Васко МАРКОВСКИ
Веројатно не сум единствениот, почитувани, кој значајните моменти од животот ги памети со фотографска меморија, преку сликите што му останале врежани во меморијата, за тоа како, со кого, каде и во каков амбиент сме поминале некои денови од животот.Еден таков момент за мене е Велигден, ден кога оние што веруваат се преиспитуваат себеси - што направиле и како се однесувале меѓу двете презнувања, дали некого повредиле, дали успеале да поправат некои свои слабости, дали станале почовечни од порано и каде ќе ја водат својата личност во годината што е пред нив. Богослужбата на Велика сабота за многумина од нас е вистинскиот момент за да се ставиме себеси пред еден таков тест, кога на помош ги имаме зборовите од Евангелието и свечените песни.
Но, сето тоа би било идеално, кога би имале мир и тишина за да ги следиме и ако вниманието не ни го одземаат мирисот од распламтените скари околу храмовите, кикотењата на поднапиените девојчиња со лименки пиво во рацете, вицовите за непримерни попови што си ги кажуваат поднапиените соседи додека си го подаваат шишето со жолта лозова.
Пред очите ми доаѓаат разни слики за тоа каде сум бил на богослужба пред Велигден, но секогаш меѓу првите ми се појавува пространството меѓу „Порта Буњаковец“ и „прва партизанска“, затворено за сообраќај, со погледот свртен и со ушите начулени кон Соборната црква „Свети Климент“, гледајќи со начулени уши над главите на морето заџагорени, рашетани и запиени скопјани. И втората слика е од истиот простор, неколку часа подоцна, кога уличните чистачи се обидуваат да го расчистат брдото од лименки, шишиња, хартии и лушпи од велигденски јајца.
Сепак, имам и добри спомени, како богослужбата во манастирот „Света Богородица“ во Калишта кај Струга, каде што вистински можете да ја почувствувате и хоризонталната и вертикалната димензија на крстот, кога ги чуствувате блиски и небото и луѓето околу вас.
Но, да не ме разбере некој дека сум лицемерен, па ги осудувам луѓето на ден-два пред денот кога сите треба да си простиме. Како би знаел јас за сето тоа, ако и самиот некогаш не сум ги правел истите работи, како сликата кога враќајќи се од „Свети Димитрија“, со шише коњак „Цезар“, им се навртевме со другарите на излозите на стоковната куќа „Меркур-импорт“, испишувајќи ги со восокот од свеќите имињата нашите музички идоли. Можам ли да го заборавам чекањето со саати за хамбургери пред „Седмица“, за да имаме подлога за шишињата вино во дворот на „Песталоци“ за нова доза пиење со другарите и со нашите девојки.
Но, така се расте. Сепак, ве замолувам да ги оставиме на мир тие што сакаат достоинствено да го прослават празникот. Се надевам дека ќе се воздржите од шишињата и скарите до следниот ден.
Кешке да е така!
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=243&ArticleID=11289
No comments:
Post a Comment