Showing posts with label Струшки вечери на поезијата. Show all posts
Showing posts with label Струшки вечери на поезијата. Show all posts

Friday, August 14, 2009

Паркот на поезијата


Ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, струшкиот парк го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад од летното сонце. Но, сè станува поинакво, кога ќе ги ставите волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Александар МЕХАНЏИЕВ


Неговото име најчесто го слушаме само еден ден во годината, како локација поврзана со дел од протоколот за отворањето на Струшките вечери на поезијата. Во листата на активности за утрото пред свеченото отворање на Фестивалот, два часа пред прес-конференцијата на лауреатот, како по правило ќе прочитате: 10:00 - Садење дрво во Паркот на поезијата. И, толку. Настанот накусо ќе биде одбележан во опширните дневни извештаи на репортерите на весниците, радијата и телевизиите; фотографите и снимателите ќе ја искористат приликата да уловат малку поинспиративна слика за илустрирање на дневниот дел од настаните, наспроти седачкиот амбиент на прес-конференциите и - толку. Ќе се присетиме на нив, ако некогаш, случајно патот не однесе покрај Домот на културата, сакајќи да скратиме пат до улицата со кафулињата и - толку. Но, дали е само - толку?

Повторно сме во Струга. Ве водиме во Паркот на поезијата, место какво што ретко ќе најдете каде и да е во светот, Ако не единствениот, еден од ретките паркови во светот, засадени од плејада светски поети.

ОЧИЛАТА НА ПОЕЗИЈАТА

Тешко ќе најдете податоци за почетоците на струшкиот парк, кој, ако сте од оние што не се нашле себеси во поезијата и кои поезијата не ја нашле во себе, го доживувате како обичен градски парк, кој питомо ќе ви понуди лад, кога сварени од летното сонце итате во непознат правец, препуштајќи му се на внатрешното чувство да ви помогне да пронајдете сенка. Но, кога веќе сте ја пронашле поезијата во себе, и кога веќе сте се нашле себеси во неа, веќе сè се менува, сè станува поинакво. Ги ставате волшебните очила на поезијата и почнувате да лутате меѓу дрвјата, небаре Волт Витмен во песната Супермаркет во Калифорнија на Ален Гинзберг.

Не очајувајте ако не го најдете дрвото на Гинзберг, како што ќе се намачите да го најдете и дрвото на Роберт Рождественски, кое, кажано со јазикот на војниците на ЈНА - ако постои, би требало да се прогласи за џомба над џомбите, кое досега пречекало 42 дрвја-гуштери (кажано со стилот на синтагмите на Ференц Јухас) и, кај да е, за пет-шест дена ќе му го каже куќниот ред дрвото на годинашниот лауреат, словенецот Томаж Шаламун.

Клупите во Паркот ни се видоа одлично место за да ги пролистаме ливчињата во кои некогаш, откривајќи ја поезијата на лауреатите на Струшките вечери, сме ги запишувале впечатоците и новите сознанија што ни се виделе интересни.

Седнати на една од клупите близу црквичката Свети Никола, веднаш наспроти главниот влез на киното, го читаме следново:

"Фазил Хисни Даглраџа. Поранешен капетан во Турската армија. Во седумдесеттите години, по 15 години служба, ја напушта армијата и станува трудов инспектор. Кога ќе заситил и од тоа, отворил книжарница и станал издавач и уредник на месечно списание. Во 1974 добива Златен венец во Струга".
Тргнуваме накај парчето тревник, каде што некогаш сме ја виделе плочката со неговото име. Сакаме одблизу да го видиме дрвото што го засадил, блиску до влезот на црквичето Свети Никола, пред кое, едно време, кога и да поминеш, седеа две-три бабички на бели коклици.

Токму така. Меморијата не не излажала - има листови како листот на знамето на Канада, најверојатно е јавор. Го разгледуваме одблизу и продолжуваме со ливчињата. Ја бараме песната Виењето на старото дрво, од која Дагларџа меланхолично ни вели: Децата повеќе не ме каменуваат / Вљубените не врежуваат срца по мене / Јас, дрво без лисја / Едно од измамените.

Решивме да провериме и најдовме интересен демант. Потпис на некоја Ива и, малку подолу, цртички и рески налик на логото на американската панк-рок дружина Dead Kennedys.

Хмм.. Знаела ли Ива за тагата на Дагларџа и, чул ли некогаш Дагларџа за подвигот на Џело Бијафра и Dead Kennedys.

Но, што е поезијата ако не провокација за умот, импулс што ќе ве натера да ставите едно до друго две навидум неспојливи нешта, да замислите една невозможна ситуација и да видите дека тоа и не е така лоша идеја, дека можеби токму таквото размислување ќе ве доведе до клучот на светот!?

МУАБЕТ СО СОСЕДИТЕ

Продолжуваме понатаму. Веднаш до Дагларџа, ги здогледуваме неговите први комшии - дрвјата што во 1972 и 1979 ги засадиле Пабло Неруда и Мирослав Крлежа, повторно правејќи возможна една навидум невозможна ситуација. Иако нивните домови биле оддалечени на илјадници километри еден од друг, во Паркот на поезијата се е возможно, па дури и нивната поезија и нивниот дух да бидат први комшии.

Доволно е само да ги ставите невидливите очила на поезијата.

Каде и да ве одведе прошетката низ Паркот на поезијата ќе бидете фасцинирани какви сè невозможни ситуации се отвораат пред вас. Независно дали ќе тргнтете од скаличките што ненаметливо се издвојуваат укосо од шеталиштето покрај Дрим или откај улицата со кафулињата, откај Комитетот во кој се кроела партиската политика на локалниот еднопартизам или откај градското кино од кое некогаш излегуваа кунг-фу мајстори и карате-кидови по некој одгледан филм со Брус Ли или Џеки Чен.

Од каде и да појдете - ве пречекува неизвеснот и пријатно изненадување, кое повторно и повторно ќе ве повикува назад, за повторно да излезете од паркот со бура од идеи и ковчеже креативни решенија за предизвиците што ги носи секојдневието. На пример, тргнете од влезот покрај Дрим. Одлево ве пречекува енциклопедијата на космосот, Унгарецот Ференц Јухас, замуабетен со советскиот Чуваш Генадиј Ајги, најубавиот човек што некогаш би можеле да го видите, во чиј лик ќе го изодите патот до крајот на Универзумот и безбедно ќе се вратите дома за само десетина секунди. Вниманието ви го одзема дружината на десетина метри понапред, и разговорот што го водат Јапонецот Макото Оока, расприкажан за мистериозноста на зелената боја, инспириран од коментарот што претмалку го кажал шпанскиот темперамент на Хусто Хорхе Падрон, повторувајќи дека за него Струга е како дрога.


И, така до бескрај! Тука застануваме. Ќе се вратиме наскоро, да видиме во чие друштво ќе влезе дрвото што деновиве ќе го засади Томаж Шаламун. Со чија поезија ќе биде прв сосед неговата; што ли ќе врежат во неговата кора струшките тинејџери; и, каква поезија ќе изроди нивното живеење едно меѓу други? Здравје, ќе видиме!