Showing posts with label традиција. Show all posts
Showing posts with label традиција. Show all posts

Tuesday, August 04, 2009

Струшките скокачи

За стружани, скокањето од мостовите на Дрим е задоволство без кое не може да поминат дестството и младешките години на речиси секој стружанец. За случајните минувачи тие се провокација која ве тера да подзастанете и да ги погледате, и по цена облеката да ви ја направат 'жива вода'

Пишува: Васко МАРКОВСКИ

Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ

Среќни се стружани. Имаат и езеро и река. И тоа не кое било езеро и која било река, туку - еден од најпитомите делови на брегот на Охридско Езеро и најубавата и најчистата река за капење во Македонија, Дрим.

Поразговарајте со вашите пријатели од Струга или со кој било стружанец што ќе го сретнете - Македонец, Влав, Турчин или Албанец. Секој ќе ви го каже истото. Тешко дека ќе најдете некој што барем

неколку лета во детството не поминал скокајќи од некој од мостовите и тешко дека ќе најдете некој што не ужива во капењето во Дрим исто онолку колку што ужива кога се капе во Езерото.

Овој пат одиме таму, на мостовите на Дрим, местото каде што се негува една малку позната традиција, традицијата на скокање од мостовите на Дрим.

ДРИМ Е ДРУГ ФИЛМ

Летувањето на брегот на Охридското Езеро, во нашата перцепција обично се врзува за трендовските плажи на охридскиот дел од ривиерата, до кои се пробивате низ колони од возила и до кои тешко се стигнува без автомобил, мотоцикл или автобус. Ако малку подразмислиме, ќе се сетиме и на Струга, каде што плажите се на стотина чекори од куќите и градските хотели или - плажите на автокамповите и хотелите на неколку километри од двата излеза на градот. Но, прашајте ги стружани и ќе ви кажат дека нашиот впечаток секогаш ќе биде некомплетен, се’ додека забораваме на Дрим, реката без која не можат да ги замислат летата.

"Дрим е сосем поинаков, тотално пооткачен филм. Тешко дека ќе најдете стружанец што нема некаков посебен однос кон Дрим. На Дрим (како што велат стружани), капењето е сосем поинакво. Уште од деца откривате дека таму е поинтересно, се борите со водата што ве влече, се тркате со другарите кој попрв ќе преплива од едната до другата страна и, секако - скокањето, задоволство што го нема на плажите", ни рече пријателот Климе Матоски, веб-дизајнер во Скопје, кого го најдовме во Струга додека ги трошеше деновите од годишниот одмор.

Разговорот со него не’ потсети дека речиси истите зборови, пред неколку години, ни ги кажаа група од 7-8 стружанчиња што што еднаш го привлекоа нашето внимание со нивните скокови од Дрвениот мост. Ни раскажаа дека три пати во денот се на плажа и, незамисливо е барем еднаш во денот да не се искапат на Дрим.

"Од на езеро - на Дрим, и - дома. Едно без друго не чини. Кога си помлад, секое одење на плажа завршува на Дрим, а посебен ќеф е скокањето. Тешко е да се одговори кога се почнува со скокање од мостовите. Некаде на возраст околу 5-6 години почнуваш да скокаш од кејот, и одвај чекаш да наполниш околу 15 години, за да почнеш да скокаш од мостовите. И, се’ така е до почетокот на зрелоста, кога полека-полека, повозрасните им ги остапуваат мостовите на помладите. Некој престанува порано, некој подоцна - кому како ќе му дојде умот или кому кога ќе му помине меракот", ни раскажаа следните стружани што ги запрашавме за капењето во Дрим.

ЛАСТА, ЧУПЧЕ, ТАКЛА..

Патот не’ води накај Мостот на поезијата, каде што забележуваме група тинејџери качени на оградата од мостот. Решивме да ги погледаме одблиску. Го прашуваме Матоски за неговото искуство со скокањето.

"Порано скокав многу. Сега - не. А би сакал. Некако без везе ми е сега, стар сум. Кога почнував, отпрво се плашев, бев дете, имав 9-10 години. Така, прво почнав да скокам од кеј, ама по првото скокање од мост, не можев да престанам, кога видов колку е заразно! Значи, за скокачите, кејот е нешто како Припремно одделение. Љубовта кон скокањето обично се раѓа низ игра, со другарите. Доаѓавме друштво и обично игравме брканица, околу Мостот на поезијата - еден брка, другите бегаат како знаат. Има разни стилови, но, најмногу се скока ласта, чупче и такла, а повозрасните знаат да се пофалат и со понекое салто", ни раскажа Климе.

Повозрасните стружани се сеќаваат на времињата кога одвај чекале да дојдат странците и посебно странкињите, да подзастанат на некој од мостовите, љубопитни да ги погледаат како скокаат. Тогаш била вистинската прилилка да се покаже кој колку ја усовршил мајсторијата за скокање ќупче (или чупче, како што го нарекуваат скок стружани, со специфичното струшко ч) - прилика да се покаже кој колку вода може да фрли накај мостот.

Таквото гостопримство спрема странците, како што ни раскажаа нашите соговорници, најчесто биле предизвик за реонските милицајци да покажат кој колку строг умее да биде, но како што велат, времињата веќе се променети, па - и полицајците се потолерантни спрема скокачите, а и скокачите се пообѕирни кога скокаат чупче накај туристите на мостот.

ТРАДИЦИЈА ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗАЧУВА

Листата на скокови може да се дополни со уште десетина други скокови, што донесени од гостите во градот, кои се охрабриле да скокнат од некој од мостовите, што настанати со експериментирање на генерации и генерации стружани. Го прашавме Климе за културолошкото значење и интимното значење на скокањето во Дрим во животот на стружани.

"Овие начини на скокање се пренесуваат од генерација на генерација и се запаметени уште од времето од кога постојат мостовите на Дрим. Скоковите се дел од традицијата на Струга и би било убаво да се организира традиционален натпревар во скокање. Од една страна, тоа ќе помогне да се зачуваат и да се усовршат традиционалните скокови, од друга страна таквиот турнир би можел да биде убава провокација за да се дојде во Струга", ни рече Климе на испраќање.

Ја загризавме јадицата. Си ветивме дека следниот пат и ние ќе се обидеме.



П.С. Непосредно пред да го предадеме текстот на печатење, на интернет ја најдовме веста дека на 28 јули во Мостар се одржало 443 издание на турнирот во скокови од Стариот мост на Неретва. Фасцинантно!

Tuesday, November 25, 2008

Турски чај

Два чајника, еден врз друг, два грста цејлонски чај, црн, од жолта кутија - со канаринец - и барем еден-двајца пријатели. Доволно елементи за пријатен муабет и дружење! Другото ќе го направи чајот!

Фотографии: Милан Стрезовски
Турски, руски, цејлонски, црн.. Наречете го како што сакате! Сигурно се разбираме.. Чајот во мали стаклени чавчиња, црвенкасто-кафена боја - јакиот - како што го нарекуваат некои, велејќи дека треба да внимаваме кога го пиеме, зашто, ако испиеш повеќе од два-три - отиде притисокот над 140. Но, и тоа се митови, како што ќе ви објасни секој што имал подолгорочно искуство со чајот од два чајника. Ако не сте го пробале досега, срам да ви е! Веднаш појдете во најблиската чајџилница или - побарате ги пријателите Турци, Албанци, Бошњаци.. и, замолите ги да ви објаснат што сте пропуштиле да пробате!
Денеска посегаме по тој дел од Непозната Македонија, по чашка, две, три.. пет.. турски чај!

ПРЕТКАФЕ

Независно кој како го нарекува, дали за Албанците е - руски, за Турците само - чај, за македонците - турски­ - неколку работи се заеднички за чајот од два чајника, независно кој каде го приготвува и од каде потекнува мастрафот. И Турците и Албанците и Бошњаците го подготвуваат од растението thea sinensis или camellia sinensis, а различен од другите чаеви го прави начинот на подготвување.

"Тоа е дел од нашата култура, од нашата традиција.. си пиеме чај дома.. во чајџилница, пред куќа, на излет - секое место е згодоно место за чај. Чајот е дружење, дел од секојдневниот живот", ќе ви рече секој што ќе го прашате, како што ни рекоа првите луѓе што ги сретнавме во една од чајџилниците во скопската Стара чаршија.

Сакајќи да откриеме колку што можеме повеќе за турскиот чај, се договоривме во нашата обиколка на чаршијата да ги повикаме колегите Бесник Шуки и Хусамедин Гина, сакајќи преку нив и преку нивните пријатели од чаршијата да откриеме колку што можеме повеќе за традицијата на пиење чај кај Албанците и кај Турците и кај муслиманското население во Македонија воопшто.

Разговорот го почнавме со еден од другарите на Бесник од детството, кој израснал во чаршијата и испил илјадници чашки чај во животот.

"Денес има многу чајџилници, па еве и јас отворив од неодамна чајџилница. Порано, во време на бивша Југославија, ја имавме само некогашна Слога, кај влезот Чифте амам. Луѓето одеа таму, се пиеше чај и се играше томбола. Приватните чајџилници почнаа да се отвараат од 1987-88 година. Времето се менува, ама не се менува навиката да се се пие чај", ни рече првиот соговорник.

Како што научивме од нашите пријатели, секоја турска или албанска фамилија најмалку два пати во денот си прави чај дома и за нив е речиси незамисливо да почне денот без чај.

"Чајот е задолжителен дел од појадокот во секоја турска куќа. Денот не може да почне без чај", ни рече Хусамедин, потсетувајќи дека на тоа упатува и турскиот збор за појадок, kahvaltı, кој значи преткафе - нешто што треба да направи подлога за утринското кафе.
Сакајќи да го провериме тоа, направивме мала анкета. Сите што беа околу, без исклучок, рекоа дека во нивните семејства, секојдневно се прави чај.

"Има куќи во кои чајот врие 24 часа на ден", ни рече Бесник.

ЗАВИСНИ ОД ЧАЈ

Разговорот со Бесник го свртевме на темата колку чајот што го пиевме е добар или лош за здравјето, како што сме слушале како почетници, кога поискусните сакале да не' воведат во непознатото задоволство, велејќи дека треба да внимаваме, да не ни се слоши од многу чај.

"Ако се пие со мерка - добар е! Но, ако претераш, ова е исто како дрога! Јас знам луѓе, имам другари, што се зависни од чај. Тој ако не испие 10 - 15 - 20 чаја дневно, се тресе цел ден! Ако немаш мерка, ова е полошо од дрога! Да пиеш два-три е друго! Има луѓе, прават чај во 8 наутро, кога ќе почнат, пијат до 10 - 11 навечер", ни раскажа.

Решивме да продолжиме во некоја друга чајџилница, накај турските, над улицата на јорганџиите. Веднаш зад аголот не' чекаше пријатно изненадување, како нарачано за добра фото-илустрација за тоа колку е чајот дел од животот на муслиманското население. Пред нас беа три-четворица дуќанџии, кои застанале да се напијат чај пред дуќаните, на сред улица, далдисани во срдечен муабет. Решивме да им се обратиме, да го споделат со нас нивното искуство.





"Ако се пие со мерка, чајот е добар! Ако пиете како нас, што претеруваме, не чини. Има разни чајџии. Некој пие по 10-12 во денот, некој помалку, некој повеќе.. некој пие виски, ние пиеме чај! Убаво е со чај. Со чај секогаш паѓа убав муабет. Ќе размениш нешто", ни рекоа најкомуникативните од нив, велејќи дека пиењето чај пред дуќан е честа ситуација во чаршијата.

ЛЕК ЗА ГЛАВОБОЛКА

Во следната чајџилница, во близина на Куршумли ан, научивме дека иако чајот е дел од животот на Турците, Албанците, Бошњаците.. во сите делови на Македонија, сепак, чајџилници најмногу има во Скопје, во Куманово, и во Тетово, а добар чај може да се најде само кај добрите мајстори.

"И ова си има мајсторија! Не се прави чај туку-така", ни рече следниот домаќин.

Од него го побаравме рецептот за правење чај во два чајника.

"Најпрвин во долниот чајник ставаш вода, а во горниот ставаш само чај, сув. Ги ставаш на шпорет и ги оставаш додека да зоврие водата. Откако ќе зоврие водата, дел од водата од долниот чајник претураш во горниот, за да се попари чајот. Долниот чајник се дополнува со вода и повторно ги ставаш чајниците на шпорет, и се оставаат 10-15 минути на потивок оган. По 15-20 минути, чајот е подготвен за пиење", ни рече.

Прашувајќи за квалитетот, дознавме и нешто за табиетите на муштериите. Домаќините ни рекоа дека чајот е подобар кога се пие свеж и дека не чини да се остава да стои повеќе од два-три часа. Ако стоел многу, веќе го губи шмекот и станува потежок за желудникот.

"Има луѓе што не пијат чај во чајџилница. Дома можеби пијат и по 15, ама во чајџилница - не пијат! Други, не сакаат оладен чај. Тие сакаат да го пијат и - да им гори душата. Некои се навикнати да пијат тежок чај - не прашуваат ни за здравје, ни за висок притисок. Имам другар - тој е навикнат да пие темен, катран! Овој чај, што го пиеме, за него е вода! Ќе ми се налути да му дадам ваков!", ни рече Бесник.

Муабетот за крвниот притисок и за главоболките не потсети дека е време да привршуваме со нашата екскурзија низ чајџилниците. Зад нас веќе имавме по 5-6 чаја, па не сакавме повеќе да ризикуваме - немавме тренинг.

Но, искусните чајџии што беа со нас ни рекоа да не се грижиме многу-многу.

"Ако имаш низок притисок, да пиеш појак чај, без шеќер - ќе ти се нормализира! А, помага и за главоболка. Еднаш ми се случи - патував цел ден од Скопје за Турција - главата ме скина од болка. Кога стигнав во Истанбул, испив два чаја кај тетка ми, главата веднаш ми помина! Нема штета во чајот, само треба да си ја знаете мерката и да имате тренинг. Ние немаме гајле", ни рекоа пријателите на нашите пријатели.

За крај уште ни остана да прошетаме и да ги видиме некогаш култните чајџилници, од времето кога чаршијата беше полна со млади, кога беше собиралиште на рокери и уметници. Се потсетивме каде беа некогашна Аксарај, се' уште активната Галерија 7.., чајџилницата Румели каде што и ден денес постарите Турци одат да гледаат фудбалски натпревари од турското првенство, или Ат-Ал, омиленото место на дружините што играат домино.