- Дај ми кило компири, еден леб, пакетче виршли, шест јајца и еден Хитлер.- Повели, се заедно - 620 денари.
Ова беше разговорот меѓу еден скопјанец од населбата Јане Сандански и продавачот во локалниот колонијал, регистриран деновиве од новинарите на "Вечер".
Не е шега.
Од средата македонската читателска публика има прилика да го чита животното дело на нацистичкиот водач Адолф Хитлер "Мајн кампф", преведена на македонски јазик, со наслов "Мојата борба". Книгата е отпечатена на 529 страници, а тоа им го овозможи Издавачката куќа "Ѓурѓа" од Скопје.
Дури ни контроверзната "Мајн кампф" не беше ислучок од најновиот тренд на продажба на музика и книги во локалните бакалници.
Во некои од нив ќе ја видите во ќошето со бомбони, гуми за џвакање и чоколади, некаде на полиците со чипс, соленки и други "грицки".
Слично како во песните на американскиот поет Ален Гинзберг, кој шокирано извикува по прошетката низ супермаркетот - "А ти Гарсија Лорка / Што правеше долу кај лубениците".
Фото: Александар Ивановски
