Thursday, December 03, 2009

Љубов на прв поглед!


Не сме свесни колку е Црна Гора слична
на Македонија и колку е природно да се чувствуваат како дома луѓето што првпат патот ќе ги однесе во Црна Гора

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Филип ПОПОВСКИ
СЕВЕРНА ЦРНА ГОРА - Не сме свесни колку сме блиски и слични со Црногорците. Не сме свесни колку е Црна Гора слична на Македонија и колку е природно да се чувствуваат како дома луѓето што првпат патот ќе ги однесе во Црна Гора, барем неколку часа повеќе од минувањето низ земјата на шумите од црн бор на пат од северниот Јадран накај Македонија.
Не е потребно многу за да го сфатите тоа. Се гледа уште од авион - не е клише, најсериозно! - како што ќе забележите уште веднаш кога авионот ќе се искачи на околу 8.000 метри височина и кога некаде меѓу Тетово и Гостивар ќе ја напушти земјата, движејќи се над планините на Албанија,северозападно, накај Скадарско езеро и аеродромот во Подгорица.

Гледајќи одгоре, спонтано се впуштате во аматерска геолошка анализа на теренот, која, исто така спонтано, ќе заврши со анализа на поврзаноста на геолошките специфики на теренот со духот на луѓето што милениуми подоцна ќе го населат. Сличностите ги препознавате уште од слетувањето во Подгорица, по неочекувано куси 35-40 минути летање - тамам колку да го испиете коктелот од утринско кафе и црногорска убавина на стјуардесите на Монтенегро ерлајнс.
Слични во сè - геологија, аеродром, пејзаж, голем дел од табиетот на луѓето, историскиот амбиент низ голем дел од историјата на двата народа, но и во денешнината, кога спонтано ќе почнете да го откривате црногорското богатство од културна, религиска и етничка разноликост.
СЕКОЈА РЕКА - РАДИКА
Прва средба со мапата на Црна Гора, една од првите хартии по која посегнавме од пакетчето со промотивни материјали со кои не пречекаа нашите домаќини, Александра Крговиќ, советник за односи со јавноста во Министерството за туризам и Јелена Поповиќ, претставник на Националната туристичка организација на Црна Гора. Сличноста меѓу двата народа и двете земји уште еднаш ја потврдува и мапата, каде што среќавате изобилство од слични топоними - Колашин - Колешино, Бјеласица - Беласица, Скадарско Езеро - Скудриње, Петровац - Петровец, Пресјека - Пресека - но, и патот од Подгорица кон Колашин, низ кањонот на реката Морача - уживање многу слично на патувањето низ западна Македонија, покрај брегот на Радика.
Пред нас се час и половина возење, во кои ловиме слики низ стаклата на автобусот, податоци од кажувањата на нашиот водич, и по нешто од песните на Владо Георгиев, Бојан Маровиќ, или, кој и да беше, од поновата генерација црногорски пејачи.. кои ни се видоа згодни за да уловиме барем нешто од црногорскиот бит, став и однос кон љубовта, љубовниот чин, прељубата или - евентуалниот мачоизам на Црногорците.
Слушајќи го поздравното обраќање на Јелена до гостите од Македонија, сфаќаме дека пред нас се четири дена интензивна програма, во кои ќе видиме голем дел од националната гордост на Црногорците - планините, реките и националните паркови во северот на Црна Гора - национално богатство кое се цврсто решени да го стават во полза на развојот на земјата што ја сакаат. Дека е така, ќе сфатите веќе кога ќе завлезете подлабоко во кањонот, кога ќе почнат да се нижат новите тунели и "трети ленти" што биле изградени во последните неколку години, кои, стратешки гледано, треба да им го олеснат патувањето на луѓето од Црна Гора, но, многу повеќе - на луѓето што Црногорците ги чекаат со раширени раце и отворени срца да ја посетат нивната земја.
Пристигнуваме во Колашин, се сместуваме во хотелот Bianca Resort & Spa, угостителски центар за кој, како што ќе дознаеме подоцна, речиси никој не спори дека е најдобриот хотел во планинскиот туризам во Црна Гора. Дека е еден од најдобрите можевме да се увериме веднаш по пријавувањето на рецепција, кога одблиску можевме да видиме колку визионерски било сè до детаљ осмислено, за некогашниот социјалистички хотел Бјеласица да прерасне во елитен хотел, во кој е постигната хармонија меѓу високата технологија, материјалите од околната природа и вкусовите на современите глобтротери, како што ни потврди подоцна и директорот на хотелот, Милан Павичевиќ, за време на кафе-средбата со новинарите од Македонија.

КОЛАШИН 1450


Куса пауза во хотелот. Агендата е прилично набиена. Веднаш тргнуваме накај ски центарот Језерине, од неодамна брендиран како "Ski resort Kolasin 1450", на десетина километри од Колашин. Патот од време на време ни го попречуваат асфалтерите и валците на Црнагорапут, забрзани да го закрпат патот пред да почне сезоната годинашниот снег - прилика да фрлиме по некој поглед на новите мини населби од дрвени куќички, дел на продажба, дел за изнајмување.
Бевме љубопитни како би можеле гостите од Македонија да рерзервираат нешто за себе, ако решат да дојдат на скијање во Колашин. Дознавме, а подоцна и се уверивме, дека Црна Гора многу внимава на достапноста на информациите до луѓето што сакаат да ја посетат и оти ќе биде доволно да го посетат националниот портал за туризам www.montenegro.travel или да се јават на дежурната линија на Туристичкиот инфо-сервис, на бројот што лесно се памети, 35-00.
Домаќините од Kolasin 1450 го одбраа најдобриот начин да нè запознаат со тоа што им го нудат на посетителите. По кусата обиколка на ресторанот, терасата, Центарот за ски-опрема и Школата за скијање, веќе сме на еден од врвовите, до кој нè доведе ски-лифт шестосед, со капацитет да пренесе 6.200 скијачи на час - идеален транспорт за скијачите, доволно брз пред телото загреано од скијање да почне да се лади (како што ни рекоа колегите искусни, пасионирани скијачи).

Седнуваме во ресторанот Бјеласица, од темелот до врвот изграден од дрво и природни материјали, како и сите други објекти во ски-центарот. Пред нас е обилна трпеза, која ќе нè направи толку мрзеливи, до толку што спас ќе биде само 20 минутното искачување со ски-лифтот двосед, до врвот Ќупови на 1900 метри надморска височина. Посебно доживување! Место од каде што ќе можете да ги видите сите врвови на стотици километри од вас - доволен предизвик за луѓе што не се нашле себеси во скијањето - но, и одлични терени за скијање, кои, е многу веројатно да ве натераат да почнете да го правите тоа.

СПЕЦИЈАЛЕН ПОЗДРАВ ЗА НАШИТЕ МА
КЕДОНЦИ!
Од утринската прошетка низ Колашин дознаваме дека сме дошле во убаво уредено, мало гратче, опколено со планини, со градска гаража, во кое селективно се собираат отпадоците. Разгледувајќи ги околните планини, набргу ќе сфатите зошто речиси сите такси возила се со погон на четири тркала. Низ празните плочници, кои навечер се исполнети со звуците на гласните кафулиња и млади луѓе тргнати во ноќен живот, се слушаат само гласовите на ретките минувачи, п
оздравувајќи се со срдечно: Добро јутро! Од спомен-плочата пред Роднокрајниот музеј на Колашин, дознаваме дека градот, за време на Втората светска војна, 23 пати паѓал од раце во раце, 80 пати бил бомбардиран, првпат бил ослободен на 17 јули 1941, од Италијаните. Шетајќи по уличките, лесно ќе сфатите дека и тука не се реткост традиоционалните куќички со дрвени кровови, иако, како и кај нас, новите градби често посегнуваат по помодарски архитектонски решенија.
Ако утринското разгледување е прилика да бидете самите со себе и со градот, ноќните прошетки се нешто сосема друго. До полноќ почнува загревањето по локалните кафулиња. За мало место, изборот е прилично широк - од џем-сешн со рок-класици, до аудио-видео седенки пред плазма со концерт на Тиесто и лумпувања со црногорски поп и турбо фолк по ноќните клубови, места каде што, и покрај музиката, ќе се чувствувате убаво што сте од Македонија, изненадени од срдечноста што ќе ви ја приредат Црногорците.
И, да, како би можеле да го заборавиме најголемиот доказ за тоа - тоа што му се случи на колегата Мачки, снимателот од МРТ.
Штотуку прибрани од едно такво патешествие низ колашинските клубови, пред нас се појавува Мачки, насмеан до уши, прашувајќи дали знаеме каде ќе се журкаме следниот ден? Ни раскажа долга приказна, за да стигне до клучевите што ги мафташе низ рака. До толку им тргнал муабетот со сопственикот на кафеаната каде што седел, што се нашле толку блиски, небаре браќа. Паднало збор за следниот ден. Сопственикот ќе бил зафатен, имал куќна слава и најверојатно немало да го отвори кафулето на Свети Аранѓел, но, тоа не било причина Мачки да остане лишен и тој ден да појде во неговото кафуле.
"Моето кафуле, е твое кафуле! Земи го клучов, прави што ќе правиш - кафеаната е твоја!", ни раскажа Мачки, изненаден и самиот.
Речено, строено! Следниот ден, ноќта ни почна во нашата кафеана, сред Колашин.

КОЛОРАДО, ПА - ТАРА!
Тргнуваме на пат низ кањонот на Тара, реката надалеку прочуена како одличен терен за рафтинг, или, како што вели фактографијата - реката најдлабокиот и најдолгиот кањон во Европа, втор во светот, по кањонот на Колорадо во Америка. Патуваме кон градот Жабљак. Веднаш до него се Националниот парк Дурмитор и Скијачкиот центар Савин кук. Првото што ќе ве изненади додека патувате накај Жабјак е сознанието дека Тара тече кон север, спротивно од очекувањето што ви го наметнало патувањето покрај Морача. Од богатството од материјали во кесичето, дознаваме и се потсетуваме дека Тара се влева во Пива, во северозападна Црна Гора и од нив се формира Дрина, а Морача завршува во Скадарско Езеро.
Уредни села покрај патот. Веќе добивате осет за "мапата на Црна Гора". Одвнатре нешто ви вели: нова љубов на повидок - колку убава земја! Покрај патот ве пречекуваат уредни селца, домаќински, вредно стокмени ѕитчиња од цепени дрва, уредни, тазе искосени гробишта. Маглина врз зелени лото околу куќите, врз копите сено, врз сивите тренерки што се сушат закачени на јаже пред една од куќите. Како да сте во своја земја, од време на време се јадосувате кога повторно ќе ви се врати впечатокот дека колку повеќе навлегуваме кон северот, толку повеќе има отпадоци покрај патот. Повторно ни се враќаат мислите за геологијата. Би можеле да се пожалиме дека патиштата се кривулести, на места - кривулести и застрашувачки тесни - но, возете внимателно и погледнете ги од ведрата страна - ќе сфатите дека пред вас е патување низ една поинаква убавина.
Море од магла во процепот меѓу високи планини. "Локаторот" на мобилниот телефон вели: Tara. Патот продолжува низ пејсаж од шуми како шумата на полпат меѓу Маврово и Галичник. Од време на време среќата ќе почести со убаво осветлени жолтеникави карпи низ маглината, под кои, длабоко-длабоко, откривате раскошен кањон и, навидум тивка, достоинствена, сино-проѕирна река, решително тргната кон север. Распенавени потоци се спуштаат во реката, вода што од којзнае каде тргната пробива низ процеп во карпите, од онаа страна на реката, наспроти нас. Крајпатни спомен-плочи на цели семејства загинати во провалиите под кривините. Кањон на Тара. Возете внимателно, не брзајте!
КАДЕ ШТО СПИЈАТ БОГОВИТЕ
Минуваме низ Жабљак, одиме накај Дурмитор. По десетина минути возење нè пречекува огромно пространство што личи на Тони вода, пространството што ве пречекува непосрдно пред Галичник. Пред нас е Дурмитор, една од планините со кои се гордеат Црногорците, местото каде што спијат боговите, како што вели легендата што ни ја кажа Данило, нашиот водич од Жабљак. Научивме дека Дурмитор е планината со најмногу снежни врнежи во текот на годината на просторот на поранешна Југославија, а скијалиштето Савин кук е особено популарно за љубителите на екстремно скијање и сноубординг.
Патот нè води на едно преубаво место, Црното Езеро (Црно Језеро), во кругот на Националниот парк Дурмитор, уште една причина што ќе направи уште повеќе да се распламти вашата нова љубов. Го заобиколувате газејќи по уредни, обележани патеки, со чувство како да сте со години далеку, како одамна да сте ги заборавиле забрзаниот град, магливиот асфалт и свирежите на автомобилите. Во водата го гледате отсјајот на високите врвови и небото, исшарано од млазни авиони - знак дека сте многу високо над Морето, 1.430 метри, веднаш под врвот каде што спијат боговите.
Уште еден обилен црногорски ручек. Вкусови што до крајот на денот ќе ви останат на непцето - чадено јагнешко и - одлична јаболкова ракија. Се враќаме во Колашин. Нè чека нов, долг ден, а дотогаш - ново патешествие по колашинските кафулиња и клубови.
ПРАШУМАТА НА БИОГРАДСКО ЈЕЗЕРО
Не. Навистина не би можеле да замислиме дека толку убава земја имаме на 40 минути летање зад планините зад Шар Планина. Секое следно завлегување во дивината на Црна Гора беше само доказ повеќе за тоа. Третиот ден го одбележаа впечатоците од Националниот парк Биоградска гора, еден од петте национални паркови на Црна Гора, во кој е една од последните три прашуми во Европа. Пристигнуваме во место каде што височината ќе ви го помести осетот за пропорција. Зимзелени дрвја високи по 60 метри, врвови високи по 2.000 метри и Биоградско Језеро, езеро сред недопрена природа - до толку недопрена, што и дрвјата што ќе паднат остануваат оставени на местото каде што се нашле.


Се заборавате од пешачење, тотално несвесни дека веќе долго сте навлегле во територија што ненаметливо, но со интензивен третман, ви ги прочистува белите дробови и мислите, ве лекува стресот кој владее на неколку стотини километри од вас, над асфалтот на вашето секојдневие. Заборавате на сè, освен на луѓето што би сакале наскоро да ги донесете тука, да им ја покажете вашата нова љубов и да ја споделите радоста што ве плени, гледајќи како вашите соседи со далекугледа визија и трудољубивост - далеку од предрасудите што ги носите со себе за Црногорците - ја негуваат својата природа и ведри, не се штедат да ви ја покажат и да ве испратат спокојни дека направиле сè за повторно да им се вратите.
Тоа го чувствувате и во кафеаната Коноба во Колашин, ресторан-музеј каде што се служат прекрасни црногорски јадења, и во градската сувенирница, натежната од сувенири и промотивни материјали, и во приватните куќи во нашиот град-домаќин, каде што, во една од нив, би можеле да најдете сместување кај човек од Љубаништа, кој не штеди пари и љубезност за да испрати задоволни гости.
ДО СКОРО ВИДУВАЊЕ!
До заминувањето дома ни останува уште малку време, толку што веќе помисливме дека веќе сме виделе сè што би можело да нè плени. Но, агендата нè потсетува да зачуваме уште малку сила и концентрација.
На пат накај аеродромот во Подгорица, стигнуваме во Манастирот Морача, на дваесетина минути возење од Колашин. Кога ќе го видите од надвор, како што му се наближувате по патот, добивате впечаток дека е убаво негуван, манастир во висините над брегот на Морача, кој ќе биде убаво доживување ако го одберете како место за одмор од патувањето. Инзенадувањето следува подоцна, кога ќе влезете во манастирската црква, Успение на пресвета Богородица. Првиот шок доаѓа кога ќе влезете во припратата, кога ќе го здогледате живописот. Шарајќи со очите по него, оддолу нагоре, ќе ја доживеете вистинската димензија на храмот - културолошка, духовна, метричка. Си ветуваме дека ќе биде неизоставна точка за одмор за време на нашата следна посета на Црна Гора.
Продолжуваме накај Подгорица. Од нашата прва средба одблиску со градот, во теферот наоѓаме запис:
"Не сум знаел, не ми паѓало ни на крај памет дека Подгорица е град, низ кој тече река како Радика - град на кањон!".
Останува уште-кафе пауза во еколошкиот угостителски центар Плавница, на Скадарско Езеро - место каде што се бакнуваат модерното и природата. Времето е прекусо за да можеме прописно му го видиме ќефот. Уште една цртка во тефтерот и неколку фотографии во мобилниот за да ги кандисаме нашите блиски полесно.

До скоро видување!

1 comment:

Karadağ Savaşı said...

хвала за савршену базу блога