
Облачно пладне, штотуку застанавме на сретсело во кумановско Режановце. Звукот на автомобилот в час го заменија мрзеливото џивкање на две-три врапчиња, довикување на две-три комшиски кучиња, и горделивото квачење на квачките. Додека седиме под ѕитчето на селската чешма, единствената сенка за на раат да се изеде симитпогачата со јогурт, тек-тук минува по некој трактор, влечејќи приколка со балирана слама. Забележувајќи нови лица, девојче, нерешително минува со топка в раце, одејќи кон сенката на комшиската куќа.
Пристигнуваме пред црквата „Свети Јован Опсечен“, надалеку прочуена по лековитите води и исцелителските молитви на
батко Злате, дворот со илјадници цвеќиња и со богатиот етно -музеј, создаден од него и од посетителите.

Ова сигурно ќе потрае, помисливме со фоторепортерот, кога забележавме друга новинарска екипа, која стигнала пред нас и веќе на големо разговара со домаќинот. Времето го искористивме да влеземе во храмот и да запалиме свеќи. Црквата, како што разбравме подоцна, била изградена во периодот од 1941 до 1956 година, на стари темели, од римскиот период. Фреските изгледаа свежо живописани, а од записите под секоја од нив разбравме дека се дар од верници од Кумановско, Кривопаланечко, Струмичко, и од Прилепско. Меѓу светителите доминираат оние чии житија говорат дека имале силна вера и исцелителски способности - Свети Кузман и Дамјан, Свети Пантелејмон, Свети Климент и Наум Охридски.

- Повелете, посетете го музејот, додека да завршиме ние работа - ни порача домаќинот.
Го послушавме. Уште пред да тргнеме од Скопје, чувме многу за грижливо собираната збирка на народни носии, предмети од домаќинството и разноразни стари ситнурии, кои додека се меткаат низ фиоките личат неважни и ни пречат, но кој би рекол дека можат толку достоинствено да изгледаат кога ќе станат дел од една богата ризница.
Првото што ве плени, кога ќе влезете таму, е трудот што е вложен сето тоа да се собере, да се изгланца и да се изложи, но не без ред, туку во строго осмислен ред.
Ѕидовите се покриени со народни носии, наредени една до друга, дел од вкупно 600 носии, или „600 носии на оро“, како што подоцна ни објасни домаќинот.

Ги има од сите краишта на Македонија - гостиварски, тетовски, паланечки, влашки од Кочанско, струшки од Јабланица... Сте помислиле ли некогаш како изгледа носијата на бабите од Демирхисарско, знаете ли каква е носијата на жените од Македонска Каменица - збирката на
Златко Давитковски е вистинското место да научите.
Пред нив, наредени на масички, илјадници други експонати - ќилимчиња, ткаени торби, дрвени кујнски алатки, стари часовници, метални пазарџиски ваги, котли и ѓумови, бакарни тави, стари народни инструменти, садови за вода и за ракија, матарки, стари пари, стари пегли и машини за шиење... не може се да се наброи.

Конечно, дојде и нашиот момент. Додека далдисано ја разгледувавме книгата на впечатоци, од надвор го чувме поздравувањето. Колегите заминаа, дојде нашиот ред да седнеме под вишновото дрво, на кафе и муабет, накусо, колку што ни остана од времето.
- Црква се вика „Свети Јован Опсечен“, посветена е на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител. Го слави 11 септември, денот кога била отсечена главата на Свети Јован, а летна слава е Павловден, кога е ставен темелот на сегашниот храм - ни раскажа нашиот домаќин, откако се договоривме кој какво кафе пие.

Неговиот пат до Режановце почнал пред околу 35 години. Родум е од село Дренак, Кривопаланечко, а во Режановце дошол, како што вели, по Божја промисла.
- Бев млад, на 25 години. Живеев во Дренак и штотуку отслужив војска, 18 месеци во Осиек. Накусо поработев во Паланка и решив да заминам за Чехословачка, на печалба. Но, не било така пишано. Извадив пасош, но три дена пред да тргнам паднав во десетчасовна агонија, постојано извикувајќи „Исус, Исус“ - раскажува.

Слична агонија го повторила и следните денови, кога побарал помош од гатач во Младо Нагоричане. Тогаш, како што ни раскажа, имал видение. Му се јавила Богородица и му кажала дека не му е пишано да оди на печалба, туку дека е предодреден животот да го посвети на Бога. Тогаш му се јавил и Свети Јован, кој му порачал да оди во село Режановце, кај Куманово, и да ги побара
Петре и
Олга Спасовски. Оттогаш, неговиот живот е врзан за овој храм, а гласот на светителите му порачал дома да оди само два дена во два месеца.

- И, ете, оттогаш сум тука. Дворов што го гледате, не беше поплочен како сега, низ него шетаа свињи и магариња, но, со Божја помош се се направи - вели Златко покажувајќи кон жолто-црвениот плочник, со цветни дезени.
Селото и храмот набргу станале прочуени по неговата посветеност и по исцелителската моќ, за која сведочат многу луѓе, во книгата на посетители, на македонски, бугарски, српски и на англиски. Жителите на Режановце му ја изразиле благодарноста и со две спомен плочи, едната на влезот на кладенците, другата на ѕидот пред трпезаријата.

- Сега се подготвуваме за Павловден, на 13 јули, сега в четврток. Секоја година е врвулица од луѓе. Има општо-народна веселба, го посетуваат музејот, даваат дарови, а редовен гостин е и
владиката Кирил. Годинава нема да биде, ќе биде на хиротонисувањето на
епископ Иларион, игуманот на Лесновскиот манастир - вели Златко.
Го прашавме како почнал да го создава музејот.
- Се почна со подарокот од мојата сестра, која ми ја подари невестинската носија на нашата покојна мајка. Бев воодушевен од носијата, а за мојата радост кажав на многу луѓе што доаѓаа. Полека, полека самите почнаа да ми носат носии на подарок. Некои зашто знаат колку им се радувам, некои како благодарност што сум им помогнал да се излекуваат или да најдат спокојство и духовен мир - ни раскажа.

Полека дојде времето да заминеме. На испраќање ни раскажа дека му е желба на местото на сегашната трпезарија да се изгради нов објект, кој ќе ги прибере сите експонати од ризницата. Со помош на државните институции би сакал збирката да се заштити, да се проучи и да се изложи според музејските прописи. Вели дека е многу разочаран што и покрај многуте ветувања и од институции и од поединци ништо не било направено. Инсистира да ја објавиме неговата благодарност до
доктор Предраг од кумановската болница, кој му помага барем еднаш во годината просториите да се испрскаат со инсектицид, за да не ги изедат молци носиите. Збирката на етномузејот ја истражувале и е дел од научните трудови на фолклористите
доктор Марко Китески и
магистер Јасминка Писковска Пиличкова, а секојдневни гости се новинарите.

Се поздравивме и заминавме.
Веднаш под црквата, од десната страна на патот се трите кладенци, од кои, според верувањата на луѓето, извираат лековити води. Секој кладенец има свои заштитници - Свети Јован Крстител, Свети Кузман и Дамјан, и Светите апостоли Петар и Павле. Слеговме до нив, да се измиеме за добар пат.
Грмежите и темните облаци најавија невреме. Нема да е најзгодно за патување, но добро ќе ги полее цвеќињата на Златко. Ги има илјадници, насекаде по дворот, во кој некогаш шетале свињи и магариња.
ТРИ ЛЕКОВИТИ ВОДИ
No comments:
Post a Comment