Friday, May 18, 2007

Мај

Нешто слабо стоиме со имињата Барбара, Хилари и Лора, но што би правеле ние без Шутка, ако не ни обелеше образ па да крсти деца Оназис?

Васко МАРКОВСКИ

Оваа колумна требаше да излезе во мајското издание на еден месечник, но работите малку се искомплицираа, па остана необјавена. Со мало задоцнување, решив да ја објавам овде. Бидејќи требаше да биде објавена во изданието за мај 2007, решив во неа да се позанимавам со настани од историјата што се случиле во месецот мај.

И, како поинаку да почне приказната за мај, ако не со Први мај.

Би можел тука да почнам кажувајќи го мојот став дали сум „за“ или „против“ новиот начин на славање на Денот на трудот и дали кукам што годинава ќе го нема традиционалниот пикник на 2 мај. Но, мислам дека е поубаво тука да си спомнеме на штрајкот на 40.000 работници од Чикаго, кои треба да не’ охрабрат да му покажеме заби на секој што ќе науми да ни го зголеми работниот ден на повеќе од 8 часа работа. Како мотив повеќе за нашата реакција на секој таков обид, да ве потсетам на Смилевскиот конгрес на ТМРО, кој на 2 мај решава Македонците да дигнат востание за ослободување од Османлиите, но како тоа ќе го напишев, ако владата на Федеративна Народна Македонија на 3 мај 1945 година не решеше македонската азбука да има 31 буква, како што предложила Комисијата за јазик и правопис на тогашното Министерството за просвета.

Пред да кажам дека на 4 мај 1903 година загина Гоце Делчев, а на истиот ден во 1980 во болницата во Љубљана умре Јосип Броз - Тито, би сакал да ве прашам дали имате идеја со кои букви ги напишале новинарите на „Нова Македонија“ 103-те изданија на весникот, пред да и’ ја промовираат на јавноста азбуката со 31 буква!?

Но, да оставиме тоа да го кажете во коментарите на овој пост, а во меѓувреме, кога веќе спомнавме умирачка, „да си приспомниме“, како што велат во рубриката „Од православниот календар“ на Македонско радио, за кого се’ се спремала блага пченица во месецот мај.

Да си приспомеме на Наполеон, францускиот император чие име го знаеме не само поради тоа што наумил да го освои светот, но испаднал жив зијан кога се полакомел да ја освои Русија, туку и по врвниот коњак што сме имале финансиска моќ да го пиеме.

Да не ги заборавиме и Марлен Дитрих, која сигурно сте ја гледале во стари црно-бели филмови, или иноваторот Михајло Пупин, без чии изуми тешко дека ќе можевте да свртите телефон во Америка, башка што за него се зборува дека е по потекло од Вевчани и му бил роднина на Евто Пупиноски.

Да не заборавиме дека на 17-ти мај 1395 година, во Крајова, Романија, загинал Крали Марко, во битка против влашкиот војвода Јован Мирче и, ако сакаме да се пофалиме дека сме културно пообразовани, никако не смееме да го заборавиме Пјер Огистен Карон де Бомарше, по чии текстови Росини и Моцарт ги напишале оперите Севилскиот бербер и Свадбата на Фигаро.

Тука доаѓаме до пченицата за Жаклина Кенеди Оназис, вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди, кого го убија во 1963 во Тексас, која пет години подоцна се омажи за грчкиот тајкун Аристотел Оназис. Не смееме да ја заборавиме, барем поради тоа што по неа многу девојчиња од Македонија родени во шеесеттите биле крстени Жаклина. Нешто слабо стоиме со имињата Барбара, Хилари и Лора, но што би правеле ние без Шутка, ако не ни обелеше образ па барем крсти деца Оназис?

Секако, не би било фер кон православните верници да не спомнеме дека на 20 мај 1981 година се упокои г.г. Доситеј, првиот архиепископ на МПЦ по обновувањето на автокефалноста, или кон љубителите на науките и уметностите ако ги оставиме без помен Виктор Иго, Никола Коперник, Николо Паганини, Рубенс, Волтер, Тинторето или Франц Јозеф Хајдн.

Бројот на умрените, се разбира, ќе беше уште поголем, ако на 8 мај 1921 година Шведска не решеше да ја укине смртната казна, ако Роберт Кох не соопштеше на 26 мај 1882 дека го открил бацилот што предизвикува туберкулоза, ако Александар Флеминг не го откриеше пеницилинот на 24 мај 1928, ако на 9 мај 1945 не капитулира нацистичка Германија, или помал, ако германски авиони не го бомбардира Париз на 22 мај 1918 или ако не паднеше ДЦ 10 на аеродромот во Чикаго на 25 мај 1979 година.

Но, да си приспомнеме и во чија се’ чест жените од поблиското семејство ставиле престилки околу скутовите и се впрегнале да прават мекици потпевнувајќи.

На 6 мај, прв меѓу славните претставници од втората и третата декада на зодијачкиот знак бик, се родил Сигмунд Фројд, неуморниот борец кој наумил да ни ги реши проблемите со психата. Веднаш по него, на 7 мај, е Чајковски - Петар, син му на Илија.

- Саглам дете, што композитор испадна! Велат тој и уште неколкумина ги напишале најдобрите симфонии од 19 век. Сигурно си слушал нешто од Лебедово езеро, тоа балетот, цајкани што одат со купаќи у театар. Башка, каква коинциденција - на денот кога е роден Чајковски во Македонија е ден на цајканите - би прокоментирал некој поупатен комшија што си набавил на црно временска машина.

Шегата настрана. На истиот ден се родил Тагоре. Ај што го напишал „Градинарот“ - го напишал, ама не сум знаел дека напишал и „публицистички труд“ „Национализам“ и дека во 1913 добил Нобелова награда за литература. Кој ли ќе го напишеше првиот македонски балет, ако на 8 мај 1914 не се родеше Глигор Смокварски, или, се прашувам, каква ќе беше денес Словенија, ако на 10 мај 1876 не се родеше Иван Цанкар, кој мака измачил да се избори против лицемерието и неправдите на малограѓанштината? Какви ќе беа дострелите на уметноста и какви бркови ќе се носеа денес ако на 11 мај 1904 не се родеше Салвадор Дали? Не заборавајте дека на 12 мај 1932 година во Прилеп се роди големиот артист Дарко Дамески, башка што му е татко на Мони Дамевски, таткото на скиентологијата во Македонија.

Има уште многу имиња да се спомнат како славни бикови од втората и третата и близнаци од првата декада, но ќе го спомнам уште само Роберт Овен, занесењак кој мислел дека може да ги победи приватната сопственост, религијата и буржоаскиот брак преку експерименти и просветување - еден најпознатите социјалисти-утописти, ако не го броиме Круме од култниот скопски таен бенд „Коњи на поило“.

Се надевам нема да ми замерат, ако некогаш се видиме, Пјер Кири, Бертранд Расел, Хо Ши Мин или Михаил Шолохов, автор на најголемата и најстраотната книга што сум ја видел и која, се разбира, немам намера да ја читам во овој живот, колку и да е ремек-дело, како што ја нарекува мојот извор на информацијата дека се родил на 24 мај 1905 година. Нека ми простат и Стале Попов, Стефан Гајдов, Исидора Данкан (жена му на Есенин), дедо Иљо Малешевски, Петар Велики и Јане Сандански.

И за крај, да кажам една работа поради која го мразам мај. Сте слушале ли стихови од деца од основно училиште, на кои некој редовно им втубува во главите дека најлесно е да напишеш песна ако римуваш „мај“ со „рај“. Во тој стил и јас да кажам - кога нема да е така, нема да ни биде вака.

Но, има и примери за почит, како брилијантните стихови на мојот соученик Ванчо Стрезовски - Вантеле: „Удрете на тираните / да се селат селаните / да угрее сонце / да ни никне жито / да се роди Тито. / Тито е цвеќе / Тито е рај / зашто се родил во мај.“

Thursday, May 17, 2007

Саботна треска сред село

Можеби не знаете каде се наоѓа Кадино, колкаво е и што се случува таму преку ден, но сигурно сте чуле за тамошната дискотека Гранд клуб со чие отворање почна да се врти голема фама околу името на ова скопско село.

Текст: Васко МАРКОВСКИ

Фото: Андон Давчев

Нешто се случува во Кадино. До оваа помисла можеби дошле многумина од вас, слушајќи трач-муабети и читајќи и гледајќи за гостувањата на водечките имиња од српската турбо-сцена и гранде отворањето на дискотеката на 2 март годинава, кога насловните страници на весниците беа исполнети со фотографии од разиграни мулатки и испреплетени ласерски светла.

Ја голтнавме јадицата и појдовме да видиме што е тоа.

НА 12 КИЛОМЕТРИ ОД СКОПЈЕ Единствено што знаевме за да ја најдеме дискотеката беше дека треба да тргнеме по автопатот Скопје-Белград и да се исклучиме од патот на клучката кај хотелот Белви.

“Оттаму скршнете десно и одете паралелно со автопатот. Ќе поминете низ населбата Белимбегово и селото Марино, после е лесно. Ќе видите милион автомобили по патот, тргнете по нив и лесно ќе ја најдете”, не’ посоветуваа пријателите што веќе ја посетиле дискотеката. Така и направивме.

Со мал напор, успеавме по патот низ Белимбегово да ги забележиме патоказите, кои, како што подоцна ни се пожалија и сопствениците на дискотеката, се поставени многу високо, така што навечер е тешко да се видат зашто се поставени над висината на автомобилските фарови. По неколку минути возење, десно од нас здогледавме три ротирачки снопови светлина што треба да им помогнат на гостите да ја најдат дискотеката, како што подоцна ни раскажаа нашите домаќини.

ЕЛИТЕН КЛУБ ВО ФАБРИЧКА ХАЛА Уште додека го паркиравме автомобилот на пространиот паркинг пред убаво осветлената дискотека, можевме да забележиме дека станува збор за клуб во кој многу е вложено. Ја земавме новинарската опрема и тргнавме. Беше сабота, 23:40 ч.

Според договорот, на влезот, покрај билетарницата и обезбедувањето, не’ пречека шефот на обезбедувањето, Перо. Ни рече дека луѓето веќе почнале да пристигнуваат, а нашите домаќини, сопствениците на клубот, браќата Бранко и Горан, веќе беа во нивното сепаре на галеријата и не’ очекуваа. Се поздравивме, ни посакаа добредојде со првата тура пијалаци и ги замоливме од прва рака да ни ја раскажат приказната за фамозната дискотека во Кадино.

“Долго време работевме со кафе и постигнавме голем успех. Заедно со брат ми го лансиравме брендот Гранд кафе, успеавме да го направиме тоа што е денес и во еден момент видовме дека сме го постигнале тоа што го сакавме и решивме да го продадеме. Подолго време размислувавме да отвориме клуб и конечно се решивме. Додека работевме со кафето, изградивме објект за фабричка хала и, откако го продадовме бизнисот, решивме токму тука да го направиме клубот”, ни раскажа Бранко.

Од разговорот дознавме дека не било случајно што решиле токму таму да отворат дискотека, и покрај сомнежот на конкуренцијата и на луѓето што меѓу првите слушнале дека таму ќе се отвора некој нов клуб.

“Оддалечени сме 12 километри од центарот на Скопје, но се стигнува по автопат. Од друга страна, клубот е многу блиску и до Куманово и до Велес, што подоцна се покажа како добра проценка”, ни рече Бранко.

Додека разговаравме, звукот беше одличен, сетовите на диџеј Нита од Сити радио можеа добро да се следат од сите делови на дискотеката, а визуелниот амбиент супериорно го диктираа ласерските снопови.

Но, тоа не е се’. За вжештување на атмосферата клубот ангажира танчарки од белградските денс-агенции, а вечерта своето чесно го одработија провокативните Беба и Лила.

КАРАОКЕ, КОНЦЕРТИ И ЖУРКИ Помалку зборливиот сопственик на клубот, Горан, додека телефонски ја договаравме нашата средба, ни раскажа дека работи четири дена во седмицата, од четврток до недела: забавата почнува околу 23:30, а завршува околу 4-5 часот наутро. Четвртоците се резервирани за караоке-шоу, кога модератор на програмата е Марко - Дај побрзај, петоците се веќе познати по концертите на ѕвездите од српската турбо-естрада, домаќини во саботите се диџеите од Сити радио и Клуб ФМ, а журката во неделите ја прават ѕвездите од македонската естрада.

“Доаѓаат луѓе на возраст од 18 до 40 години, во зависност од тоа што е на програмата вечерта. Обично повозрасните доаѓаат на концертите во петоците и во неделите, а помладите повеќе ги има во четврток и во сабота. Досега гостуваа големи имиња од српската естрада, како Амадеус, Сања Савиќ, Дарко Филиповиќ, Гога Секулиќ, вчера ни беа Џогани, идниот петок ќе гостува Ана Кокиќ, а врв на се’ ќе биде концертот на Сека Алексиќ на 18 мај”, ни раскажаа сопствениците.

Името на клубот, како што ни рече Бранко, нема никаква врска со српската естрадна куќа Гранд продукција, иако честопати на програмата се наоѓаат и нивни ексклузивци. На нашата забелешка зошто толку се врзале за таа сцена, смирено ни одговори дека тоа го бараат гостите.

“Бизнис е бизнис: тоа што се бара - тоа го носиме”, рече Бранко.

Пред да заминеме, го прашавме кој сe` доаѓа во дискотеката и кој сe` може да си дозволи забава таму.

“Доаѓаат секакви луѓе, и помлади и повозрасни, и луѓе што имаат повеќе и луѓе што имаат помалку пари. На концертите можете да видите и луѓе од политичкиот врв, бизнисмени, директори на јавни претпријатија и естрадни ѕвезди. Можеби понекогаш влезниците за концертите се поскапи, но луѓето знаат да се организираат и да заштедат кога станува збор за добра журка”, ни раскажа.



Инсистиравме да ни каже и конкретни имиња на луѓе што седат во ВИП-сепареата во галеријата на клубот. Ни рече дека најчести меѓу нив се Бојан 13-ка, Мики Црнокрак, Брејк, Натали Грубовиќ...

http://www.forum.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=172&ArticleID=4229&EditionID=135&Page=1

Thursday, April 19, 2007

Процес (2)

Овој четврток решив наместо да пишувам нова колумна да објавам нова, дополнета верзија на последната колумна, Процес. Се надевам ќе ви се допадне. П.С. Колумните „Кешке да е така“ засега ќе ги објавувам само на блогот, а наскоро можно е да продолжат во друг печатен медиум. Му благодарам на Шпиц за довербата.

Не пријавувајте во полиција ако некој ви го украде велосипедот, да не ви се случи и вам стражарно да ве приведат зашто не ви пратиле покана за на суд.

Васко МАРКОВСКИ

Во оваа колумна, почитувани, имав намера да пишувам за поубави нешта, но идејата отиде неврат токму кога ми се вклучи алармот за да ме разбуди да ја напишам, во 6.30 наутро. Некој легна на ѕвончето, небаре сака сака да н* спаси од најбесниот пожар ја зафатил зградата, додека спивме со жена ми и со тригодишната ќерка, но, наместо апокалиптичната слика, пред вратата стоеа двајца полицајци, со лист хартија, кои ми соопштија дека дошле стражарно да ме приведат - зошто и како, ќе ми кажеле на суд - како во будењето на Јозеф К. на првата страница на романот „Процес“ од Франц Кафка.

Како лојален граѓанин, веднаш се подготвив, тазе избричен, за да излезам уредно пред образот на државата. Патем, само ги прашав полицајците дали можам да дојдам на суд со својот автомобил, за да можам поскоро да стигнам на работа откако ќе заврши тоа за што ме бара државата, но, не можело - таква била процедурата. Со извештачена љубезност ме замолија да побрзам, зашто имале и други луѓе за земање, како што ми рекоа и кога ги прашав зошто дошле по мене во 6.30 ако треба да се појавам на суд во 9 часот, а други луѓе не видов.

Ја оставив жена ми да се снаоѓа како ќе го однесе детето во градинка додека мене ме нема во непознат правец и влегов во полициската „лада нива“. Додека мрзнев на столче покрај отворена врата во полициската станица „Аеродром“, имав доволно време да си ги претурам мислите, да се обидам да дознам зошто сум таму, зошто од дома ме земаат двајца полицајци, во полициски автомобил, пред соседите што одат на работа.

Не паметам дека нешто некому сум скривил, дека сум направил нешто спротивно на законите, дека сум бил очевидец на некоја незгода, кражба - што и да е. Немам идеја. Поштенското сандаче го проверувам на два дена, главно за да проверам кои сметки ми дошле за плаќање, но никогаш меѓу нив немало покана за на суд. Колку што знам, никој не ме тужел за нешто што сум напишал како новинар.

Кај да е, за саат, саат и пол ќе разберам - си реков додека се занимавав, читајќи го текстот за личните имиња во православното календарче што ми се најде в џеб. Патем, имав и интересни моменти. На пример, да видам како со забрзан чекор влегува млада полицајка, со кабаетлиски израз на лицето, зашто задоцнила пет минути на работа, да прочитам како треба да пополниш формулари за пријавување странци и врз кои начела е составен полицискиот кодекс на Македонија.


И, некако, дојде часот. Се качивме во „нивата“ и стигнавме во „Скопје 2“. Додека се возевме имав уште една прилика да размислам за апсурдноста на тоа што ми се случува, во нов амбиент, низ градските улици, во кои обично самиот возам, овојпат имајќи привилегија друг да ми биде возач, а јас да седам на задното седиште, небаре се возам со личен шофер. Но, што ново ќе најдеш како одговор во полициска „лада нива“, слушајќи кој од двајцата полицајци која „утакмица“ ја „промашил“ во тикетот за спортска прогноза претходниот ден. Ќе ти помогне ли да домозгаш нешто кога гледаш дека тебе те носат на суд за непознато дело полицајци што прават прекршок, свртувајќи десно на семафорот во Маџир маало, за кој еднаш ви беседев.

И, стигнавме. Охрабрувачки беше што на вратата ме пречека Томче Кежо, не како поранешен колега, туку како вистински постар батко, да види што може да ми помогне и да ме охрабри, велејќи - што мислиш ти, само мене ли да ме земаат сред ноќ од дома!

...

- Почекај малку, тука, пред врата - јас да се видам со судијата - рече полицаецот откако пристигнавме пред некоја канцеларија во судот, по „скринингот“ низ метал детектор.

Влегов. Ме отпоздравија на „добар денот“ и - демистификацијата почна.

- Кажи име, презиме, место на живеење.. - ми рече судијата.

- Момент, господине - реков - ќе ми каже ли некој, пред тоа, зошто сум јас овде и за што ми праќате полицајци да ме донесат тука? Што сум направил?

- А, - рече ѕиркајќи во списите - па, ти украле точак, непозната марка, вреден 4.000 денари..? Еве, сме праќале покани, не си се јавил, па моравме стражарно да те повикаме како сведок..

- Како? - не можев да се воздржам да ги дослушам процедуралните објаснувања - За такви глупости ли ми правите вакви сцени, ми го трауматизирате семејството.. За точакот?

Ни тој не беше трпелив да ме дослуша.

- Кажете, да завршиме побрзо, ни висат предмети над глава, мораме брзо да ги решиме, ги делиме со „Скопје 1“, имаме преку глава работа. И натаму ли барате да ги гониме тие што ви го украле?

И, што да му кажеш. Да барам и натаму да гонат некого за еден точак, за повторно по некој месец да ми легне некој на ѕвончето за да ме приведе стражарно, зашто некој не ми доставил покана?

- Благодарам, господин судија, ексик нека е и точакот и се’, благодарам на ваквата правда. Пишете таму што треба, не сакам да чујам повеќе за точакот, за повторно да ми ги приредите истиве работи. Благодарам! - реков, нестрплив што поскоро да заврши оваа епизода.

Судијата ме повикал како сведок, за велосипедот што ми го украдоа минатото лето, демек, неколку пати ми пратиле покани, но не сум се јавил. Се правдаше дека можеби грешката била кај полицајците, зашто не ги запишале бројот на влезот и на станот, туку само бројот на зградата каде што живеам. Но, како тогаш веднаш знаеја на кој стан да заѕвонат за да ме носат? Ајлија, би рекол дедо ми, Бог да го прости.


Си велам, кешке барем некој да го беше наклеветил Јозефа К. Барем ќе знаеше зошто му се случува процесот. А „точакот“ - кешке да го немав.

Thursday, April 12, 2007

Процес (1)

Не пријавувајте во полиција ако некој ви го украде велосипедот, да не ви се случи и вам стражарно да ве приведат зашто не ви пратиле покана за на суд.

Васко МАРКОВСКИ
Во оваа колумна, почитувани, имав намера да пишувам за поубави нешта, но идејата отиде неврат токму кога ми се вклучи алармот за да ме разбуди да ја напишам, во 6.30 наутро. Некој легна на ѕвончето, небаре сака сака да н* спаси од најбесниот пожар ја зафатил зградата, додека спивме со жена ми и со тригодишната ќерка, но, наместо апокалиптичната слика, пред вратата стоеа двајца полицајци, со лист хартија, кои ми соопштија дека дошле стражарно да ме приведат - зошто и како, ќе ми кажеле на суд - како во будењето на Јозеф К. на првата страница на романот „Процес“ од Франц Кафка.
Како лојален граѓанин, веднаш се подготвив, тазе избричен, за да излезам уредно пред образот на државата. Патем, само ги прашав полицајците дали можам да дојдам на суд со својот автомобил, за да можам поскоро да стигнам на работа откако ќе заврши тоа за што ме бара државата, но, не можело - таква била процедурата. Со извештачена љубезност ме замолија да побрзам, зашто имале и други луѓе за земање, како што ми рекоа и кога ги прашав зошто дошле по мене во 6.30 ако треба да се појавам на суд во 9 часот, а други луѓе не видов.
Ја оставив жена ми да се снаоѓа како ќе го однесе детето во градинка додека мене ме нема во непознат правец и влегов во полициската „лада нива“. Додека мрзнев на столче покрај отворена врата во полициската станица „Аеродром“, имав доволно време да си ги претурам мислите, да се обидам да дознам зошто сум таму, зошто од дома ме земаат двајца полицајци, во полициски автомобил, пред соседите што одат на работа.
Не паметам дека нешто некому сум скривил, дека сум направил нешто спротивно на законите, дека сум бил очевидец на некоја незгода, кражба - што и да е. Немам идеја. Поштенското сандаче го проверувам на два дена, главно за да проверам кои сметки ми дошле за плаќање, но никогаш меѓу нив немало покана за на суд. Колку што знам, никој не ме тужел за нешто што сум напишал како новинар.
Кај да е, за саат, саат и пол ќе разберам - си реков додека се занимавав, читајќи го текстот за личните имиња во православното календарче што ми се најде в џеб. Патем, имав и интересни моменти. На пример, да видам како со забрзан чекор влегува млада полицајка, со кабаетлиски израз на лицето, зашто задоцнила пет минути на работа, да прочитам како треба да пополниш формулари за пријавување странци и врз кои начела е составен полицискиот кодекс на Македонија.
И, некако, дојде часот. Се качивме во „нивата“ и стигнавме во „Скопје 2“. Судијата тој и тој ме повикал како сведок, за велосипедот што ми го украдоа минатото лето, демек, неколку пати ми пратиле покани, но не сум се јавил.
Ајлија, би рекол дедо ми, Бог да го прости. Прашав кога ги пратиле и зошто не сум ги добил - по што се „испостави“ дека полицајците не го запишале бројот на влезот и бројот на станот кога сум ја пријавил кражбата, па, затоа можеби залутале поканите.

Кешке барем некој да го беше наклеветил Јозефа К. Барем ќе знаеше зошто му се случува процесот. А од „точакот“ - кренав раце. Не сакам нова епизода стражарно приведување. Кешке да го немав.

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=246&ArticleID=11428

Thursday, April 05, 2007

Вашар

Ве молам не правете вашар пред храмовите за време на богослужбата ноќта пред Велигден. Оставете ги вулгарностите, шишињата и скарите за друг ден.

Васко МАРКОВСКИ

Веројатно не сум единствениот, почитувани, кој значајните моменти од животот ги памети со фотографска меморија, преку сликите што му останале врежани во меморијата, за тоа како, со кого, каде и во каков амбиент сме поминале некои денови од животот.

Еден таков момент за мене е Велигден, ден кога оние што веруваат се преиспитуваат себеси - што направиле и како се однесувале меѓу двете презнувања, дали некого повредиле, дали успеале да поправат некои свои слабости, дали станале почовечни од порано и каде ќе ја водат својата личност во годината што е пред нив. Богослужбата на Велика сабота за многумина од нас е вистинскиот момент за да се ставиме себеси пред еден таков тест, кога на помош ги имаме зборовите од Евангелието и свечените песни.

Но, сето тоа би било идеално, кога би имале мир и тишина за да ги следиме и ако вниманието не ни го одземаат мирисот од распламтените скари околу храмовите, кикотењата на поднапиените девојчиња со лименки пиво во рацете, вицовите за непримерни попови што си ги кажуваат поднапиените соседи додека си го подаваат шишето со жолта лозова.

Пред очите ми доаѓаат разни слики за тоа каде сум бил на богослужба пред Велигден, но секогаш меѓу првите ми се појавува пространството меѓу „Порта Буњаковец“ и „прва партизанска“, затворено за сообраќај, со погледот свртен и со ушите начулени кон Соборната црква „Свети Климент“, гледајќи со начулени уши над главите на морето заџагорени, рашетани и запиени скопјани. И втората слика е од истиот простор, неколку часа подоцна, кога уличните чистачи се обидуваат да го расчистат брдото од лименки, шишиња, хартии и лушпи од велигденски јајца.

Сепак, имам и добри спомени, како богослужбата во манастирот „Света Богородица“ во Калишта кај Струга, каде што вистински можете да ја почувствувате и хоризонталната и вертикалната димензија на крстот, кога ги чуствувате блиски и небото и луѓето околу вас.

Но, да не ме разбере некој дека сум лицемерен, па ги осудувам луѓето на ден-два пред денот кога сите треба да си простиме. Како би знаел јас за сето тоа, ако и самиот некогаш не сум ги правел истите работи, како сликата кога враќајќи се од „Свети Димитрија“, со шише коњак „Цезар“, им се навртевме со другарите на излозите на стоковната куќа „Меркур-импорт“, испишувајќи ги со восокот од свеќите имињата нашите музички идоли. Можам ли да го заборавам чекањето со саати за хамбургери пред „Седмица“, за да имаме подлога за шишињата вино во дворот на „Песталоци“ за нова доза пиење со другарите и со нашите девојки.

Но, така се расте. Сепак, ве замолувам да ги оставиме на мир тие што сакаат достоинствено да го прослават празникот. Се надевам дека ќе се воздржите од шишињата и скарите до следниот ден.

Кешке да е така!

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=243&ArticleID=11289

Friday, March 30, 2007

Градоначалници во зимски сон

Градовите ни се предолго во зимски сон и ја толерираат анархијата во домувањето, таму каде што е коренот на општеството.

Васко МАРКОВСКИ

Зградата ви прокиснува, од осмиот кат ви паѓаат врз главата парчиња малтер кога минувате под влезот, фасадата ви е исцрнета, лифтот ви крцка и ви чкрипи додека се возите и не сте сигурни дали ќе заглавите меѓу катови или можеби, не дај Боже, ќе станете централна личност во црните вести во утрешните весници?Не е ретко да се најдат вакви примери околу нас, но што е, тука е. Ако имате Куќен совет можеби и ќе ви успее да се организирате и да се солидаризирате едни со други и заеднички да вложите и да ги поправите работите, ако не, Господ нека Ви е на помош - се откажуваме од многу работи, па ако нема друго чаре, ќе се откажеме и од лифтот, од убавиот изглед на зградата во која живееме, од хигиената во влезот.

Но, дали мора да биде така?

Сте знаеле ли дека, на пример, сопствениците на становите се должни редовно да ги одржуваат своите станови и да се грижат за безбедноста, естетскиот изглед, уредите, инсталациите и за опремата што ја користат сите станари од зградата. Сте знаеле ли дека како сопственик на стан сте обврзани и да двоите пари за инвестиции и за тековно одржување на зградата, дека секоја зграда со повеќе од двајца сопственици на станови е обврзана да основа Куќен совет? Или, сте знаеле ли дека зградите со повеќе од осум станови со закон се обврзани да имаат домар, кој ќе се грижи за безбедноста и за сигурноста на зградата и на становите и за личната сигурност на станарите, а Куќниот совет треба да му обезбеди посебен простор кај влезот на зградата.

Верувам дека многумина од вас не знаеле, а и од каде би знаеле. Ви дошол ли некој некогаш на врата да ви ги укаже овие работи, да ве поучи и да ви помогне да ги решите несогласувањата со соседите? Досега само сум чул дека општина Аеродром подготвува некаков меморандум за соработка со куќните совети во станбените згради на нејзината територија, но и од тоа неколку месеци остана само најавата.

Деновиве во српските весници објавуваат реклама во која Секретаријатот за комунални и станбени работи на градот Белград ги повикува граѓаните заеднички да ги решат ваквите проблеми. Со рекламата се повикуваат Советите на станбените згради заеднички, со поддршка од градот, да ги поправат покривите, фасадите и лифтовите, а за тоа градот им се нуди да покрие 70 отсто од трошоците. Целта на проектот, како што стои во рекламата, е да им се помогне на граѓаните да ги остварат нивните обврски за инвестициско одржување на зградите, за да се спречи опасноста по животите и по здравјето на луѓето и да се разубави естетскиот изглед на зградите.

Би сакал еден ден такво нешто да прочитам и во нашите весници, не затоа што мислам дека ни недостигаат идеи, па се фрустрирам кога ги гледам во соседството, туку зашто градовите ни се предолго во зимски сон и ја толерираат анархијата во домувањето, таму каде што е коренот на општеството.

Кешке да се разбудат!

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=237&ArticleID=11075

Thursday, March 22, 2007

Помогнете му на ЈСП

Ако сакаат Градот и Владата да му дадат вистинска шанса на ЈСП, целосно нека го либерализираат јавниот автобуски превоз.

Васко МАРКОВСКИ

Има две работи од кои жестоко се разгневувам секогаш кога ќе ми текне дека сум им го дал гласот на двајцата досегашни градоначалници на Скопје. Едната е нивниот однос кон дрвјата, а другата е нивниот однос кон јавниот автобуски превоз во градот.

Не можам да му заборавам на Пенов што по негов проект беа исечени сите дрвја на градскиот плоштад, под чии крошни лебдеа илјада и едно сеќавање од нашите животи, како некогаш сме нашле лад под нив, враќајќи се со торби в раце сред августовскиот пекол од старата автобуска станица преку Камени мост и на Костовски што ни ја отсече меморијата која се собирала со векови под османлиските платанови дрва кај „Кермес“, сведочејќи колку цивилизации поминале низ нашиот град.

Но, што да се прави. И едниот и другиот разменуваа искуства со градоначалниците на Истанбул, но ниту едниот, ниту другиот не научиле ништо од Али Муфит Ѓуртуна, кој макар и некој да го нарече тоа популистички чин, тргна во поход по нов мандат подарувајќи му на градот 1.000.000 нови дрвја.

Но, не ми е тоа темата. Најновата доза гнев ми ја вбризга идејата за спас на ЈСП што деновиве ја промовираа Градот и централната Влада, кои наумиле да му дадат нова шанса да заживее и покрај илјада и едната шанса што досега му беа дадени. Нема потреба да ве потсетувам дека едно од имињата што ги знаевме да ги кажеме како од пушка, како име и презиме на другар од вашиот клас, беше името на директорот на ЈСП поради секојдневното кукање и секојдневните „нови идеи“ за спас на претпријатието. Сега некој повторно се обидува да не убеди дека ЈСП заслужува нова шанса со идеи и со решенија што биле подготвени уште во 1999 година, но од разноразни причини досега останале нереализирани.

А шанси немаше само ЈСП. Многу шанси имаа и Пенов и Костовски, на кои гласот им го дадов најмногу за да ми ја завршат таа работа, да ми обезбедат пристоен јавен превоз за да не се враќам фрустриран во Скопје секогаш кога ќе отидам во некоја метропола на Запад или на Исток. Зошто и ние да немаме пристоен превоз поради кој ќе решиме да ги оставиме автомобилите, автобуси во кои нема да се туткаме, во кои ќе знаеме на која станица се наоѓаме и каде треба да се симнеме без да ги прашуваме сопатниците? Зошто да не можеме и ние да имаме автобуси - подвижни клубови, како некогашниот трамвај што кружеше низ предвоено Сараево? Благодариме на услугата, другпат да си бараме друг да ни ја заврши работата.

Да не ме разбере некој погрешно, воопшто не му помислувам нешто лошо на ЈСП. И натаму ќе му бидам бескрајно благодарен за секојдневните слики, искуства, ликови и животни ситуации што сум ги добил во автобусите на ЈСП по цена од еден билет, скап, евтин - сеедно.

Ако сакаат да му дадат вистинска шанса на ЈСП, целосно нека го либерализираат јавниот автобуски превоз. Така најдобро ќе го научат како да работи пазарно, како да им ги зема патниците на конкурентите без привилегии и без насилно освојување на автобуските постојки пред да дојде приватниот. Белки нешто ќе научи.

Кешке да е така!


http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=231&ArticleID=10899

Thursday, March 15, 2007

Поблиску до природата

Сигурно сте забележале колку сонцето и расцутените дрвјата ви ги разубавеле луѓето околу вас, ве направиле помеки, потолерантни и порасположени.

Васко МАРКОВСКИ

Дали сте забележале, почитувани, дека некако поведри ни станаа деновите во последниве недела-две. Но, не зашто ни се намалиле грижите и маките, не дека наеднаш сме забележале дека Владата, градот и општините си ја вршат добро работата, дури и подобро од порано, ниту пак преку ноќ ни се сменила економската моќ, па полесно можеме да ги платиме сметките што ни се насобрале.

Сигурен сум дека и на вас позитивно влијае што деновите ни се се’ подолги, што сонцето се’ подолго ни ги грее душите, а околината добила пријатни бои од расцутените дрвја и грмушки. Сигурно и вие сте забележале колку сонцето и впивањето на убавината, боите и мирисите на дрвјата ги разубавеле луѓето околу вас и дека тоа ве направило помеки, потолерантни и порасположени. Верувам дека откако расцутеа се’ помалку ви се ѕвезди на денот луѓето што ги гледате во весниците, на вестите, на рекламите, во ТВ-сериите, на билбордите, а се’ повеќе умот ви оди надвор, кон улиците, кон парковите, кон шеталиштата.

Сигурно веќе сте почнале да ги прередувате шкафовите, простувајќи се од зимската и отстапувајќи & го првиот ред на пролетната. Сигурно веќе сте им ја избришале правта и сте ги подмачкале велосипедите, ако сте имале среќа да не ви ги украдат, како што ми го украдоа мене. Верувам дека веќе сте собрале сила и оти со леснотија ќе се наканите да ги расчистите терасите од зимската запуштеност и дека веќе сте се помириле дека речиси секојдневно ќе морате да се справувате со правта што ви ја носат околните булевари, улици и сокаци. Но, што е тоа наспроти блискоста со природата што ќе ве исполнува следните шест-седум, осум месеци, кога ќе ви биде лесно да му свртите грб на телевизорот, кога стоејќи нерешително со кафето в раце нозете сами ќе ве однесат да го испиете на тераса, каде што е попријатно да се чита, да се сврти телефон, каде што има подобра “ТВ-програма”, особено ако имате тераса со поглед кон некое шеталиште.

Можеби сево ова ви личи на една дембелска колумна, но, едноставно, не можам да му одолеам на времето и не можам да не ја споделам радоста со вас, како што со мене ја споделува мојот голем пријател од книгите, истанбулскиот поет Орхан Вели - кој вели: “Ова убаво време ме уништи. / На вакво време поднесов оставка / Од службата во фондацијата. / На вакво време се научив да пушам. / На вакво време се заљубив. / На вакво време почнав да заборавам / Да носам дома леб и сол. / На вакво време се заразив / Од болеста да пишувам поезија. / Ова убаво време ме уништи”.

Читајќи го, често пати, се прашувам колку сме се оддалечиле од природата. Кога последен пат сум се качил на дрво, кога последен пат сум ловел риби, кога последен пат сум се качил на Водно до врв, кога последен пат сум видел ластовичка.

Но, животот е пред нас, имаме време и да ги смениме навиките, или, како што неодамна ме потсети еден другар - животот почнува во триесеттата.

Кешке да е така!

Thursday, March 08, 2007

Осми март

Сте чуле ли за Роса Плавева и Накие Бајрам? И јас немав чуено, се’ додека една еманципирана жена не предложи по нив да биде наречен новиот мост кај Маџир маало.

Васко МАРКОВСКИ

Оваа колумна решив да им ја посветам на нашите мајки, жени и ќерки, на нашите пријателки, колешки, на жените што не’ услужуваат на касите во супермаркетите, зад шалтерите во банките, на неколкуте жени што не’ возат во градските автобуси и во такси-возилата, на жените што не’ родиле и што ги родиле нашите родители и што ги родиле нашите деца, но не затоа што нешто многу ми значи поводот поради кој 8 март е прогласен за меѓународен ден на жената, туку затоа што ми се допаѓа да имаме барем еден ден во годината кога ќе им посветиме екстра-внимание и кога ќе се сетиме на гестот да им подаруваме цвеќе, да им кажеме дека сме среќни што ги имаме и да им ги исполниме домовите со мирис на цвеќиња.

Би можел тука да заглавам во муабети дека добивам непријатни нагони во стомакот кога ќе
се сетам како изгледаат вестите што информираат за манифестациите со кои разноразни здруженија го одбележале 8 Март, но некако попријатно и поинтересно ми доаѓа да потсетам на две жени кои придонеле за издигнувањето на самосвеста на жените во Македонија.

Сте чуле ли за Роса Плавева и Накие Бајрам? Искрено и јас немав чуено, се’ додека една еманципирана жена не објави исклучително инвентивен предлог како да им се оддаде почит за тоа што го направиле за еманципацијата на жените во Македонија.

Дали сте чуле за предлогот на уметничката Христина Ивановска новиот мост, што ги поврзува Скопското сајмиште и Маџир маало, да го носи името на Роса Плавева и Накие Бајрам, Македонка и Турчинка кои во далечната 1907 година, заедно со дваесетина Турчинки од Скопје решиле да го кренат гласот против зарот и фереџето, деловите од облеката со кои со закон биле обврзани да си го прикриваат лицето муслиманските жени.

Немам ништо против тоа жените да носат мантил и шамија, ако тоа го одбрале доброволно или поради почит кон верските чувства на семејствата во кои живеат. Но, исто така сметам дека на тенок мраз е и аргументот оти тоа ги прави да бидат помало искушение за туѓите мажи, бидејќи лично бев стаписан од привлечноста на мојата соученичка Мона Хасан од Њу Џерси, со која заедно одевме на часови по турски во Истанбул.

Но, нашиот мост се’ уште нема име, иако дури пред две години Ивановска го доставила предлогот според сите процедури до Градската комисија за именување на мостовите и улиците. Да се надеваме дека наскоро ќе чуеме дека бил прифатен.

Кешке да е така!

Thursday, March 01, 2007

Ид­ни­от звук на Скоп­је

За­тво­ре­те ги очи­те и оби­де­те се да се при­се­ти­те на зву­ци­те што ги впи­ва­те од сво­ја­та око­ли­на.

Ва­ско МАР­КОВ­СКИ

Би мо­же­ле ли да го за­мис­ли­те зву­кот на гра­дот по де­се­ти­на-пет­на­е­сет го­ди­ни? Се оби­ду­вам по­дол­го вре­ме, но сe' не­ка­ко те­шко ми оди, сe' не­ка­ко ви­зи­ја­та ме во­ди кон бу­ча­ва и шум во ни­зок тон. Мо­же­би зву­чи пе­си­ми­стич­ки и на ме­не вли­јае дожд­ли­во­то вре­ме до­де­ка го пи­шу­вам ова, но не мо­жам да на­се­там што е тоа што ќе до­не­се по­ве­дар звук око­лу нас.

Се­те­те се, на при­мер, на зву­ци­те што сте ги впи­ва­ле за вре­ме на дет­ство­то, во мла­до­ста или пред пет­на­е­сет-два­е­сет го­ди­ни. Оби­де­те се да се по­тсе­ти­те на автен­тич­ни­те зву­ци што сте ги слу­ша­ле са­мо во Скоп­је, кои мо­же­би ги има и на дру­го ме­сто, но не зву­чат исто.

За­тво­ре­те ги очи­те и оби­де­те се да се при­се­ти­те на зву­ци­те што сте ги впи­ва­ле од сво­ја­та око­ли­на. Ќе ги чу­е­те не­ко­гаш­ни­те пти­ци во не­ко­гаш­но­то дрв­це во ва­ши­от двор, кое по­доц­на тре­ба­ло да & го от­ста­пи ме­сто­то на оп­ла­та­та за но­ви­те те­ме­ли на ва­ша­та ку­ќа. Ќе ги чу­е­те штур­ци­те што не­ко­гаш се кри­е­ле низ тре­вки­те во дво­рот на со­се­дот, се­га за­се­ко­гаш пре­кри­е­ни со два­е­се­ти­на „сан­ти­ми“ бе­тон - за по­лес­но да се мие дво­рот. Си­гур­но ќе се се­ти­те и на ми­го­ви­те ко­га по­ра­ди ре­тки­те „фи­ќа“ и „сто­е­де­ни“ од­вре­ме-на­вре­ме тре­ба­ло да го по­ви­ши­те гла­сот за да си го про­дол­жи­те раз­го­во­рот со со­го­вор­ни­ци­те без да за­пре­те.

Или, из­ле­зе­те со умот мал­ку по­да­ле­ку, кон цен­та­рот на гра­дот. Ја па­ме­ти­те ли не­ко­гаш­на­та ти­ши­на и спо­којс­тво­то што ви го вле­ваа во ср­ца­та ули­ци­те на Де­бар Ма­а­ло, ше­тај­ќи под че­сти­те ли­пи, со очи­те кра­деј­ќи сли­ки од уба­во не­гу­ва­ни­те гра­ди­ни во ули­ци­те кај „Ап­че“. Или приб­ли­же­те се поб­ли­ску - на при­мер, кај по­ра­неш­на Ме­ѓу­град­ска. Ка­де е де­не­ска џа­го­рот и вр­ву­ли­ца­та што ви ги дал­ди­су­ваа мис­ли­те кон не­кои па­ту­ва­ња, про­ни­жа­ни со по­ви­ци­те на чи­ста­чи­те на чев­ли, веч­но под­го­тве­ни да „исе­чат“ не­кој „дош­љак“ што уште не им ги на­у­чил фин­ти­те. Се се­ќа­ва­те ли на зву­ци­те што сте ги слу­ша­ле по­крај сред­но му­зич­ко и Му­зич­ка ака­де­ми­ја, ми­ну­вај­ќи од МНТ на­кај „Пи­рин Пла­ни­на“ или ве­ќе и ими­ња­та на не­ко­гаш­ни­те култ­ни те­ра­си сме ги за­бо­ра­ви­ле. Се се­ќа­ва­те ли на чкри­пе­ње­то на со­пи­рач­ки­те на не­ко­гаш­ни­те ноќ­ни авто­бу­си, до­де­ка за­ле­та­ни за­ста­ну­ваа да ги сим­нат пат­ни­ци­те? Којз­нае? Мо­же­би тол­ку сме отрп­на­ле и тол­ку сме се на­вик­на­ле на нив што ве­ќе не ги за­бе­ле­жу­ва­ме, ка­ко што ве­ќе не ги за­бе­ле­жу­ва­ме ни се­којд­нев­ни­те „Ај­де хан­зап­ласт - де­сет де­на­ри“ на же­на­та со за­сип­нат глас на вле­зот на „Тр­гов­ски“ од стра­на­та на „Мер­кур-им­порт“.

До ка­де ва­ка? Што ќе би­де ид­ни­от звук на Скоп­је, ако сe' по­ве­ќе зву­ци­те на при­ро­да­та и гла­со­ви­те на лу­ѓе­то & го от­ста­пу­ва­ат ме­сто­то на бу­ча­ва­та од авто­мо­би­ли­те, на му­зи­ка­та од лет­ни­те те­ра­си по ули­ци­те, на зву­кот на ску­те­ри­те низ Град­ски­от парк. На­ви­сти­на не­мам по­ве­дра ви­зи­ја? Да се на­де­ва­ме де­ка ова е са­мо уште еден мра­чен ден што ми го при­ре­дил дол­го­о­че­ку­ва­ни­от дожд?

Ке­шке да е та­ка!

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=213&ArticleID=10035

Thursday, February 22, 2007

Пло­штад „Веч­но цр­ве­но“

Штом ве­ќе се ба­ра­ат пред­ло­зи, го пред­ла­гам ова име за рас­крс­ни­ца­та кај МЦМ, за­што мо­же да ви по­ми­не жи­во­тот че­кај­ќи да се вклу­чи зе­ле­но за пе­ша­ци.

Ва­ско МАР­КОВ­СКИ

Би­деј­ќи мно­гу­ми­на од вас го под­др­жаа пред­ло­гот за ури­ва­ње на ки­не­ски­от ѕид од Бит-па­зар, овој­пат ре­шив да ви пред­ло­жам уште не­што. Си­гур­но сте за­бе­ле­жа­ле де­ка де­но­ви­ве е по­втор­но акту­ел­на те­ма­та за пре­и­ме­ну­ва­ње на ули­ци­те во Скоп­је и де­ка не­кои оп­шти­ни ве­ќе ги до­ста­ви­ја сво­и­те пред­ло­зи до град­ска­та ко­ми­си­ја, ко­ја ре­ша­ва за пре­и­ме­ну­ва­ње­то.

До­се­га имав мож­ност де­тал­но да ги разг­ле­дам са­мо пред­ло­зи­те на оп­шти­на Ча­ир и да ја чу­јам ге­не­рал­на­та на­со­ка на пред­ло­зи­те што ги под­го­тву­ва оп­шти­на Ки­се­ла Во­да и, искре­но да ка­жам, мис­лам де­ка гра­дов зас­лу­жу­ва по­го­ле­ма ин­вен­тив­ност.

Не сум исто­ри­чар и не сум до­вол­но упа­тен во исто­ри­ско­то зна­че­ње на лич­но­сти­те и на­ста­ни­те што се пред­ло­же­ни, а не сум ни прем­но­гу упа­тен во зна­че­ње на лич­но­сти­те и на­ста­ни­те што тре­ба да им ги от­ста­пат си­но-бе­ли­те таб­ли на но­ви­те.

Мо­же­би проб­ле­мот е во ме­не, но не мо­жам да из­бе­гам од впе­ча­то­кот де­ка мно­гу се за­ни­ма­ва­ме со би­тки, вој­ни, вој­ско­вод­ци и со ос­ло­бо­ди­тел­ни про­це­си. Ки­се­ла Во­да ги пред­ла­га ими­ња­та на за­ги­на­ти­те бра­ни­те­ли од 2001, а Ча­ир пред­ла­га чле­но­ви на ОНА и на ОВК на ме­сто­то на бор­ци­те од НОБ.

Не­ма­ме ли не­што да си ка­же­ме за уба­ви­ни­те на жи­во­тот што го жи­ве­е­ме, па по нив да ги на­ре­че­ме и ули­ци­те, за пр­во­то што ќе го ви­ди­ме на­у­тро, да ни вбриз­га ве­дри­на во де­нот. Не ве­ру­вам де­ка де­ца­та што се ро­ди­ле де­нес ќе има­ат не­ка­кви чув­ства за на­ста­ни­те и за лич­но­сти­те што би­ле ло­кал­ни хе­рои пред сто­ти­на го­ди­ни. Не­ка не ме раз­бе­рат по­греш­но жи­ви­те хе­рои, без ог­лед за што во­ју­ва­ле, но пог­лед­не­те ја Зем­ја­та од са­те­лит­ска сним­ка и ка­же­те да­ли не сме заг­ла­ве­ни во „те­сен круг“, а по­им не­ма­ме за „тол­кав уни­вер­зум“.

Ко­га сме кај уни­вер­зу­мот, најм­но­гу ми се до­пад­на пред­ло­гот за но­во име на ули­ца­та Ва­сил Аџе­лар­ски, иа­ко не се сог­ла­су­вам ток­му скоп­ски­от вој­во­да од Илин­ден­ско­то во­ста­ние да оста­не без ули­ца. Но­ви­от пред­лог е Ви­ли­јам Гре­го­ри, за ко­го во образ­ло­же­ни­е­то пи­шу­ва „аме­ри­кан­ски астро­на­ут од ал­бан­ско по­тек­ло“.

Јас пред­ла­гам рас­крс­ни­ца­та на ули­ца Илин­ден­ска кај МЦМ да се на­ре­че пло­штад „Веч­но цр­ве­но“, за­што мо­же да ви по­ми­не жи­во­тот че­кај­ќи да се вклу­чи зе­ле­но за пе­ша­ци.

Се на­де­вам ќе ме под­др­жи­те.

Ке­шке да е та­ка!

http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=207&ArticleID=9704

Sunday, February 18, 2007

Ста­ра фо­то­гра­фи­ја

Ќе мо­же ли де­нес не­кој да го фо­то­гра­фи­ра, на при­мер, Бит-па­зар со са­мо еден авто­мо­бил и ед­но ка­ми­он­че во ка­да­рот, без ре­ту­ши­ра­ње и без фо­то­шоп.

Ва­ско МАР­КОВ­СКИ

Раз­мис­лу­вам да рас­пи­шам кон­курс за на­град­на игра, но уште на по­че­то­кот да ви ка­жам да не оче­ку­ва­те не­ко­ја го­ле­ма на­гра­да. Ма­кси­мум што мо­жам да да­дам е до­ру­чек во не­ко­ја бу­рек­чил­ни­ца на Бит-па­зар или не­ка­ков сенд­вич, на при­мер, до­нер во Ста­ра чар­ши­ја.

Разг­ле­ду­вав ста­ри фо­то­гра­фии од Скоп­је и ви­дов фо­то­гра­фи­ја што ме оста­ви ста­пи­сан. Не­кој ус­пе­ал да го уло­ви Бит-па­зар, спо­ред сен­ки­те око­лу 9 ча­сот на­у­тро, и во ка­да­рот има не­кол­ку тез­ги­ња, не­кол­ку лу­ѓе и се’ на се’ еден авто­мо­бил и ед­но ка­ми­он­че „ТАМ“ на глав­на­та ули­ца. Ни­што по­ве­ќе. Мо­жам да си за­мис­лам де­ка во мо­мен­тот на фо­то­гра­фи­ра­ње­то мо­же­ле да се слуш­нат пр­ви­те уда­ри на че­кан­чи­ња­та на за­на­ет­чи­и­те во чар­ши­ја­та, след­ни­те во­зи­ла што ќе дој­дат од кај Ја­ја-па­ша или од кај Суд­ска па­ла­та и гра­ка­ње­то на не­ко­ја пти­ца, ко­ја тек-тук ќе пре­ле­та.

На ум ми пад­на еден текст што го про­чи­тав де­но­ви­ве, во кој де­мо­гра­фи­те пред­ви­ду­ва­ат де­ка до 2020 го­ди­на вкуп­ни­от број жи­те­ли во Ма­ке­до­ни­ја ќе се на­ма­ли за око­лу 300.000, кол­ку ед­на по­ло­ви­на од вкуп­но­то на­се­ле­ние на Скоп­је де­нес, а исто­вре­ме­но, во друг текст, про­чи­тав де­ка во не­кол­ку оп­шти­ни во Скоп­је ќе се гра­дат но­ви на­сел­би, на ме­ста за кои ни­ко­гаш не сме по­мис­лу­ва­ле де­ка не­ко­гаш ќе би­дат на­се­ле­ни. Зај­чев рид, „зад­ни­те“ па­ди­ни на Вод­но...

Не­ка­ко не мо­жам да за­мис­лам по кои ули­ци ќе одат на ра­бо­та си­те тие „но­ви“ лу­ѓе, гле­дај­ќи де­нес кол­ку ни се пре­на­тру­па­ни ули­ци­те и тро­то­а­ри­те со во­зи­ла. Би мо­же­ле ли да за­мис­ли­те ка­ко ќе изг­ле­да по 13 го­ди­ни рас­крс­ни­ца­та кај Бит-па­зар и кол­ку во­зи­ла ќе има та­му во 9 ча­сот на­у­тро.

Му фр­лам ра­ка­ви­ца на ју­на­кот што ќе ус­пее да ја фо­то­гра­фи­ра, а во ка­да­рот да „уло­ви“ са­мо еден авто­мо­бил и ед­но ка­ми­он­че на ко­ло­во­зот. Ми ли­чи не­воз­мож­но, ка­ко да ба­рам не­кој да ми до­не­се фо­то­гра­фи­ја сни­ме­на во Њу­јорк вче­ра со ку­ли­те-близ­нач­ки здра­ви и пра­ви, без ре­ту­ши­ра­ње и без обра­бо­тка на фо­то­шоп.

Не ве­ру­вам де­ка тоа ќе мо­же да го на­пра­ви ни­ту еден фо­то­ре­пор­тер, око­лу ко­го се пле­тат ми­то­ви де­ка ус­пе­ал да го уло­ви пло­шта­дот Ма­ке­до­ни­ја точ­но на плад­не, без ни­ту еден чо­век во ка­да­рот. По­ну­да­та ва­жи и за не­го, ако тре­ба за та­ков мај­стор и ќе го по­до­бри­ме на­град­но­то ме­ни.

Не знам, но се’ ми се чи­ни де­ка ни­ко­гаш по­ве­ќе не­ма да ја ви­ди­ме таа сли­ка што ја ове­ко­ве­чил нез­нај­ни­от фо­то­граф. Не ве­ру­вам де­ка не­ко­гаш по­втор­но ќе мо­же­ме да ги чу­е­ме че­кан­чи­ња­та на за­на­ет­чи­и­те или пти­ци­те, кои тек-тук пре­ле­ту­ва­ат над ули­ца­та.

Ке­шке да не е та­ка!

Friday, February 09, 2007

Семафорот во Маџир Маало

Верувам дека не сум единствениот возач кому нервите му попуштаат додека вози по скопските улици и кој секојдневно бидува изненаден од напливот на возачка некултура, кој е толку силен, што секојдневно сме изненадени колку се прифаќаме од дозата сообраќајно насилство која секојдневно ни се сервира.

Сте поминале ли некогаш кај „новиот семафор“, во Маџир Маало, што го поставија кога го пуштија „новиот мост“ кој води од Маџир Маало кон Скопското сајмиште. Секојдневно минувам оттаму уште откако го пуштија и навистина бев изненаден од сообраќајното решение, што било избрано против „возачката логика“ на луѓето што патот ги води од улица Владимир Комаров во Острово кон новиот мост и Скопското сајмиште. И, оттогаш наваму, секојдневно има што да се види. Делот од улицата под колосеците на Железничката станица е организиран во две ленти од кои едната е за скршнување кон лево, а во другата ви е дозволено да одите само кон Маџир Маало, иако веднаш десно е мостот. Но, уште од првиот ден реткост, како рак во Вардар, е да најдете некој што не скршнува десно иако е забрането.

Секојдневно, уште додека сте дома и се подготвувате за на работа, а потпетиците на некоја сосетка веќе одѕвонуваат по скалилата во 7 часот, таму веќе се наредила колона од возила што наумиле да прават прекршок. Но, тоа е веќе нивни избор и на вас останува дали ќе се придружите или ќе ја одберете „легалната алтернатива“, да скршнете по подолгиот пат.

Но, кој да ве заштити од насилството што секојдневно ви се приредува ако сте одбрале оттаму да тргнете кон „легалните“ насоки. Обидете се да застанете во лентата за право, а да не сте наумиле да правите прекршок и да одите десно.

Лично ќе можете да почувствувате што е сообраќајната агресивност. Нема полесно да поминете и во лентата за лево, затоа што таму ќе ве нападнат свирките на возачите што планирале да одат право, но сакајќи да ја избегнат агресијата, веќе по правило се престројуваат лево.

Донекаде во сево ова ве охрабруваат и плакатите што ве пречекуваат на деветте столбови од десно, кои ви велат: „Верувај во себе - имаш алтернатива“, „Да се остане човек“ или „Иднина наместо судбина“.

За да не помислите дека со колумнава сум станал кодош - се пријавувам да бидам првиот што ќе биде казнет. Прекршок правам секој работен ден, меѓу 7 и 9 наутро.

Да се надеваме дека еден ден сообраќајците ќе испратат „терминатор“ кој ќе извика: „Јас сум вашиот најголем кошмар“ и „I'll be back“.

Кешке да е така!

Аквадуктот

Никогаш не сум го видел скопскиот аквадукт, за кого толку сме слушале, почнувајќи од часовите по историја во основно училиште, до неколкуте стотини радио или ТВ-прилози на таа тема што сме ги слушнале или гледале, но подолго време ми тлее некоја возбуда, откако чув дека општина Бутел наумила од него да направи атрактивна туристичка дестинација.

Веднаш на ум ми падна дека не е така далеку ни 2008 година, кога, според многуте најави, треба да биде изграден и заобиколниот пат околу Скопје, не случајно, затоа што делницата што ќе ги поврзе Бутел и Топанско Поле со Ѓорче Петров, ако добро сум разбрал, ќе минува во близина на аквадуктот.

Ме возбуди тоа што, како што тргнале работите, се поблиску му приоѓаме на објектот, затоа што е докажано дека кај што има пат, таму има и луѓе и развој.

Мостот е долг 400 метри, а од некогашните 200 сводови денес се останати 55. Бил изграден за да го снабдува некогашно Скупи со вода за пиење од изворите на Скопска Црна Гора. Изѕидан е до камен и од тули, потпрени врз масивни столбови во форма на коцка. Некои велат дека бил изграден во 6 век, некои полемизираат дека е римска, рановизантиска и византиска градба, а единственото што е извесно е дека кон крајот на 15 век, војсководецот Мустафа-паша извршил реконструкција, за да може преку него да спроведе вода до Мустафапашината џамија.

Еден од моите професори во средно градежно училиште, колку што паметам, на некој час рече дека аквадуктот е последица на непознавање на физиката. Претпоставката му беше дека градителите на аквадуктот не знаеле за законитоста на „споените садови“, штом решиле наместо подземни цевководи да подигнат мост во долот меѓу две брда. Можеби претпоставката му е на место, но, сепак, ме држи скепса дека некој сепак сакал да ја почувствува славата на градителите, зашто кој може да го види тоа што е градено под земја?

Но, тоа нема да ми ја намали радоста и желбата еден ден и ние да имаме маало покрај аквадуктот, како истанбулското маало Фатих, во кое сонцето доаѓа во собите минувајќи низ сводовите на двокатниот аквадукт, кој го изградиле римјаните во 375 година. Или да стане наше секојдневие, макар и за да го опцуеме што токму покрај него ни се расипала колата. А и добра е идејата на општина Бутел, освен атракција за туристи, местото да го претвори во ново шеталиште за бутелчани.

Кешке да е така!

Кинескиот ѕид од Бит-пазар

Бидејќи станало многу модерно да се предлага нешто некаде да се урива, решив еден предлог дададам и јас. Можеби ќе речете како може да биде благородно нешто да се урива, но, верувајте, ова е повеќе нешто како симнување тетоважа, направена во лудоста на младите години.

Неколку години не бев отишол пеш на Бит-пазар, а кога сум минувал оттаму обично сум бил зад воланот, сконцентриран да не ми излета човек пред автомобилот, та затоа не сум можел да погледнам лево-десно.

Неодамна отидов, чекајќи еден пријател да заврши работа во банка и останав стаписан кога подзастанав пред некогашен „Нов дом“ со погледот кон Султанмуратовата џамија. Не можев да поверувам дека во меѓувреме пред џамијата никнала „зградурина“.

Не верувам дека има некој што не ја знае грандиозната џамија до Саат-кулата, која ја изградил султанот Мурат Втори, дваесетина години по катастрофалниот земјотрес што го срамнил Скопје во 1555 година. Не можев да поверувам дека некој се дрзнал да изгради толкав „ѕвер“ и да го скрие хоризонтот кој влегол и во холандската гравура што денеска секојдневно ја гледаме низ прозорецот на стоденарката. Како можел некој да ни стави црн превез пред погледот кон Саат-кулата, што исто така ја изградил Мурат Втори, како прва Саат-кула на Османлиската држава, за која механизмот го порачале од Унгарија, заедно со мајстор што ќе живее во Скопје да се грижи за него.

Којзнае, можеби и тој што го изградил „ѕидот“ паднал во искушението низ кое минуваа младите „војничиња“ на ЈНА, кои ги тетовираа имињата на минливите љубови, заслепени од љубовта и немајќи што попаметно да направат со парите што им ги испраќале родителите. Знае ли тој за честа што ја имало Скопје да добие џамија од Мурат Втори, какви што добиле во истата деценија Едрене и Бурса, престолнините на Османлиската империја пред неговиот син султан Мехмет Освојувачот да го освои Истанбул?

Но, некој ја направил бељата, дали тој што го направил тоа или тој што му дозволил да изгради Кинески ѕид на Бит-пазар. Останува да не тешат стиховите на поетот Орхан Вели во неговите „Песни на асфалтот“, кој ја опеал радоста на шетањето на Истанбул, онаква каква што ја гледале обичните луѓе: „Колку е убав хоризонтот / што ќе го видиш / кога ќе ја урнат зградата над патот“.

Можеби повторно некој ќе рече дека е среќа што е весникот бесплатен, па не мора да плаќа за оваа колумна. Но, да се сетиме на Џон Ленон и да потсетиме на неговите зборови: „Можеби ќе речеш дека сум сонувач, но не сум единствениот. Се надевам дека еден ќе ни се придружиш и светот ќе се сплоти во едно“.

Кешке да е така! И кешке некој да се сети да ја вброи и таа зграда во списокот за уривање.