на структурата, во комбинација со интензивно ласерско зрачење.

- Рентгенските зраци ни овозможуваат практично директно да го „гледаме“ движењето на атомите и молекулите. Идејата во основата на оваа истражувачка проблематика е дека структурата е нераскинливо сврзана со својствата на материјата, што значи, преку изучување на структурата би можеле да научиме да ги контролираме физичките својства на материјалите. Тоа, пак, значи дека би можеле да најдеме начин за подобрување или контрола на својствата ан материјалите на начин на кој што ни одговара. Работам на материјали кои ја менувааат структурата под влијание на светлина, така што се многу перспективни за примена во идните ултрабрзи фотооптички мемории и прекинувачи во оптишки кабли - вели Наумов.

Најголемиот дел од времето го поминува во организирањето на работата и експериментирање во неговата лабораторија во јапоснкиот Национален институт. Живеејќи далеку од дома, вели дека понекогаш му е непријатно што медиумите не покажуваат голем интерес за достигнувањата на научниците по потекло од Македонија, како што известуваат за успесите на уметниците и музичарите. За воведувањето во научната работа особено им е благодарен на професор Глигор Јовановски, академик Бојан Шоптрајанов и на колегите од Институтот за хемија во Скопје.

- Научните истражувања се интересна и креативна работа, но, особено оние од нивото на светската наука, бараат од тој што работи големи жртви, во смисол на време, посветеност и упорност. За да се истрае во тоа неопходно е да се има поддршка од колегите и најблиските, а особено кога се живее во странство, во Јапонија, земја со многу различна култура од нашата. Овде би ја истакнал континуираната соработка со д-р Коста Балабанов, почесниот конзул на Јапонија во Македонија, кој, несомнено, е еден од најзаслужните за промоцијата на македонската култура во Јапонија, и обратно, на јапонската во Македонија - порачува македонскиот доктор од неговата лабораторија во земјата на изгрејсонцето.

Wednesday, December 14, 2005

ТАКСИ ПРИКАЗНА
Дојденец во маглив ден

Кај ме најде, кај ме запусти. Ова често пати знаеме да си го кажеме ние таксистите. Некогаш ќе качиш патник - ќе те изнасмее, ќе ти го разубави денот. Некогаш ќе влезе некој тивок, молчалив - ќе те далдиса во мисли. Некогаш возиш некои “батки” и - од старт знаеш дека си ја качил бељата во кола. Има уште неколку типови “типови”, но, овој не беше таков.

Да е бељаџија, не е. Да е намќор, не е. Ај, да не грешам душа, ќе речам - обичен човек во непознат простор.

Се качи кај сегашно “Блу кафе”, спроти “Чичко Стоилко”. Беше недела приквечер, една магла - на пет метри пред шофершајбна. Ми падна жал кога го видов - стегнал по студот во раце некоја тешка торба и полека-полека дојде до колата. Си велам, мора да е студент, со торбава, недела попладне. Влезе.

“Кај ќе одиме?”, го прашав. Рече “во Аеродром, зад зелените згради” и - тргнавме.

Возам, полека - одвај! Прва-втора. Трета не можеш да “убациш”, не се гледа. “Од кај си-што си” го прашав, рече бил од Кичево, студирал тука на Шумарски, бруцош. Праиме муабет така.. рече имал брат во Белград, се мислел дали да студира таму или во Скопје, немал пари.. решил да се запише во Скопје.

“Како се снаоѓаш во Скопје. Одиш негде, шеташ?”, го прашав.
Рече имал тетка во Влае, вујковци во Железара и во Радишани, неколку пати бил до кај нив и толку. За шетање во град уште немал друштво. “А и пари требааат”, се пожали.

Стигнавме до кај “Три бисери”, свртев лево на семафорот, накај салата МЗТ.

- Еве ги “зелените”. Да вртам сега десно? - го прашав.
- Чекај, да разгледам кај сме - одговори.

Ај го почекав.. Му кажувам “Лево е Мајчин дом, право ти е МЗТ. Онде десно е школото”. Не, не се снаоѓа. “Кажи ми адреса, да пробам да те однесам така”.
“Како беше, знам булевар Јане Сандански, ама бројот не ми текнува”, џабе, не знае.

“Што има блиску до зградата, продавница, паркче...?” - пробав да му помогнам.

“Градинката” - рече.

Тргнав кај градинката.

“Не, не е тука”, вели, “јас одам околу некако, од главната улица лево, ама во едно уличе...”.

Почна да ме фаќа “сафрата”. Се врткавме десетина минути.. Немаше “мобилни” тоа време, да се јави да праша негде.. Има ли ова, има ли она.. Ми идеше да го оста'ам, нека се снаоѓа, ама жал ми паѓаше некако, беше студено, не знам колку е далеку, што ќе пра'и со торбиштето. Едно време ми текна.. “Каде зад ,зелените', да не си кај трите кули!?”.

“Има три кули, кафеави - јас сум во средната”.

“Фала Богу”, си реков. Од една страна ми олесна, од друга - ми идеше да збеснам. Но, бидна, и нему не му е лесно. Дете, 18 години, сам во туѓ град, сред магла. Здравје, таква ни е работата.


Friday, November 11, 2005

Хитлер во бакалница


- Дај ми кило компири, еден леб, пакетче виршли, шест јајца и еден Хитлер.

- Повели, се заедно - 620 денари.

Ова беше разговорот меѓу еден скопјанец од населбата Јане Сандански и продавачот во локалниот колонијал, регистриран деновиве од новинарите на "Вечер".

Не е шега.

Од средата македонската читателска публика има прилика да го чита животното дело на нацистичкиот водач Адолф Хитлер "Мајн кампф", преведена на македонски јазик, со наслов "Мојата борба". Книгата е отпечатена на 529 страници, а тоа им го овозможи Издавачката куќа "Ѓурѓа" од Скопје.

Дури ни контроверзната "Мајн кампф" не беше ислучок од најновиот тренд на продажба на музика и книги во локалните бакалници.

Во некои од нив ќе ја видите во ќошето со бомбони, гуми за џвакање и чоколади, некаде на полиците со чипс, соленки и други "грицки".

Слично како во песните на американскиот поет Ален Гинзберг, кој шокирано извикува по прошетката низ супермаркетот - "А ти Гарсија Лорка / Што правеше долу кај лубениците".


Фото: Александар Ивановски

http://star.vecer.com.mk/tekst.asp?tid=19437

Monday, November 07, 2005

Дигитрон и "Вујаклија" за "Амоксиклав"


- Како е комшија, кај си тргнал?

- Еве, дететето фатило инфекција на горните респираторни патишта, синуситис ли, отитис, не знам - па тргнав до аптека да му купам перорална суспензија - амоксицилин во форма на трихидрат и калвуланска киселина во форма на клавуланат калиум. Се отепа од кашлање, а од чај со лимун и со мед, не му поминува, па, ај, и велам на жена ми, да му земеме суспензија, има широк спектар на бактерицидно дејство, белким ќе помогне.

Вака би изгледал разговорот меѓу двајца соседи, ако го прифатиме јазикот на упатствата за употреба на лековите како нешто што треба да се знае "од општа култура".

Но, "општата култура", според она што е напишано во нив, не подразбира само добро познавање на јазикот на медицината и хемијата, туку и добро математичко образование. За да ја утврди вистинската доза, најпрвин треба да се потсети на лекциите за дропки и равенки, па да земе вага, лексикон "Вујаклија", ливче хартија, пенкало или молив и дигитрон.

Ако успеете да пресмета, нека го подготви лажичето. Ако не, изборот му е да оди на лекар или, да му даде "од ѓутуре", но, на негова одговорност. За пари лекот сегде може да се најде, но упатството вели "се издава само со лекарски рецепт".

Wednesday, August 24, 2005

ТАКСИ ПРИКАЗНА
Светот е мал, а сметките се порамнуваат

Светот е мал. Не знаеш со кого ќе се најдеш каде што најмалку очекуваш. Пријатели од летување, другари од војска, симпатија од “основно”, другарче на твоето дете од кое времето направило мажиште. Тоа е убавата страна на “таксирањето”, покрај сите непријатности што ги носи професијата.

Чекав патници кај општината во Карпош. Бош ден - врне, грми - тек-тук по некој човек - недела попладне. Од карши по улицата гледам доаѓа еден полека-полека, како сред лето под некоја сенка. Дојде на станицата.

“До Влае”, рече, “па ќе одиме во Ѓорче” - сиот искиснат, со засипнат глас. Тргнавме и, отпрвин беше тивок, ништо не зборуваше. Беше двојно постар од мене, околу 45-50 години, барем така изгледаше, онака накиснат. “Каде вака?” - го прашав.

“Остај”, рече со рапавиот глас, “решив да одам по другари, преку глава ми стана од работа, од телевизорот, па - пиво кај овој, пиво кај оној, сега ќе одам дома до Влае да се пресоблечам, па ќе одам кај еден стар пријател во Ѓорче, живее сам и во секое време во фрижидерот има оладено пиво”. “А, ти - како оди работа” - ме праша.

“Денеска имате среќа. Колегите заминаа, а мене ми е прв ден ,таксирање'. Вие сте ми вториот патник. Решив да останам на станицата, знаев дека нешто ,ќе капне'.”, му одговорив и, гледајќи го во ретровизорот, ми се причини дека од некаде го познавам. “Одамна сте во Влае? Јас живеев таму, на Петар Илич Чајковски”, не издржав да не го прашам.

“А, ти ли си”, извика, “како ти беше името - ваму на ќошето, кај сината ,пезетка' - Мики или Јован”.

“Иван”, одговорив, “брат ми е Мики”.

“Аа - тогаш ќе возиш со попуст - ќе ти наплатам стари долгови”, вели. “Знаеш ли кој сум јас? ,Осмолетка' учеше во “Јосип Броз”, руска паралелка?”

“Чекај”, реков, “ти си Мирко, синот на наставничката по руски?”

“Аха”, кимна со главата.

“Знам што ти должам, ти останав должен два сладоледа кога се преселив во Аеродром. Сум ќарил четворка со тестовите што ги продаваше низ маало, се утепав од препишување.”

Долго време откако се преселив ми се враќаше мислата дека останав должен за “четворката”. Ми фалеше уште една оценка за да поминам “многу добар”. Знаев дека кога тогаш, ќе морам да платам.

“Слушај”, реков “ за сладолед си пораснал, за пиво - ќе пиеш кај другарот. Ќе те возам без пари, така да ти платам. Бива?”

“Бива” рече расположено, “ќе имам пари за уште по две пива со другарот”.

Ете, светот е мал, а сметките се порамнуваат. Помалку пари за прв ден “таксирање”, ама сега сум поспокоен. Возам дванаесет години, заработувам пристојно. А, “четворката” и средбата цел живот ќе ги памтам.

Monday, August 22, 2005

ВЕЧЕР СПЕЦ
Докажете дека Самуил бил Македонец - давам 100.000 лева!

Директорот на Националниот историски музеј во Софија Божидар Димитров во неколку наврати јавно ги повикува македонските историчари да му докажат дека Цар Самуил бил Македонец. Понудата ја упатува пред бугарската телевизиска публика, а за доказите нуди награда од 100 илјади лева. Повикот до македонските колеги, Димитров неколку пати го повторува во неговата емисија за историја, “Памет б'лгарска”, која се емитува на националната телевизија Канал 1. Неговите тези се дека со посредство на македонските тајни служби подолго време се крие надгробен камен во кој е исклесано “Самуил самодржец б'лгарски”, кој, според него, јасно кажува што бил средновековниот владетел.

Божидар Димитров е популарен историчар во Бугарија, кој го проучувал периодот на Студената војна низ архивите на Ватикан. Потекнува од бугарско семејство, по потекло од источна Тракија. Специјализирал палеографија во Париз.

Thursday, June 16, 2005

ВЕЧЕР СПЕЦ
Има ли кирилица во Рамстор

Сте виделе ли натпис напишан на кирилица низ коридорите во трговскиот центар Рамстор? Доволна ви се само една прошетка крај блескавите излози и мала концентрација за да забележите од каде потекнува чувството дека се наоѓате во некоја друга земја. На секој чекор “ве демнат” латинични натписи со имињата на престижните производители на облека, чевли, козметика, техничка стока и храна.

Образ обелува хипермаркетот, во кој гондолите со прозизводите се означени со натписи на македонски јазик и кирилично писмо. За оние што на денот на отворањето не успеаа да се истуркаат до таму, единствен пример за почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик беа учениците од основното училиште Кочо Рацин, кои на својот штанд со ракотворби и оригами напишале “О.У Кочо Рацин - Скопје”.

Sunday, May 15, 2005

ГУРМАН
Бистро “Повеќе љубов” - Скопје
Мени за луѓе со пријателски однос кон храната

Васко Марковски

“Бетонскиот изглед” на блокот згради “Порта буњаковец” не ветува дека во нив може да се вдоми простор исполнет со ведрина и складни бои. Но, оние што веќе биле во бистрото “Повеќе љубов” сигурно го почувствувале можното во невозможното - топлината на портокаловото, свежината на зеленото и сончевината на жолтото, сместеи во утробата на бетонот. Хармоничните бои на ѕидовите се дополнети со пријатни детали инспирирани од природата: нанижани суви пиперки и стар лук, разни зеленчуци насликани на “даски за сецкање” и огромен тапет со црвени пиперки.


Бистрото е конципирано како кафуле во кое се служи храна и е просторно надоврзување на кафулето “Љубов”, кое се наоѓа “веднаш зад ѕидот”. Работи два месеца и нуди здрава храна, исклучиво од свежи зеленчуци, направена по италјански и израелски рецепти. Атмосферата е опуштена, без ресторанска строгост.
Седнувате и ве обзема мирис на вкусни сосови и на зеленчук приготвен со “нежни” кулинарски методи. Додека ги ловите првите тактови на лесната електронска музика, ви приоѓа љубезен персонал, кој пред секого од вас го постила необично дизајнираното мени, што подоцна ќе послужи како подлога за чиниите, приборот и чашите.
Ако сакате комплетно мени почнете со некое предјадење - маслинки, маринирано сирење, пиперка, кулен, говедска пршута или леб со намаз, или земете некоја супа - секој ден се приготвува различна - од грашок, домати, леќа, мешан зеленчук, пилешка или телешка. Ако не сте многу гладни, директно преминете на сендвичите. Посебна гордост на домаќините е сендвичот со пршута, сирење моцарела, зелена салата, домати, кромид и тиквички.
За главно јадење одберете нешто од неколкуте јадења од тестенини, или пробајте некаков специјалитет. Тестенините се базирани на фетучини, италијански долгнавести јувки: фетучини со пилешко месо, шампињони и павлака, фетучини со тиквички, маслинки и пиперки, фетучини со лосос, сушени домати и павлака, фетучини со пршута, спанаќ и павлака и фетучини “Песто”, со чери томато и павлака, во сос од свеж босилек и вински оцет. Особено вкуснен специјалитет е мешан зеленчук на соја сос, а не пропуштајте да пробате и сино сирење ­- сино сирење, зелена салата, домати, крушки, јаболки и ореви, пиле филе - пилешко месо со селена салата, домати, шампињони и сенф, или, најбараното - Њу Орлеанс филе - пилешко месо со лути црвени пиперки, свежи црвени пиперки, зелена салата, домати, модар патлиџан и бел сос “Виниград”.
Сосот “Виниград” е, всушност, она што ќе направи јадењата на “Повеќе љубов” долго да ги паметите. Познавам еден гурман кому специјално му подготвуваат шише сос “Виниград”, за да може да им додава на јадењата што си ги готви дома.
Адреса: булевар Партизански одреди 17, Порта Буњаковец - Скопје
Работно време: секој ден, од 11.00 до 24.00 ч.
Резервации: телефон 02 / 31 32 702.
Начин на плаќање: во готово, граѓански чекови.
Пристап за луѓе во количка: една скала за пристап, една рамнина.