Васко МАРКОВСКИ
Оваа колумна требаше да излезе во мајското издание на еден месечник, но работите малку се искомплицираа, па остана необјавена. Со мало задоцнување, решив да ја објавам овде. Бидејќи требаше да биде објавена во изданието за мај 2007, решив во неа да се позанимавам со настани од историјата што се случиле во месецот мај.И, како поинаку да почне приказната за мај, ако не со Први мај.
Би можел тука да почнам кажувајќи го мојот став дали сум „за“ или „против“ новиот начин на славање на Денот на трудот и дали кукам што годинава ќе го нема традиционалниот пикник на 2 мај. Но, мислам дека е поубаво тука да си спомнеме на штрајкот на 40.000 работници од Чикаго, кои треба да не’ охрабрат да му покажеме заби на секој што ќе науми да ни го зголеми работниот ден на повеќе од 8 часа работа. Како мотив повеќе за нашата реакција на секој таков обид, да ве потсетам на Смилевскиот конгрес на ТМРО, кој на 2 мај решава Македонците да дигнат востание за ослободување од Османлиите, но како тоа ќе го напишев, ако владата на Федеративна Народна Македонија на 3 мај 1945 година не решеше македонската азбука да има 31 буква, како што предложила Комисијата за јазик и правопис на тогашното Министерството за просвета.
Пред да кажам дека на 4 мај 1903 година загина Гоце Делчев, а на истиот ден во 1980 во болницата во Љубљана умре Јосип Броз - Тито, би сакал да ве прашам дали имате идеја со кои букви ги напишале новинарите на „Нова Македонија“ 103-те изданија на весникот, пред да и’ ја промовираат на јавноста азбуката со 31 буква!?
Но, да оставиме тоа да го кажете во коментарите на овој пост, а во меѓувреме, кога веќе спомнавме умирачка, „да си приспомниме“, како што велат во рубриката „Од православниот календар“ на Македонско радио, за кого се’ се спремала блага пченица во месецот мај.
Да си приспомеме на Наполеон, францускиот император чие име го знаеме не само поради тоа што наумил да го освои светот, но испаднал жив зијан кога се полакомел да ја освои Русија, туку и по врвниот коњак што сме имале финансиска моќ да го пиеме.
Да не ги заборавиме и Марлен Дитрих, која сигурно сте ја гледале во стари црно-бели филмови, или иноваторот Михајло Пупин, без чии изуми тешко дека ќе можевте да свртите телефон во Америка, башка што за него се зборува дека е по потекло од Вевчани и му бил роднина на Евто Пупиноски.
Да не заборавиме дека на 17-ти мај 1395 година, во Крајова, Романија, загинал Крали Марко, во битка против влашкиот војвода Јован Мирче и, ако сакаме да се пофалиме дека сме културно пообразовани, никако не смееме да го заборавиме Пјер Огистен Карон де Бомарше, по чии текстови Росини и Моцарт ги напишале оперите Севилскиот бербер и Свадбата на Фигаро.
Тука доаѓаме до пченицата за Жаклина Кенеди Оназис, вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди, кого го убија во 1963 во Тексас, која пет години подоцна се омажи за грчкиот тајкун Аристотел Оназис. Не смееме да ја заборавиме, барем поради тоа што по неа многу девојчиња од Македонија родени во шеесеттите биле крстени Жаклина. Нешто слабо стоиме со имињата Барбара, Хилари и Лора, но што би правеле ние без Шутка, ако не ни обелеше образ па барем крсти деца Оназис?
Секако, не би било фер кон православните верници да не спомнеме дека на 20 мај 1981 година се упокои г.г. Доситеј, првиот архиепископ на МПЦ по обновувањето на автокефалноста, или кон љубителите на науките и уметностите ако ги оставиме без помен Виктор Иго, Никола Коперник, Николо Паганини, Рубенс, Волтер, Тинторето или Франц Јозеф Хајдн.
Бројот на умрените, се разбира, ќе беше уште поголем, ако на 8 мај 1921 година Шведска не решеше да ја укине смртната казна, ако Роберт Кох не соопштеше на 26 мај 1882 дека го открил бацилот што предизвикува туберкулоза, ако Александар Флеминг не го откриеше пеницилинот на 24 мај 1928, ако на 9 мај 1945 не капитулира нацистичка Германија, или помал, ако германски авиони не го бомбардира Париз на 22 мај 1918 или ако не паднеше ДЦ 10 на аеродромот во Чикаго на 25 мај 1979 година.
Но, да си приспомнеме и во чија се’ чест жените од поблиското семејство ставиле престилки околу скутовите и се впрегнале да прават мекици потпевнувајќи.
На 6 мај, прв меѓу славните претставници од втората и третата декада на зодијачкиот знак бик, се родил Сигмунд Фројд, неуморниот борец кој наумил да ни ги реши проблемите со психата. Веднаш по него, на 7 мај, е Чајковски - Петар, син му на Илија.
- Саглам дете, што композитор испадна! Велат тој и уште неколкумина ги напишале најдобрите симфонии од 19 век. Сигурно си слушал нешто од Лебедово езеро, тоа балетот, цајкани што одат со купаќи у театар. Башка, каква коинциденција - на денот кога е роден Чајковски во Македонија е ден на цајканите - би прокоментирал некој поупатен комшија што си набавил на црно временска машина.
Шегата настрана. На истиот ден се родил Тагоре. Ај што го напишал „Градинарот“ - го напишал, ама не сум знаел дека напишал и „публицистички труд“ „Национализам“ и дека во 1913 добил Нобелова награда за литература. Кој ли ќе го напишеше првиот македонски балет, ако на 8 мај 1914 не се родеше Глигор Смокварски, или, се прашувам, каква ќе беше денес Словенија, ако на 10 мај 1876 не се родеше Иван Цанкар, кој мака измачил да се избори против лицемерието и неправдите на малограѓанштината? Какви ќе беа дострелите на уметноста и какви бркови ќе се носеа денес ако на 11 мај 1904 не се родеше Салвадор Дали? Не заборавајте дека на 12 мај 1932 година во Прилеп се роди големиот артист Дарко Дамески, башка што му е татко на Мони Дамевски, таткото на скиентологијата во Македонија.
Има уште многу имиња да се спомнат како славни бикови од втората и третата и близнаци од првата декада, но ќе го спомнам уште само Роберт Овен, занесењак кој мислел дека може да ги победи приватната сопственост, религијата и буржоаскиот брак преку експерименти и просветување - еден најпознатите социјалисти-утописти, ако не го броиме Круме од култниот скопски таен бенд „Коњи на поило“.
Се надевам нема да ми замерат, ако некогаш се видиме, Пјер Кири, Бертранд Расел, Хо Ши Мин или Михаил Шолохов, автор на најголемата и најстраотната книга што сум ја видел и која, се разбира, немам намера да ја читам во овој живот, колку и да е ремек-дело, како што ја нарекува мојот извор на информацијата дека се родил на 24 мај 1905 година. Нека ми простат и Стале Попов, Стефан Гајдов, Исидора Данкан (жена му на Есенин), дедо Иљо Малешевски, Петар Велики и Јане Сандански.
И за крај, да кажам една работа поради која го мразам мај. Сте слушале ли стихови од деца од основно училиште, на кои некој редовно им втубува во главите дека најлесно е да напишеш песна ако римуваш „мај“ со „рај“. Во тој стил и јас да кажам - кога нема да е така, нема да ни биде вака.
Но, има и примери за почит, како брилијантните стихови на мојот соученик Ванчо Стрезовски - Вантеле: „Удрете на тираните / да се селат селаните / да угрее сонце / да ни никне жито / да се роди Тито. / Тито е цвеќе / Тито е рај / зашто се родил во мај.“












