За стружани, скокањето од мостовите на Дрим е задоволство без кое не може да поминат дестството и младешките години на речиси секој стружанец. За случајните минувачи тие се провокација која ве тера да подзастанете и да ги погледате, и по цена облеката да ви ја направат 'жива вода'
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ
Среќни се стружани. Имаат и езеро и река. И тоа не кое било езеро и која било река, туку - еден од најпитомите делови на брегот на Охридско Езеро и најубавата и најчистата река за капење во Македонија, Дрим.
Поразговарајте со вашите пријатели од Струга или со кој било стружанец што ќе го сретнете - Македонец, Влав, Турчин или Албанец. Секој ќе ви го каже истото. Тешко дека ќе најдете некој што барем
неколку лета во детството не поминал скокајќи од некој од мостовите и тешко дека ќе најдете некој што не ужива во капењето во Дрим исто онолку колку што ужива кога се капе во Езерото.
Овој пат одиме таму, на мостовите на Дрим, местото каде што се негува една малку позната традиција, традицијата на скокање од мостовите на Дрим.
ДРИМ Е ДРУГ ФИЛМ
Летувањето на брегот на Охридското Езеро, во нашата перцепција обично се врзува за трендовските плажи на охридскиот дел од ривиерата, до кои се пробивате низ колони од возила и до кои тешко се стигнува без автомобил, мотоцикл или автобус. Ако малку подразмислиме, ќе се сетиме и на Струга, каде што плажите се на стотина чекори од куќите и градските хотели или - плажите на автокамповите и хотелите на неколку километри од двата излеза на градот. Но, прашајте ги стружани и ќе ви кажат дека нашиот впечаток секогаш ќе биде некомплетен, се’ додека забораваме на Дрим, реката без која не можат да ги замислат летата.
"Дрим е сосем поинаков, тотално пооткачен филм. Тешко дека ќе најдете стружанец што нема некаков посебен однос кон Дрим. На Дрим (како што велат стружани), капењето е сосем поинакво. Уште од деца откривате дека таму е поинтересно, се борите со водата што ве влече, се тркате со другарите кој попрв ќе преплива од едната до другата страна и, секако - скокањето, задоволство што го нема на плажите", ни рече пријателот Климе Матоски, веб-дизајнер во Скопје, кого го најдовме во Струга додека ги трошеше деновите од годишниот одмор.
Разговорот со него не’ потсети дека речиси истите зборови, пред неколку години, ни ги кажаа група од 7-8 стружанчиња што што еднаш го привлекоа нашето внимание со нивните скокови од Дрвениот мост. Ни раскажаа дека три пати во денот се на плажа и, незамисливо е барем еднаш во денот да не се искапат на Дрим.
"Од на езеро - на Дрим, и - дома. Едно без друго не чини. Кога си помлад, секое одење на плажа завршува на Дрим, а посебен ќеф е скокањето. Тешко е да се одговори кога се почнува со скокање од мостовите. Некаде на возраст околу 5-6 години почнуваш да скокаш од кејот, и одвај чекаш да наполниш околу 15 години, за да почнеш да скокаш од мостовите. И, се’ така е до почетокот на зрелоста, кога полека-полека, повозрасните им ги остапуваат мостовите на помладите. Некој престанува порано, некој подоцна - кому како ќе му дојде умот или кому кога ќе му помине меракот", ни раскажаа следните стружани што ги запрашавме за капењето во Дрим.
ЛАСТА, ЧУПЧЕ, ТАКЛА..

Патот не’ води накај Мостот на поезијата, каде што забележуваме група тинејџери качени на оградата од мостот. Решивме да ги погледаме одблиску. Го прашуваме Матоски за неговото искуство со скокањето.
"Порано скокав многу. Сега - не. А би сакал. Некако без везе ми е сега, стар сум. Кога почнував, отпрво се плашев, бев дете, имав 9-10 години. Така, прво почнав да скокам од кеј, ама по првото скокање од мост, не можев да престанам, кога видов колку е заразно! Значи, за скокачите, кејот е нешто како Припремно одделение. Љубовта кон скокањето обично се раѓа низ игра, со другарите. Доаѓавме друштво и обично игравме брканица, околу Мостот на поезијата - еден брка, другите бегаат како знаат. Има разни стилови, но, најмногу се скока ласта, чупче и такла, а повозрасните знаат да се пофалат и со понекое салто", ни раскажа Климе.
Повозрасните стружани се сеќаваат на времињата кога одвај чекале да дојдат странците и посебно странкињите, да подзастанат на некој од мостовите, љубопитни да ги погледаат како скокаат. Тогаш била вистинската прилилка да се покаже кој колку ја усовршил мајсторијата за скокање ќупче (или чупче, како што го нарекуваат скок стружани, со специфичното струшко ч) - прилика да се покаже кој колку вода може да фрли накај мостот.
Таквото гостопримство спрема странците, како што ни раскажаа нашите соговорници, најчесто биле предизвик за реонските милицајци да покажат кој колку строг умее да биде, но како што велат, времињата веќе се променети, па - и полицајците се потолерантни спрема скокачите, а и скокачите се пообѕирни кога скокаат чупче накај туристите на мостот.
ТРАДИЦИЈА ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗАЧУВА

Листата на скокови може да се дополни со уште десетина други скокови, што донесени од гостите во градот, кои се охрабриле да скокнат од некој од мостовите, што настанати со експериментирање на генерации и генерации стружани. Го прашавме Климе за културолошкото значење и интимното значење на скокањето во Дрим во животот на стружани.
"Овие начини на скокање се пренесуваат од генерација на генерација и се запаметени уште од времето од кога постојат мостовите на Дрим. Скоковите се дел од традицијата на Струга и би било убаво да се организира традиционален натпревар во скокање. Од една страна, тоа ќе помогне да се зачуваат и да се усовршат традиционалните скокови, од друга страна таквиот турнир би можел да биде убава провокација за да се дојде во Струга", ни рече Климе на испраќање.
Ја загризавме јадицата. Си ветивме дека следниот пат и ние ќе се обидеме.

П.С. Непосредно пред да го предадеме текстот на печатење, на интернет ја најдовме веста дека на 28 јули во Мостар се одржало 443 издание на турнирот во скокови од Стариот мост на Неретва. Фасцинантно!