За што да ви пишувам денеска? Верувајте дека ова прашање ми создаде големи маки, ми го протресе умот и буден и на сон, пред се зашто предизвикот ми дојде одеднаш, дури и ненадејно. Требаше во 24 часа да решам дали ќе пишувам, да одговорам дека прифаќам и навреме да ја напишам првата колумна за да се отпечати во весников што ви е в раце.Нема да ви раскажувам за породилните маки што ги имав со неа, затоа што веќе пред очи ми е жена ми, со весникот в раце, подготвена да каже, „Туф, туф, и ти си знаел што се породилни маки?“. Капитулирам.
Сепак, морам да ви признам дека задачата ми ги одзеде мирот и сонот и буден и додека површно спиев. Ме прошета низ полиците со книги, низ рафтовите со дискови, низ маалските улички и патеки и низ подрумот на мојата зграда, се некаде тргнат да најдам тема за денешната колумна. Таму некаде и ја најдов.
Пред месец, месец и половина еден сосед ми тутна в раце ќеса со зелена тетратка, коверт со некакви хартии, ташниче со печат, купче пари и две блокчиња хартија.
Сфатив зошто доаѓа, зашто не така одамна ми најави дека мене ми идел редот да бидам благајник на куќниот совет, тешејќи ме дека тоа и не е така тешка обврска, лесно ќе влезам во штос, луѓето веќе почнале поредовно да си ги намируваат обврските. Сакал-не сакал, го земав ќесето, се напивме кафе, ги преброивме парите, ги чув првите совети и разменивме неколку идеи што да се прави со зградата.
Што сум прифатил почнав да станувам свесен кога ги видов двата листа соопштение на влезната врата во зградата, со кои станарите се известуваат дека било направено примопредавање на обврските, нов благајник е тој и тој, а за идеите што ги разменивме со комшијата додека пиевме кафе веќе беа закажани термини за реализација.
Оттогаш загубив дел од мирот. Ја презедов обврската, но никако не можам да најдам мотивација да почнам да го извршувам тоа што се очекува од мене. Едноставно не сум скроен за тоа. Не сум јас за „каса-прими“ и „каса-исплати“. Никогаш не сум сакал да се занимавам со пари, да прифатам благајнички обврски, да учам сметководствено-банкарски процедури и воопшто, да имам одговорност кон туѓи пари. Се обидов тоа да му го укажам на комшијата првиот пат кога предложи да ги преземам обврските - но, веројатно тој беше помотивиран да се ослободи од обврската отколку што јас бев енергичен да одбијам да ја прифатам.
Едноставно, не можам да најдам сила во себе, да одам од врата на врата со реченицата „Добро вечер, комшија.. пари за куќен совет...“, со блокчето „каса-прими“, да ги решавам проблемите на зградата. „Едноставно, нели“, немам сила да водам уште едно домаќинство, волонтерски.
Во зградата сум три и пол години. Оттогаш се променија четири-пет благајници, но најспособен се покажа мојот претходник. Но, со ова не барам разбирање за мојот неуспех туку сакам да му оддадам почит за неговиот успех. Бидејќи уште непочнат станав свесен за тежината на обврските што ги извршувал, ќе предложам благајник повторно да е тој, а трудот да му го хонорираме, макар само јас и жена ми, унилатерално. За да не помислите дека сум дембелија или опструктор, планот ми е истовремено да предложам волонтерски да помагам во разубавување и на заедничкиот простор во зградата, и во иднина, како и досега, да се грижам за хигиената во влезот, за ненарушување на мирот на моите соседи и под итно да ги фрлам гајбите со стаклени садови што пред месец-два ги изнесов пред мојот подрум.
И јас би сакал влез што се заклучува, во кој се влегува само откако ќе се најавите кај домаќините, во кој нема да ми го украдат велосипедот, во кој децата на соседите нема да ми ги вадат пратките и флаерите од поштенското сандаче, во кој нема да ставам слушалки со гласна музика за да можам на раат да читам пред да заспијам, а вниманието да не ми го одземаат „Пинк“ и „БК“ од комшискиот телевизор. Мојот придонес ќе го дадам со тоа што ќе го воспитам моето дете да не им го прави тоа на соседите.
Се надевам дека предлогот е коректен.
Кешке да е така!








